Од нашата архива
„Не можев да поминам незабележано“
Шарлот Вајт, која служела како полновремен проповедник, привлекла големо внимание кога во 1908 год. пристигнала во Луисвил (Кентаки, САД) носејќи го својот куфер на тркала.
ОВОЈ најнов пронајдок, наречен „Подвижна Зора“, предизвикал голем интерес кај жителите на овој град. Сестра Вајт изјавила: „Не можев да поминам незабележано — сите зборуваа за куферот“.
Истражувачите на Библијата, како што тогаш се нарекувале Јеховините сведоци, сфатиле дека треба и на другите да им ги пренесуваат скапоцените вистини што ги откриле со своето трудољубиво проучување на Божјата Реч. Мнозина ги дознале овие вистини со помош на книгите Зора на илјадагодишното Царство (подоцна наречени и Студии на Светото писмо). Тие книги биле познати и како „Помагала за истражувачите на Библијата“. Оние христијани кои сакале и можеле, патувале низ градови и села за да им ги нудат овие публикации на други заинтересирани читатели.
Во 1908 год., сестра Вајт и други ревносни објавители на Царството го нуделе овој комплет од шест тома за долар и 65 центи. Наместо веднаш да им ги врачат книгите на заинтересираните, тие правеле нарачки и навраќале да им ги донесат друг ден — обично кога луѓето земале плата — и им ја наплаќале само таа скромна сума потрошена за печатење. Еден противник се жалел дека книгите се даваат речиси беспари!
Мелинда Кифер раскажала дека секоја седмица примала нарачки за двесте до триста книги. Но, поради ваквиот голем интерес, се појавил еден проблем. Книгите биле
многу тешки — само шестиот том имал 740 страници! „Педесет книги тежат [18 килограми]“, пишувало во Стражарска кула, и затоа нивната испорака претставувала „преголем товар“, особено за сестрите.За да го реши овој проблем, брат Џејмс Кол измислил една метална рамка на расклопување со две тркала на која се зашрафувал куферот. Бидејќи и самиот повеќе не морал да ги носи тешките кутии полни со книги, тој рекол: „Повеќе не ме болат рамењата од носење!“ Кога брат Кол го презентирал овој нов изум на конгресот на Истражувачите на Библијата во 1908 год. во Синсинати (Охајо), присутните биле воодушевени. На металните нитни што стоеле од двете страни на хоризонталната шипка бил изгравиран називот „Подвижна Зора“, бидејќи оваа рамка главно служела за носење на книгите Зора на илјадагодишното Царство. Со малку вежбање, куферот полн со книги можел лесно да се движи, дури и само со една рака. Висината на рамката можела да се приспособи на објавителот, а тркалата се движеле и по нерамен терен. Кога ќе завршеле со службата, објавителите ги кревале гумените тркала нагоре, и така можеле лесно да го носат куферот дома, сеедно дали се враќале пеш или со кола.
Сестрите кои биле во полновремена служба можеле бесплатно да ја добијат „Подвижната Зора“. Другите можеле да ја набават за 2 долари и 50 центи. Сестра Кифер (на сликата) толку добро управувала со неа движејќи ја само со една рака, што можела и во другата да носи торба со книги. Кога во едно рударско гратче во Пенсилванија (САД) нашла многу заинтересирани лица, дневно минувала и по 3-4 пати преку еден мост за да им ги достави книгите.
Кон крајот на 1980-тите, еден пилот го измислил куферот на тркалца кој сега е вообичаена глетка на аеродромите и на прометните улици. Но, уште пред околу сто години, ревносните Истражувачи на Библијата го привлекувале љубопитниот поглед на набљудувачите додека ја тркалале „Подвижната Зора“ сеејќи го скапоценото семе на библиската вистина.
[Истакната мисла на страница 32]
Сестра Кифер дневно минувала и по 3-4 пати преку еден мост за да им ги достави книгите на заинтересираните
[Истакната мисла на страница 32]
Бил решен проблемот со испораката на книгите