Чудата на Исус — што можеш да научиш?
Чудата на Исус — што можеш да научиш?
МОЖЕБИ ќе се изненадиш кога ќе дознаеш дека во библиските извештаи за животот на Исус на земјата никогаш не е употребен зборот од оригиналниот јазик кој значи „чудо“. Грчкиот збор (динамис), кој понекогаш се преведува како „чудо“, буквално значи „сила“ (Лука 8:46). Тој збор може исто така да се преведе со „способност“ или „моќни дела“ (Матеј 11:20; 25:15). Според еден изучувач, овој грчки израз „го истакнува моќното дело што било направено и, особено, моќта со која било направено. Настанот е опишан како израз на Божјата моќ на дело“.
Еден друг грчки израз (терас) обично се преведува како „предзнак“ или „чудо“ (Јован 4:48; Дела 2:19). Овој израз го истакнува ефектот врз набљудувачите. Доста често, мноштвото луѓе и учениците биле запрепастени и вчудовидени од моќните дела на Исус (Марко 2:12; 4:41; 6:51; Лука 9:43).
Трет грчки израз (семион) кој се осврнува на чудата на Исус означува „знак“. Тој „се сосредоточува на подлабокото значење на чудото“, вели изучувачот Роберт Дефинбау. Понатаму додава: „Знак е чудо кое пренесува некоја вистина за нашиот Господ Исус“.
Илузија или моќ дадена од Бог?
Библијата не ги опишува чудата на Исус како трикови или илузии наменети за забава на луѓето. Тие биле израз на „величествената Божја моќ“, како што било во случајот на едно момче од кое Исус истерал демон (Лука 9:37—43). Дали таквите моќни дела би биле невозможни за Семоќниот Бог — Оној за кого е речено дека има „голема моќ“? (Исаија 40:26, NW). Се разбира дека не!
Извештаите од евангелијата се осврнуваат на околу 35 чуда на Исус. Но, не ни го откриваат вкупниот број на неговите чуда. На пример, Матеј 14:14 вели: „[Исус] виде големо мноштво; и се сожали над нив, и ги излекува нивните болни“. Не ни е кажано колкумина болни излекувал во таа прилика.
Таквите моќни дела биле многу важни за Исусовото тврдење дека тој е Син Божји, ветениот Месија. Всушност, Библијата покажува дека моќта што му била дадена од Бог го оспособила да прави чуда. Апостол Петар се осврнал на Исус како на „човекот кого Бог јавно ви го покажа преку моќни дела и предзнаци и знаци, кои Бог преку него ги направи меѓу вас, како што и сами знаете“ (Дела 2:22). Во една друга прилика, Петар истакнал дека „Бог го помаза [Исус] со свет дух и со сила, а тој минуваше низ земјата правејќи добро и лекувајќи ги сите кои беа угнетувани од Ѓаволот, зашто Бог беше со него“ (Дела 10:37, 38).
Чудата на Исус биле тесно поврзани со неговата порака. Во Марко е откриено како реагирала толпата на учењето на Исус и на едно од неговите чуда. 1:21—27Марко 1:22 вели дека луѓето ‚се вчудовиделе од неговиот начин на поучување‘ а 27. стих истакнува дека биле „вчудовидени“ кога истерал еден демон. И моќните дела на Исус и неговата порака дале доказ дека тој е ветениот Месија.
Исус не рекол само: ‚Јас сум Месијата‘; неговите зборови и други дела и моќта што му била дадена од Бог и која била покажана во неговите чуда дале доказ за неговото месијанство. Кога биле покренати прашања во врска со неговата улога и налог, Исус смело одговорил: „Јас го имам сведоштвото што е поголемо од Јовановото, зашто токму делата што мојот Татко ми ги додели да ги извршам, самите дела што ги вршам сведочат за мене дека Таткото ме испрати“ (Јован 5:36).
Докази за автентичност
Зошто можеме да бидеме сигурни дека чудата на Исус биле вистински, автентични? Да разгледаме некои докази за автентичноста.
Кога ги правел своите моќни дела, Исус никогаш не го свртувал вниманието на себе. Се погрижил заслугата и славата за сите чуда да му припаднат на Бог. На пример, пред да излечи еден слеп човек, Исус истакнал дека ќе го излечи човекот „за да се покажат Божјите дела на него“ (Јован 9:1—3; 11:1—4).
