Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Најди радост во самештвото

Најди радост во самештвото

Најди радост во самештвото

„СЕ ЗЕДОА и си живееја среќно до крајот на животот.“ Многу детски приказни завршуваат со овие зборови. Романтичните филмови и книги честопати пренесуваат слична порака — дека ќе бидеш среќен дури откако ќе стапиш во брак! Освен тоа, во многу култури се врши силен притисок врз младите да стапат во брак. „Луѓето ти создаваат чувство дека најважното нешто за една девојка е да се омажи“, рекла Деби кога имала околу 25 години. „Ти оставаат впечаток дека животот почнува дури откако ќе се омажиш.“

Една духовна личност не гледа на работите само црно-бело. Иако во Израел било најнормално да се стапи во брак, Библијата зборува за мажи и жени што останале самци и имале многу исполнет живот. Денес, некои христијани по своја волја одлучуваат да не стапат во брак, а многу други, пак, остануваат самци поради околностите. Која и да е причината што не стапуваат во брак, се поставува истото важно прашање: ‚Како може еден христијанин да биде радосен и задоволен како самец?‘

Исус не се оженил, што е сосема разбирливо со оглед на задачата што ја имал. Тој им рекол на учениците дека и некои негови следбеници ‚ќе живеат така‘ (Мат. 19:10-12). Со тоа Исус покажал дека, ако сакаме да бидеме среќни како самци, мораме да живееме така, односно да го прифатиме таквиот начин на живот во срцето и во умот.

Дали советот на Исус важи само за оние кои намерно избираат да не стапат во брак со цел да се сконцентрираат на задачите што ги имаат во службата за Бог? (1. Кор. 7:34, 35). Не. Размисли за ситуацијата на една сестра, која можеби би сакала да се омажи, но моментално не може да најде некој што ќе ѝ одговара како брачен другар. „Неодамна, еден колега кој не е Сведок ненадејно ми предложи брак“, раскажува Ана, немажена сестра во своите 30-ти години. „Се почувствував донекаде поласкана, но брзо го потиснав тоа чувство затоа што сакам да се омажам само со некој што ќе ми помогне да станам уште поблиска со Јехова.“

Желбата да се мажат „во Господарот“ им помага на многу сестри како Ана да не се омажат за некој што нема исти верувања како нив a (1. Кор. 7:39; 2. Кор. 6:14). Од почит кон Божјиот совет, тие одлучуваат да останат немажени, барем додека да најдат партнер што ќе им одговара. Како најдобро да го искористат тој период?

Научи да гледаш на позитивните страни

Како ќе прифатиме некоја ситуација што не е баш поволна, многу зависи од нашиот став. „Уживам во она што го имам и не сонувам за она што го немам“, вели Кармен, немажена сестра во своите 40-ти години. Точно, понекогаш има периоди кога се чувствуваме осамени или разочарани. Но, мислата дека и многу браќа и сестри во светот минуваат низ истото, може да нѐ охрабри да продолжиме верно да служиме потпирајќи се на Јехова. Тој им помогнал на мнозина да бидат среќни како самци и да надминат други проблеми (1. Пет. 5:9, 10).

Многу браќа и сестри увиделе дека самештвото има и позитивни страни. „Мислам дека тајната на среќата е да знаеш да уживаш во позитивните страни на секоја ситуација во која ќе се најдеш“, вели Естер, немажена сестра на околу 35 години. „Сметам дека, сеедно дали ќе се омажам или не, ако Царството ми е на прво место во животот, Јехова нема да ми скрати никакво добро“, додава Кармен (Пс. 84:11). „Можеби животот не ми е баш онаков како што планирав, но среќна сум, и имам намера да останам среќна.“

Самци што се спомнуваат во Библијата

Ќерката на Јефтај не планирала да остане немажена. Но, поради заветот на татко ѝ, морала да служи во светилиштето од својата младост па сѐ до крајот на животот. Оваа неочекувана должност несомнено ѝ ги сменила плановите и била сосема спротивна на нејзините природни чувства. Тажела два месеца кога сфатила дека никогаш нема да се омажи и да има деца. Сепак, ја прифатила новата ситуација и од срце служела до крајот на својот живот. Другите Израелки секоја година оделе да ја пофалат за нејзината самопожртвуваност (Суд. 11:36-40).

