Што е Божјата починка?
Што е Божјата починка?
„На Божјиот народ му останува саботната починка“ (ЕВР. 4:9)
1, 2. Што учиме од 1. Мојсеева 2:1-3 во врска со седмиот ден, и кои прашања се поставуваат?
ОД ПРВОТО поглавје на 1. Мојсеева дознаваме дека Бог ја подготвувал Земјата за луѓето во текот на шест симболични дена. Во врска со крајот на секој од овие денови, или периоди, Библијата вели: „И дојде вечер, и дојде утро“ (1. Мој. 1:5, 8, 13, 19, 23, 31). Но, ова не го кажува за седмиот ден, за кој се зборува во 1. Мојсеева 2:1-3.
2 Тоа покажува дека седмиот ден — на кој Бог си отпочинал — не бил завршен во времето кога Мојсеј, во 1513 год. пр.н.е., ја напишал првата книга од Библијата. Дали овој „ден“ на Божјата починка сѐ уште трае? Ако да, како може да влеземе во него? Одговорите на овие прашања се многу важни за нас.
Дали Јехова сѐ уште почива?
3. Како се гледа од зборовите на Исус запишани во Јован 5:16, 17 дека седмиот ден сѐ уште течел во првиот век?
3 Има две причини зошто може да кажеме дека во времето на Исус и на првите христијани седмиот ден сѐ уште траел. Првата причина ја дознаваме од она што тој им го кажал на своите непријатели. Тие му приговарале бидејќи лекувал на саботен ден, затоа што според нив и тоа било еден вид работа. Исус им рекол: „Мојот Татко работи сѐ досега, па и јас работам“ (Јован 5:16, 17). Што сакал да каже со тоа? Кога рекол: „Мојот Татко работи“, тој, всушност, сакал да им го каже следново: ‚Јас и мојот Татко вршиме иста работа. Бидејќи мојот Татко продолжува да работи во својот саботен ден кој трае веќе неколку илјади години, и јас можам да работам во сабота‘. Од неговите зборови јасно се гледа дека тогаш седмиот ден уште не бил завршен. Иако си отпочинал од делата што ги создал на Земјата, Бог сѐ уште работел на исполнувањето на својата намера во однос на луѓето и нашата планета. *
4. Како се гледа од зборовите на Павле дека седмиот ден течел во неговото време?
4 Втората причина ја наоѓаме во она што апостол Павле го кажал во своето послание до Евреите. Во 4. поглавје, пред да ги цитира зборовите од 1. Мојсеева 2:2, тој напишал: „Ние кои веруваме, влегуваме во починката“ (Евр. 4:3, 4, 6, 9). Според тоа, седмиот ден течел и во времето на Павле. Но, уште колку долго ќе траел?
5. Која била целта на седмиот ден, и кога таа намера ќе се исполни во потполност?
5 За да одговориме на ова прашање, мора да имаме на ум која била целта на седмиот ден. Таа е наведена во 1. Мојсеева 2:3: „Бог го благослови седмиот ден и го посвети“. Тој ден Јехова ‚го посветил‘, односно го одвоил за посебна цел — да ја доврши својата намера со Земјата. А неговата намера е таа да биде населена со послушни мажи и жени кои ќе се грижат за неа и за сите живи суштества (1. Мој. 1:28). И Јехова Бог и Исус Христос, кој е „Господар на саботата“, ‚работат сѐ досега‘ за да се исполни оваа намера (Мат. 12:8). Значи, денот на Божјата починка ќе трае сѐ додека, на крајот од Христовото илјадагодишно Царство, неговата намера не се исполни во потполност.
Не ‚паѓајте по примерот на истата непослушност‘
6. Кои примери служат како предупредување за нас, и каква поука можеме да извлечеме од нив?
6 Бог многу јасно им кажал на Адам и Ева која е неговата намера со Земјата, но тие не постапиле во склад со неа. За жал, Адам и Ева не биле единствените луѓе што не го послушале Бог. Милиони други ги следеле нивните стапки. Дури и Израелците, како Божји избран народ, секогаш одново биле непослушни. А Павле ги предупредил христијаните во првиот век дека дури и некои од нив би можеле да паднат во истата замка. Тој напишал: „Да дадеме сѐ од себе за да влеземе во таа починка, за да не падне некој по примерот на истата непослушност“ (Евр. 4:11). Од овие зборови на Павле се гледа дека оние што се непослушни не можат да влезат во Божјата починка. Што значи ова за нас? Дали и ние нема да влеземе во Божјата починка ако на некој начин постапуваме спротивно на неговата намера? Многу е важно да го дознаеме одговорот на ова прашање, и за тоа ќе зборуваме повеќе во оваа статија. Но, најпрво да го разгледаме лошиот пример на Израелците, и да видиме зошто тие не влегле во Божјата починка.
„Нема да влезат во мојата починка“
7. Зошто Јехова ги извел Израелците од ропството во Египет, и што очекувал од нив?
