Биди стрплив како Јехова
Биди стрплив како Јехова
„Јехова не е бавен во врска со своето ветување . . . туку е стрплив“ (2. ПЕТРОВО 3:9).
1. Кој скапоцен подарок им го нуди Јехова на луѓето?
ЈЕХОВА ни нуди нешто што никој друг не може да ни го понуди. Се работи за нешто многу убаво и скапоцено, но сепак, не може ниту да се купи ниту да се заработи. Тој ни нуди како подарок вечен живот — за повеќето од нас тоа ќе значи бескраен живот на една рајска Земја (Јован 3:16). Колку убав ќе биде тој живот! Тогаш нема да постои ништо од она што денес ни причинува ужасна болка — борбите, насилството, сиромаштијата, криминалот, болестите, па дури ни смртта. Луѓето ќе живеат во совршен мир и единство под Божјето Царство, влада што со љубов ќе се грижи за нив. Колку копнееме по еден ваков Рај! (Исаија 9:6, 7; Откровение 21:4, 5).
2. Зошто Јехова сѐ уште не го отстранил Сатановиот свет?
2 И Јехова едвај чека да дојде времето кога ќе воспостави Рај на Земјата. Тој е Бог што ги сака праведноста и правдата (Псалм 33:5). Не се радува кога гледа еден свет во кој на луѓето не им значат или воопшто не ги ценат неговите праведни начела, свет што го презира неговиот авторитет и што го малтретира неговиот народ. Сепак, има добри причини зошто сѐ уште не сторил ништо за да го отстрани Сатановиот злобен свет. Тие причини се поврзани со спорните прашања што биле покренати во врска со неговото право да владее. Додека ги решава тие спорни прашања, Јехова покажува една особено убава особина, особина што многу луѓе денес ја немаат — стрпливоста.
3. а) Што значат грчкиот и хебрејскиот збор што во Библијата се преведени со „стрпливост“? б) Кои прашања ќе ги разгледаме сега?
3 Има еден грчки збор што во Преводот Нов свет три пати е преведен со „стрпливост“. Тој дословно значи „бавен нарав“ и затоа често е преведен со „долготрпеливост“ а еднаш и со „практикување стрпливост“. И грчкиот и хебрејскиот збор преведени со „стрпливост“ ја носат мислата некој долго да трпи и да не се гневи брзо. Како ни користи Јеховината стрпливост? Што можеме да научиме од стрпливоста и истрајноста на Јехова и на неговите верни слуги? Од каде знаеме дека Јеховината стрпливост има граници? Да видиме.
Размисли за Јеховината стрпливост
4. Што напишал апостол Петар во врска со Јеховината стрпливост?
4 Во врска со Јеховината стрпливост, апостол Петар напишал: „Немојте да го изумите овој факт, љубени, дека еден ден кај Јехова е како илјада години и илјада години како еден ден. Јехова не е бавен во врска со своето ветување, како што некои тоа го сметаат за бавност, туку е стрплив со вас бидејќи не сака никој да биде уништен, туку сака сите да дојдат до покајание“ (2. Петрово 3:8, 9). Обрни внимание на две работи што се кажани овде и што можат да ни помогнат да ја разбереме Јеховината стрпливост.
5. Како влијае врз Јеховините постапки неговото гледиште за времето?
5 Првата работа е дека Јехова не гледа на времето како нас. За Оној што живее вечно, илјада години се како еден ден. Тој не е ограничен ниту притиснат од времето, но сепак, не дејствува бавно. Бидејќи е бескрајно мудар, Јехова точно знае кога е најдоброто време да стори нешто во корист на сите што се вклучени, и стрпливо чека да дојде тој момент. Меѓутоа, не треба да заклучиме дека Јехова е рамнодушен на страдањето што го трпи неговиот народ во меѓувреме. Тој е Бог на „нежното сочувство“, олицетворение на љубовта (Лука 1:78; 1. Јованово 4:8). Тој може потполно и трајно да ја поправи секоја штета што сме ја претрпеле поради тоа што привремено го допуштил страдањето (Псалм 37:10).
6. Што не треба да заклучиме во врска со Бог, и зошто?
