Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Задржете го своето добро однесување меѓу нациите“

„Задржете го своето добро однесување меѓу нациите“

„Задржете го своето добро однесување меѓу нациите“

„Искажувајте им чест на сите видови луѓе, имајте љубов кон целата заедница од браќа“ (1. ПЕТРОВО 2:17).

1, 2. а) Каков коментар за Јеховините сведоци дал еден дописник? б) Зошто Јеховините сведоци настојуваат да задржат високи мерила на однесување?

 ПРЕД неколку години, еден новински дописник во Амарилјо (Тексас, САД), посетил различни цркви на тоа подрачје и известил за она што го видел. Една група се издвојувала во неговите мисли. Тој рекол: „Три години ги посетував годишните конгреси на Јеховините сведоци во Градскиот центар во Амарилјо. Додека бев меѓу нив, ниту еднаш не видов некој да запали цигара, да отвори конзерва пиво или да опцуе. Тие беа најчистото, најучтиво, најскромно облечено, најдобро расположено мноштво луѓе што сум го сретнал некогаш во животот“. Честопати излегуваат во печат слични коментари за Јеховините сведоци. Зошто Сведоците се често пофалувани од луѓето што не ја делат нивната вера?

2 Обично, Божјиот народ добива пофалби за своето добро однесување. Иако мерилата општо земено се влошуваат, Јеховините сведоци гледаат на високите мерила на однесување како на обврска, како на дел од нивното обожавање. Тие знаат дека нивните постапки се одразуваат врз Јехова и врз нивните христијански браќа и дека нивното добро однесување ја препорачува вистината што ја проповедаат (Јован 15:8; Тит 2:7, 8). Затоа, да видиме како можеме да го задржиме нашето добро однесување и со тоа да продолжиме да го поддржуваме добриот углед на Јехова и на неговите Сведоци, и да видиме каква корист имаме кога го правиме тоа.

Христијанското семејство

3. Од што треба да бидат заштитени христијанските семејства?

3 Да го разгледаме нашето однесување во кругот на семејството. Книгата Die Neuen Inquisitoren: Religionsfreiheit und Glaubensneid (Нови инквизитори: Слобода на религијата и верска завист), од Герхард Безир и Ервин К. Шојх, наведува: „За [Јеховините сведоци] семејството е нешто што особено треба да се штити“. Таа изјава е точна, и во денешно време семејството треба да се заштити од многу работи. Има деца што им се „непослушни на родителите“ и возрасни што се „без природна наклоност“ или, пак, се „без самосовладување“ (2. Тимотеј 3:2, 3). Семејствата се места на насилство над сопружникот, родителите ги малтретираат или ги запоставуваат своите деца, а децата се бунтуваат, се впуштаат во злоупотреба на дрога и неморал или, пак, бегаат од дома. Сето ова е резултат на деструктивното влијание на ‚духот на светот‘ (Ефешаните 2:1, 2). Треба да ги заштитиме своите семејства од тој дух. Како? Обрнувајќи внимание на Јеховиниот совет и упатство за членовите на семејството.

4. Какви одговорности имаат еден кон друг членовите на христијанските семејства?

4 Христијанските двојки сфаќаат дека имаат емоционални, духовни и физички обврски еден кон друг (1. Коринќаните 7:3—5; Ефешаните 5:21—23; 1. Петрово 3:7). Христијанските родители имаат сериозни одговорности кон своите деца (Пословици 22:6; 2. Коринќаните 12:14; Ефешаните 6:4). А додека децата во христијанските домови растат, учат дека и тие имаат обврски (Пословици 1:8, 9; 23:22; Ефешаните 6:1; 1. Тимотеј 5:3, 4, 8). За да се исполнат семејните обврски потребни се напор, одлучност и дух на љубов и самопожртвуваност. Меѓутоа, во колкава мера сите членови на семејството ги исполнуваат своите обврски што им се дадени од Бог, во толкава мера се благослов еден за друг и за собранието. Што е уште поважно, му оддаваат чест на Основачот на семејството, Јехова Бог (Битие 1:27, 28; Ефешаните 3:15).

Христијанското братство

5. Какви благослови добиваме од дружењето со сохристијаните?

