Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Цени ги своите глуви браќа и сестри!

Цени ги своите глуви браќа и сестри!

Цени ги своите глуви браќа и сестри!

БОЖЈИОТ НАРОД денес е едно големо семејство кое се состои од духовни браќа и сестри, чија лоза влече корени уште од далечното минато. Во неа спаѓаат Самоил, Давид, Самсон, Раав, Мојсеј, Авраам, Сара, Ное и Авел. Меѓу верните Јеховини слуги има и многу глуви лица. На пример, првите што станале Јеховини сведоци во Монголија биле глуви маж и жена. А како резултат на верноста на нашите глувонеми соверници во Русија, извојувавме една законска победа на Европскиот суд за човекови права.

Во наше време, „верниот и разборит роб“ обезбедува публикации и основа собранија на знаковен јазик, а организира и собири и конгреси на овој јазик (Мат. 24:45). Сето ова им е од огромна помош на глувонемите лица. * Но, дали некогаш си се прашал како овие луѓе учеле за вистинскиот Бог и како напредувале во вистината без сите овие работи? Дали си размислувал како би можел да им помогнеш на глувонемите што живеат во твоето место?

Како беше порано

Каков одговор би добил доколку прашаш некој од постарите глувонеми браќа за тоа како тој лично го запознал Бог? Можеби ќе ти опише како се чувствувал кога првпат дознал дека Бог има име — и како таа вистина му го променила животот, но и го поддржувала низ годините пред да излезат видеопрограмите на знаковен јазик на видеокасети или на DVD, кои денес им помагаат да научат некои од подлабоките библиски вистини. Би можел да ти објасни како било кога не се одржувале христијански состаноци на знаковен јазик или кога не се толкувала програмата. Наместо тоа, некој ќе седнел до него и пишувал белешки на хартија за да му помогне да разбере за што се зборува. Еден глувонем брат седум години ги учел библиските вистини на ваков начин пред конечно програмата да почне да се толкува на знаковен јазик.

Постарите глувонеми Сведоци се сеќаваат како им сведочеле на луѓе што немаат оштетен слух. Во едната рака држеле картичка на која била напишана едноставна презентација, а во другата ги држеле најновите списанија Стражарска кула и Разбудете се! Им било многу тешко да ја проучуваат Библијата со друго глувонемо лице користејќи ги само печатените публикации затоа што и двајцата не ги разбирале добро. Постарите глувонеми објавители сигурно се сеќаваат колкава фрустрација чувствувале кога другите не ги разбирале и, поради тоа, не можеле да продолжат да им ги пренесуваат духовните вистини. Исто така знаат како е да чувствуваш силна љубов кон Јехова, а да не си сигурен како да ја покажеш во својот живот. Зошто? Затоа што не биле сигурни дали исправно разбираат некоја работа.

И покрај овие препреки, нашите глувонеми браќа и сестри му останале верни на Јехова (Јов 2:3). Тие желно чекале тој да направи нешто (Пс. 37:7). И навистина, денес Бог ги благословува повеќе отколку што мнозина од нив можеле да си замислат!

Размисли, на пример, за трудот што го вложувал еден глувонем брат кој е и сопруг и татко. Пред да бидат достапни видеопрограмите на знаковен јазик, тој верно предводел во семејното проучување. Неговиот син се сеќава: „На татко ми му беше многу тешко да го води семејното проучување затоа што мораше да нѐ поучува само од печатени публикации. Честопати не го разбираше добро пишаниот текст. А и ние децата не му бевме од голема помош. Брзо ќе му ставевме до знаење дека не е така, кога немаше да ни ги објасни работите на исправен начин. И покрај сѐ, тој секогаш го одржуваше семејното проучување. Не му пречеше тоа што повремено беше усрамен затоа што не го разбира добро англискиот јазик — многу поважно му беше ние да научиме нешто за Јехова“.

Интересен е и примерот на Ричард, еден брат во своите 70-ти, кој е и глув и слеп, а живее во Бруклин (Њујорк). Ричард е познат по тоа што речиси никогаш не ги пропушта христијанските состаноци. За да дојде на состанок, сам го користи метрото така што ги брои постојките за да знае каде да се симне. Една зима, имаше толку силно невреме што состанокот беше откажан. Сите во собранието беа информирани навреме, но некако информацијата не стигнала до Ричард. Штом го сфатија тоа, браќата тргнаа да го бараат, и го најдоа пред Салата на Царството каде што стрпливо чекаше да ја отворат вратата. Кога го прашаа зошто излегол на тоа невреме, тој одговори: „Го сакам Јехова“.

