„Твоите планови ќе успеат“
„Твоите планови ќе успеат“
ВО ЕДНА песна што ја составил псалмистот Давид, тој се молел: „Создај во мене чисто срце, Боже, и стави во мене нов, постојан дух. Врати ми ја радоста на твоето спасение и разбуди во мене желба да ја вршам твојата волја“ (Псалм 51:10, 12). Откако направил грев со Витсавеа, Давид се каел и со овие зборови го молел Јехова Бог да му го прочисти срцето и да разбуди во него желба да го прави она што е исправно.
Дали Јехова навистина создава во нас ново срце, па дури и ни влева нов дух и ни буди желба? Или, пак, за да имаме чисто срце, треба да се трудиме самите да го стекнеме и да го зачуваме? „Јехова ги испитува срцата“, но во кој обем се меша во она што го имаме во срцето? (Изреки 17:3; Еремија 17:10). Колку влијае тој врз нашиот живот, врз нашите мотиви и врз нашите постапки?
Во првите девет стиха од Изреки 16. поглавје Божјето име се спомнува осум пати, и тие ни покажуваат како можеме да му го препуштиме својот живот на Божјето водство за да ‚успеат нашите планови‘ (Изреки 16:3, фуснота). Во стихови 10 до 15 се зборува за одговорноста на еден цар, односно владетел.
Кој треба да ‚управува со срцето‘ на човекот?
„Човекот треба да управува со своето срце“, стои во Изреки 16:1а. Јасно, секој си има одговорност „да управува со своето срце“. Јехова ниту со чудо го подготвува нашето срце ниту со чудо ни буди желба. Треба да се потрудиме добро да ја запознаеме неговата Реч, Библијата, да размислуваме за она што го учиме и да ги усогласиме нашите мисли со неговите (Изреки 2:10, 11).
Меѓутоа, тоа што Давид барал „чисто срце“ и ‚нов дух‘ покажува дека ја согледал својата склоност кон грев и сфатил дека му е потребна Божја помош за да го исчисти своето срце. Бидејќи сме несовршени, можеби сме во искушение да ги покажуваме „делата на телото“ (Галатите 5:19-21). За да го ‚усмртиме она што е земно во нашите делови на телото: блудот, нечистотијата, сексуалната страст, лошата желба и лакомоста‘, потребна ни е помош од Јехова (Колошаните 3:5). Многу е важно да го молиме Бог да ни помогне да не подлегнеме на искушенијата и да ги отстраниме од своето срце сите грешни особини!
Можеме ли да им помогнеме на другите да ‚управуваат‘ со своето срце? „Оној што зборува непромислено, како да прободува со меч“, стои во Библијата, „а јазикот на мудрите е лек“ (Изреки 12:18). Кога нашиот јазик ги лекува другите? Само кога „од Јехова доаѓа она што ќе одговори јазикот“, односно кога зборуваме духовно исправни зборови на вистината (Изреки 16:1б).
„Срцето е поизмамливо од сѐ друго и е готово на сѐ“, стои во Библијата (Еремија 17:9). Нашето симболично срце е склоно да се оправдува и да се лаже себеси. Предупредувајќи на оваа опасност, цар Соломон од древниот Израел рекол: „На човекот сите негови патишта му се чинат чисти, но Јехова ги проценува сите мисли на човекот [духовите, фуснота]“ (Изреки 16:2).
Љубовта кон себеси нѐ тера да наоѓаме оправдување за своите грешки, да ги криеме своите лоши особини и да ги затвораме очите пред фактот дека сме направиле нешто лошо. Но, не можеме да го измамиме Јехова. Тој го проценува духот на човекот, односно сите мисли на човекот. Духот на човекот е начинот на кој човекот е склон да размислува и е поврзан со срцето. Во голема мерка, тој зависи од активноста на фигуративното срце, која ги вклучува нашите мисли, чувства и мотиви. Духот на човекот е тоа што го проценува Оној што „ги испитува срцата“, а тој просудува без пристрасност. Ќе биде мудро да внимаваме на својот дух, односно мисли.
„Довери му ги своите дела на Јехова“
Кога правиме планови треба да размислуваме, а размислувањето е една од активностите на срцето. По плановите обично следат постапки. Ќе успееме ли во нашите потфати? Соломон рекол: „Довери му ги своите дела на Јехова, и твоите намери [планови, фуснота] ќе успеат“ (Изреки 16:3). Да му ги довериме своите дела на Јехова значи да покажеме доверба во него, да се потпреме на него, да му се препуштиме нему — да го симнеме товарот од нашите раменици, така да се каже, и да го ставиме на неговите. Псалмистот пеел: „Префрли му ги на Јехова животните грижи, потпри се на него, и тој ќе ти помогне“ (Псалм 37:5).