5 Како христијани, имаме одговорности и кон соверниците во собранието и, на крајот, кон оние што ја сочинуваат „целата заедница од . . . браќа по светот“ (1. Петрово 5:9). Нашиот однос со собранието е многу битен за нашето духовно здравје. Кога се дружиме со сохристијаните, уживаме во нивното зајакнувачко друштво, како и во хранливата духовна храна од „верниот и разборит роб“ (Матеј 24:45—47). Ако имаме проблеми, можеме да им се обратиме на нашите браќа за здрав совет што се темели на библиските начела (Пословици 17:17; Проповедник 4:9; Јаков 5:13—18). Кога сме во неволја, нашите браќа не нѐ напуштаат. Колкав само благослов е да се биде дел од Божјата организација!

6. Како покажал Павле дека имаме одговорности кон другите христијани?

6 Меѓутоа, ние не сме во собранието само за да примаме; таму сме и за да даваме. Всушност, Исус рекол: „Повеќе среќа има во давањето, отколку во примањето“ (Дела 20:35). Апостол Павле го нагласил духот на давање кога напишал: „Цврсто да се држиме за јавното изјавување на нашата надеж, без колебање, зашто верен е оној кој ветил. И да обрнуваме внимание едни на други за да се поттикнуваме кон љубов и кон извонредни дела, не оставајќи го нашето заедничко собирање, како што некои имаат обичај, туку храбрејќи се едни со други, и тоа дотолку повеќе колку што гледате дека се приближува денот“ (Евреите 10:23—25).

7, 8. Како покажуваме став на давање и во нашето собрание и кон христијаните во другите земји?

7 Во собранието, ние ја ‚изјавуваме нашата надеж‘ кога даваме коментари за време на состанокот или кога учествуваме во програмата на други начини. Ваквиот придонес сигурно ги охрабрува нашите браќа. Исто така, ги охрабруваме со нашиот разговор пред и по состанокот. Тоа е време кога можеме да ги зајакнеме слабите, да ги тешиме депримираните и да ги поткрепуваме болните (1. Солуњаните 5:14). Искрените христијани се великодушни во таквиот вид давање, и затоа толку луѓе што првпат доаѓаат на нашите состаноци се импресионирани од љубовта што ја чувствуваат меѓу нас (Псалм 37:21; Јован 15:12; 1. Коринќаните 14:25).

8 Сепак, нашата љубов не е ограничена само на собранието. Таа ја опфаќа целата заедница од наши браќа по светот. Затоа, на пример, во секоја Сала на Царството има кутија за прилози за Фондот за Сали на Царството. Можеби нашата Сала на Царството е во добра состојба, но знаеме дека илјадници сохристијани во други земји немаат соодветно место за состанување. Кога приложуваме во Фондот за Сали на Царството, ја покажуваме нашата љубов кон таквите поединци дури и ако можеби не ги познаваме лично.

9. Од која основна причина Јеховините сведоци се љубат еден со друг?

9 Зошто Јеховините сведоци се љубат меѓусебно? Па, Исус им заповедал да го прават тоа (Јован 15:17). А љубовта што ја имаат еден кон друг е доказ дека Божјиот дух дејствува врз нив како поединци и како група. Љубовта е дел од „плодовите на духот“ (Галатите 5:22, 23). Додека Јеховините сведоци ја проучуваат Библијата, присуствуваат на христијанските состаноци и постојано му се молат на Бог, љубовта им станува нешто природно и покрај тоа што живеат во свет каде што ‚оладува љубовта на повеќето‘ (Матеј 24:12).

Постапување со светот околу нас

10. Каква одговорност имаме кон светот околу нас?

10 Тоа што Павле го спомнал „јавното изјавување на нашата надеж“ нѐ потсетува на уште една одговорност. Ваквото јавно изјавување го опфаќа делото на проповедање на добрата вест на оние што сѐ уште не се наши христијански браќа (Матеј 24:14; 28:19, 20; Римјаните 10:9, 10, 13—15). Таквото проповедање е натамошно дело на давање. За да се учествува во него потребни се време, енергија, подготовка, обука и користење на личните средства. Сепак, Павле исто така напишал: „Должник сум им и на Грците и на варварите, и на мудрите и на безумните; затоа, што се однесува до мене, горливо сакам да ви ја објавам добрата вест и вам таму во Рим“ (Римјаните 1:14, 15). Како Павле, да не бидеме скржави додека го отплатуваме овој „долг“.

11. Кои две библиски начела нѐ водат во нашиот однос со светот, но сепак, што признаваме ние?