Што можеш да сториш?

Дали во твоето место живеат глувонеми лица? Би можел ли да научиш некои знаци од нивниот јазик за да можеш да комуницираш со нив? Обично глувите луѓе се многу обѕирни и стрпливи кога ги поучуваат другите за својот јазик. Можеби ќе сретнеш некое глувонемо лице случајно или во служба. Што можеш да сториш? Обиди се да комуницираш. Користи гестови, белешки, цртежи, слики или комбинација од овие работи. Дури ако покаже дека не е заинтересиран за вистината, кажи му на некој Сведок што е глув или знае знаковен јазик дека си сретнал глувонемо лице. Можеби тоа ќе биде поприемливо за пораката доколку некој му ја пренесе на знаковен јазик.

Можеби учиш знаковен јазик и одиш на состаноци во собрание на знаковен јазик. Како можеш уште повешто да комуницираш и да го подобриш своето разбирање на овој јазик? Иако во собранието можеби има и други објавители што слушаат, зошто не одлучиш едноставно да не зборуваш? Ова ќе ти помогне и да размислуваш на знаковен јазик. Понекогаш можеби ќе се најдеш на искушение едноставно да прозбориш. Сепак, и кога учиш кој и да било друг јазик, мораш упорно да го користиш за да го совладаш.

Оние што искрено се трудат да користат знаковен јазик покажуваат љубов и почит кон нашите глуви браќа и сестри. Замисли колку голема фрустрација мора да е за едно глуво лице кога од ден на ден мора да биде со луѓе на работа или на училиште кои не ги разбира. „Секој ден, луѓето околу мене зборуваат“, вели еден глувонем брат. „Честопати се чувствувам толку осамено и изолирано што многу се разочарувам, па дури и се лутам. Не можам во потполност да ги опишам чувствата што ме преплавуваат во тие моменти“. Нашите состаноци треба да бидат вистинска оаза каде што нашите глувонеми браќа и сестри добиваат духовна храна и уживаат во срдечна комуникација и дружење со соверниците (Јован 13:34, 35).

Не треба да се занемарат ни бројните помали групи од глуви лица кои присуствуваат на состаноци каде што повеќето присутни можат да слушаат. Во таков случај, програмата им се толкува на знаковен јазик. За да го разберат добро она што се изнесува, глувонемите членови на собранието седат во предниот дел од Салата. Така можат непречено да ги гледаат и толкувачот и говорникот. Искуството покажува дека другите во собранието прилично брзо се навикнуваат на ова и не им пречи да се концентрираат на говорите. Истото важи и за собирите и конгресите на кои програмата се толкува на знаковен јазик. Оние што напорно се трудат да го толкуваат кажаното на начин како што едно глувонемо лице би ги изнело информациите — со значење и природно — навистина заслужуваат срдечна пофалба.

Можеби припаѓаш на собрание во кое има група на знаковен јазик или, пак, има мал број глуви лица за кои се толкува програмата на состаноците. Што можеш да сториш за да им укажеш лично внимание на овие браќа и сестри? Викни ги на гости. Ако е можно, научи неколку знаци. Не плаши се дека нема да можеш да комуницираш со нив. Ќе најдеш начин за тоа и ќе имаш пријатни спомени затоа што си им покажал љубов (1. Јов. 4:8). Нашите глуви браќа и сестри имаат многу да ни дадат. Тие се одлични „соговорници“, имаат остро око да ги проценат работите и имаат прекрасна смисла за хумор. Еден брат чии родители се глувонеми вели: „Цел живот сум со глуви луѓе и од нив научив многу повеќе отколку што би можел да им возвратам. Можеме многу да учиме од овие браќа и сестри“.

Јехова ги сака сите свои верни слуги, вклучувајќи ги и оние што се глуви. Нивниот пример на вера и истрајност ја прави Јеховината организација уште поскапоцена. Затоа, од срце да ги цениме нашите глуви браќа и сестри!

[Фуснота]

^ Види ја статијата „Јехова ги осветлил со своето лице“, во Стражарска кула од 15 август 2009.

[Слика на страница 31]

Пораката за Царството може да му биде попривлечна на едно глувонемо лице доколку му се пренесе на знаковен јазик

[Слики на страница 32]

Нашите состаноци треба да бидат вистинска оаза каде што нашите глуви браќа и сестри се духовно охрабрени