6 Се разбира, не е лесно да се чека нешто што очајно го посакуваме (Пословици 13:12). Затоа, кога некој нема веднаш да го исполни она што ни го ветил, може да заклучиме дека воопшто нема намера да го исполни. Колку би било немудро да го мислиме истото и за Бог! Ако Божјата стрпливост ја сметаме за бавност, како што одминува времето лесно може да се случи да ни се јават сомневања и да се обесхрабриме, а со тоа се доведуваме во опасност духовно да задремеме. Што е уште полошо, би можеле да бидеме заведени од оние за кои Петар претходно опоменал — исмејувачите, оние што немаат вера. Таквите подбивно велат: „Каде е таа негова ветена присутност? Оти, од денот кога нашите прататковци заспаа во смрт, сѐ си стои токму како од почетокот на создавањето“ (2. Петрово 3:4).
7. Како е поврзана Јеховината стрпливост со неговата желба луѓето да се покаат?
7 Втора работа што можеме да ја научиме од зборовите што ги кажал Петар е дека Јехова е стрплив затоа што сака сите да дојдат до покајание. Оние што тврдоглаво одбиваат да се вратат од своите лоши патишта, ќе бидат уништени од Јехова. Меѓутоа, на Бог не му е мило да умрат злобните. Напротив, се радува кога гледа дека луѓето се каат, се враќаат од своите лоши патишта и остануваат во живот (Езекиел 33:11). Затоа, тој е стрплив и остава добрата вест да се објавува по целата Земја за луѓето да добијат прилика да живеат.
8. Како може да се види Божјата стрпливост од неговите постапки со Израелците?
8 Божјата стрпливост може да се види и од неговите постапки со древните Израелци. Со векови, тој ја поднесувал нивната непослушност. Преку своите пророци, секогаш одново ги поттикнувал: „Обратете се од својот лош пат . . . и покорувајте им се на Моите наредби и заповеди според Законот што им го наложив на вашите татковци и според сѐ што ви објавив преку Своите слуги — пророците“. Каков бил резултатот? За жал, луѓето „не послушаа“ (2. Цареви 17:13, 14).
9. Како Исус ја одразувал стрпливоста на својот Татко?
9 На крајот, Јехова го испратил својот Син, кој неуморно ги молел Евреите да се помират со Бог. Исус совршено ја одразувал стрпливоста на својот Татко. Свесен дека наскоро ќе биде убиен, Исус оплакувал: „Ерусалиме, Ерусалиме, ти кој ги убиваш пророците и ги каменуваш оние кои се испратени кај тебе — колкупати сакав да ги соберам твоите деца како што квачка ги собира своите пилиња под крилјата! Но вие не сакавте“ (Матеј 23:37). Вакви трогателни зборови не би кажал еден безмилосен судија кој едвај чека да казни некого туку еден нежен пријател што е стрплив со луѓето. Исус, исто како неговиот Татко на небото, сакал луѓето да се покаат и да ја избегнат казната. Некои ги послушале предупредувањата што ги дал Исус и го избегнале ужасниот суд што бил извршен врз Ерусалим во 70 од н.е. (Лука 21:20-22).
10. Како ни користи Божјата стрпливост?
10 Зар Божјата стрпливост не заслужува восхит? И покрај тоа што луѓето се многу непослушни, Јехова му дал прилика на секого од нас, како и на милиони други луѓе, да го запознаеме и да ја прифатиме надежта за спасение. „Стрпливоста на нашиот Господ сметајте ја за спасение“, им напишал Петар на своите сохристијани (2. Петрово 3:15). Зар не сме благодарни што Јеховината стрпливост ни дава прилика да бидеме спасени? Зар не се молиме Јехова и понатаму да биде стрплив со нас додека истрајно му служиме од ден на ден? (Матеј 6:12).
11. Што ќе бидеме мотивирани да правиме кога ќе ја сфатиме Јеховината стрпливост?
11 Кога ќе сфатиме зошто Јехова е стрплив, ќе ни биде полесно стрпливо да го чекаме спасението од него, и да не заклучиме дека бавно ги исполнува своите ветувања (Плач Еремиин 3:26). Додека и понатаму се молиме да дојде Божјето Царство, имаме доверба дека Бог знае кога е најдоброто време да одговори на таа молитва. Освен тоа, мотивирани сме да бидеме како Јехова со тоа што ќе бидеме стрпливи со нашите браќа и со оние на кои им проповедаме. И ние не сакаме никој да биде уништен туку би сакале сите да се покаат, па и тие да имаат надеж во вечен живот (1. Тимотеј 2:3, 4).