11 Дали имаме и други одговорности кон оние што не ни се соверници? Секако. Се разбира, признаваме дека „целиот свет лежи во власта на злобниот“ (1. Јованово 5:19). Знаеме дека Исус рекол за своите ученици: „Тие не се дел од светот, како што ни јас не сум дел од светот“. Сепак, ние живееме во светот, заработуваме за живот во него и добиваме услуги од него (Јован 17:11, 15, 16). Затоа, имаме обврски кон светот околу нас. Кои се тие? Апостол Павле дал одговор на тоа прашање. Кратко пред уништувањето на Ерусалим, тој напишал писмо до христијаните во Мала Азија, а еден дел од тоа писмо ни помага да имаме урамнотежен однос со светот.

12. Во кој поглед христијаните се „странци и привремени жители“, и како такви, од што треба да се воздржуваат?

12 Како прво, Павле рекол: „Љубени, ве поттикнувам како странци и привремени жители да се воздржувате од телесни желби, зашто токму тие војуваат против душата“ (1. Петрово 2:11). Вистинските христијани, во духовна смисла, се „странци и привремени жители“ на тој начин што во вистинскиот фокус на нивниот живот е надежта за вечен живот — помазаните со дух на небото а ‚другите овци‘ во еден иден рај на земјата (Јован 10:16; Филипјаните 3:20, 21; Евреите 11:13; Откровение 7:9, 14—17). Но, кои се телесните желби? Во нив спаѓаат работи како што е желбата да се биде богат, желбата за истакнатост, неморалните сексуални желби и желбите опишани како „завист“ и „лакомост“ (Колошаните 3:5; 1. Тимотеј 6:4, 9; 1. Јованово 2:15, 16).

13. На кој начин телесните желби ‚војуваат против нашата душа‘?

13 Таквите желби навистина ‚војуваат против [нашата] душа‘. Тие го нагризуваат нашиот однос со Бог и со тоа ја доведуваат во опасност нашата христијанска надеж (нашата „душа“, односно живот). На пример, ако негуваме интерес за неморални работи, како можеме да се принесеме себеси како „жртва жива, света, прифатлива за Бог“? Ако паднеме во стапицата на материјализмот, како ‚го бараме најнапред царството‘? (Римјаните 12:1, 2; Матеј 6:33; 1. Тимотеј 6:17—19). Подобар правец е да го следиме примерот на Мојсеј, да им свртиме грб на заведувањата на светот и да ја ставиме службата за Јехова на прво место во нашиот живот (Матеј 6:19, 20; Евреите 11:24—26). Тоа е еден важен фактор за да постигнеме урамнотежен однос со светот.

‚Задржете добро однесување‘

14. Зошто ние како христијани настојуваме да задржиме добро однесување?

14 Друго многу битно упатство наоѓаме во следните зборови на Петар: „Задржете го своето добро однесување меѓу нациите за во она, во кое зборуваат против вас како да сте злосторници, на темел на вашите добри дела чиишто очевидци се тие, да го прослават Бог во денот на неговото прегледување“ (1. Петрово 2:12). Како христијани, настојуваме да бидеме примерни. На училиште сме вредни ученици. На нашето работно место сме трудољубиви и чесни — дури и ако изгледа дека нашиот работодавач е неразумен. Во разделен дом, сопругот или сопругата што е верник вложува посебен напор да ги следи христијанските начела. Не е секогаш лесно, но знаеме дека нашето примерно однесување му е угодно на Јехова и честопати влијае добро врз оние што не се Сведоци (1. Петрово 2:18—20; 3:1).

15. Од каде знаеме дека високите мерила на однесување на Јеховините сведоци се признати во целиот свет?

15 Успехот на повеќето Јеховини сведоци во задржувањето примерни мерила се гледа во коментарите за нив што се објавувани низ годините. На пример, Il Tempo од Италија извести: „Луѓето што одат на работа со Јеховини сведоци ги опишуваат како чесни работници, толку убедени во својата вера што можеби изгледаат опседнати со неа; сепак, тие заслужуваат почит за нивниот морален интегритет“. Herald од Буенос Аирес (Аргентина) навел: „Јеховините сведоци низ годините се покажале како трудољубиви, трезвени, штедливи и богобојазливи граѓани“. Рускиот изучувач Сергеј Иваненко навел: „Јеховините сведоци се познати во целиот свет како луѓе што беспрекорно се држат за законот и особено се познати по нивниот совесен став кон плаќањето даноци“. Во Зимбабве, директорката на еден објект што го користеле Јеховините сведоци за нивниот конгрес, рекла: „Гледам некои Сведоци што собираат хартија и ги чистат тоалетите. Локациите се оставени почисти отколку што беа. Вашите тинејџери се принципиелни. Би сакала целиот свет да биде полн со Јеховини сведоци“.