Меѓутоа, за да успеат нашите планови, тие мора да бидат во склад со Божјата реч, и мора да произлегуваат од добри мотиви. Освен тоа, треба да го молиме Јехова да ни помогне и треба совесно да даваме сѐ од себе за да ги послушаме советите од Библијата. Особено е важно ‚да го фрлиме своето бреме на Јехова‘ кога имаме искушенија или кога ни е многу тешко, бидејќи тој ‚ќе нѐ поткрепи‘. Навистина, „никогаш нема да дозволи праведникот да се сопне“ (Псалм 55:22).
„Јехова направил сѐ за да служи за неговата намера“
Што друго ќе постигнеме ако му ги довериме своите дела на Јехова? „Јехова направил сѐ за да служи за неговата намера“, рекол мудриот цар (Изреки 16:4а). Творецот на целата вселена е Бог, кој има точно одредена намера. Кога му ги доверуваме нему своите дела, сѐ што правиме во животот има смисла и не е направено напразно. Јеховината намера со Земјата и со човекот на неа е вечна (Ефешаните 3:11). Тој ја оформил Земјата и ја создал „за да биде населена“ (Исаија 45:18). Освен тоа, она што во почетокот го наумил за луѓето што живеат на Земјата сигурно ќе се оствари (1. Мојсеева 1:28). Животот што му е посветен на вистинскиот Бог ќе нема крај и ќе има смисла вечно.
Јехова го направил „и опакиот за злиот ден“ (Изреки 16:4б). Не е можно тој да ги создал злобните, бидејќи „делото му е совршено“ (5. Мојсеева 32:4). Меѓутоа, тој дозволил да постојат и да останат во живот сѐ додека не смета дека треба да ги казни. На пример, на египетскиот фараон Јехова му рекол: „Те оставив жив за да ти ја покажам својата моќ и да се објави моето име по целата земја“ (2. Мојсеева 9:16). Десетте неволји и погубувањето на фараонот и на неговата војска во Црвеното Море биле навистина незаборавни показатели на Божјата ненадминлива моќ.
Исто така, Јехова може да ги води работите на таков начин што злобните без да знаат ќе послужат за неговата намера. Псалмистот рекол: „Човечкиот гнев ќе те фали, со остатокот од гневот ти [Јехова] ќе се опашеш“ (Псалм 76:10). Јехова може да им дозволи на своите непријатели да го покажат својот гнев кон неговите слуги — но само онолку колку што е потребно за да го искара својот народ и така да го поучи. Остатокот од бесот Бог го зема на себе.
Јехова им помага на своите понизни слуги, но што е со оние што се горди и арогантни? „Секој што е горд во срцето му е одвратен на Јехова“, вели царот на Израел. „Макар што рака помага на рака, човек не останува без казна“ (Изреки 16:5). Оние што се ‚горди во срцето‘ се здружуваат за да си помагаат, но нема да поминат неказнети. Затоа, мудро е да бидеме понизни без оглед на тоа колку знаеме и колку сме способни или каква привилегирана служба извршуваме.
„Од страв од Јехова“
Бидејќи сме родени во грев, склони сме да правиме грешки (Римјаните 3:23; 5:12). Што ќе ни помогне да не правиме планови што ќе нѐ одведат на лош пат? Во Изреки 16:6 стои: „Со добрина и со вистинољубивост се чисти престапот, и од страв од Јехова човекот се трга од злото“. Добротата и вистинољубивоста на Јехова нѐ искупуваат од гревот, но стравот од Јехова нѐ штити да не правиме гревови. Многу е важно не само да го сакаме Бог и да бидеме благодарни за неговата добрина, туку и да имаме страв да не го налутиме!
Во нашето срце се раѓа страв од Бог кога стекнуваме длабока страхопочит кон Божјата огромна моќ. Само помисли на моќта што се гледа во она што го создал! Кога патријархот Јов бил потсетен на тоа како Бог ја покажал својата моќ во делата што ги создал, почнал да размислува поинаку (Јов 42:1-6). Зар не го правиме и ние истото кога читаме и размислуваме за извештаите од кои се гледа како постапувал Јехова со својот народ, кои се запишани во Библијата? Псалмистот пеел: „Дојдете и гледајте ги делата на Бог! Тој постапува застрашувачки со човечките синови“ (Псалм 66:5). Јеховината добрина не треба да ја сфатиме здраво за готово. Кога Израелците ‚се бунеле и го жалостеле Божјиот свет дух, Јехова им станал непријател и војувал против нив‘ (Исаија 63:10). Од друга страна, пак, „кога патиштата на човекот му се допаѓаат на Јехова, тој ги помирува со него и неговите непријатели“ (Изреки 16:7). Колкава заштита е стравот од Јехова!
