Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто да нѐ води Божјиот дух?

Зошто да нѐ води Божјиот дух?

Зошто да нѐ води Божјиот дух?

„Ти си мојот Бог. Твојот дух е добар, нека ме води“ (ПС. 143:10)

1. Објасни како една невидлива сила може да води некого.

 ДАЛИ некогаш си користел компас за да си го најдеш патот? Компасот е едноставна направа која има само еден подвижен дел — магнетна игла што покажува кон север. Оваа игла ја движи една невидлива, магнетна сила. Луѓето со векови го користеле компасот за да ги води кога патувале по море и по копно.

2, 3. а) Која моќна сила ја употребил Јехова пред неброени години? б) Од каде знаеме дека Божјиот невидлив дух може и денес да нѐ води во животот?

2 Но, уште поважно ни е водството што може да го добиеме од една друга невидлива сила. Која е таа? Тоа е силата која е спомната во првите два стиха од Библијата. Во 1. Мојсеева е објаснето што направил Јехова пред неброени години: „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“. За оваа цел, тој користел една моќна сила, бидејќи понатаму во извештајот за создавањето се вели: „Божјиот дух дејствуваше“ (1. Мој. 1:1, 2). Одовде се гледа дека Јехова го користел својот дух, односно светиот дух, за да создаде сѐ. Колку сме благодарни што тој се послужил со својот свет дух за да ни даде живот нам, а и на сѐ друго! (Јов 33:4; Пс. 104:30).

3 Освен што го должиме своето постоење на светиот дух, може ли оваа сила да влијае и на други начини врз нашиот живот? Божјиот Син објаснил дека може. На своите ученици, тој им го рекол следново: „Духот... ќе ве упати во сета вистина“ (Јован 16:13). Но, што е тој дух, и зошто треба да дозволиме да нѐ води во животот?

Што е светиот дух?

4, 5. а) Која погрешна претстава ја имаат за светиот дух оние што веруваат во тројство? б) Како би објаснил што, всушност, е светиот дух?

4 Веројатно некои луѓе со кои разговараш во службата имаат погрешна претстава за тоа што е светиот дух. Оние што веруваат во тројство погрешно мислат дека тоа е духовно суштество кое е еднакво со Бог Таткото (1. Кор. 8:6). Но, лесно може да се докаже дека учењето за тројство, односно за Света Троица, не е библиско.

5 Тогаш, што, всушност, е светиот дух? Хебрејскиот збор руах, кој се користи во 1. Мојсеева 1:2, најчесто е преведен со ‚дух‘, но се преведува и со ‚ветар‘ или со други зборови што укажуваат на невидлива сила. (Спореди со 1. Мојсеева 3:8; 8:1.) Иако ветрот е невидлив, можеме да ги видиме резултатите од неговото дејствување. На сличен начин, и светиот дух е невидлив, но можат да се видат резултатите од неговото влијание. Светиот дух не е личност — тоа е силата со која се служи Бог. Со неа тој влијае врз луѓето или работите за да ја исполни својата волја. Зарем е тешко да се верува дека една таква извонредна сила извира од Светиот и Семоќен Бог? Сигурно не! (Прочитај Исаија 40:12, 13.)

6. За што го молел Давид Јехова?

6 Може ли Јехова и понатаму да го користи својот дух за да нѐ води во животот? Тој му го ветил следново на псалмистот Давид: „Ќе ти дадам разборитост и ќе те поучам за патот по кој треба да одиш“ (Пс. 32:8). Дали Давид го сакал тоа? Да, бидејќи самиот го молел Јехова: „Научи ме да ја вршам твојата волја, зашто ти си мојот Бог. Твојот дух е добар, нека ме води!“ (Пс. 143:10). И ние треба да имаме слична желба и спремност да бидеме водени од Божјиот дух. Зошто? Да разгледаме четири причини.

Не сме способни да се водиме самите себеси

7, 8. а) Зошто не сме способни да се водиме самите себеси? б) Објасни зошто е опасно сами да управуваме со својот живот во овој злобен свет.

7 Прво, треба да сакаме да нѐ води Божјиот дух затоа што не сме способни да се водиме самите себеси. Зборот „води“ значи „упатува во некој правец или го покажува патот по кој треба да се оди“. Но, Јехова не го создал човекот со способност да живее без Негово водство. Освен тоа, поради нашата несовршеност, правиме многу грешки кога се обидуваме да се водиме самите себе. Пророкот Еремија напишал: „Добро знам, Јехова, дека патот на земниот човек не е во негова власт. Човекот кој оди не може да управува со своите чекори“ (Ерем. 10:23). Зошто? Бог ни ја објаснил причината преку Еремија. Во врска со нашиот внатрешен човек, Тој рекол: „Срцето е поизмамливо од сѐ друго и е готово на сѐ. Кој може да проникне во него?“ (Ерем. 17:9; Мат. 15:19).

