„Биди храбар и многу силен“
„Биди храбар и многу силен“
„Биди храбар и многу силен... Со тебе е Јехова, твојот Бог!“ (ИС. НАВ. 1:7-9)
КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?
На кој начин покажале храброст Енох и Ное?
Како некои жени во минатото дале добар пример за вера и храброст?
Кои млади луѓе што биле храбри ти оставија посебен впечаток?
1, 2. а) Што понекогаш е потребно за да постапуваме исправно во секојдневниот живот? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?
ХРАБРОСТА е спротивна на стравот, плашливоста и малодушноста. Кога ќе се спомне зборот храбар, можеби помислуваме на некој што е силен и смел. Но, понекогаш е потребна храброст за да постапуваме исправно и во секојдневниот живот.
2 Некои луѓе за кои се пишува во Библијата биле бестрашни во многу тешки околности. Други, пак, покажале храброст во ситуации кои се вообичаени и за Јеховините слуги денес. Што можеме да научиме од тие библиски примери? Како може и ние да бидеме храбри?
ХРАБРИ СВЕДОЦИ ВО ЕДЕН БЕЗБОЖЕН СВЕТ
3. Што прорекол Енох во врска со безбожниците?
3 Била потребна храброст за да му се служи на Јехова во злобниот свет кој постоел пред Потопот во времето на Ное. Сепак, Енох, „седмиот од Адам“, смело ја објавувал оваа пророчка порака: „Еве, Јехова дојде со своите десетици илјади свети ангели, за да им суди на сите, и да ги осуди сите безбожници за сите нивни безбожни дела што ги извршија на безбожен начин и за сите дрски зборови што безбожните грешници ги изговорија против него“ (Јуда 14, 15). Бидејќи било сигурно дека ова пророштво ќе се исполни, Енох зборувал како Јехова веќе да го извршил својот суд над безбожниците. На крајот, злобните луѓе навистина биле уништени во Потопот што ја зафатил целата Земја.
4. Во какви околности Ное ‚одел со Бог‘?
4 Потопот дошол во 2370 год. пр.н.е., повеќе од 650 години по смртта на Енох. Во меѓувреме се родил Ное, основал семејство и ја изградил арката со своите синови. Злобните ангели се претвориле во луѓе, си зеле убави жени и со нив имале синови, кои биле наречени нефили. Освен тоа, лошотијата на луѓето станала многу голема и Земјата се наполнила со насилство (1. Мој. 6:1-5, 9, 11). И покрај таквите околности, ‚Ное одел со вистинскиот Бог‘ и храбро сведочел како ‚проповедник на праведноста‘. (Прочитај 2. Петрово 2:4, 5.) И нам ни е потребна слична храброст во овие последни денови.
ТИЕ ПОКАЖАЛЕ ВЕРА И ХРАБРОСТ
5. Како Мојсеј покажал вера и храброст?
5 Мојсеј бил пример за вера и храброст (Евр. 11:24-27). Преку него, Бог ги извел Израелците од Египет и ги водел низ пустината од 1513 до 1473 год. пр.н.е. Иако Мојсеј мислел дека не е доволно способен за таа задача, сепак ја прифатил (2. Мој. 6:12). Заедно со брат му Арон, неколкупати одел кај суровиот фараон на Египет и храбро ги најавил десетте неволји со кои Јехова ги понижил египетските богови и го избавил својот народ (2. Мој., погл. 7-12). Мојсеј покажал вера и храброст бидејќи Бог постојано му помагал, исто како што ни помага и нам денес (5. Мој. 33:27).
6. Што ќе ни помогне храбро да сведочиме ако сме изведени на сослушување пред властите?
6 И ние треба да бидеме храбри како Мојсеј, затоа што Исус рекол: „Поради мене, ќе ве изведуваат пред управители и цареви за сведоштво за нив и за другите народи. А кога ќе ве предадат, не грижете се како или што ќе зборувате, зашто во тој час ќе ви биде дадено што да зборувате. Зашто, не зборувате вие, туку духот на вашиот Татко зборува преку вас“ (Мат. 10:18-20). Ако сме изведени на сослушување пред властите, Јеховиниот дух ќе ни помогне да покажеме вера и храброст додека со почит ги браниме нашите убедувања. (Прочитај Лука 12:11, 12.)
