Прашања од читателите
Прашања од читателите
Дали апостол Павле ја компромитирал својата христијанска вера кога рекол пред Синедрионот: „Јас сум фарисеј“?
За да ја разбереме изјавата на Павле во Дела 23:6, треба да го разгледаме контекстот.
Откако го нападнала толпа Евреи во Ерусалим, Павле му се обратил на мноштвото. Тој спомнал дека бил ‚школуван во [Ерусалим] при нозете на Гамалиел, поучен според строгоста на Законот на предците‘. Иако некое време мноштвото ја слушало неговата одбрана, откако нивниот гнев се зголемил, воениот заповедник го одвел Павле во касарната. Токму пред да го камшикуваат, Павле рекол: „Зарем ви е дозволено да камшикувате човек кој е Римјанин и тоа неосуден?“ (Дела 21:27—22:29).
Следниот ден, заповедникот го одвел Павле пред еврејскиот виш суд, Синедрионот. Павле внимателно погледнал во нив и видел дека Синедрионот се состои од садукеи и фарисеи. Тогаш тој рекол: „Мажи, браќа, јас сум фарисеј, син на фарисеи. Поради надежта во воскресението на мртвите мене ми се суди“. Заради тоа, настанала расправија помеѓу фарисеите и садукеите, „зашто садукеите велат дека нема ниту воскресение ниту ангели ниту дух, а фарисеите јавно го објавуваат сето тоа“. Некои од сектата на фарисеите жестоко се препирале: „Не наоѓаме ништо лошо кај овој човек“ (Дела 23:6-10).
Затоа што бил познат како многу ревносен христијанин, Павле не можел да го убеди Синедрионот дека е активен фарисеј. Присутните фарисеи не би прифатиле никаков компромис или не би прифатиле некој како фарисеј ако не верувал во сите нивни учења. Поради тоа, изјавата на Павле мора да имала ограничено значење и присутните фарисеи сигурно ги разбрале неговите зборови на тој начин.
Кога рекол дека е осуден поради надежта во воскресението на мртвите, Павле сигурно мислел дека во овој поглед бил како фарисеј. Во која и да било расправија на оваа тема, Павле попрво би бил поврзан со учењето на фарисеите отколку со она на садукеите, кои не верувале во воскресение.
Она во што Павле верувал како христијанин не било во судир со верувањата на фарисеите за работи како што се воскресението, ангелите и некои делови од Законот (Филипјаните 3:5). Така, во рамките на ова, Павле можел да се поврзе со фарисеите, и во рамките на ова ограничено значење присутните во Синедрионот ги разбрале неговите зборови. Тој го искористил своето потекло само како начин за да се справи со пристрасниот Еврејскиот врховен суд.
Меѓутоа, најголемиот доказ дека Павле не ја компромитирал својата вера се гледа во тоа што и понатаму имал одобрување од Јехова. Истата вечер, откако Павле изјавил: „Јас сум фарисеј“, Исус му рекол: „Биди храбар! Зашто, како што во Ерусалим даваше темелно сведоштво за мене така мораш да сведочиш и во Рим“. Бидејќи имал одобрување од Бог, неизбежно е да заклучиме дека Павле не ја компромитирал својата христијанска вера (Дела 23:11).