8 Замисли си дека некој треба да помине низ опасно место што не го познава добро, како што е џунгла или пустина. Не би било разумно да тргне на таков пат сам, без добар водич или компас. Ако не знае како да преживее во такви лоши околности и како да го најде патот до целта, неговиот живот ќе биде во опасност. На сличен начин, оној што мисли дека може сам да управува со својот живот во овој злобен свет, без да бара Бог да му го покаже вистинскиот пат, се наоѓа во голема опасност. Единствен начин да успееме да стигнеме до новиот свет е да го молиме Јехова исто како Давид, кој рекол: „Моите чекори нека се држат за твоите патеки, на кои нозете мои сигурно нема да се лизнат“ (Пс. 17:5; 23:3). Како може да добиеме такво водство?

9. Како може светиот дух да ни даде исправно водство? (Види ја сликата на 17. страница.)

9 Ако сме понизни и ако спремно се потпираме на Јехова, тој ќе ни го даде својот свет дух за да ги води нашите чекори. Како ќе ни помогне таа сила од Бог? Исус им го кажал следново на своите ученици: „Помошникот, светиот дух, кого Таткото ќе го испрати во мое име, тој ќе ве поучи за сѐ и ќе ве потсети на сѐ што сум ви кажал“ (Јован 14:26). Ако редовно и под молитва ја проучуваме Божјата Реч, вклучувајќи ги и Христовите учења, светиот дух ќе ни помогне да ја разбереме длабоката Божја мудрост, и така ќе можеме уште поцелосно да ја вршиме Неговата волја (1. Кор. 2:10). Освен тоа, кога неочекувано ќе се најдеме на крстопат во животот, духот ќе ни покаже кој пат да го избереме. Ќе ни помогне да се сетиме на некои библиски начела што ги знаеме и да разбереме како да ги примениме за да донесеме добра одлука.

Светиот дух го водел Исус

10, 11. Во врска со светиот дух, што очекувал единородниот Божји Син, и како тој дух му помагал?

10 Втора причина зошто треба да сакаме да нѐ води светиот дух е тоа што преку него Бог го водел и својот сопствен Син. Пред да дојде на Земјата, единородниот Божји Син знаел дека на него требало да се исполни следново пророштво што го напишал Исаија: „Врз него ќе почива Јеховиниот дух, духот на мудроста и разборитоста, духот на советот и на силата, духот на знаењето и на стравот од Јехова“ (Иса. 11:2). На Исус не му било лесно додека живеел на Земјата. Замисли колку многу сакал да добие помош од Божјиот свет дух!

11 Јеховините зборови од пророштвото на Исаија се исполниле. Во евангелијата пишува што се случило веднаш откако Исус се крстил: „Исус, полн со свет дух, се врати од Јордан, и духот го водеше низ пустината“ (Лука 4:1). Таму, додека постел, се молел и размислувал, Јехова очигледно му дал упатства и го подготвил за она што го чекало. Бог дејствувал со својата сила врз срцето и умот на Исус. Божјиот дух го водел неговото размислување и неговите одлуки. Како резултат на тоа, Исус знаел како да постапи во секоја ситуација, и го правел токму тоа што неговиот Татко го очекувал од него.

12. Зошто треба да го молиме Бог да нѐ води со својот дух?

12 Бидејќи знаел колку добро влијаел светиот дух врз неговиот живот, Исус им нагласил на своите ученици дека е многу важно да се молат за тој дух и да му дозволат да ги води. (Прочитај Лука 11:9-13.) Зошто и ние треба да го правиме тоа? Затоа што светиот дух може да го промени нашето размислување и да ни помогне да го стекнеме Христовиот ум (Рим. 12:2; 1. Кор. 2:16). Ако дозволиме Божјиот дух да нѐ води во животот, ќе размислуваме како Христос и ќе го следиме неговиот пример (1. Пет. 2:21).

Духот на светот може да нѐ одведе на погрешен пат

13. Што е духот на светот, и на што ги наведува луѓето?

13 Трета причина зошто треба да сакаме Божјиот дух да нѐ води е тоа што, во спротивно, духот на светот би можел да нѐ одведе на погрешен пат. Овој дух е исто така моќен и дејствува врз повеќето луѓе денес, терајќи ги да постапуваат сосема спротивно на водството од светиот дух. Духот на светот не им помага на луѓето да размислуваат како Христос, туку ги наведува да размислуваат и да постапуваат како Сатана, владетелот на овој злобен свет. (Прочитај Ефешаните 2:1-3; Тит 3:3.) Ако некој му се препушти на тој дух и ги врши делата на телото, ќе има многу лоши последици. Таквиот нема да го наследи Божјето Царство (Гал. 5:19-21).

14, 15. Како можеме да му се спротивставиме на духот на светот?

14 Јехова ни го дава она што ни е потребно за да му се спротивставиме на духот на светот. Апостол Павле нѐ поттикнува да ‚јакнеме во Господарот и во неговата голема сила за да можеме да се спротивставиме во зол ден‘ (Еф. 6:10, 13). Преку својот дух, Јехова нѐ зајакнува за да не му попуштиме на Сатана кој се обидува да нѐ заведе (Отк. 12:9). Духот на светот е силен и не можеме сосема да го избегнеме. Но, не мора да му дозволиме да нѐ расипе. Божјиот свет дух е уште посилен, и тој ќе ни помогне!