„Подобро е малку, но со праведност, отколку големи приходи без правда“, вели мудриот цар (Изреки 16:8). Во Изреки 15:16 пишува: „Подобро е малку, но со страв од Јехова, отколку големо богатство и немир со него“. Секако дека е многу битно да имаме страхопочит кон Бог за да останеме на патот на праведноста.
„Човековото срце смислува пат за себе“
Човекот бил создаден со слободна волја и со способност да избере помеѓу она што е исправно и она што е погрешно (5. Мојсеева 30:19, 20). Нашето симболично срце е способно да разгледа различни решенија и да се сосредоточи на едно или повеќе од нив. Покажувајќи дека секој треба да донесува одлуки за себе, Соломон рекол: „Човековото срце смислува пат за себе“. А потоа „Јехова ги управува неговите чекори“ (Изреки 16:9). Бидејќи Јехова може да ги води нашите чекори, ќе биде мудро да бараме помош од него ‚за да успеат нашите планови‘.
Како што веќе рековме, срцето е измамливо и може да размислува погрешно. На пример, човек може да направи грев, и срцето може да почне да си наоѓа оправдувања. Наместо да престане да прави грев, човекот може да почне да аргументира дека Бог нѐ сака, љубезен е, милостив и простува. Таквиот си вели во своето срце: „Бог заборавил. Го скрил лицето. Нема никогаш да го види тоа“ (Псалм 10:11). Меѓутоа, не е исправно и опасно е да ја злоупотребуваме Божјата милост.
„Праведната мерка и вага му припаѓаат на Јехова“
Соломон ја менува темата од срцето и постапките на земниот човек и преминува на срцето и постапките на еден цар. Тој вели: „На усните на царот мора да има вдахновена одлука, кога пресудува, неговата уста не смее да ја изневери правдата“ (Изреки 16:10). Ваков цар сигурно ќе биде устоличениот Исус Христос. Тој ќе владее со Земјата во склад со Божјата волја.
Покажувајќи од кого потекнуваат правдата и праведноста, мудриот цар вели: „Праведната мерка и вага му припаѓаат на Јехова, сите тегови во торбата се негово дело“ (Изреки 16:11). Праведната мерка и вага ги дава Јехова. Ваквите мерки не треба да ги одреди царот по своја лична желба. Кога бил на Земјата, Исус рекол: „Јас не можам ништо да правам сам од себе — како што слушам така судам, и мојот суд е праведен, зашто не ја барам својата волја, туку волјата на оној што ме испрати“. Можеме да очекуваме совршена правда од Синот чиј Татко ‚му го доверил судот‘ (Јован 5:22, 30).
Што друго може да се очекува од цар што го претставува Јехова? „На царевите им е одвратно кога се прави зло“, рекол царот на Израел, „зашто престолот се зацврстува со праведност“ (Изреки 16:12). Месијанското Царство владее според Божјите праведни начела. Тоа нема никаква врска со „престолот што нанесува неволји“ (Псалм 94:20; Јован 18:36; 1. Јованово 5:19).
Да се стекне наклоноста на Царот
Како треба да реагираат поданиците на еден моќен цар? Соломон вели: „Праведните усни се радост за великиот цар, и тој го сака оној што го кажува исправното. Бесот на царот е гласник на смртта, но мудриот човек го смирува“ (Изреки 16:13, 14). Оние што денес му служат на Јехова сериозно ги сфаќаат овие зборови и активно го извршуваат делото на проповедање за Царството и правење ученици (Матеј 24:14; 28:19, 20). Знаат дека ќе го радуваат Месијанскиот Цар, Исус Христос, ако ги користат своите усни на таков начин. Сигурно било мудро да се избегне гневот на еден човек што е моќен цар и да се стекне неговата милост. Тогаш, колку е помудро да се стекне милоста на Месијанскиот Цар!
„Во светлината на царевото лице се наоѓа животот“, продолжува Соломон, „и неговата наклоност е како облак со пролетен дожд“ (Изреки 16:15). „Светлината на царевото лице“ значи негова наклоност, исто како што ‚светлината на Јеховиното лице‘ означува наклоност од Бог (Псалм 44:3; 89:15). Исто како што облаците со дожд се гаранција дека ќе има вода за да има богат род, наклоноста на царот е доказ дека ќе се случат убави работи. Животот под власта на Месијанскиот Цар ќе биде радосен и среќен, исто како што било и под власта на цар Соломон, но во помали размери (Псалм 72:1-17).
Додека чекаме Божјето Царство да преземе власт над сѐ што се случува под Сонцето, да побараме од Бог помош да го исчистиме своето срце. Исто така, да покажеме доверба во Јехова и да имаме страв од него. Тогаш ќе можеме да бидеме потполно уверени дека ‚нашите планови ќе успеат‘ (Изреки 16:3).
[Слика на страница 18]
Во која смисла Јехова ‚го направил опакиот за злиот ден‘?