Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Школата Гилеад — 60 години мисионерска обука

Школата Гилеад — 60 години мисионерска обука

Школата Гилеад — 60 години мисионерска обука

„ПОРАДИ темелното проучување на Библијата, станавме поблиски со Јехова и научивме повеќе за неговата организација. Ова нѐ подготви за живот на странска доделба.“ Вака една сестра дипломец на првиот клас го опиша курсот студии што го следела во Библиската школа Гилеад на Watchtower. Школата Гилеад испраќа мисионери уште од нејзиното воведување пред 60 години. Дипломирањето на 114. клас се одржа на 8 март 2003, во Образовниот центар на Watchtower во Патерсон (Њујорк). Присутните што се собраа во аудиториумот и на локациите каде што програмата се пренесуваше телевизиски, 6.404 на број, внимателно ја слушаа програмата која се состоеше од говори, интервјуа и групна дискусија.

Претседавач беше Теодор Џерес, член на Водечкото тело. Неговите уводни забелешки го свртеа вниманието кон меѓународниот карактер на присутните, меѓу кои имаше посетители од Азија, Европа, Јужна и Централна Америка и Карибите. Темелејќи ги своите коментари на 2. Тимотеј 4:5, брат Џерес го нагласи главното дело на еден мисионер обучен во Гилеад — да ‚го врши делото на евангелизатор‘. Мисионерите сведочат за вистината така што ги поучуваат луѓето за Библијата.

Студентите добиваат последни упатства

Започнувајќи ја низата кратки говори, Џон Ларсон, член на одборот на подружницата во Соединетите Држави, зборуваше на темата што ја зајакнува верата „Ако Бог е за нас, кој ќе биде против нас?“ (Римјаните 8:31). Говорникот го објасни библискиот темел за студентите да имаат апсолутна доверба во Јеховината моќ да им помогне да ги надминат сите пречки со коишто можеби ќе се соочат на своите доделби. Осврнувајќи се на Римјаните 8:38, 39, брат Ларсон ги поттикна студентите: „Застанете и размислете за моќта што Бог ја покажува во ваша корист, и запомнете дека ништо не може да го намали интересот што Јехова го има кон секој од вас“.

Следен на програмата беше Гај Пирс, член на Водечкото тело. Тој ја избра темата „Задржете ги своите очи среќни!“ (Лука 10:23). Објасни дека вистинската среќа вклучува да го познаваш Јехова и да ја сфатиш неговата вечна намера, како и да го гледаш исполнувањето на библиските пророштва. Каде и да одат, студентите можат да задржат вистинска среќа така што ќе ги задржат своите очи среќни. Брат Пирс ги охрабри дипломците длабоко да медитираат за Јеховината доброта и да ги задржат умот и срцето сосредоточени на тоа да ја вршат Неговата волја (Псалм 77:12NW). Со тоа што ќе задржат позитивен став, дипломците ќе можат да ги надминат сите проблеми на коишто можеби ќе наидат.

Потоа, за разделба, класот доби зборови на охрабрување од двајца инструктори што секојдневно ги поучуваа. „Дали барате слава?“ беше прашањето што го постави Лоренс Боуен во насловот на својот говор. Повеќето луѓе ја поврзуваат славата со фалба, чест и истакнатост за себеси. Меѓутоа, псалмистот Асаф ја сфатил вистинската слава — непроценливото богатство на благословен однос со Јехова (Псалм 73:24, 25). Дипломците беа охрабрени да задржат близок однос со Јехова преку редовно длабоко проучување на Библијата. Ангелите „сакаат да ѕирнат“ во деталите за исходот на Јеховината намера преку Христос (1. Петрово 1:12). Тие сакаат да научат колку што е можно повеќе за својот Татко за да ја одразуваат неговата слава. Потоа говорникот ги поттикна студентите да го слават Јехова на своите мисионерски доделби така што ќе им помагаат на другите да го најдат тоа непроценливо богатство.

Архиварот на школата, Валас Ливеранс, ги заврши низата уводни говори со темата „Зборувајте ја Божјата мудрост во света тајна“ (1. Коринќаните 2:7). Која е оваа Божја мудрост за која зборувал апостол Павле во текот на својата мисионерска служба? Тоа е Јеховиното мудро и моќно средство да донесе светски мир и единство. Оваа мудрост се сосредоточува на Исус. Наместо да проповеда социјално евангелие, Павле им помагал на луѓето да видат како може Бог да ги отстрани последиците од Адамовиот грев (Ефешаните 3:8, 9). Говорникот ги поттикна своите слушатели: „Користете ја својата предносна служба како и Павле, кој гледал на својата мисионерска доделба како на прилика да им помогне на луѓето да видат како Јехова ќе ја исполни својата намера “.