15 Во врска со христијаните што ја напуштиле вистината во првиот век, апостол Петар рекол: „Го оставија вистинскиот пат, заведени се“ (2. Пет. 2:15). Колку сме благодарни што ‚не сме го примиле духот на светот, туку духот кој е од Бог‘! (1. Кор. 2:12). Ако му дозволиме на светиот дух да нѐ води и ако го користиме сето она што Јехова ни го дава за да го зајакнеме својот однос со Него, ќе можеме да останеме на вистинскиот пат и ќе му се спротивставиме на сатанскиот дух на овој зол свет (Гал. 5:16).

Светиот дух донесува добри плодови

16. Какви особини може да развиваме под влијание на светиот дух?

16 Четврта причина зошто треба да сакаме Божјиот дух да влијае врз нас е тоа што тој донесува добри плодови во животот на оние кои го следат неговото водство. (Прочитај Галатите 5:22, 23.) Зарем не би сакале да покажуваме повеќе љубов, да бидеме порадосни, помирољубиви, подолготрпеливи, пољубезни и да покажуваме поголема доброта? И зарем не би ни било поубаво да стекнеме поголема вера, благост и самосовладување? Овие убави особини ни користат нам, а и на оние со кои живееме и служиме. Мора постојано да се трудиме да ги развиваме овие плодови бидејќи секогаш ќе имаме потреба од нив и секогаш ќе можеме да ги покажуваме во уште поголема мера.

17. Како можеме во уште поголема мера да покажуваме некоја особина што спаѓа во плодовите на духот?

17 Мудро е да се прашаме: Дали со нашите зборови и постапки покажуваме дека нѐ води светиот дух и дека ги донесуваме неговите плодови? (2. Кор. 13:5а; Гал. 5:25). Што ако сфатиме дека треба да се подобриме во некои особини што спаѓаат во плодовите на духот? Тогаш, добро е да му дозволиме на светиот дух уште повеќе да влијае врз нас. Тоа ќе го направиме така што ќе ја проучуваме секоја од тие особини користејќи ја Библијата и нашите христијански публикации. Ова ќе ни помогне да сфатиме како треба да ги покажуваме во секојдневниот живот, а потоа треба да ги развиваме во уште поголема мера. * Сфаќаме колку ни е потребна помошта од светиот дух кога ги гледаме добрите резултати од неговото водство — и во нашиот живот и во животот на сохристијаните.

Дали му дозволуваш на Божјиот дух да те води?

18. Каков пример ни дал Исус со тоа што дозволил Божјиот дух да го води?

18 Како Божји „вешт градител“ во создавањето на вселената, Исус знаел сѐ за магнетното поле на Земјата, кое луѓето го користат за да се ориентираат со помош на компас (Изр. 8:30; Јован 1:3). Но, ништо во Библијата не покажува дека Исус на некој начин ја користел магнетната сила додека бил на Земјата. Сепак, таа вели дека, како човек, тој ја користел моќната сила на Божјиот свет дух. Исус сакал да го води таа сила. Кога духот го поттикнувал да прави нешто, тој го прифаќал неговото водство и постапувал во склад со него (Мар. 1:12, 13; Лука 4:14). Дали го следиш Исусовиот пример?

19. Што мора да правиме за да нѐ води светиот дух?

19 Денес Божјиот дух сѐ уште влијае врз оние што се спремни да го следат неговото водство. Како можеш да му дозволиш да те води во исправна насока? Постојано моли го Јехова да ти го дава својот дух и да ти помага да постапуваш во склад со неговото водство. (Прочитај Ефешаните 3:14-16.) Постапувај во склад со своите молитви така што ќе ја проучуваш Библијата, која била напишана под влијание на тој дух (2. Тим. 3:16, 17). Прифати ги нејзините мудри совети и спремно следи го водството на светиот дух. Ако правиш така, ќе покажеш дека имаш доверба во Јеховината способност да те води по вистинскиот пат во овој злобен свет.

[Фуснота]

^ Повеќе информации за сите овие особини можеш да најдеш во Стражарска кула од 15 јули 2007, стр. 21-25; 15 јануари 2003, стр. 11-20; 1 април 2003, стр. 15-25; 1 јули 2003, стр. 4-7; 15 октомври 2003, стр. 13-17; 15 јануари 2002, стр. 16-20; 1 јануари 2001, стр. 13-22; 1 ноември 2001, стр. 13-18; 15 јануари 1995, стр. 15-20.

Дали ги разбра главните мисли?

• Како може светиот дух да влијае врз нашиот живот?

• Од кои четири причини треба да сакаме да нѐ води Божјиот дух?

• Како ќе му дозволиш на светиот дух да те води по вистинскиот пат?

[Прашања]

[Слика на страница 15]

Божјиот дух влијаел врз размислувањето и одлуките на Исус

[Слика на страница 17]

Божјиот дух влијае врз оние што се спремни да го следат неговото водство