7. Зошто Исус Навин бил храбар и успешен?
7 Исус Навин, кој го водел израелскиот народ по смртта на Мојсеј, ја зајакнал својата вера и станал уште похрабар со тоа што редовно го проучувал Божјиот закон. Во 1473 год. пр.н.е., Израелците стоеле на прагот на Ветената земја. Бог му заповедал на Исус Навин: „Биди храбар и многу силен!“ Доколку го држел Законот, Исус Навин ќе постапувал мудро и ќе бил успешен на својот пат. Бог му рекол: „Не бој се и не плаши се, зашто со тебе е Јехова, твојот Бог, каде и да појдеш!“ (Ис. Нав. 1:7-9). Овие зборови сигурно многу го зајакнале Исус Навин. Бог навистина бил со него, бидејќи поголемиот дел од Ветената земја бил освоен до 1467 год. пр.н.е. — за само шест години!
ЖЕНИ КОИ ХРАБРО МУ СЛУЖЕЛЕ НА БОГ
8. Каков пример на вера и храброст дала Раав?
8 Низ вековите, многу жени храбро му служеле на Јехова. На пример, блудницата Раав од Ерихон покажала вера во Бог со тоа што храбро ги скрила двајцата извидници кои ги испратил Исус Навин, а потоа ги навела луѓето на царот да ги бараат на друго место. Таа и нејзиниот дом биле заштитени кога Израелците го освоиле Ерихон. Откако го оставила грешниот начин на живот, Раав верно му служела на Јехова и станала предок на Месијата (Ис. Нав. 2:1-6; 6:22, 23; Мат. 1:1, 5). Таа била многу благословена за својата вера и храброст!
9. Како Девора, Варак и Јаила покажале храброст?
9 По смртта на Исус Навин во 1450 год. пр.н.е., Бог поставувал судии во Израел. Ханаанскиот цар Јавин ги угнетувал Израелците цели 20 години. Преку пророчицата Девора, Јехова му заповедал на судијата Варак да се бори против овој цар. Варак собрал 10.000 луѓе на планината Тавор и бил спремен да започне битка со Сисара, заповедникот на војската на Јавин. Сисара пристигнал во долината Кисон со своите војници и со 900 бојни коли. Кога Израелците почнале да се спуштаат кон долината, Бог предизвикал пороен дожд кој го претворил бојното поле во мочуриште, а бојните коли заглавиле во калта. Луѓето на Варак извојувале победа, и ‚целата војска на Сисара паднала од сечилото на мечот‘. Самиот Сисара побарал засолниште во шаторот на Јаила, но таа го убила кога заспал. Според пророштвото кое Девора му го кажала на Варак, „славата“ за оваа победа ѝ припаднала на жена, односно на Јаила. Поради смелоста што ја покажале Девора, Варак и Јаила, Израел ‚бил во мир четириесет години‘ (Суд. 4:1-9, 14-22; 5:20, 21, 31). Многу мажи и жени кои му служеле на Јехова покажале слична вера и храброст.
НАШИТЕ ЗБОРОВИ МОЖАТ ДА ВЛЕАТ ХРАБРОСТ
10. Од каде знаеме дека нашите зборови можат да влеат храброст?
10 Она што го кажуваме може да им влее храброст на нашите соверници. Во 11 век пр.н.е., цар Давид му го рекол следново на својот син Соломон: „Биди храбар и силен и почни да градиш! Не бој се и не плаши се, зашто со тебе е Јехова Бог, мојот Бог! Тој нема да те напушти и нема да те остави додека не се заврши сета работа за службата во Јеховиниот дом“ (1. Лет. 28:20). Соломон бил храбар и му изградил величествен храм на Јехова во Ерусалим.
11. Како зборовите на храброто израелско девојче му помогнале на еден човек?
