Дали навистина го цениш бракот како дар од Бог?
Дали навистина го цениш бракот како дар од Бог?
„Јехова нека ве дарува, па да најдете мир, секоја во куќата на својот маж“ (РУТ 1:9)
ПОБАРАЈ ГИ ОДГОВОРИТЕ:
Зошто може да кажеме дека верните слуги во минатото го ценеле бракот како дар од Бог?
Од каде знаеме дека на Јехова му е важно со кого ќе стапиме во брак?
Кои библиски совети за бракот си спремен да ги примениш во својот живот?
1. Како реагирал Адам кога Јехова создал жена за него?
ПРВИОТ човек, Адам, бил толку среќен кога Јехова му дал прекрасна жена, што го преточил својот восхит во следниве поетски зборови: „Најпосле, еве коска од моите коски и месо од моето месо. Нека се вика Жена зашто од мажот е земена!“ (1. Мој. 2:23). Откако пуштил длабок сон врз Адам, Јехова зел едно од неговите ребра и од него ја создал жената, на која подоцна Адам ѝ го дал името Ева. Бог ги обединил во среќен брак. Бидејќи ја создал Ева од реброто на Адам, првите маж и жена биле поблиски од која и да било брачна двојка денес.
2. Зошто мажите и жените чувствуваат меѓусебна привлечност?
2 Во својата неспоредлива мудрост, Јехова ги создал мажот и жената со способност да чувствуваат романтична љубов која ги привлекува еден кон друг. Кога ќе стапат во брак, повеќето луѓе се надеваат дека нивната љубов ќе трае засекогаш. Ова важи и за многу Јеховини слуги.
ТИЕ БИЛЕ БЛАГОДАРНИ ЗА БРАКОТ КАКО ДАР ОД БОГ
3. Што направил Авраам за да најде жена за својот син Исак?
3 Верниот Авраам многу го ценел бракот. Затоа го испратил својот најстар слуга во Месопотамија да му најде жена на Исак. Слугата го молел Бог да му помогне во тоа, и Јехова одговорил на неговата молитва. Богобојазливата Ревека му станала сакана жена на Исак и имала удел во исполнувањето на Јеховиното ветување во врска со потомството на Авраам (1. Мој. 22:18; 24:12-14, 67). Ова не значи дека некој, макар и добронамерно, може да си земе за право да им бара брачен партнер на другите ако никој не побарал такво нешто од него. Денес мнозина сами избираат со кого ќе се венчаат. Се разбира, Бог не одредува кој со кого треба да стапи во брак. Сепак, ќе им даде водство на христијаните и во овој поглед ако тие го молат да им помогне и ако дозволат да ги води неговиот дух (Гал. 5:18, 25).
4, 5. Од каде знаеме дека Суламката и пастирот многу се сакале?
4 Убавата Суламка од древниот Израел не сакала нејзините пријателки да ја наговараат да стане една од многуте жени на цар Соломон. Таа рекла: „Ве заколнувам, ќерки ерусалимски! Не будете ја, не побудувајте ја љубовта во мене ако самата не се разбудила“ (Песна 8:4). Суламката била вљубена во некој друг, во еден пастир. Таа понизно рекла: „Јас сум само шафран од крајбрежната рамница, крин од долината“. Но, пастирот одговорил: „Каков што е кринот меѓу трњето‚ таква е мојата љубена меѓу девојките“ (Песна 2:1, 2). Тие навистина многу се сакале.
5 Нивниот брак сигурно ќе бил среќен затоа што и двајцата многу го сакале Бог и тој им бил најважен од сѐ. Суламката му го рекла следново на саканиот пастир: „Стави ме како печат на срцето свое, како печат на раката своја, зашто љубовта е силна како смртта, а кога бара верност, непопустлива е како гробот. Жарот нејзин е жар огнен, пламен што го дава Јах. Многу води не можат да ја угаснат љубовта и реките не можат да ја однесат. Кога човек би го дал сето богатство од куќата своја за љубов, тоа богатство луѓето би го презирале“ (Песна 8:6, 7). Зарем Божјите слуги би требало да очекуваат нешто помалку од оној со кого ќе стапат во брак?
ТВОЈОТ ИЗБОР МУ Е ВАЖЕН НА БОГ
6, 7. Од каде знаеме дека на Бог му е важно кого ќе го избереме за брачен другар?
6 На Јехова му е важно кого ќе го избереме за свој брачен другар. Во врска со жителите на Ханаан, на Израелците им било заповедано: „Не склучувај бракови со нив. Својата ќерка не давај му ја на нивниот син и нивната ќерка не земај ја за својот син. Зашто, ќе го одвратат твојот син од мене, па ќе им служи на други богови. И Јехова ќе пламне од гнев против вас и тој брзо ќе те истреби“ (5. Мој. 7:3, 4). Со векови подоцна, свештеникот Езра изјавил: „Вие постапивте неверно со тоа што зедовте жени туѓинки, и така ја зголемивте вината на Израел“ (Езра 10:10). А апостол Павле им рекол на сохристијаните: „Жената е врзана сѐ додека нејзиниот маж е жив. Но, ако маж ѝ умре, слободна е да се мажи за кого сака, но само во Господарот“ (1. Кор. 7:39).
