Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Да го цениме Исус — поголемиот Давид и поголемиот Соломон

Да го цениме Исус — поголемиот Давид и поголемиот Соломон

Да го цениме Исус — поголемиот Давид и поголемиот Соломон

„Еве, овде е некој што е поголем од Соломон“ (МАТ. 12:42)

1, 2. Од човечка гледна точка, зошто било чудно тоа што Самоил добил заповед да го помаза Давид за цар?

 ДАВИД воопшто не личел на цар. Напротив, на пророкот Самоил му личел на обично младо овчарче. Освен тоа, неговиот роден град, Витлеем, не бил ништо посебно. Се вели дека тој бил „најмал од Јудините градови“ (Мих. 5:2). И покрај сѐ, пророкот Самоил требало да го помаза ова навидум безначајно момче кое потекнувало од мал град за иден цар на Израел.

2 Младиот Давид не бил првиот син што Јесеј го извел пред Самоил за да биде помазан, а не бил ни вториот ни третиот. Всушност, Давид, најмалиот од осумте синови на Јесеј, не бил ни присутен кога Самоил дошол во домот на неговиот татко да помаза за иден цар над земјата еден од синовите на овој верен човек. Сепак, Јехова го избрал токму него, и тоа било најважно (1. Сам. 16:1-10).

3. а) Што е за Јехова најважно кога нѐ испитува како поединци? б) Што се случило кога Давид бил помазан?

3 Јехова видел нешто што Самоил не можел да види. Бог можел да види што има во срцето на Давид, и тоа му било по волја. За Бог не е важно како изгледаме однадвор — нему му е најважно какви сме однатре, длабоко во срцето. (Прочитај 1. Самоилова 16:7.) Па така, кога сфатил дека Јехова не избрал ниту еден од седумте постари синови на Јесеј, Самоил побарал да го викнат најмладиот да дојде од пасиштето. Извештајот вели: „И Јесеј испрати по [Давид]. А младичот беше румен, со убави очи и со прекрасна става. И Јехова рече: ‚Стани и помажи го, зашто тоа е тој!‘ Тогаш Самоил го зеде рогот со масло и го помаза среде неговите браќа. И Јеховиниот дух дојде на Давид и од тој ден остана на него“ (1. Сам. 16:12, 13).

Давид бил претслика на Исус

4, 5. а) Наведи некои сличности меѓу Давид и Исус. б) Зошто Исус може да се нарече Поголемиот Давид?

4 Исус, исто како и Давид, се родил во Витлеем, но околу 1.100 години подоцна. Во очите на многу луѓе ни Исус не личел на цар, односно, не бил таков цар каков што посакувале повеќето Израелци. Сепак, исто како Давид, и Исус бил избран од Јехова. И него Јехова многу го сакал, како што било случај и со Давид * (Лука 3:22). Исто така, ‚Јеховиниот дух дошол и на него‘.

5 Има и други сличности меѓу овие двајца мажи. На пример, Давид бил издаден од својот советник Ахитофел, а Исус бил издаден од својот апостол Јуда Искариот (Пс. 41:9; Јован 13:18). И Давид и Исус гореле од ревност за Јеховиниот дом (Пс. 27:4; 69:9; Јован 2:17). Исус бил и наследник на Давид. Пред да се роди, еден ангел ѝ рекол на мајка му: „Јехова Бог ќе му го даде престолот на Давид, неговиот татко“ (Лука 1:32; Мат. 1:1). Сепак, со оглед на тоа што сите месијански пророштва треба да се исполнат на Исус, тој е далеку поголем од Давид. Тој е Поголемиот Давид, долгоочекуваниот месијански Цар (Јован 7:42).

Следи го Царот-Пастир

6. Во кој поглед Давид бил добар пастир?

6 Исус е и пастир. За кого може да се каже дека е добар пастир? За оној што верно и храбро го чува, го храни и го штити своето стадо (Пс. 23:2-4). Како млад, Давид бил пастир кој многу добро се грижел за овците на својот татко. Тој бил храбар кога стадото ќе се нашло во опасност и го ризикувал својот живот за да ги заштити овците од лав и од мечка (1. Сам. 17:34, 35).

