Прашања од читателите
Прашања од читателите
Зошто Давид, верен слуга на Јехова, ѝ дозволил на својата сопруга Михала да има [куќен, NW] кип, или идол, како што е покажано во 1. Самоил 19:12, 13?
Најпрво, да го разгледаме накратко контекстот. Кога веста за заверата на цар Саул да го убие Давид стигнала до сопругата на Давид, таа веднаш реагирала. Библијата вели: „Михала го спушти Давида низ прозорецот. Тој си отиде и се спаси со бегство. А Михала го зеде кипот [куќниот кип, NW; кој очигледно бил со големина и облик на човек], го положи во постела, му стави козји влакна околу главата и го покри со покривка“. Кога гласниците на Саул дошле да го фатат Давид, Михала им рекла: „Болен е“. Со оваа итрина Давид добил на време и успеал да избега (1. Самоил 19:11—16).
Археолошките откритија укажуваат дека во древни времиња, куќните кипови не се чувале само за религиозна употреба туку имале и правна намена. Исто како што денес правата на наследство се одредуваат со тапии и пишани тестаменти, во минатото тоа се правело со куќни кипови. Изгледа дека поседувањето куќен кип во конкретни околности можело да му даде право на зетот да го бара имотот на неговиот починат тест. Ова можеби објаснува зошто, во една претходна прилика, Рахила ги зела домашните идоли на својот татко и зошто тој толку многу сакал да си ги поврати. Во тој случај, сопругот на Рахила, Јаков, не бил свесен што направила неговата сопруга (Битие 31:14—34).
Кога Израелците станале нација, ги добиле Десетте заповеди, од кои втората посебно забранувала да се прават идоли (Излез 20:4, 5). Подоцна, пророкот Самоил укажал на овој закон кога зборувал со цар Саул. Тој рекол: „Непокорноста е како гревот на вражањето, самоволието е како злостор со идолите“ (1. Самоил 15:23). Од оваа причина, не е веројатно дека во Израел куќниот кип служел како доказ за наследство. Сепак, овој древен облик на еврејско суеверие изгледа дека се задржал и во некои израелски домаќинства (Судии 17:5, 6; 2. Цареви 23:24). Тоа што Михала меѓу своите работи чувала куќен кип укажува дека нејзиното срце не било во потполност со Јехова. Давид или не знаел за куќниот кип или го толерирал тоа затоа што Михала му била ќерка на цар Саул.
Како гледал Давид на исклучителната оддаденост на Јехова е изразено во зборовите: „Велик е Господ [Јехова, NW], предостоен за фалба, пострашен од сите богови. Ништожни се сите богови на народите. Господ [Јехова, NW] ги создаде небесата“ (1. Летописи 16:25, 26).
[Слика на страница 29]
Втората од Десетте заповеди забранувала да се прават идоли како куќниот кип што е прикажан овде
[Извор на слика]
Од книгата The Holy Land (Светата земја), том. II, 1859