7 Ако еден крстен слуга на Јехова стапи во брак со некој што не е Сведок, со тоа би му бил непослушен на Бог. Израелците во времето на Езра постапиле неверно бидејќи ‚зеле жени туѓинки‘. Би било погрешно да си бараме изговор за да не ги послушаме јасните библиски заповеди (Езра 10:10; 2. Кор. 6:14, 15). Христијанинот што ќе одлучи да стапи во брак со некој што не е крстен покажува дека не го цени доволно бракот како дар од Бог и не е примерен. Ако некој крстен Сведок го направи ова, може да изгуби некои одговорности и задачи во собранието. И би било неразумно да очекува благослов од Бог, бидејќи тогаш би морал да се моли на следниов начин: ‚Јехова, јас намерно не те послушав, ама и покрај тоа, те молам, благослови ме‘.
НАШИОТ НЕБЕСЕН ТАТКО ЗНАЕ ШТО Е НАЈДОБРО ЗА НАС
8. Објасни зошто треба да ги следиме упатствата што Бог ги дал во врска со бракот.
8 Изумителот на некоја машина знае како точно работи таа. Ако треба да се склопи, тој може да ги даде сите потребни детали за тоа. Што ќе се случи ако решиме сами да ги склопиме деловите без да ги следиме упатствата? Веројатно последиците ќе бидат катастрофални — ако машината воопшто работи! Слично на тоа, ако сакаме да имаме среќен брак, мора да ги следиме упатствата од Јехова, Основачот на бракот.
9. Зошто може да кажеме дека Јехова ги разбира оние што се чувствуваат осамено, но знае и колку можат да бидат среќни оние што се во брак?
9 Јехова знае сѐ за луѓето и за бракот. Тој ги создал со сексуални потреби за да ‚се плодат и да се множат‘ (1. Мој. 1:28). Бог ги разбира и оние што се чувствуваат осамено, бидејќи го рекол следново пред да ја создаде првата жена: „Не е добро човекот да биде сам. Ќе му направам помошничка, како негово дополнение“ (1. Мој. 2:18). Јехова исто така добро знае колку можат да бидат среќни оние што се во брак. (Прочитај Изреки 5:15-18.)
10. Што треба да имаат на ум христијанските сопружници во врска со интимните односи во бракот?
10 Поради гревот и несовршенството кои човечкиот род ги наследил од грешниот Адам, ниту еден брак денес не е совршен. Сепак, Јеховините слуги можат да имаат среќен брак ако ги следат упатствата од Божјата Реч. На пример, размисли за јасниот совет што го дал Павле во врска со интимните односи во бракот. (Прочитај 1. Коринќаните 7:1-5.) Во Библијата нема заповед брачните партнери да имаат односи само за да им се родат деца. Таквите интимни изрази на љубов можат да ги задоволат емоционалните и физичките потреби на сопружниците. Но, изопачените постапки во никој случај не му се допаѓаат на Бог. Во овој важен аспект од својот живот, христијанските сопружници треба да бидат нежни еден кон друг, и на тој начин да си покажуваат искрена љубов. Се разбира, не треба да прават ништо што му е одбивно на Бог.
11. Како Јехова ја благословил Рут затоа што му била верна?
11 Брачниот живот треба да биде извор на радост, а не на несреќа и јад. Особено христијанскиот дом треба да биде топло катче во кое ќе владее спокојство и мир. Размисли за она што се случило пред околу 3.000 години, кога остарената вдовица Ноемина и нејзините снаи, Орфа и Рут, кои останале вдовици, биле на пат од Моав за Јуда. Ноемина ги поттикнала овие млади жени да се вратат кај својот народ, но Моавката Рут не сакала да ја остави. Таа му била верна на вистинскиот Бог, и поради тоа ѝ било кажано дека ‚Јехова, под чии крилја дошла да побара засолниште, ќе ѝ даде целосна плата‘ (Рут 1:9; 2:12). Рут покажала големо ценење и почит кон бракот како дар од Бог, и се омажила за постариот Вооз, кој му бил верен слуга на Јехова. Кога ќе воскресне на Земјата во Божјиот нов свет, таа сигурно ќе се радува кога ќе дознае дека станала предок на Исус Христос (Мат. 1:1, 5, 6; Лука 3:23, 32). Навистина била многу благословена затоа што постапувала како што бара Јехова!
ДОБРИ СОВЕТИ ЗА СРЕЌЕН БРАК
12. Каде можат да се најдат добри совети за бракот?
