Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Кое е решението за меѓуетничката нетрпеливост?

Кое е решението за меѓуетничката нетрпеливост?

Кое е решението за меѓуетничката нетрпеливост?

ВО Шпанија, еден судија прекинува фудбалски натпревар. Зошто? Затоа што толку многу гледачи му дофрлуваат навреди на играчот од Камерун, што тој се заканува дека ќе го напушти теренот. Во Русија, насилните напади врз луѓе од Африка, Азија и од Латинска Америка стануваат нешто најнормално; во 2004 год. расистичките напади таму се зголемиле за 55 отсто и достигнале бројка од 394 случаи во 2005. Во Британија, една третина од Азијците и црнците кои биле испитаници на една анкета, изјавиле дека им се случило да изгубат работно место поради расна дискриминација. Слични примери може да се видат и во останатите делови од светот.

Нетрпеливоста кон припадниците на други етнички заедници може да се манифестира во различен степен, од навреди и бесчувствителност кон нив до желба да се истребат како дел од некоја национална политика. a Која е главната причина за меѓуетничката нетрпеливост? Како да спречиме таа да се развие кај нас? Дали е разумно да се надеваме дека еден ден ќе владее слога меѓу сите луѓе? Библијата го дава одговорот на овие прашања.

Угнетување и омраза

„Човечкото срце е склоно кон зло од неговата младост“, стои во Библијата (1. Мојсеева 8:21). Затоа, некои уживаат да ги угнетуваат другите. Библијата понатаму наведува: „Гледај, солзи на угнетуваните, а нема кој да ги утеши. Моќта е во рацете на нивните угнетувачи“ (Проповедник 4:1).

Освен тоа, Библијата покажува дека меѓуетничката омраза постоела уште од древни времиња. На пример, во 18. век пред нашата ера, еден египетски фараон му понудил на Евреинот Јаков со своето големо семејство да се пресели во Египет. Но, еден друг фараон подоцна се почувствувал загрозен од таа голема група доселеници. Поради тоа, во извештајот стои: „Тој му рече на својот народ: ‚Ене, народот на синовите на Израел е поброен и помоќен од нас. Ајде да постапиме мудро со нив за да не се намножат‘... И поставија над нив надгледници да ги угнетуваат и да ги тераат да работат“ (2. Мојсеева 1:9-11). Египќаните дури издале наредба сите новородени машки деца од потомците на Јаков да бидат убиени (2. Мојсеева 1:15, 16).

Која е главната причина?

Религиите од овој свет ретко биле од некаква помош за да се задуши меѓуетничката нетрпеливост. Иако, вистина, некои поединци херојски му се спротивставиле на угнетувањето, религиите во целина многу често застанале на страната на угнетувачите. Така, во Соединетите Држави, биле користени и законот и сила за да се подложат црнците, а забраната на мешаните бракови на некои места продолжила да важи сѐ до 1967 год. Истото било случај и под апартхејдот во Јужна Африка, каде што едно малцинство си ја штитело својата положба над другите со закони, кои вклучувале и забрана на брак меѓу лица од различна раса. И во двата случаја, некои поединци што припаѓале на етничката група која покажувала нетрпеливост биле големи верници.

Но, Библијата ни кажува дека постои подлабока причина за меѓуетничката нетрпеливост. Таа го дава одговорот зошто некои етнички заедници угнетуваат други. Во неа стои: „Кој не покажува љубов, не го запознал Бог, зашто Бог е љубов. Ако некој каже: ‚Го сакам Бог‘, а го мрази својот брат, тој е лажливец. Зашто, кој не го сака својот брат, кого го гледа, не може да го сака Бог, кого не го гледа“ (1. Јованово 4:8, 20). Оваа изјава ни открива која е главната причина за меѓуетничката нетрпеливост. Луѓето чувствуваат етничка омраза — без разлика дали се сметаат себеси за верници или не — затоа што не го познаваат и не го сакаат Бог.

