Помош при преведувањето
Помош при преведувањето
АВТОРОТ на Библијата, Јехова Бог, сака добрата вест за неговото Царство да им се објави „на секоја нација и племе и јазик и народ“ (Откровение 14:6). Тој сака сите луѓе да можат лесно да дојдат до неговата пишана Реч. За таа цел, Библијата е преведена на повеќе јазици отколку која и да било друга книга. Илјадници преведувачи не штеделе ни време ни труд за да ги пренесат Божјите мисли на друг јазик.
Но, за преведувачите, Библијата не е само книга што се преведува. Честопати таа се користи како помош во преведувањето на други текстови. Многу преведувачи споредуваат како се преведени извесни библиски термини на различни јазици за да можат да изнајдат добар превод за некои зборови. Освен тоа, денес Библијата се користи и како помош во компјутерското преведување.
Многу е тешко компјутерот да направи добар превод. Некои стручњаци дури сметаа дека компјутерот едноставно не може да преведува. Зошто? Затоа што јазикот не се состои само од зборови. Секој јазик си има свои специфични комбинации од зборови, свои правила, исклучоци, идиоми и алузии. Обидите да се научи компјутерот на сите овие работи наидоа на многу мал успех. Многу од компјутерските преводи што беа направени не можеа речиси воопшто да се разберат.
Меѓутоа, според Франц Џозеф Ок, водечки стручњак на полето на компјутерското преведување, експертите за компјутери сега истражуваат како може да се преведува на некои нови начини. Да речеме дека некој сака да преведе текст од хинди на англиски. Најпрво, зема некој текст што веќе го има и на двата јазика и го внесува во компјутер. Компјутерот ги споредува двата текста. Кога, на пример, на неколку места ќе најде еден ист збор на хинди и секојпат во соодветната англиската реченица ќе го најде зборот ‚куќа‘, компјутерот заклучува дека тој збор на хинди мора да значи „куќа“. А голема е веројатноста околните зборови да се придавки како, на пример, „голема“, „мала“, „стара“ или „нова“. На тој начин, компјутерот си прави список со зборови и комбинирани изрази што се
соодветен превод на зборовите од оригиналниот текст. По ваквата „обука“, за која можеби биле потребни само неколку дена или седмици, компјутерот може да го примени она што го „научил“ на нов текст. Иако преводот што ќе се добие можеби нема да биде баш граматички исправен и стилот нема да е ист како во оригиналот, обично од него ќе можат да се разберат значењето и важните детали.Квалитетот на преводот во голема мера зависи од количината и квалитетот на текстот што најпрво бил внесен во компјутерот. Токму во овој поглед Библијата се покажала од голема корист. Таа досега е внимателно преведена на стотици јазици, лесно е достапна и содржи доста обемен текст. Затоа, кога еден истражувач ќе реши да го „научи“ компјутерот на нов јазик, секогаш одлучува да почне со Библијата.