Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Борбата за Библија на современ грчки јазик

Борбата за Библија на современ грчки јазик

Борбата за Библија на современ грчки јазик

Можеби ќе се изненадиш кога ќе дознаеш дека во Грција, земјата што понекогаш е наречена „лулка на слободната мисла“, преводот на Библијата на јазикот на обичните луѓе бил во фокусот на една долга и горчлива борба. Но, кој би се противел на создавањето на една лесно разбирлива грчка Библија? Зошто некој би сакал да го запре тоа?

НЕКОЈ можеби ќе помисли дека луѓето што зборуваат грчки се привилегирани зашто значителен дел од Светото писмо во оригинал бил напишан на нивниот јазик. Меѓутоа, современиот грчки јазик доста се разликува од грчкиот во преводот Септуагинта на Хебрејските списи и од оној во Христијанските грчки списи. Всушност, последниве шест века, за повеќето луѓе што зборуваат грчки, библискиот грчки јазик е исто толку непознат колку и некој странски јазик. Старите изрази се заменети со нови зборови, а се смениле и речникот, граматиката и синтаксата.

Една збирка на грчки манускрипти што датира од 3 до 16 век сведочи за напорот Септуагинтата да се преведе на подоцнежен облик на грчкиот јазик. Во третиот век, Григориј, бискуп од Нова Цезареја (о. 213—о. 270 н.е.), ја превел книгата Проповедник од Септуагинтата на поедноставен грчки. Во 11 век, еден Евреин по име Тоби бен Елиезер што живеел во Македонија превел делови од Пентатеухот на Септуагинтата на секојдневен грчки јазик. Дури и употребил хебрејско писмо за да им користи на македонските Евреи што зборувале само грчки но читале хебрејско писмо. Комплетен Пентатеух од ваков вид бил отпечатен во 1547 во Константинопол.

Малку светлина во темнината

Откако подрачјата во Византиската империја каде што се зборувало грчки во 15 век потпаднале под Отоманците, поголемиот дел од луѓето таму биле оставени без образование. Православната црква, иако имала доста привилегии под Отоманската империја, немарно дозволила нејзиното стадо да остане сиромашно и неуко селанство. Грчкиот писател Томас Спелиос коментирал: „Најважната цел на Православната црква и на нејзиниот образовен систем била да ги заштити своите причесници од налетите на исламската и римокатоличката пропаганда. Како резултат на тоа, грчкото образование било во застој“. Во таква мрачна атмосфера, поединците што ја сакале Библијата почувствувале потреба да им ги дадат на измачените луѓе олеснувањето и утехата од библиската книга Псалми. Од 1543 до 1835, имало 18 преводи на Псалмите на говорен грчки.

Првиот грчки превод на комплетните Христијански грчки списи го подготвил Максимус Калиполитес, грчки монах од Калиполис во 1630. До ова дошло под водство и покровителство на Кирил Лукарис, патријарх од Константинопол и несуден реформатор во Православната црква. Меѓутоа, во склоп на црквата, Лукарис имал противници кои не прифаќале никакви обиди за реформа ниту се согласувале за каков и да е превод на Библијата на говорен јазик. a Тој бил задавен како предавник. И покрај тоа, во 1638 биле отпечатени околу 1.500 примероци од преводот на Максимус. Како реакција на овој превод, 34 години подоцна еден Православен синод во Ерусалим изјавил дека Писмото „треба да се чита, не од кого и да било, туку само од оние што, откако ќе направат соодветно истражување, навлегуваат во длабоките работи на духот“. Ова значело дека Писмото требало да се чита само од образованото свештенство.

Во 1703 во Лондон, Серафим, грчки монах од островот Лезбос, се обидел да издаде ревизија на преводот на Максимус. Кога ветувањата за финансиска помош од англискиот двор пропаднале, тој ја издал ревизијата со свои сопствени пари. Во еден жесток предговор, Серафим ја нагласил потребата „секој побожен христијанин“ да ја чита Библијата и го обвинил високото свештенство на црквата дека „сака да го прикрие своето погрешно однесување со тоа што ќе ги држи луѓето во незнаење“. Како што можело и да се очекува, неговите православни противници го уапсиле во Русија и го протерале во Сибир, каде што умрел во 1735.