11 Во 10 век пр.н.е., зборовите на едно храбро израелско девојче му помогнале на еден лепрозен човек. Тоа било заробено од една чета разбојници и станало слугинка во домот на Нааман, лепрозниот заповедник на сириската војска. Бидејќи знаело за чудата што Јехова ги направил преку Елисеј, ова девојче ѝ рекло на жената на Нааман дека, ако тој појде во Израел, Божјиот пророк ќе го излекува. Нааман отишол во Израел, бил излекуван со чудо и почнал да му служи на Јехова (2. Цар. 5:1-3, 10-17). Ако и ти си млада личност која го сака Бог како тоа девојче, Тој може да ти даде храброст за да им сведочиш на наставниците, соучениците и на други.
12. Како влијаеле зборовите на цар Езекија врз неговите поданици?
12 Само неколку добро избрани зборови можат некому да му помогнат да биде храбар кога ќе се најде во опасна ситуација. Кога Асирците го нападнале Ерусалим во 8 век пр.н.е., цар Езекија им рекол на своите поданици: „Бидете храбри и силни! Не бојте се и не плашете се ни од асирскиот цар ни од сето мноштво што е со него, зашто наши има повеќе отколку нивни! Со него е телесна рака, а со нас е Јехова, нашиот Бог, за да ни помага и да ги води нашите битки“. Како влијаеле неговите зборови врз Израелците? Извештајот продолжува: „Народот положи доверба во зборовите на Езекија“ (2. Лет. 32:7, 8). Вакви охрабрувачки зборови можат да ни влеат смелост и нам и на нашите соверници ако се соочиме со прогонство.
13. Каков пример на храброст ни дал Авдија, дворскиот управител на цар Ахав?
13 Понекогаш може да покажеме храброст и со тоа што ќе молчиме. Во 10 век пр.н.е., Авдија, дворскиот управител на цар Ахав храбро скрил сто пророци на Јехова, „по педесет во една пештера“, за да не бидат убиени на заповед на злобната царица Језавела (1. Цар. 18:4). Исто како богобојазливиот Авдија, и денес многу верни Јеховини слуги храбро ги штитат своите соверници со тоа што не им откриваат информации за нив на прогонителите.
ЕСТИРА — ХРАБРА ЦАРИЦА
14, 15. Како царицата Естира покажала вера и храброст, и со каков резултат?
14 Царицата Естира покажала голема вера и храброст. Во 5 век пр.н.е., злобниот Аман сковал завера да ги убие сите Евреи во Персиското Царство. Затоа е сосема разбирливо што тие тажеле и постеле и, без сомнение, горливо му се молеле на Бог (Ест. 4:1-3). Царицата Естира била многу загрижена. Нејзиниот братучед Мардохеј ѝ испратил препис од законот според кој требало да бидат истребени сите Евреи, и ѝ порачал да оди кај царот и да се заземе за своите сонародници. Но, секој што ќе се појавел неповикан кај царот го чекала смртна казна (Ест. 4:4-11).
15 Сепак, Мардохеј ѝ рекол на Естира: ‚Ако молчиш, избавувањето ќе дојде од друга страна. Но, кој знае дали не си дошла до царското достоинство токму заради часот каков што е овој?‘ Естира му порачала на Мардохеј да ги собере Евреите во Суза и да постат за неа. „И јас ќе постам“, рекла таа, „а потоа ќе отидам кај царот, макар што тоа не е по законот, па ако треба да загинам, ќе загинам“ (Ест. 4:12-17). Естира постапила храбро, и библиската книга што го носи нејзиното име потврдува дека Бог го избавил својот народ. Во нашево време, помазаните христијани и нивните придружници од другите овци покажуваат слична храброст кога ќе се најдат во тешки околности, а Јехова — „кој ги слуша молитвите“ — секогаш им помага. (Прочитај Псалм 65:2; 118:6.)
„БИДЕТЕ ХРАБРИ!“
16. Каков пример им дал Исус на нашите млади?
