Човековата потрага по вечен живот
Човековата потрага по вечен живот
ЛУЃЕТО отсекогаш сонувале за вечен живот. Но тој сон им останува неисполнет, бидејќи никој не нашол начин да ја победи смртта. Сепак, во последниве години, медицинските истражувања ја враќаат надежта дека навистина е можно човечкиот животен век значително да се продолжи. Види што е постигнато на различни полиња на научното истражување.
Биолозите експериментираат со ензимот теломераза. Тие сакаат клетките да се обновуваат многу повеќе пати отколку што го прават тоа сега. Научниците знаат дека старите, истрошени клетки се отстрануваат и се заменуваат со нови. Всушност, поголемиот дел од човечкото тело се обновува по неколку пати во еден животен век. Според размислувањата на научниците, кога тој процес на обновување би се продолжил, тогаш „човечкото тело би можело да се обновува многу долго — дури и вечно“.
Терапиското клонирање — поле на истражување за кое има многу противречни мислења — може теоретски да им обезбеди на пациентите нови црни дробови, бубрези или срца за пресадување, кои совршено ќе им одговараат. Таквите органи би биле одгледани од матични клетки на самиот пациент.
Истражувачите на полето на нанотехнологијата предвидуваат дека ќе дојде време кога лекарите ќе почнат да вметнуваат во крвотокот роботи мали колку една клетка за да ги најдат и да ги уништат клетките на ракот и на штетните бактерии. Некои веруваат дека ова поле на науката, заедно со генетичките терапии, еден ден ќе му овозможат на човечкото тело бесконечно да се одржува самото себеси.
Поборниците на криониката замрзнуваат тела на мртви луѓе. Тоа го прават со цел да ги зачуваат сѐ додека медицината не напредува толку многу што ќе им овозможи на лекарите да лекуваат болести, да го спречат стареењето, па дури и да им го вратат и животот и здравјето на мртвите. American Journal of Geriatric Psychiatry (Американско списание за геријатриска психијатрија) оваа идеја ја нарекува „современа копија на мумифицирањето на древните Египќани“.
Човековата неуморна потрага по бесмртност покажува колку му е тешко да ја прифати мислата дека мора да умре. Дали е навистина можно луѓето да живеат вечно? Што вели Библијата на оваа тема? Во следната статија ќе го добиеме одговорот.