Во времето на Исаија, некои евнуси можеби биле разочарани поради своите околности. Библијата не кажува од која причина биле евнуси. Но, како такви, тие не можеле да бидат полноправни членови на израелската заедници, ниту, пак, можеле да се оженат и да имаат деца (5. Мој. 23:1). Сепак, Јехова ги разбирал нивните чувства и ги пофалил за тоа што со сето срце се држеле на неговиот сојуз. Им рекол дека ќе им даде „споменик“ и „вечно име“ во неговиот дом. Со други зборови, тие верни евнуси имале сигурна надеж дека вечно ќе живеат под месијанското царување на Исус. Јехова никогаш нема да ги заборави (Иса. 56:3-5).

Околностите на Еремија биле многу поинакви. Откако му дал задача на Еремија да служи како пророк, Бог му рекол да не се жени затоа што живеел во тешки времиња и затоа што тоа го налагала задачата што ја имал. „Не земај си жена“, му рекол Јехова, „и немај синови и ќерки на ова место“ (Ерем. 16:1-4). Библијата не кажува како се чувствувал Еремија откако ги добил тие упатства, но нѐ уверува дека тој бил човек кој многу ја сакал Јеховината реч (Ерем. 15:16). Подоцна, откако ја преживеал ужасната 18-месечна опсада на Ерусалим, сигурно сфатил колку било мудро што ја послушал Јеховината заповед да не се жени (Плач 4:4, 10).

Како да си го исполниш животот

Личностите од Библијата што ги спомнавме не биле во брак, но ја имале помошта од Јехова и потполно се посветиле на службата за него. Слично и денес, корисните активности можат многу да ни го исполнат животот. Во Библијата е проречено дека жените што ја објавуваат добрата вест ќе бидат голема војска (Пс. 68:11). Во нејзините редови има и илјадници немажени сестри. Како резултат на нивната служба, многу од нив биле благословени со духовни синови и ќерки (Мар. 10:29, 30; 1. Сол. 2:7, 8).

„Пионерската служба ми дава правец во животот“, објаснува Лоли, која веќе 14 години е пионерка. „Не сум мажена, но животот ми е многу исполнет и активен, па затоа воопшто не се чувствувам осамена. На крајот од секој ден чувствувам задоволство затоа што гледам дека мојата служба навистина им помага на луѓето. Тоа ме прави многу радосна.“

Многу сестри биле во можност да научат нов јазик и да прават повеќе во службата проповедајќи им на луѓе што го зборуваат тој јазик. „Живеам во град каде што има илјадници странци“, вели Ана, која ја спомнавме претходно. Таа ужива да им проповеда на луѓето што зборуваат француски. „Со тоа што научив јазик на кој можам да комуницирам со нив, ми се отвори ново подрачје за проповедање, а и службата ми стана поинтересна.“

Бидејќи самештвото честопати значи и помалку обврски, некои го искористиле тоа за да служат во места каде што има потреба од повеќе објавители. „Уверена сум дека, колку повеќе правиш во службата за Јехова, толку полесно наоѓаш блиски пријатели и се чувствуваш сакана“, вели Лидијана, немажена сестра на околу 35 години која служела во земји каде што има потреба од повеќе објавители. „Сега имам голем број добри пријатели со различно потекло и националност, кои многу ми го разубавуваат животот.“

Во Библијата се спомнува проповедникот Филип кој имал четири немажени ќерки што пророкувале (Дела 21:8, 9). Тие сигурно биле ревносни како татко им. Можно е да го искористиле својот дар за пророкување за доброто на сохристијаните во Цезареја (1. Кор. 14:1, 3). Слично на нив, и денес многу немажени сестри ги охрабруваат другите со тоа што редовно доаѓаат и учествуваат на христијанските состаноци.