7. а) Што го подготвило Давид да ги исполни своите должности како цар? б) Како покажал Исус дека е Добриот Пастир?

7 Годините што Давид ги поминал на отворено и по ридовите додека ги чувал овците биле еден вид подготовка за тешките должности и одговорности кои подоцна ги имал како пастир на израелскиот народ * (Пс. 78:70, 71). И Исус покажал дека е извонреден пастир. Тој црпи сила и водство од Јехова додека се грижи за своето „мало стадо“ и за ‚другите овци‘ (Лука 12:32; Јован 10:16). Значи, Исус е Добриот Пастир. Тој толку добро го познава своето стадо што секоја овца ја вика по име. Освен тоа, толку многу ги сака своите овци што, кога бил на Земјата, спремно се давал себеси за ним да им биде добро (Јован 10:3, 11, 14, 15). Како Добриот Пастир, Исус прави нешто што Давид не можел никогаш да го направи. Со својата откупна жртва, Тој им го отворил патот на луѓето да бидат спасени од смртта. Ништо не може да го спречи да ги одведе своите овци до наградата што ги чека — ‚малото стадо‘ до бесмртен живот на небото, а ‚другите овци‘ до вечен живот во праведниот нов свет каде што ќе нема никакви грабливци слични на волци. (Прочитај Јован 10:27-29.)

Следи го победоносниот Цар

8. Како Давид покажал дека е победоносен цар?

8 Како цар, Давид бил смел воин кој ја штител земјата во која живеел Божјиот народ, и ‚Јехова му помагал каде и да одел‘. Под владеењето на Давид, границите на Израел се прошириле од реката Египет до реката Еуфрат (2. Сам. 8:1-14). Со сила од Јехова, тој станал многу моќен владетел. Библијата вели: „Славата на Давид се разнесе по сите земји, и Јехова предизвика да се плашат од Давид сите народи“ (1. Лет. 14:17).

9. Објасни во која смисла Исус како иден Цар бил победник.

9 Исто како цар Давид, Исус бил бестрашен додека бил на Земјата. Како иден Цар, тој покажал дека има власт над демоните со тоа што избавил мнозина од нивниот стисок (Мар. 5:2, 6-13; Лука 4:36). Дури и главниот непријател, Сатана Ѓаволот, нема власт над него. Со Јеховина помош, Исус го победил светот, кој е под власта на Сатана (Јован 14:30; 16:33; 1. Јов. 5:19).

10, 11. Што направил и што ќе направи Исус како небесен Цар-Воин?

10 Шеесетина години откако Исус умрел, воскреснал и се вратил на небото, апостол Јован добил пророчко видение за Исус како небесен Цар-Воин. Јован пишува: „Гледај — бел коњ и на него јавач кој имаше лак. И му беше дадена круна, па излезе победувајќи и тргна во конечна победа“ (Отк. 6:2). Јавачот на белиот коњ е Исус. Во 1914 год. ‚му била дадена круна‘ кога бил поставен за Цар на небесното Царство. Потоа, ‚излегол победувајќи‘. Значи, исто како Давид, Исус е победоносен цар. Кратко откако бил поставен за Цар на Божјето Царство, тој го победил Сатана во една битка и го исфрлил заедно со неговите демони на Земјата (Отк. 12:7-9). Неговото победоносно јавање ќе продолжи сѐ до неговата „конечна победа“, кога целосно ќе го уништи злобниот поредок на Сатана. (Прочитај Откровение 19:11, 19-21.)

11 Но, исто како Давид, и Исус е сочувствителен цар, кој ќе го заштити ‚големото мноштво‘ во Армагедон (Отк. 7:9, 14). Освен тоа, под власта на Исус и на неговите сонаследници — воскреснатите 144.000 — ‚ќе бидат воскреснати и праведните и неправедните‘ (Дела 24:15). Оние што ќе бидат воскреснати на Земјата ќе имаат можност да живеат вечно. Каква прекрасна иднина ги очекува! Затоа, сите да бидеме решени да продолжиме ‚да правиме добро‘ за да бидеме живи кога Земјата ќе се наполни со праведни, среќни поданици на Поголемиот Давид (Пс. 37:27-29).