Размисли за стрпливоста на пророците
12, 13. Во склад со Јаков 5:10, како пророкот Исаија успешно покажувал стрпливост?
12 Кога ќе размислиме за Јеховината стрпливост, полесно можеме да ја цениме и да ја стекнеме оваа особина. На несовршените луѓе не им е лесно да бидат стрпливи, но сепак, можно е. Можеме да научиме нешто од Божјите слуги од минатото. Ученикот Јаков напишал: „Браќа, како образец за поднесување зло и за практикување стрпливост земете ги пророците кои зборуваа во името на Јехова“ (Јаков 5:10). Утешени сме и охрабрени сме кога ќе дознаеме дека и други успешно се соочиле со она што мораме да го трпиме и ние.
13 На пример, на пророкот Исаија сигурно му требала стрпливост додека ја извршувал својата задача. Јехова го покажал тоа велејќи му: „Отиди и речи му на тој народ: ‚Со уши ќе слушате, но нема да разбирате, и со очите ќе гледате, но нема да видите‘. Закорави му го срцето на овој народ, заглуши му ги ушите, заслепи му ги очите, да не гледа со очите, да не слуша со ушите и да не разбира со срцето, и да не се обрати и да не се излекува“ (Исаија 6:9, 10). И покрај тоа што народот не сакал да ги чуе тие пораки, Исаија стрпливо ги објавувал Јеховините предупредувања цели 46 години! Слично, стрпливоста ќе ни помогне и нам да истраеме додека ја проповедаме добрата вест, иако многу луѓе не сакаат да ја чујат.
14, 15. Што му помогнало на Еремија да се справи со неволјите и обесхрабрувањето?
14 Се разбира, додека пророците ја извршувале службата, не се справувале само со луѓе што не сакале да слушаат туку и со други тешкотии — тие биле прогонувани. Еремија бил ставен во клада, ‚затворен во темница‘ и фрлен во јама (Еремија 20:2; 37:15; 38:6). Вака го малтретирале токму оние луѓе на кои сакал да им помогне. Сепак, Еремија не се огорчил ниту се одмаздувал. Стрпливо трпел со децении.
15 Прогонството и исмејувањето не го замолкнале Еремија, а не нѐ замолкнуваат ни нас денес. Се разбира, понекогаш можеби ќе се обесхрабриме. Еремија се обесхрабрил. „Господовото слово ми стана за презир и за потсмев цел ден“, напишал тој. „И реков во себеси: ‚Веќе не ќе мислам на Него, ниту ќе зборувам во Негово Име.‘“ Што се случило тогаш? Дали Еремија престанал да проповеда? Тој продолжил: „Тогаш во моето срце [Божјата реч] беше како распламенат оган запретан во моите коски; напразно се трудев да издржам, не можев веќе“ (Еремија 20:8, 9). Забележи дека, кога мислел само на исмејувањето од луѓето, ја изгубил радоста. Кога почнал да размислува за тоа колку е убава и важна пораката, повторно станал радосен. Освен тоа, Јехова бил со Еремија „како силен јунак“, зајакнувајќи го да ја објавува Божјата реч ревносно и смело (Еремија 20:11).
16. Како можеме да останеме радосни додека ја проповедаме добрата вест?
16 Дали пророкот Еремија нашол радост во службата што ја вршел? Секако! Тој му рекол на Јехова: „Кога ми дојдоа Твоите зборови, јас ги голтав: Твоите зборови го восхитија и го зарадуваа моето срце. Зашто се викав со Твоето Име, о Господи“ (Еремија 15:16). Еремија се радувал на честа да зборува во името на вистинскиот Бог и да ја проповеда неговата реч. И ние можеме да бидеме радосни. Освен тоа, исто како ангелите на небото, се радуваме што во целиот свет толку многу луѓе ја прифаќаат пораката за Царството, се покајуваат и почнуваат да одат по патот што води до вечен живот (Лука 15:10).
„Истрајноста на Јов“
17, 18. Во што истрајал Јов, и каков бил исходот?