Потоа Марк Нојмар, друг инструктор на Гилеад, претседаваше со една воодушевена дискусија со неколку студенти од класот. Темата „Проучувањето на Божјата реч прави ревносни министри“ ги нагласи зборовите на Павле од Римјаните 10:10. Класот раскажа голем број искуства од службата на теренот што ги имале додека присуствувале на школата. Нивните искуства покажаа дека, кога ја проучуваме Божјата реч и медитираме за неа, прекрасните работи во врска со Јехова Бог и неговото Царство ќе ни го исполнат срцето и ќе се излеваат од нашите усни. За време на нивниот петмесечен престој во Образовниот центар на Watchtower, студентите започнаа повеќе од 30 домашни библиски студии со заинтересирани лица на често обработените подрачја на околните собранија.

Зрелите даваат совет

Во текот на школувањето, студентите извлекоа корист од дружењето со членовите на бетелската фамилија во Соединетите Држави. Членовите на подружницата Роберт Сиранко и Роберт П. Џонсон водеа интервјуа со неколкумина долгогодишни верни слуги на Јехова, меѓу кои имаше и патувачки надгледници што тогаш беа на специјална обука во Образовниот центар на Watchtower. Сите интервјуирани беа дипломци на Гилеад што некогаш служеле како мисионери. За студентите и нивните семејства и пријатели беше охрабрување да ги чујат зборовите на овие искусни духовни мажи.

Во нивниот совет беше вклучено и: „Бидете колку што е можно позафатени во службата и во собранието“. „Немојте премногу да мислите на себеси. Останете сосредоточени на вашата цел како мисионери и нека вашата доделба ви стане дом.“ Други корисни коментари покажаа како обуката во Гилеад опремува еден министер за добро дело, сеедно каде е доделен. Еве неколку од нив: „Научивме да соработуваме и да работиме заедно“. „Школата ни помогна да прифатиме нови култури.“ „Бевме поучени да го користиме Писмото од поинакво светло.“

Џон Бар, долгогодишен член на Водечкото тело, го одржа главниот говор од програмата. Неговата библиска тема беше „Нивниот глас излезе по целата земја“ (Римјаните 10:18). Тој го постави прашањето: ‚Дали Божјиот народ може да се справи со овој предизвик денес?‘ Да, може! Уште во 1881, читателите на списанието Стражарска кула беа запрашани: „Проповедате ли?“ Потоа говорникот ги потсети сите присутни на историскиот повик од конгресот во Седар Поинт (Охајо, САД) во 1922: „Објавувајте го Царот и неговото Царство!“ Со текот на времето, ревноста на Божјите верни слуги ги поттикнала да им ги објавуваат прекрасните вистини за Царството на сите нации. Преку печатената страница и усно, изјавите за добрата вест стигнале до краевите на населената земја — сето тоа на чест и слава на Јехова. Со еден возбудлив заклучок, брат Бар ги поттикна дипломците да ги пребројат своите благослови, велејќи: „Од ден на ден, кога му се молите на Јехова на својата доделба, заблагодарете му се од дното на срцето за улогата што ја имате во исполнувањето на зборовите ‚нивниот глас излезе по целата земја‘ “.

По овој говор беа прочитани поздравите, и претседавачот му врачи диплома на секој дипломец. Потоа, со измешани чувства на радост и тага што ја напуштаат саканата школа, еден претставник на класот прочита искрена резолуција упатена до Водечкото тело и бетелската фамилија, изразувајќи ја решеноста на дипломците да го фалат Јехова „сега и довека“ (Псалм 115:18).

Се молиме овие дипломци да се приспособат на своите нови домови и да дадат прекрасен придонес за напредокот на проповедничкото дело низ целиот свет, како што веќе 60 години прават и оние што заминаа пред нив.

[Рамка на страница 23]

ПОДАТОЦИ ЗА КЛАСОТ:

Број на застапени земји: 12

Број на земји во кои се доделени: 16

Број на студенти: 48

Просечна старост: 34,4

Просек на години во вистина: 17,6

Просек на години во полновремена служба: 13,5

[Слика на страница 24]

114. клас што дипломираше на Библиската школа Гилеад на Watchtower

Во долнава листа, редовите се нумерирани однапред наназад, а имињата се наведени одлево надесно во секој ред.

1) Роза Д.; Гариголас Ј.; Линдстром Р.; Паванело П.; Теит Н. 2) Ван Хаут М.; Донабауер К.; Мартинез Л.; Милер Д.; Фестре Ј.; Натер С. 3) Мартинез П.; Кларк Л.; Мон Б.; Фишер Л.; Ромо Г. 4) Ромо Р.; Иди Ш.; Тајнмен К.; Кемпбел П.; Милер Д.; Роза В. 5) Линдстром К.; Гариголас Х.; Маркевич Н.; Линдала К.; Ван ден Ховел Ј.; Теит С.; Натер Ф. 6) Мон П.; Паванело В.; Иди Н.; Вест А.; Кларк Д.; Маркевич Џ. 7) Фишер Д.; Донабауер Р.; Кари П.; Кари И.; Карфано В.; Вест М.; Тајнмен А. 8) Ван Хаут М.; Кемпбел К.; Фестре И.; Карфано К., Ван ден Ховел К.; Линдала Д.