Да се познава Бог — темелот за добри меѓуетнички односи

Како тоа што ќе го запознаеме и ќе го засакаме Бог може да води до добри меѓуетнички односи? Што е тоа во Библијата што може да ги поттикне луѓето да не ги повредуваат оние кои им изгледаат поинакви од нив? Библијата ни кажува дека Јехова е Таткото на сите луѓе. Во неа стои: „За нас постои еден Бог, Таткото, кој создал сѐ“ (1. Коринќаните 8:6). Понатаму наведува: „Од еден човек го направи целиот човечки род“ (Дела 17:26). Според тоа, сите луѓе, всушност, се браќа.

Сите етнички групи можат да бидат горди на тоа што добиле живот од Бог, но кога станува збор за нивното потекло, постои нешто за кое на сите треба да им биде жал. Павле, еден писател на Библијата, забележал: „Преку еден човек гревот влезе во светот“. Затоа, „сите згрешија и не ја одразуваат Божјата слава“ (Римјаните 3:23; 5:12). Јехова е Бог на разноликост — не постојат две личности што се потполно исти. Сепак, не ѝ дал основа на ниедна етничка заедница да се смета за подобра од другите. Ставот дека една етничка заедница е подобра од другите, иако често се сретнува, е спротивен на фактите што се изнесени во Библијата. Како што гледаме, од Бог можеме да дознаеме многу работи што ќе ни помогнат да имаме добри меѓуетнички односи.

На Бог му се важни сите народи

Некои луѓе сметаат дека Бог поттикнал кај луѓето меѓуетнички предрасуди со тоа што ги сметал за повластена нација Израелците и ги поучил да се држат одвоени од другите народи (2. Мојсеева 34:12). Точно, во еден период од историјата Бог го избрал израелскиот народ за своја посебна сопственост поради извонредната вера што ја покажал Авраам, прататкото на Израел. Лично Бог управувал со древниот Израел, така што им ги избирал владетелите и им дал закони. Кога Израел ги држел тие закони, другите народи можеле да видат што може да постигне владата од Бог и да го споредат тоа со она што го постигнувале човечките влади на други места. Јехова тогаш исто така им помогнал на Израелците да увидат дека без да се даде жртва, човештвото не може да го врати добриот однос со Бог. Значи, она што Јехова го правел преку Израел било за доброто на сите народи. Тоа го потврдуваат и зборовите што му ги кажал на Авраам: „Преку твоето потомство ќе се благословат сите народи на земјата затоа што го послуша мојот глас“ (1. Мојсеева 22:18).

Освен тоа, Евреите ја имале честа да ги добијат светите објави на Бог и во нивниот народ да биде роден Месијата. Но, и тоа било направено за доброто на сите народи. Хебрејските списи што им биле дадени на Евреите содржат еден прекрасен опис на времето кога сите етнички заедници ќе добијат големи благослови: „Многу народи ќе одат и ќе велат: ‚Дојдете! Да појдеме на Јеховината гора, во домот на Богот Јаковов! Тој ќе нѐ поучува за своите патишта‘... Народ против народ повеќе нема да крева меч и повеќе нема да се учат да војуваат. И секој ќе седи под својата лоза и под својата смоква и никој нема да го плаши“ (Михеј 4:2-4).

Иако лично Исус Христос им проповедал на Евреите, тој исто така рекол: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи“ (Матеј 24:14). Нема да има народ што нема да ја чуе добрата вест. Според тоа, Јехова оставил совршен пример како треба непристрасно да се постапува со сите етнички заедници. „Бог не е пристрасен, туку во секој народ го прифаќа оној што се бои од него и го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35).

Законите што Бог му ги дал на древниот народ Израел исто така покажуваат дека му се важни сите народи. На пример, Законот барал од Израелците да покажуваат повеќе од обична толеранција кон оние што не биле Израелци а што живееле во земјата. Во него стоело: „Дојденецот што живее меѓу вас нека ви биде како роден Израелец. Сакајте го како самите себе, зашто и вие бевте дојденци во египетската земја“ (3. Мојсеева 19:34). Многу од Божјите закони ги поучувале Израелците да бидат љубезни со доселениците. На пример, кога Вооз, предок на Исус, видел дека една сиромашна туѓинка дособира на нивата, постапил во согласност со она што го научил од Бог и се погрижил неговите жетвари да ѝ остават доволно жито за собирање (Рут 2:1, 10, 16).