Соломон добива одговор на својата молитва за мудрост

12. За што се молел Соломон?

12 Давидовиот син, Соломон, исто така бил претслика на Исус. * Кога Соломон станал цар, Јехова му се појавил на сон и му рекол дека ќе му даде сѐ што ќе побара. Соломон можел да бара поголемо богатство, власт или подолг живот. Наместо тоа, тој несебично го замолил Јехова: „Дај ми мудрост и знаење за да можам да го водам овој народ, зашто кој може да му суди на овој твој народ кој е толку голем?“ (2. Лет. 1:7-10). Јехова ја услишил оваа молитва на Соломон. (Прочитај 2. Летописи 1:11, 12.)

13. Во кој поглед мудроста на Соломон била ненадминлива, и кој бил нејзиниот Извор?

13 Сѐ додека Соломон му бил верен на Јехова, немало помудар човек од него. Соломон изрекол „три илјади мудри изреки“ (1. Цар. 4:30, 32, 34). Многу од нив биле запишани и сѐ уште им користат на оние што бараат мудрост. Царицата од Сава патувала околу 2.400 километри за да ја испита мудроста на Соломон со „загадочни прашања“. Таа била восхитена од зборовите на Соломон и од благосостојбата во неговото царство (1. Цар. 10:1-9). Библијата јасно кажува кој бил Изворот на мудроста на Соломон: „Цел свет сакаше да дојде пред лицето на Соломон и да ја чуе неговата мудрост што Бог му ја даде во срцето“ (1. Цар. 10:24).

Следи го мудриот Цар

14. Во кој поглед Исус бил „поголем од Соломон“?

14 Само еден човек имал мудрост далеку поголема од онаа на Соломон. Тоа бил Исус Христос, кој за себе рекол дека е „поголем од Соломон“ (Мат. 12:42). Исус ги имал „зборовите на вечниот живот“ (Јован 6:68). На пример, во Проповедта на гората, тој зборувал поопширно за некои од начелата што се изнесени во изреките на Соломон. Соломон опишал многу работи поради кои Јеховините слуги се среќни (Изр. 3:13; 8:32, 33; 14:21; 16:20). Исус нагласил дека вистинската среќа извира од работите што се поврзани со служењето на Јехова и со исполнувањето на Божјите ветувања. Тој рекол: „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби, зашто нивно е царството небесно“ (Мат. 5:3). Оние што ги применуваат начелата кои се содржани во учењата на Исус се зближуваат со Јехова, кој е „изворот на животот“ (Пс. 36:9; Изр. 22:11; Мат. 5:8). Христос е олицетворение на ‚Божјата мудрост‘ (1. Кор. 1:24, 30). Исус Христос, како месијански Цар, го има „духот на мудроста“ (Иса. 11:2).

15. Како може да ни користи Божјата мудрост?

15 Како нам, како следбеници на Поголемиот Соломон, може да ни користи Божјата мудрост? Бидејќи Јеховината мудрост ни е откриена во неговата Реч, мора да се трудиме да ја пронајдеме така што внимателно ќе ја проучуваме Библијата, а особено зборовите на Исус, и ќе размислуваме длабоко за она што го читаме (Изр. 2:1-5). Освен тоа, мора постојано да бараме мудрост од Бог. Божјата реч нѐ уверува дека, ако искрено го молиме Јехова за помош, тој ќе нѐ услиши (Јак. 1:5). Со помош на светиот дух, ќе најдеме бисери на мудрост во Божјата реч кои можат да ни помогнат да излеземе на крај со проблемите и да донесуваме мудри одлуки (Лука 11:13). За Соломон исто така се вели дека ,го собирал народот‘ и ‚постојано му пренесувал знаење‘ * (Проп. 12:9, 10). Исус, како Глава на христијанското собрание, исто така го собира својот народ за да го поучува (Јован 10:16; Кол. 1:18). Затоа, добро е да одиме на собраниските состаноци каде што ‚постојано сме поучувани‘.

16. Каква друга сличност има меѓу Соломон и Исус?

