Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Кој е вистинскиот водач за денес?

Кој е вистинскиот водач за денес?

Кој е вистинскиот водач за денес?

Во 1940, во Британскиот парламент дошло до криза во водството. Меѓу оние што ја слушале расправата бил и седумдесет и седумгодишниот Дејвид Лојд Џорџ, човекот кој ја повел Британија во победа во Првата светска војна и кој, поради своето долгогодишно искуство во политиката, можел да направи точна проценка на работата на високите функционери. Во говорот со кој му се обратил на Долниот дом на Британскиот парламент на 8 мај, тој изјавил: „Нацијата е спремна на секакви жртви под услов да има добро водство, под услов владата јасно да ги дефинира своите цели и под услов нацијата да може да има доверба дека оние што ја водат го прават најдоброто што можат“.

ОД ЗБОРОВИТЕ на Лојд Џорџ јасно може да се види дека луѓето очекуваат нивните водачи да бидат способни и искрено да се трудат да ги подобрат работите. Една жена што работела во изборна кампања рекла вака: „Кога луѓето гласаат за претседател, тие гласаат за некого во чии раце ги ставаат своите животи, својата иднина и своите деца“. Да се оправда таквата доверба е една огромна задача. Зошто?

Светот го преплавуваат проблеми за кои се чини дека нема решение. На пример, кој водач докажал дека е толку мудар и толку моќен што може да ги отстрани криминалот и војните? Кој од денешните водачи има средства и сочувство да му обезбеди храна, чиста вода и здравствена нега на секој човек? Кој го има потребното знаење и решителност да ја заштити и да ја обнови околината? Кој е доволно способен и моќен да им гарантира долг и среќен живот на сите луѓе?

Човек не може да ја заврши работата

Точно е дека некои водачи постигнале извесен успех. Меѓутоа, тие можат да служат максимум неколку децении — и потоа, кој доаѓа на нивно место? Цар Соломон од древниот Израел, еден од најспособните водачи што некогаш живееле, размислувал за ова прашање. Тој заклучил: „Замразив сѐ за што се трудев под сонцето и што сега му го оставам на својот наследник. Кој знае дали тој ќе биде мудар или луд? Па сепак тој ќе биде господар на сета моја мака во која ги вложив сето свое напрегање и мудроста под сонцето. И тоа е суета“ (Проповедник 2:18, 19).

Соломон не знаел дали неговиот наследник ќе ја продолжи неговата добра работа или, пак, ќе ја расипе. За Соломон, циклусот во кој старите водачи се заменуваат со нови бил „суета“. Други библиски преводи го нарекуваат овој процес „ништожен“ или „бесмислен“. Еден превод вели: „Нема никаква смисла“.

Понекогаш, за да се смени некој владетел, се применува сила. Некои способни водачи биле убиени додека уште биле на функција. Абрахам Линколн, високо ценет претседател на Соединетите Држави, во една прилика изјавил пред своите слушатели: „Избран сум да вршам важна функција за кратко време, и сега стојам овде пред вас овластен со моќ што наскоро нема да ја имам“. Тој навистина служел само кратко време. И покрај сѐ што сторил, и покрај неговата желба да стори уште повеќе за народот, претседателот Линколн бил на чело на својата земја само четири години. Во почетокот на неговиот втор претседателски мандат бил убиен од човек што сакал промена во водството.

Дури и најдобрите човечки водачи не можат со гаранција да кажат каква ќе им биде сопствената иднина. Тогаш, дали можеш да имаш доверба дека знаат каква ќе биде твојата? Библијата вели: „Не надевајте се на кнезовите, ниту во човечки син од кого нема спасение! Ако излезе духот од него, тој се враќа во својата земја, и во тој ден пропаѓаат сите негови мисли“. Во преводот Радосна вест, последниот дел од 4. стих гласи: „Нивните планови — во тој ден пропаѓаат!“ (Псалм 146:3, 4).