Лидија, пак, била христијанка од Филипи и за неа се зборува пофално во Библијата затоа што била гостољубива (Дела 16:14, 15, 40). Таа веројатно била немажена или вдовица и била многу дарежлива. Поради тоа, имала можност да се дружи со патувачки надгледници, како што биле Павле, Сила и Лука, а тоа многу ја исполнило. Дарежливоста носи слични благослови и денес.

Да се задоволи потребата од љубов

Освен потребата да правиме нешто корисно за да си го исполниме животот, сите ние имаме потреба и од љубов. Како можат самците да ја задоволат таа потреба? Прво, Јехова е секогаш тука да нѐ сака, да нѐ зајакнува и да нѐ слуша. Цар Давид понекогаш се чувствувал „осамен и во неволја“, но знаел дека секогаш може да му се обрати на Јехова за помош (Пс. 25:16; 55:22). „И да ме остават татко ми и мајка ми, Јехова ќе ме прифати“, напишал тој (Пс. 27:10). Бог ги повикува сите свои слуги да му се приближат, да станат блиски пријатели со него (Пс. 25:14; Јак. 2:23; 4:8).

Освен тоа, во нашето меѓународно братство можеме да најдеме духовни татковци, мајки, браќа и сестри чија љубов ќе ни го исполни животот (Мат. 19:29; 1. Пет. 2:17). Многу христијанки што не се во брак наоѓаат големо задоволство кога го следат примерот на Дорка, која ‚постојано правела добри дела‘ (Дела 9:36, 39). „Каде и да одам, барам вистински пријатели во собранието кои ќе ме сакаат и ќе ми даваат поддршка кога сум потиштена“, објаснува Лоли. „За да ги зацврстам таквите пријателства, се трудам да им покажувам на другите дека ги сакам и дека сум заинтересирана за нив. Досега сум служела во осум различни собранија, и секогаш сум можела да најдам вистински пријатели. Честопати тоа не се сестри на мои години, туку многу постари или тинејџерки.“ Во секое собрание има браќа и сестри на кои им треба љубов и дружење. Ако покажеш дека вистински се интересираш за нив, тоа може многу да им помогне ним и може да ја задоволи твојата потреба да сакаш и да бидеш сакана (Лука 6:38).

Бог нема да заборави

Библијата покажува дека сите христијани мораат да прават некакви жртви затоа што живееме во тешки времиња (1. Кор. 7:29-31). Оние што нема да стапат во брак затоа што се решени да останат послушни на Божјата заповед да се мажат само во Господарот, заслужуваат посебна почит и внимание (Мат. 19:12). Меѓутоа, таквата пофална жртва не значи дека не можат да бидат вистински среќни.

„Водам исполнет живот кој се темели на мојот личен однос со Јехова и на мојата служба за него“, вели Лидијана. „Познавам луѓе во брак кои се среќни и други кои не се среќни. Тоа ми потврдува дека мојата среќа не зависи од тоа дали ќе се омажам или не.“ Како што нагласил Исус, среќни сме пред сѐ кога даваме и служиме, а тоа е нешто што може да го прави секој христијанин (Јован 13:14-17; Дела 20:35).

Без сомнение, најголемата причина за радост е тоа што знаеме дека Јехова ќе нѐ благослови за жртвите што ги правиме додека ја вршиме неговата волја. Библијата нѐ уверува: „Бог не е неправеден, па да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име“ (Евр. 6:10).

[Фуснота]

a Иако во оваа статија се зборува за сестрите, истите начела важат и за браќата.

[Истакната мисла на страница 25]

„Уживам во она што го имам и не сонувам за она што го немам“ (Кармен)

[Слика на страница 26]

Лоли и Лидијана со радост служат во места каде што има потреба

[Слика на страница 27]

Бог ги повикува сите свои слуги да му се приближат