16 Соломон направил многу работи како цар. Тој спровел градежни проекти низ целата земја, и го надгледувал градењето на палати, патишта, водоводи, градови кои служеле како складишта, градови за бојните коли и градови за коњаниците (1. Цар. 9:17-19). Целото царство имало корист од неговите градежни проекти. Но, и Исус е градител кој го изградил своето собрание на „карпа“ (Мат. 16:18). Тој ќе го надгледува и градежното дело што ќе се врши во новиот свет (Иса. 65:21, 22).

Следи го Царот на мирот

17. а) Кое било едно извонредно обележје на владеењето на Соломон? б) Што не можел да направи Соломон?

17 Името „Соломон“ е изведено од корен што значи „мир“. Цар Соломон владеел од Ерусалим, име што значи „Посед на двоен мир“. Во текот на неговото 40-годишно владеење целиот израелски народ уживал во дотогаш невиден мир. Во врска со тоа време, Библијата вели: „Луѓето во Јуда и во Израел живееја без страв, секој под својата лоза и под својата смоква, од Дан до Вирсавеја, во сите денови на Соломон“ (1. Цар. 4:25). Сепак, и покрај сета своја мудрост, Соломон не можел да ги ослободи своите поданици од прангите на болеста, гревот и смртта. Но, Поголемиот Соломон ќе ги ослободи своите поданици од сето тоа. (Прочитај Римјаните 8:19-21.)

18. Какви услови преовладуваат во христијанското собрание?

18 Всушност, во христијанското собрание преовладува мир уште денес. Ние уживаме во еден вистински духовен рај. Во мир сме со Бог и со нашите ближни. Забележи што прорекол Исаија во врска со условите во кои живееме ние денес: „Тие ќе ги прековаат своите мечеви во плугови и своите копја во српови. Народ против народ повеќе нема да крева меч и повеќе нема да учат да војуваат“ (Иса. 2:3, 4). Кога постапуваме во склад со водството од Божјиот дух, ние уште повеќе го разубавуваме духовниот рај.

19, 20. Од кои причини треба да се радуваме?

19 Меѓутоа, нѐ чека уште поубава иднина. Под власта на Исус, кога ќе владее невиден мир, послушните луѓе постепено ‚ќе бидат ослободени од робувањето на распадливоста‘ и на крајот ќе станат совршени (Рим. 8:21). Откако ќе го поминат последниот испит, на крајот од илјадагодишното Царство, „кротките ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир“ (Пс. 37:11; Отк. 20:7-10). Навистина, владеењето на Исус Христос ќе биде незамисливо подобро од владеењето на Соломон!

20 Како што Израелците се радувале под водството на Мојсеј, Давид и Соломон, ние уште повеќе ќе се радуваме под владеењето на Христос (1. Цар. 8:66). Затоа, од сѐ срце да му бидеме благодарни на Јехова што ни го дал својот единороден Син — Поголемиот Мојсеј, Давид и Соломон!

[Фусноти]

^ Името Давид веројатно значи „Сакан“. Кога Исус се крстил, а и подоцна, кога се преобразил, Јехова зборувал од небото и го нарекол „мојот сакан Син“ (Мат. 3:17; 17:5).

^ Истовремено, Давид станал и како јагне кое има потполна доверба во својот пастир. Тој се потпирал за заштита и водство на Врховниот Пастир, Јехова. Со целосна доверба, Давид рекол: „Јехова е мојот Пастир. Ништо нема да ми недостасува“ (Пс. 23:1). Јован Крстител рекол дека Исус е „Божјето Јагне“ (Јован 1:29).

^ Интересно е што Соломон имал и друго име, Едидија, што значи „саканиот на Јах“ (2. Сам. 12:24, 25, фус.).

^ Види ја и фуснотата за насловот на книгата Проповедник.

Можеш ли да објасниш?

• Во која смисла Исус е Поголемиот Давид?

• Во која смисла Исус е Поголемиот Соломон?

• Зошто го цениш Исус, кој е и Поголемиот Давид и Поголемиот Соломон?

[Прашања]

[Слика на страница 31]

Мудроста што Бог му ја дал на Соломон била претслика на мудроста на Поголемиот Соломон

[Слика на страница 32]

Владеењето на Исус ќе биде незамисливо подобро од владеењето на Соломон и на Давид!