Исус поучува на љубезност

Исус ни покажал каков е Бог повеќе од кој и да било друг. На своите следбеници им покажал што значи да се биде љубезен кон луѓето што се поинакви. Во една прилика ѝ се обратил на една жена што била Самарјанка. Самарјаните биле етничка заедница која многу Евреи ја презирале, и затоа жената се изненадила што Исус сакал да разговара со неа. Во текот на разговорот, Исус на љубезен начин ѝ помогнал на жената да сфати како таа би можела да добие вечен живот (Јован 4:7-14).

Исус ни дал пример за тоа како да постапуваме со луѓето од другите етнички заедници и кога раскажал приказна за еден добар Самарјанин. Овој човек наишол на еден тешко повреден Евреин кого го нападнале разбојници. Како Самарјанин, лесно можел да си помисли: ‚Зошто да му помагам на еден Евреин? Евреите го презираат мојот народ‘. Но, Самарјанинот за кој зборувал Исус имал поинакво гледиште за туѓинците. Иако покрај ранетиот човек поминале и други патници, Самарјанинот ‚се сожалил‘ и великодушно му помогнал. На крајот на приказната, Исус го дал заклучокот: Ако некој сака да ја стекне Божјата милост, и самиот треба да постапува како Самарјанинот (Лука 10:30-37).

Апостол Павле ги поучил оние што сакаат да го радуваат Бог да го променат својот карактер и да постапуваат со луѓето онака како што постапува Бог. Павле напишал: „Соблечете ја старата личност и нејзините дела, а облечете ја новата личност, која се обновува преку доброто познавање на Божјата волја според сликата на оној што ја создал. Тука нема повеќе ниту Грк ниту Евреин, ниту обрежување ниту необрежување, ниту туѓинец, ниту Скит... Освен тоа, облечете се во љубов, зашто таа совршено ве поврзува“ (Колошаните 3:9-14).

Дали луѓето ги менува тоа што ќе го запознаат Бог?

Дали фактот што некој добро го познава Јехова Бог навистина го менува начинот на кој тој постапува со луѓето од другите етнички заедници? Да земеме како пример една иселеничка од Азија во Канада, која се разочарала кога таму почувствувала дискриминација. Таа се запознала со Јеховините сведоци и почнала да ја проучува Библијата со нив. Подоцна им напишала писмо на благодарност, во кое рекла: ‚Бевте многу пријатни и љубезни белци. Кога увидов дека сте многу поинакви од другите белци, се прашував зошто. Мислев, и мислев, и дојдов до заклучок дека вие сте Божји Сведоци. Сигурно има некаква врска со Библијата. На вашите состаноци гледав луѓе со секаква боја на лице, и бела, и црна, и кафеава и жолта, но срцето на сите им беше иста боја, всушност, немаше боја, затоа што беа браќа и сестри. А сега знам кој направил да бидат такви. Вашиот Бог‘.

Божјата реч кажува дека доаѓа време кога „земјата ќе биде полна со знаење за Јехова“ (Исаија 11:9). Уште денес, во склад со пророштвата на Библијата, едно големо мноштво луѓе, кое брои милиони „од сите народи и племиња и народности и јазици“, се обединети затоа што исправно му служат на вистинскиот Бог (Откровение 7:9). Тие со радост го очекуваат времето што скоро доаѓа кога, наместо омраза, ќе постои љубов помеѓу сите луѓе во целиот свет. Тогаш ќе се исполни намерата што Јехова му ја кажал на Авраам: „Ќе бидат благословени сите народи на земјата“ (Дела 3:25).

[Фуснота]

a Во оваа статија го користиме зборот „етнички“ во поширока смисла, односно се однесува на население со иста раса, потекло, јазик, обичаи или вероисповед.

[Слика на страници 4 и 5]

Божјиот закон ги поучувал Израелците да ги сакаат дојденците

[Слика на страница 5]

Што можеме да научиме од приказната за добриот Самарјанин?

[Слики на страница 6]

Бог не ѝ дал причина на ниедна етничка заедница да мисли дека е подобра од другите