16 Во првиот век од н.е., 12-годишниот Исус во една прилика бил во храмот каде што ‚седел меѓу учителите, слушајќи ги и поставувајќи им прашања‘. Освен тоа, ‚сите што го слушале, се восхитувале на неговата остроумност и на неговите одговори‘ (Лука 2:41-50). Иако бил млад, Исус имал доволно вера и храброст да им поставува прашања на постарите учители во храмот. Добро е младите во христијанското собрание да размислуваат за примерот што го дал тој. Ова ќе им помогне да ја искористат секоја можност за да им ги објаснат на другите причините за својата надеж (1. Пет. 3:15).
17. Зошто Исус ги поттикнувал своите ученици да ‚бидат храбри‘, и зошто нам ни е потребна храброст?
17 Исус ги поттикнувал и другите да ‚бидат храбри‘ (Мат. 9:2, 22). Тој им рекол на своите ученици: „Еве, доаѓа часот, и веќе дошол, кога ќе се распрснете, секој во својата куќа, и ќе ме оставите сам. Но јас не сум сам, бидејќи Таткото е со мене. Ова ви го реков за да имате мир преку мене. Во светот имате неволја, но бидете храбри, јас го победив светот!“ (Јован 16:32, 33). Исто како што ги мразел првите следбеници на Исус, светот нѐ мрази и нас денес. Но, да не дозволиме ова да нѐ исплаши и да нѐ наведе да станеме дел од него. Тоа што ќе размислуваме за примерот на Божјиот Син може да ни ја влее храброста што ни е потребна за да останеме неизвалкани од светот. Исус го победил светот, а можеме и ние (Јован 17:16; Јак. 1:27).
18, 19. Каков доказ за вера и храброст дал апостол Павле?
18 Апостол Павле претрпел многу неволји. Во една прилика, Евреите во Ерусалим ќе го убиеле ако не го спаселе римските војници. Таа ноќ ‚Господарот му пристапил и му рекол: „Биди храбар! Зашто, како што во Ерусалим даваше темелно сведоштво за мене така треба да сведочиш и во Рим“‘ (Дела 23:11). Павле го сторил токму тоа.
19 Тој смело ги прекорил ‚надапостолите‘ кои сакале да го расипат собранието во Коринт (2. Кор. 11:5; 12:11). За разлика од нив, Павле можел да изнесе докази дека е вистински апостол поради сето она што го претрпел: затвор, тепање, опасни патувања, глад, жед, непреспиени ноќи и грижа за соверниците. (Прочитај 2. Коринќаните 11:23-28.) Неговиот извонреден пример на вера и храброст јасно покажува дека добивал сила од Бог.
20, 21. а) Кој пример ни покажува дека треба да бидеме храбри за да се справиме со тешки ситуации во животот? б) Во кои околности ќе треба да покажеме храброст, и во што може да бидеме сигурни?
20 Нема сите христијани да бидат жртви на сурово прогонство. Сепак, сите мора да бидат храбри за да се справат со проблемите во животот. На пример, еден младич во Бразил бил член на банда. Откако почнал да ја проучува Библијата, сфатил дека треба да направи промени, но обично секој што ќе ја напуштел бандата бил убиван. Тој се молел, и потоа со помош на библиски стихови му објаснил на водачот зошто не сака да остане со нив. Го пуштиле без да го казнат, и станал објавител на Царството.
21 Потребна е храброст за да ја проповедаме добрата вест. Младите треба да бидат храбри за да му останат верни на Јехова кога се на училиште. Можеби ќе ни треба храброст да побараме слободен ден од работа за да присуствуваме на целата програма на некој конгрес. Може да се набројат и многу други ситуации во кои треба да бидеме смели. Но, сеедно со какви проблеми ќе се соочиме, Јехова ќе ги слушне ‚молитвите што му ги упатуваме со вера‘ (Јак. 5:15). Може да бидеме сигурни дека тој ќе ни го даде својот свет дух за да ‚бидеме храбри и многу силни‘!
[Прашања]
[Слика на страница 11]
Енох проповедал храбро во еден безбожен свет
[Слика на страница 12]
Јаила била храбра и силна