7 Во 1513 год. пр.н.е., Јехова му кажал на својот слуга Мојсеј која е неговата намера со Израелците. Бог рекол: „Слегов да ги избавам од египетската рака и да ги одведам од таа земја [Египет] во добра и пространа земја, во земја во која тече мед и млеко“ (2. Мој. 3:8). Јехова ги ослободил Израелците од Египет за да бидат негов народ, во склад со ветувањето што му го дал на Авраам (1. Мој. 22:17). Потоа им дал закони што можеле да им помогнат да бидат во мир со Него (Иса. 48:17, 18). Тој им го рекол следново: „Ако го слушате верно мојот глас и ако го држите мојот сојуз, ќе ми бидете најмилата сопственост меѓу сите други народи, зашто е моја целата земја“ (2. Мој. 19:5, 6). Значи, Израелците можеле да бидат Божји народ само ако го слушале неговиот глас и ако ги држеле неговите закони.
8. Каков ќе им бил животот на Израелците ако му биле послушни на Бог?
8 Замисли си каков ќе им бил животот на Израелците да го слушале Божјиот глас! Јехова ќе ги благословел нивните ниви, нивните лозја и нивните стада. Освен тоа, тој им ветил дека ќе ги штити од непријателите. (Прочитај 1. Царевите 10:23-27.) Во времето кога пристигнал Месијата, нивната земја немало да биде во римски окови како што било случај со другите народи. Јехова сакал Израел да биде пример за околните земји, од кој сите ќе можеле да видат дека Тој — вистинскиот Бог — ги благословува оние што му се послушни.
9, 10. а) Зошто било погрешно тоа што Израелците сакале да се вратат во Египет? б) Дали ќе можеле да му служат на Јехова како што сакал тој ако се врателе назад?
9 Тоа што Јехова решил да ја исполни својата намера преку Израелците било огромна чест за нив! Тие ќе биле благословени ако постапувале во склад со Божјата намера, а на крајот, преку нив ќе биле благословени и сите други народи на Земјата (1. Мој. 22:18). Но, на повеќето Израелци не им било важно тоа што Бог ги избрал да бидат царство со кое ќе владеел Тој. Всушност, тие отишле дури дотаму што побарале да се вратат во Египет! (Прочитај 4. Мојсеева 14:2-4.) Но, ако го стореле тоа, не ќе можеле да станат царство, како што сакал Бог, и не ќе можеле да бидат пример за другите. Ако повторно станеле робови во Египет, немало да можат да го држат Божјиот закон и да добијат простување на гревовите. Овие Израелци воопшто не мислеле на Бог и на неговата намера, туку само на себеси! Ништо чудно што во врска со нив Јехова изјавил: „Почна да ми се гади од тоа поколение, па реков: ‚Секогаш лутаат во своите срца и не ги познаваат моите патишта‘. Затоа се заколнав во својот гнев: ‚Нема да влезат во мојата починка‘“ (Евр. 3:10, 11; Пс. 95:10, 11).
10 Со тоа што посакале да се вратат назад, Израелците покажале дека не ги ценат благословите што ги добиле од Јехова. Наместо тоа, им биле поважни празот, кромидот и лукот во Египет! (4. Мој. 11:5). Слично на неблагодарниот Исав, и овие бунтовници биле спремни да се одречат од своето скапоцено духовно наследство во замена за една чинија вкусно јадење! (1. Мој. 25:30-32; Евр. 12:16).
11. Дали Бог ја променил својата намера затоа што Израелците кои излегле од Египет не покажале вера?
11 Иако Израелците што излегле од Египет не покажале вера во Јехова, тој не ја променил својата намера во врска со овој народ. Напротив, го насочил своето внимание на следното поколение, односно на нивните деца, кои му биле попослушни од своите татковци. Во склад со Јеховината заповед, тие влегле во Ветената земја и почнале да ја освојуваат. Во Исус Навин 24:31 се вели: „Израел му служеше на Јехова во текот на целиот век на Исус Навин и во текот на целиот век на старешините што го надживеаја Исус Навин, кои ги знаеја сите дела што ги направи Јехова за Израел“.
12. Од каде знаеме дека христијаните денес можат да влезат во Божјата починка?
12 Меѓутоа, овие послушни Израелци со текот на времето остареле и умреле. Оние што живееле по нив ‚не го познавале ниту Јехова ниту делата што ги направил тој за Израел‘. Така ‚синовите на Израел почнале да го прават она што е зло во очите на Јехова и да им служат на Вааловците‘ (Суд. 2:10, 11). Поради својата непослушност, тие повеќе не биле во мир со Бог и не нашле „починка“ во Ветената земја. Во врска со Израелците, Павле рекол: „Да ги беше довел Исус Навин во починката, Бог не би зборувал потоа за некој друг ден. Значи, на Божјиот народ му останува саботната починка“ (Евр. 4:8, 9). „Божјиот народ“ кој овде го спомнува Павле се христијаните — без оглед дали имаат еврејско или нееврејско потекло. Според тоа, и христијаните денес можат да влезат во Божјата починка.