Можеби е тешко да се прифати советот да не им се верува на човечките водачи. Сепак, Библијата не кажува дека човештвото нема никогаш да има добро, стабилно водство. „Еве, со правда царот царува“, вели Исаија 32:1. Јехова Бог, Творецот на човекот, подготвил ‚цар‘, Водач, кој наскоро ќе преземе целосна контрола над работите на Земјината топка. Кој е тој? Библиските пророштва ни го откриваат неговиот идентитет.

Оној што навистина е способен да биде водач

Пред две илјади години, еден ангел ѝ кажал на една млада Еврејка која се викала Марија: „Ќе зачнеш во утробата и ќе родиш син, и треба да му го дадеш името Исус. Тој ќе биде голем и ќе биде наречен Син на Највишиот; и Јехова Бог ќе му го даде престолот на Давида, неговиот татко, и тој ќе владее како цар над Јакововиот дом засекогаш, и неговото царство нема да има крај“ (Лука 1:31—33). Да, Исус од Назарет е Царот за кој зборуваат библиските пророштва.

Во религиозната уметност, Исус честопати е прикажан како бебе, како неисхранет слабак, или како аскет што пасивно се подложува на сѐ што ќе го снајде. Вака прикажан, тој не личи на некој Владетел во кој човек би можел да има доверба. Но, вистинскиот Исус Христос за кој зборува Библијата израснал во здрав и силен, зрел човек полн со елан и иницијатива. Тој поседувал и други особини што го квалификувале да биде водач (Лука 2:52). Во продолжение следат неколку аспекти од неговата извонредна личност.

Исус задржал совршен интегритет. Тој се однесувал толку чесно и исправно, што јавно им упатил предизвик на своите непријатели да изнесат оправдано обвинение против него. Не можеле (Јован 8:46). Затоа што во неговите учења немало никакво лицемерие, многу искрени луѓе станале негови следбеници (Јован 7:46; 8:28—30; 12:19).

Исус му бил целосно оддаден на Бог. Тој бил толку решен да го заврши делото што му го доделил Бог што ниеден противник — ни човек, ни демон — не можел да го спречи во тоа. Не се плашел од насилнички напади (Лука 4:28—30). Исцрпеноста и гладот не го обесхрабриле (Јован 4:5—16, 31—34). Иако неговите пријатели го напуштиле, тој никогаш не се откажал од својата цел (Матеј 26:55, 56; Јован 18:3—9).

Исус имал длабок интерес за луѓето. Им дал храна на оние што биле гладни (Јован 6:10, 11). Им дал утеха на потиштените (Лука 7:11—15). Им го вратил видот, слухот и здравјето на оние на кои им требало лек (Матеј 12:22; Лука 8:43—48; Јован 9:1—6). Ги охрабрил своите трудољубиви апостоли (Јован, поглавја 13—17). Тој докажал дека е „добриот пастир“ што се грижи за своите овци (Јован 10:11—14).

Исус бил спремен да работи. Им ги измил нозете на апостолите за да им даде една важна лекција (Јован 13:4—15). И неговите сопствени нозе се валкале додека ја проповедал добрата вест по правливите патишта на Израел (Лука 8:1). Дури и кога сакал да се одмори на „осамено место“, се оѕвал кога мноштвото го барало за да му даде уште поуки (Марко 6:30—34). На тој начин оставил пример за трудољубивост кој треба да го следат сите христијани (1. Јованово 2:6).

Исус ја довршил својата задача и си заминал од земната сцена. Бидејќи бил верен, Јехова Бог го наградил со царување и бесмртност на небесата. За воскреснатиот Исус, Библијата вели: „Христос, сега откако е подигнат од мртвите, повеќе не умира; смртта повеќе не е господар над него“ (Римјаните 6:9). Можеш да бидеш сигурен дека тој е најдобриот можен Водач за човештвото. Штом Исус Христос ќе преземе целосна контрола над Земјата, повеќе нема да има потреба да му се предаде власта на некој друг ниту, пак, ќе има потреба од промена на раководството. Тој нема никогаш да биде убиен додека ја извршува својата функција, и неговата работа нема никогаш да ја расипе или уништи некој неспособен наследник. Но, што конкретно ќе направи тој за доброто на човештвото?