12 Основачот на бракот ни кажува сѐ што треба да знаеме за да имаме среќен брак. Ниту еден човек не може да ни даде подобар совет од Него. Бидејќи Библијата е секогаш во право, ако сакаме да дадеме добар совет за бракот, мора да го темелиме на мерилата изнесени во неа. На пример, под водство на светиот дух, апостол Павле напишал: „Секој од вас да ја сака својата жена како самиот себе, а жената длабоко да го почитува својот маж“ (Еф. 5:33). Овој совет е сосема јасен и секој зрел христијанин може да го разбере. Но, прашањето е: ‚Дали ќе ја примени Јеховината Реч?‘ Сигурно ќе го стори тоа ако навистина го цени бракот како дар од Бог. a
13. Што може да се случи ако некој не го слуша советот од 1. Петрово 3:7?
13 Христијанинот треба да постапува со љубов кон својата сопруга. Апостол Петар напишал: „Вие, мажи, живејте со своите жени во склад со она што сте го научиле, почитувајќи ги како послаби садови, зашто и тие со вас се наследници на незаслужениот дар на животот. Во спротивно, вашите молитви ќе наидат на препрека“ (1. Пет. 3:7). Јехова може да не ги слуша молитвите на мажот доколку тој не ги применува Неговите совети. Ова може лошо да влијае врз духовноста и на двајцата сопружници, и да води до нервози, кавги и груби постапки.
14. Какво влијание може да има една грижлива сопруга врз своето семејство?
14 Спокојството и среќата во домот во голема мера зависат и од жената, и затоа е многу важно таа да постапува во склад со Јеховината Реч и со Божјиот свет дух. Секоја жена копнее по љубовта на својот сопруг. Иако е нормално христијанинот да си ја сака сопругата и да ја штити физички и духовно, таа може со своите особини да му помогне да ја сака уште повеќе. Во Изреки 14:1 се вели: „Вистински мудрата жена си ја гради куќата, а глупавата ја руши со свои раце“. Една мудра и грижлива сопруга може многу да придонесе нејзиното семејство да биде успешно и среќно. Таа покажува дека навистина го цени бракот како дар од Бог.
15. Кој совет е даден во Ефешаните 5:22-25?
15 Сопружниците покажуваат ценење за бракот како дар од Бог со тоа што се трудат да постапуваат како што Исус постапувал со собранието. (Прочитај Ефешаните 5:22-25.) Брачните другари навистина имаат голем благослов ако искрено се сакаат и не се однесуваат горделиво, не се казнуваат со молчење како да се мали деца и не дозволуваат други лоши особини да му наштетат на нивниот брак.
НИКОЈ ДА НЕ ГИ РАЗДЕЛИ
16. Зошто некои христијани не стапуваат во брак?
16 Иако многу Божји слуги имаат намера еден ден да стапат во брак, некои остануваат самци затоа што не можат да си најдат брачен другар кој би им одговарал и кој верно му служи на Јехова. Но, има и такви кои одлучуваат да не стапат во брак затоа што сакаат да му служат на Бог во поголема мера. Се разбира, самештвото треба да се користи на начин што му се допаѓа на Јехова (Мат. 19:10-12; 1. Кор. 7:1, 6, 7, 17).
17. а) Кои зборови на Исус во врска со бракот треба да ги имаме на ум? б) Што треба веднаш да стори некој христијанин ако почне да посакува туѓ брачен другар?
17 Сеедно дали сме во брак или не, сите ние треба да ги имаме на ум следниве зборови на Исус: „Зарем не сте читале дека оној што ги создаде во почетокот, ги создаде машко и женско и рече: ‚Затоа човекот ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи до својата жена, и двајцата ќе бидат едно тело‘? Така повеќе не се две, туку едно тело. Затоа, Бог што составил, човек да не разделува!“ (Мат. 19:4-6). Грев е да се посакува туѓ брачен партнер (5. Мој. 5:21). Ако кај некој христијанин се роди таква нечиста и себична желба, треба веднаш да ја искорени, дури и ако тоа е многу болно за него (Мат. 5:27-30). Животоважно е да го исправи таквото размислување и да го совлада грешниот копнеж на своето измамливо срце (Ерем. 17:9).
18. Како треба да гледаме на бракот?
18 Дури и многумина што не го познаваат Јехова Бог, и не се свесни дека бракот е прекрасен дар од него, барем во некоја мера покажуваат благодарност за брачната врска. Колку повеќе треба ние, кои сме му се заветувале на „среќниот Бог“, Јехова, да покажеме со нашиот живот дека навистина го цениме бракот како Божји дар! (1. Тим. 1:11).
[Фуснота]
a Повеќе информации за бракот може да се најдат во поглавја 10 и 11 во книгата Зачувај ја Божјата љубов.
[Прашања]
[Истакната мисла на страница 6]
Ако имаме добар брак, ќе му носиме слава на Јехова и сите во семејството ќе бидат многу среќни
[Слика на страница 5]
Рут покажала дека го цени бракот како дар од Бог
[Слика на страница 7]
Дали покажуваш дека навистина го цениш бракот како дар од Јехова?