Некои не влегле во Божјата починка
13, 14. а) Што требало да прават Израелците во времето на Мојсеј за да влезат во Божјата починка? б) Што требало да прават христијаните во времето на Павле за да влезат во Божјата починка?
13 Кога им го напишал своето послание на еврејските христијани, Павле бил загрижен затоа што некои од нив не постапувале Евреите 4:1.) Во кој поглед? Тие сѐ уште правеле работи што биле пропишани со Мојсеевиот закон. Точно е дека во текот на повеќе од 1.500 години, Израелците можеле да покажат дека живеат според Божјата намера ако го држеле Законот. Но, по смртта на Исус, овој Закон престанал да важи. Некои христијани не го сфатиле тоа, и сметале дека сѐ уште треба да држат одредени делови од него. *
во склад со Божјата намера. (Прочитај14 На христијаните што сакале да го држат Законот, Павле им објаснил дека Исус е подобар првосвештеник од кој и да било несовршен човек на таа положба. Им покажал дека новиот сојуз е подобар од сојузот што бил склучен со Израел и дека Јеховиниот духовен храм е ‚поголем и посовршен‘ од храмот „направен со раце“ (Евр. 7:26-28; 8:7-10; 9:11, 12). Веројатно имајќи го на ум саботниот ден што Законот налагал Израелците да го држат секоја седмица, Павле им објаснил на христијаните како можат да влезат во Јеховината починка. Тој рекол: „На Божјиот народ му останува саботната починка. Оти, оној што влегува во Божјата починка, и самиот си отпочинал од своите дела, како и Бог од своите“ (Евр. 4:8-10). Овие еврејски христијани не смееле да мислат дека можат да ја заслужат Јеховината милост со „своите дела“, односно со тоа што ќе биле послушни на Законот. Од Педесетница 33 год. од н.е., Јехова незаслужено им ја покажува својата милост на оние што имаат вера во Исус Христос.
15. Зошто мораме да бидеме послушни за да влеземе во Божјата починка?
15 Зошто Израелците во времето на Мојсеј не влегле во Ветената земја? Затоа што биле непослушни. Зошто некои христијани во времето на Павле не влегле во Божјата починка? Од истата причина — бидејќи биле непослушни. Тие не успеале да сфатат дека Законот ја исполнил својата цел и дека Јехова сега очекувал неговиот народ да му служи на поинаков начин.
Како влегуваме во Божјата починка денес
16, 17. а) Како можеме да влеземе во Божјата починка денес? б) Што ќе разгледаме во следната статија?
16 Никој од нас денес не верува дека христијаните треба да го држат Мојсеевиот закон за да бидат спасени. Павле многу јасно им кажал на Ефешаните: „Со посредство на таа незаслужена доброта сте спасени преку верата. И тоа не е ваша заслуга — тоа е Божји дар. Не, тоа не е поради делата, за никој да не може да се пофали со тоа“ (Еф. 2:8, 9). Тогаш, како можат христијаните денес да влезат во Божјата починка? Јехова го одвоил седмиот ден — својот ден на починка — за потполно да ја исполни својата намера со Земјата и со послушните луѓе. Ние можеме да влеземе во Јеховината починка ако сме му послушни и ако постапуваме во склад со неговата намера која тој ни ја открива преку својата организација.
17 Од друга страна, ако не ги слушаме библиските совети што ги добиваме преку верниот и разборит роб или избереме да го правиме само она што ние мислиме дека е важно, тогаш не постапуваме во склад со Божјата намера. Така би можеле да си го доведеме во опасност пријателството со Јехова. Во следната статија ќе разгледаме неколку вообичаени ситуации во кои можеме да покажеме дека сме послушни, и ќе видиме како одлуките што ги донесуваме можат да ни откријат дали навистина сме влегле во Божјата починка.
[Фусноти]
^ пас. 3 Свештениците и левитите ги вршеле во саботен ден своите должности во храмот и ‚не биле виновни‘. Бидејќи Бог го избрал Исус за наш првосвештеник, не било погрешно да ја врши во сабота задачата што му ја дал Јехова (Мат. 12:5, 6).
^ пас. 13 Не знаеме дали по Педесетница 33 год. од н.е. некои еврејски христијани принесувале жртви на денот на очистувањето. Ако го правеле тоа, не покажувале почит кон жртвата на Исус. Но, имало еврејски христијани кои држеле други обичаи поврзани со Законот (Гал. 4:9-11).
Прашања за размислување
• Која била целта на седмиот ден, односно денот на Божјата починка?
• Од каде знаеме дека тој ден сѐ уште трае?
• Зошто Израелците во времето на Мојсеј и некои христијани во времето на Павле не влегле во Божјата починка?
• Како можеме да влеземе во Божјата починка денес?
[Прашања]
[Истакната мисла на страница 27]
Ние можеме да влеземе во Јеховината починка денес ако сме му послушни и ако постапуваме во склад со неговата намера која тој ни ја открива преку својата организација
[Слики на страници 26 и 27]
Што мора и понатаму да прави Божјиот народ за да влезе во неговата починка?