Што ќе направи овој нов водач

Псалм 72 дава некои пророчки детали за тоа како ќе владее овој совршен, бесмртен Цар. Во стихови 7 и 8 читаме: „Во негово време ќе цветаат правдата и големиот мир — сѐ додека постои месечината. И тој ќе владее од море до море, и од Реката (Еуфрат) до границите на светот“. Кога тој ќе владее за доброто на луѓето, жителите на Земјата ќе уживаат во трајна и потполна сигурност. Тој ќе го уништи сето оружје што постои и ќе ја отстрани од човечкото срце дури и желбата за борба. Луѓето што денес како крвожедни лавови ги напаѓаат другите или што се однесуваат како разбеснети мечки кон своите ближни потполно ќе ја сменат својата природа (Исаија 11:1—9). Ќе има мир во изобилство.

Псалм 72, стихови 12 до 14, продолжува: „Тој ќе го спаси бедниот што воздивнува, угнетуваниот што нема помошник; ќе им се смилува на немоќниот и бедниот, и ќе му го спаси животот на страдалецот. Ќе ги ослободи од неправдата и насилствата, зашто нивната крв е скапоцена во неговите очи“. Угнетуваните, бедните и немоќните ќе му припаѓаат на едно среќно човечко семејство, обединето под водството на Царот Исус Христос. Наместо со болка и очај, нивниот живот ќе биде исполнет со радост (Исаија 35:10).

Стих 16 ветува: „Нека има изобилство на жито во земјата, класјето по врвовите нека шуми“. Денес, гладот е постојан придружник на милиони луѓе на Земјата. Политиката и алчноста честопати го спречуваат праведното распределување на храна во доволни количини, па така многу луѓе, а особено деца, умираат од глад. Но, под владеењето на Исус Христос овој проблем ќе го снема. Земјата ќе биде благословена со богати жетви на вкусна храна. Сите луѓе ќе бидат добро нахранети.

Дали би сакал да уживаш во овие благослови што произлегуваат од доброто водство? Ако да, те охрабруваме да дознаеш повеќе за Водачот што наскоро ќе преземе целосна контрола над целата Земја. Јеховините сведоци со радост ќе ти помогнат во тоа. Нема да се разочараш, зашто самиот Јехова Бог за својот Син вели: „Јас го поставив Мојот Цар над Сион, на Мојата Света Гора“ (Псалм 2:6).

[Рамка на страница 5]

НАЕДНАШ ОТСТРАНЕТИ ОД ВЛАСТ

Еден водач обично може да смета на почитта и поддршката од своите поданици сѐ додека им обезбедува мир во разумна мера и сигурни животни услови. Меѓутоа, ако луѓето изгубат доверба во него од која и да било причина, наскоро некој друг може да седне на неговата владетелска столица. Следат неколку примери на услови што придонеле некои моќни владетели наеднаш да бидат сменети од власт.

Лоши животни услови. До крајот на 18 век, на многу жители на Франција им биле наметнати тешки даноци, а немало доволно храна. Ваквите услови придонеле за Француската револуција, која во 1793 го испратила кралот Луј XVI на гилотина.

Војна. Првата светска војна ставила крај на владеењето на некои од најмоќните цареви во историјата. На пример, гладот што во Санкт Петербург (Русија) бил предизвикан од војната, во 1917 завршил со Февруарската револуција. Со оваа побуна бил симнат од престолот царот Николај II, и започнало комунистичкото владеење. Во ноември 1918, Германија сакала мир, но Сојузниците не сакале да престанат да војуваат сѐ додека не дошло до промена во власта. Како резултат на тоа, германскиот цар Вилхелм II бил протеран во изгнанство во Холандија.

Желба за поинаков владејачки систем. Во 1989, Железната завеса беше тргната. Некои режими што изгледаа цврсти како карпи, се срушија кога нивните поданици го отфрлија комунизмот и воспоставија други облици на владеење.

[Слики на страница 7]

Исус ги хранел гладните, ги лекувал болните и оставил добар пример за сите христијани

[Извор на слика на страница 4]

Лојд Џорџ: Фотографија на Kurt Hutton/Picture Post/Getty Images