За разлика од илузионистите, магионичарите и исцелителите со вера, Исус никогаш не користел хипноза, измама, спектакуларни сцени, магии или ритуали кои влијаат на емоциите. Не прибегнувал кон суеверие и не користел реликвии. Забележи го ненаметливиот начин на кој Исус излечил двајца слепи мажи. „Трогнат од сожалување“, вели извештајот, „Исус им ги допре очите, и веднаш прогледаа и го следеа“ (Матеј 20:29—34). Немало никаков ритуал, никаква церемонија ниту нападно однесување. Исус ги правел своите чуда во јавност, пред голем број очевидци. Не користел посебно осветлување, сценско поставување или реквизити. Спротивно на тоа, денешните наводни чуда честопати не можат да бидат поткрепени со докази (Марко 5:24—29; Лука 7:11—15).
Понекогаш Исус ја увидувал верата на оние кои извлекле корист од неговите чуда. Но, тоа што некој немал вера не го спречувало да направи некое чудо. Додека бил во Капернаум во Галилеја, ‚луѓето му довеле мнозина кои биле опседнати од демони; и тој ги истерувал духовите со збор, и ги излекувал сите на кои им било лошо‘ (Матеј 8:16).
Исус правел чуда за да ги задоволи вистинските физички потреби на луѓето, а не нечија љубопитност (Марко 10:46—52; Лука 23:8). Тој никогаш не правел чуда за да извлече некаква лична добивка од тоа (Матеј 4:2—4; 10:8).
Што е со извештаите од евангелијата?
Фактите во врска со чудата на Исус ни се пренесени преку страниците на четирите евангелија. Има ли причина зошто да се потпреме на овие извештаи додека ја испитуваме автентичноста на чудата што му се припишуваат на Исус? Да, има.
Како што веќе беше кажано, Исус ги правел своите чуда јавно, пред многу очевидци. Најраните евангелија биле запишани во време кога повеќето од тие очевидци сѐ уште биле живи. Во врска со чесноста на писателите на евангелијата, книгата The Miracles and the Resurrection (Чудата и воскресението) забележува: „Би било крајна неправда да ги обвиниме писателите на евангелијата дека во интерес на верската пропаганда намерно кријат некој историски факт во морето од чуда . . . Тие имале намера да бидат чесни запишувачи“.
Еврејските противници на христијанството никогаш не ги довеле во прашање моќните дела што се опишани во евангелијата. Ја довеле во прашање само моќта со која биле направени (Марко 3:22—26). Ниту, пак, подоцнежните критичари не можеле успешно да ги порекнат чудата на Исус. Напротив, во текот на првиот и вториот век н.е. имало осврнувања на чудата што ги правел Исус. Се разбира дека имаме добра причина да ги сметаме за автентични извештаите за неговите чуда од евангелијата.
Човекот зад чудата
Испитувањето на чудата на Исус не би било комплетно доколку го ограничиме само на логичните аргументи за нивната автентичност. Кога ги опишуваат моќните дела на Исус, евангелијата откриваат еден човек со длабоки чувства и со ненадминливо сочувство, длабоко заинтересиран за доброто на луѓето.
Разгледај го случајот на еден лепрозен човек кој му пришол на Исус со очајничка молба: „Само ако сакаш, можеш да ме исчистиш“. „Трогнат од сожалување“, Исус ја пружил раката и го допрел лепрозниот човек, велејќи: „Сакам. Биди чист“. Човекот бил излекуван во истиот момент (Марко 1:40—42). На тој начин Исус го покажал соживувањето што го поттикнало да ја употреби моќта да прави чуда која му била дадена од Бог.
Што се случило кога Исус наишол на една погребна поворка што доаѓала од градот Наин? Починатиот млад човек бил син единец на една вдовица. Исус ‚се сожалил на неа‘, на вдовицата, ѝ пришол и ѝ рекол: „Престани да плачеш“. Потоа повторно го вратил син ѝ во живот (Лука 7:11—15).
Една утешна поука што можеме да ја извлечеме од чудата на Исус е дека тој бил „трогнат од сожалување“ и дека правел работи за да им помогне на луѓето. Но, тие чуда не се само историја. „Исус Христос е истиот вчера и денес, и засекогаш“ вели Евреите 13:8. Тој сега владее како небесен Цар, подготвен и способен да ја употреби моќта што му е дадена од Бог во многу поголеми размери отколку кога бил на земјата како човек. Наскоро, Исус ќе ја употреби за да го излечи послушното човештво. На Јеховините сведоци ќе им биде мило да ти помогнат да дознаеш повеќе за овој светол изглед за иднината.
[Слики на страници 4 и 5]
Чудата на Исус биле приказ на „величествената Божја моќ“
[Слики на страница 7]
Исус бил човек со длабоки чувства