Коментирајќи за големиот духовен глад на луѓето што зборувале грчки во тоа време, за една подоцнежна ревизија на преводот на Максимус еден грчки свештеник го изјавил следново: „Грците го примија ова Свето писмо, заедно со другите, со љубов и копнеж. И, го прочитаа. И, почувствуваа дека болката во нив се смири и нивната вера во Бог . . . се распламти“. Меѓутоа, нивните духовни водачи се плашеле дека ако луѓето почнат да ја разбираат Библијата, тогаш би биле разоткриени небиблиските верувања и дела на свештенството. Затоа, во 1832 и повторно во 1836, патријаршијата во Константинопол издала декрет да се запалат сите примероци на таквите библиски преводи.

Храбар преведувач

Во оваа атмосфера на жестоко противење и искрен копнеж за библиско спознание се појавила една значајна личност која ќе одигра главна улога во преведувањето на Библијата на современ грчки јазик. Оваа храбра личност била Неофитос Вамвас, истакнат лингвист и познат библиски изучувач, кој општо бил сметан како еден од „Учителите на нацијата“.

Вамвас јасно видел дека Православната црква била виновна за духовната неписменост на луѓето. Тој цврсто верувал дека, за да се разбудат луѓето духовно, Библијата треба да се преведе на говорниот грчки јазик од тоа време. Во 1831, со помош на други изучувачи, почнал да ја преведува Библијата на литературен грчки јазик. Неговиот комплетен превод бил издаден во 1850. Бидејќи Грчката православна црква не го поддржала, во врска со издавањето и дистрибуирањето на неговиот превод соработувал со Британското и инострано библиско друштво (БИБД). Црквата го обележала како „протестант“ и наскоро бил сметан за отпадник.

Преводот на Вамвас се држел тесно за King James Version и, поради ограниченото библиско спознание и лингвистичко знаење во тоа време, ги наследил недостатоците на таа верзија. Сепак, долги години ова бил најсовремениот превод на Библијата до кој луѓето имале пристап. Интересно, во него четирипати е вклучено личното име на Бог во обликот „Јеова“ (Битие 22:14; Излез 6:3; 17:15; Судии 6:24).

Каква била општата реакција на луѓето на оваа и на другите верзии на Библијата што лесно се разбирале? Едноставно неверојатна! Во чамец оддалечен од еден од грчките острови, на еден колпортер на БИБД „му пришле толку многу чамци полни со деца кои дошле по [Библии], што бил принуден . . . да му нареди на капетанот да замине“, освен ако не сакал да ја остави целата резерва од Библии на едно место! Но, опозицијата не седела со скрстени раце.

Православните свештеници ги предупредиле луѓето во врска со ваквите преводи. Во Атина, на пример, Библиите биле конфискувани. Во 1833, православниот епископ на Крит го запалил „Новиот завет“ што го нашол во манастирот. Еден свештеник скрил еден примерок, а луѓето во околните села ги скриле своите примероци додека прелатот не си заминал од островот.

Неколку години подоцна, на островот Крф, преводот на Вамвас на Библијата бил забранет од Светиот синод на Грчката православна црква. Било забрането да се продава, а постоечките примероци биле уништени. На островите Хиос, Сирос и Миконос, непријателството на локалното свештенство довело до запалување на Библијата. Но, претстоела понатамошна забрана на Библијата.

Една кралица се интересира за Библијата

Во текот на 1870-те, кралицата Олга од Грција сфатила дека грчкиот народ општо сѐ уште имал мало спознание за Библијата. Верувајќи дека спознанието од Библијата ќе ѝ даде утеха и освежување на нацијата, настојувала Библијата да се преведе на поедноставен јазик од оној на верзијата на Вамвас.

Неофицијално, атинскиот архиепископ и поглавар на Светиот синод, Прокопиј, ја охрабрил кралицата на овој потфат. Меѓутоа, кога се обратила до Светиот синод за официјално одобрување, била одбиена. Сепак, истрајала поднесувајќи во 1899 ново барање, но уште еднаш била одбиена. Игнорирајќи ги неодобрувањата, одлучила да издаде ограничено издание на сопствен трошок. Ова издание било завршено во 1900.