17 Откако кажал нешто за пророците од минатото, ученикот Јаков напишал: „Сте чуле за истрајноста на Јов и сте го виделе исходот кој Јехова го даде, дека Јехова е многу нежен во наклоноста и милосрден“ (Јаков 5:11). Грчкиот збор што овде е преведен со „истрајност“ има слично значење со зборот за „стрпливост“ што го употребил Јаков во претходниот стих. За да ја објасни разликата помеѓу овие два збора, еден изучувач напишал: „Првиот се однесува на стрпливоста кога луѓето нѐ малтретираат, а вториот се однесува на храбрата истрајност кога нѐ мачат некои работи“.
18 На Јов му било многу тешко. Тој претрпел финансиски крах, му загинале децата и добил тешка болест. Исто така, му било тешко и поради лажните тврдења дека Јехова го казнува. Јов не молчел додека страдал; тој ја оплакувал својата состојба, па дури и спомнал дека е поправеден од Бог (Јов 35:2). Меѓутоа, никогаш не ја изгубил верата ниту, пак, попуштил во својата непорочност. Не го проколнал Бог, како што тврдел Сатана (Јов 1:11, 21). Каков бил исходот? Јехова ‚ја благословил новата Јовова состојба уште повеќе отколку поранешната‘ (Јов 42:12). Јехова му го вратил здравјето на Јов, му дал двојно поголемо богатство и го наградил со исполнет, среќен живот со неговите најблиски. Верната истрајност на Јов му помогнала и подобро да го запознае Јехова.
19. Што учиме од стрпливата истрајност на Јов?
19 Што учиме од стрпливата истрајност на Јов? Како него, можеби и ние имаме некоја болест или други неволји. Можеби не разбираме сосема зошто Јехова дозволува да имаме некое искушение. Сепак, можеме да бидеме сигурни во едно: Ако останеме верни, ќе бидеме благословени. Јехова сосема сигурно ги наградува оние што сесрдно го бараат (Евреите 11:6). Исус рекол: „Кој ќе истрае до крај, тој ќе биде спасен“ (Матеј 10:22; 24:13).
„Јеховиниот ден ќе дојде“
20. Зошто можеме да бидеме сигурни дека ќе дојде Јеховиниот ден?
20 Иако Јехова е стрплив, тој е и праведен и нема засекогаш да го трпи злото. Неговата стрпливост има граници. Петар напишал: „[Бог] не се воздржуваше да казни еден древен свет“. Иако Ное и неговата фамилија биле зачувани во живот, тој безбожен свет бил потопен во вода. Исто така, Јехова извршил суд врз Содом и Гомора, претворајќи ги во пепел. Овие осуди им биле „пример на безбожните луѓе за она што треба да дојде“. Можеме да бидеме сигурни во ова: „Јеховиниот ден ќе дојде“ (2. Петрово 2:5, 6; 3:10).
21. Како би можеле да покажеме дека сме стрпливи и истрајни, и на која тема ќе зборуваме во следната статија?
21 Затоа, да бидеме стрпливи како Јехова со тоа што ќе им помагаме на другите да дојдат до покајание за да можат да се спасат. Исто така, да бидеме како пророците со тоа што стрпливо ќе ја објавуваме добрата вест и покрај тоа што луѓето на кои им проповедаме не сакаат да слушаат. Понатаму, можеме да бидеме уверени дека Јехова богато ќе нѐ награди ако и ние, исто како Јов, истраеме во искушенијата и останеме верни. Ако мислиме на тоа дека Јехова богато го благословува својот народ што ја проповеда добрата вест низ целиот свет, ќе имаме многу причини да се радуваме во службата. На таа тема ќе зборуваме во следната статија.
Се сеќаваш ли?
• Зошто Јехова покажува стрпливост?
• Што учиме од стрпливоста на пророците?
• Како Јов покажал истрајност, и каков бил исходот?
• Од каде знаеме дека Јеховината стрпливост има граници?
[Прашања]
[Слика на страница 18]
Исус совршено ја одразувал стрпливоста на својот Татко
[Слики на страница 20]
Како Јехова ја наградил стрпливоста на Еремија?
[Слики на страница 21]
Како Јехова ја наградил истрајноста на Јов?