Прашања од читателите
Прашања од читателите
Зошто цар Саул го прашал Давид: „Чиј син си ти, младичу?“ откако Давид го убил Голијат, кога пред тоа самиот Саул испратил гласници да го повикаат Давид за да стапи во негова служба? (1. Самоилова 16:22; 17:58).
Наједноставниот одговор би бил дека Саул заборавил кој е Давид бидејќи нивниот прв разговор бил краток. Но, тоа не е многу веројатно, бидејќи извештајот од 1. Самоилова 16:18-23 покажува дека цар Саул лично испратил гласници да го доведат Давид во дворецот, а подоцна го засакал и го поставил за свој штитоносец. Тоа значи дека мора добро да се знаел со Давид.
Некои изучувачи на Библијата сметаат дека стиховите од 1. Самоилова 17:12-31 и 17:55 — 18:5 се подоцна додадени, бидејќи ги нема во некои примероци од грчката Септуагинта, која е превод на Хебрејските списи завршен во 2 век пр.н.е. Но, не е мудро да се извлече таков заклучок само врз основа на тие примероци од Септуагинта-та, затоа што тие стихови се појавуваат во други меродавни манускрипти на Хебрејските списи. *
Саул му го поставил прашањето прво на Авенир, а потоа и на самиот Давид. Тоа покажува дека со прашањето сакал да дознае нешто друго, а не само името на татко му на Давид. Кога Давид го победил Голијат, Саул го видел во сосема поинакво светло — како млад човек со голема вера и храброст — па затоа сакал да знае каков е тој човек што воспитал таков син. Можеби Саул имал намера да го земе во својата војска Давидовиот татко, Јесеј, или некој друг од неговото семејство, ако и тој бил исто толку храбар јунак како Давид.
Иако во 1. Самоилова 17:58 стои дека Давид само кратко одговорил: „Јас сум син на твојот слуга Јесеј од Витлеем“, следните зборови укажуваат на многу подолг разговор. Во врска со тоа, изучувачите К. Ф. Кајл и Ф. Делич рекле: „Од изразот ‚кога Давид го заврши разговорот со Саул‘, што се наоѓа во [1. Самоилова 18:1], многу јасно се гледа дека Саул продолжил да го распрашува [Давид] за семејството, бидејќи самите зборови укажуваат на подолг разговор“.
Од ова можеме да заклучиме дека со прашањето: „Чиј син си ти, младичу?“, Саул сакал да дознае во какви услови пораснал Давид, а не само како се вика татко му.
[Фуснота]
^ пас. 4 Во врска со веродостојноста на пасусите што се испуштени во Септуагинта-та, види во енциклопедијата Увид во Светото писмо (Insight on the Scriptures), том 2, страница 855, издадена од Јеховините сведоци.
[Слика на страница 31]
Зошто Саул го прашал Давид чиј син е?