Закоравени противници

Во 1901, The Acropolis, угледен атински весник, го издал Евангелието на Матеј преведено на демотски грчки од Александар Палис, преведувач што работел во Ливерпул, Англија. Очигледно, мотивот на Палис и на неговите колеги бил да ‚ги образуваат Грците‘ и да „ѝ помогнат на нацијата да се опорави“ од падот.

Православните студенти по теологија и нивните професори го нарекле преводот „исмевање на највредните реликвии на нацијата“, сквернавење на Светото писмо. Патријархот Јоаким III од Константинопол издал документ со кој не се одобрувал преводот. Спорот примил политички димензии и подло бил искористен од завојуваните политички табори.

Еден влијателен дел од атинскиот печат почнал да го напаѓа преводот на Палис, означувајќи ги неговите приврзаници како „атеисти“, „предавници“ и „агенти на странски сили“ што биле решени да го дестабилизираат грчкото општество. Од 5 до 8 ноември 1901, подбуцнати од ултраконзервативните елементи во Грчката православна црква, студентите предизвикале немири во Атина. Ги нападнале канцелариите на The Acropolis, марширале пред палатата, го презеле Атинскиот универзитет и барале владата да поднесе оставка. Како врв на немирите, осум луѓе биле убиени во судирите со армијата. Следниот ден, кралот побарал оставка од архиепископот Прокопиј, а два дена подоцна оставка дал и целиот Кабинет.

Еден месец подоцна студентите демонстрирале повторно и јавно спалиле примерок од преводот на Палис. Издале резолуција против дистрибуирањето на овој превод и барале строга казна за секој таков обид во иднина. Ова послужило како изговор за да се забрани користењето на која и да е верзија на Библијата на современ грчки. Навистина мрачен момент!

„Речта Јеховина останува засекогаш“

Забраната за користење на Библијата на современ грчки јазик била укината во 1924. Оттогаш, Грчката православна црква претрпе целосен пораз во напорите да ја држи Библијата далеку од народот. Во меѓувреме, Јеховините сведоци презедоа водство во библиското образование во Грција, како што направија и во многу други земји. Од 1905, го користеа преводот на Вамвас за да им помогнат на илјадници луѓе што зборуваат грчки да стекнат спознание за библиската вистина.

Низ годините, многу изучувачи и професори направиле напори вредни за пофалба да направат Библија на современ грчки јазик. Денес има околу 30 целосни или делумни преводи на Библијата што можат да ги читаат обичните Грци. Вистински бисер меѓу нив е грчката верзија на Превод Нов свет на Светото писмо, издаден во 1997, во корист на 16 милиони луѓе во светот што зборуваат грчки. Направен од Јеховините сведоци, овој превод ја пренесува Божјата реч на разбирлив начин, лесен за читање, верно држејќи се за оригиналниот текст.

Борбата за Библија на современ грчки јазик илустрира еден важен факт. Таа јасно покажува дека и покрај непријателските човечки напори, „речта Јеховина останува засекогаш“ (1. Петрово 1:25).

[Фуснота]

a За повеќе информации за Кирил Лукарис види Стражарска кула од 15 февруари 2000, страници 26—29.

[Слика на страница 27]

Кирил Лукарис раководел со првиот грчки превод на комплетните христијански грчки списи во 1630

[Извор на слика]

Bib. Publ. Univ. de Genève

[Слики на страница 28]

Некои преводи на говорен грчки јазик: Псалми печатени во 1) 1828 од Иларион, 2) 1832 од Вамвас, 3) 1643 од Јулианус. „Стар завет“ печатен во: 4) 1840 од Вамвас

Кралицата Олга

[Извори на слики]

Библии: National Library of Greece; кралицата Олга: Culver Pictures

[Извор на слика на страница 26]

Папирус: Репродуциран со љубезна дозвола на The Trustees of the Chester Beatty Library, Даблин

[Извор на слика на страница 29]

Папирус: Репродуциран со љубезна дозвола на The Trustees of the Chester Beatty Library, Даблин