Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Како можел Самсон да ги допира мртвите тела на оние што ги убил, а сепак да остане назиреј?

Во древниот Израел еден човек можел доброволно да даде завет и да стане назиреј на одредено време. * Според една од забраните на коишто бил обврзан оној што ќе даде ваков завет се барало: „За сето време на својот завет пред Господа нека не се доближува до ниедно мртво тело. Нека не се онечистува ни заради татка си, ни заради мајка си, брата си или сестра си, ако би умреле“. Што ако некој ‚умрел одненадеж покрај него‘? Ако случајно би се допрел до некое мртво тело, тоа би го обесчестило неговото назирејство. Затоа било речено: ‚Поранешното време нема да биде сметано‘. Ќе требало да помине низ една церемонија за очистување и одново да почне периодот на назирејство (Броеви 6:6⁠-12).

Но, Самсон бил назиреј во поинаква смисла. Пред да се роди, еден Јеховин ангел ѝ рекол на мајка му: „Ќе заносиш, еве, и ќе родиш син. И брич нека не помине преку неговата глава, зашто детето, од мајчината утроба, ќе Му биде посветено на Бога — ќе биде Божји Назиреј, и тој ќе почне да го избавува Израел од рацете на Филистејците“ (Судии 13:5). Самсон не дал завет за назирејство. Него Бог го наименувал за назиреј, и неговото назирејство било доживотно. Забраната да не допира мртво тело не важела во неговиот случај. Ако важела и ако случајно би допрел мртво тело, тогаш како пак би станал доживотен назиреј, кога неговото назирејство почнало тогаш кога се родил? Според тоа, изгледа дека барањата за доживотните назиреи во некои аспекти се разликувале од барањата за доброволните назиреи.

Размисли за Јеховините заповеди за тројцата доживотни назиреи — Самсон, Самоил и Јован Крстител — што се спомнати во Библијата. Како што веќе беше спомнато, од Самсон се барало да не си ја стриже косата. Во врска со детето што допрва требало да се зачне — Самоил — Ана го дала овој завет: „Ќе Му го подарам на Господа за сите денови на неговиот живот, и брич нема да помине преку неговата глава“ (1. Самоил 1:11). Во случајот на Јован Крстител, Јеховиниот ангел рекол: „Не смее да пие ни вино ни жесток пијалак“ (Лука 1:15). Освен тоа, ‚Јован имал облека од камилски влакна и кожен појас околу бедрата; а храна му биле скакулци и див мед‘ (Матеј 3:4). На никој од овие тројца не му било заповедано да не се приближува до мртов човек.

Иако бил назиреј, Самсон бил еден од судиите што Јехова ги издигнал да ги избават Израелците од рацете на оние што ги ограбувале (Судии 2:16). А за да ја исполни оваа задача, Самсон морал да допре мртви тела. Во една прилика, убил 30 Филистејци и им ја зел облеката. Подоцна, ги истепал непријателите „со силни удари [со голем колеж, NW]“. Исто така, зел пресна челуст од магаре и убил илјада луѓе (Судии 14:19; 15:8, 15). Самсон го направил сето ова со одобрување и поддршка од Јехова. Библијата укажува на него како на човек чијашто вера е за пример (Евреите 11:32; 12:1).

Дали изјавата дека Самсон раскинал лав „како што се раскинува јаре“ укажува дека раскинувањето млади кози било нешто вообичаено во тоа време?

Нема никаков доказ дека во времето на израелските судии било вообичаено луѓето да раскинуваат млади кози. Во Судиите 14:6 се вели: „Господовиот Дух го опфати Самсона и тој голорак го раскина лавот, како што се раскинува јаре“. Најверојатно оваа изјава е компарација.

Изразот „го раскина“ може да има две значења. Самсон или ја раскинал вилицата на лавот или, пак, го раскинал на парчиња. Ако се мисли на вилицата, тогаш замисливо е еден човек да може да го направи истото и со едно јаре. Во тој случај, оваа споредба покажува дека да победи лав со голи раце за Самсон било исто толку лесно колку и кога лавот би бил само едно јаре. Меѓутоа, што ако Самсон го убил лавот така што го раскинал на парчиња? Тогаш коментарот мора да се сфати како компарација. Поентата на оваа компарација е дека Јеховиниот дух му дал сила на Самсон да изврши задача за која била потребна необична физичка сила. И во двата случаи, споредбата што е направена во Судии 14:6 покажува дека со Јеховина помош, еден силен лав за Самсон бил исто толку крволочен колку што било едно јаре за некој просечен човек.

[Фуснота]

^ пас. 3 Поединецот што го давал заветот сам требало да одлучи колку време ќе биде назиреј. Но, според еврејската традиција, се давал завет во траење од најмалку 30 дена. Се сметало дека сѐ што е помалку од тоа би го направило заветот нешто сосем обично.