Христијанска подложност

16. Каков е нашиот однос со световните власти, и зошто?

16 Петар зборува и за нашиот однос со световните власти. Тој вели: „Заради Господ подложете се на секоја човечка творба: било на царот како на повисок било на управителите како на такви кои тој ги праќа да ги казнат злосторниците, а да ги фалат оние кои прават добро. Зашто тоа е Божјата волја, преку добротворството да го замолкнете неупатениот говор на неразумните луѓе“ (1. Петрово 2:13—15). Благодарни сме за користите што ги добиваме од уредната влада и, водени од Петровите зборови, послушни сме на нејзините закони и плаќаме даноци. Иако го признаваме правото што им го дал Бог на владите да ги казнуваат оние што го прекршуваат законот, главната причина зошто им се подложуваме на световните власти е „заради Господ“. Тоа е Божја волја. Освен тоа, не сакаме да му нанесеме прекор на Јеховиното име со тоа што ќе бидеме казнети за некој престап (Римјаните 13:1, 4—7; Тит 3:1; 1. Петрово 3:17).

17. Во што можеме да бидеме уверени кога ни се спротивставуваат „неразумните луѓе“?

17 За жал, некои ‚неразумни луѓе‘ што имаат власт нѐ прогонуваат или ни се спротивставуваат на други начини — со тоа што унапредуваат клеветнички кампањи против нас. Сепак, во Јеховино одредено време, нивните лаги секогаш се разоткриени, а нивниот ‚неупатен говор‘ е ефикасно замолкнат. Нашето досие на христијанско однесување зборува само за себе. Затоа, искрените службеници од владата честопати нѐ пофалуваат како извршители на она што е добро (Римјаните 13:3; Тит 2:7, 8).

Божји робови

18. Како христијани, на кои начини можеме да избегнеме да ја злоупотребуваме нашата слобода?

18 Сега Петар предупредува: „Бидете како слободни луѓе, а сепак имајте ја својата слобода не како покривка за злоба, туку како Божји робови“ (1. Петрово 2:16; Галатите 5:13). Денес, нашето спознание за библиските вистини нѐ ослободува од учењата на лажната религија (Јован 8:32). Освен тоа, имаме слободна волја и имаме можност да избираме. Сепак, ние не ја злоупотребуваме нашата слобода. Кога правиме избор за дружењето, облеката, дотерувањето, забавата — дури и за храната и пиењето — си спомнуваме дека вистинските христијани се Божји робови, а не си угодуваат себеси. Избираме да му служиме на Јехова наместо да бидеме робови на нашите сопствени телесни желби или модни лудила и трендови во светот (Галатите 5:24; 2. Тимотеј 2:22; Тит 2:11, 12).

19-21. а) Како гледаме на оние што се на положби на световен авторитет? б) Како покажале некои „љубов кон целата заедница од браќа“? в) Која е нашата најважна одговорност?

19 Петар понатаму вели: „Искажувајте им чест на сите видови луѓе, имајте љубов кон целата заедница од браќа, имајте страв од Бог, искажувајте му чест на царот“ (1. Петрово 2:17). Бидејќи Јехова дозволува луѓето да заземаат различни положби на авторитет, им оддаваме соодветна чест на тие луѓе. Дури и се молиме за нив, со цел да ни биде дозволено да ја извршуваме нашата служба во мир и со побожна оддаденост (1. Тимотеј 2:1—4). Сепак, во исто време, ‚имаме љубов кон целата заедница од браќа‘. Секогаш им правиме добро, а не лошо, на нашите христијански браќа.

20 На пример, кога една африканска нација била растргната од етничко насилство, било видливо христијанското однесување на Јеховините сведоци. Весникот Reformierte Presse од Швајцарија известил: „Во 1995, организацијата ‚Африкански права‘ . . . успеа да го докаже учеството [во конфликтот] на сите цркви, со исклучок на Јеховините сведоци“. Кога до надворешниот свет пристигна веста за трагичните настани, Јеховините сведоци во Европа веднаш им испратија помош во храна и лекови на своите браќа и на другите луѓе во таа погодена земја (Галатите 6:10). Тие ги послушаа зборовите од Пословици 3:27: „Не крати им добротворство на оние што имаат потреба кога можеш да го направиш тоа“.

21 Но, има една поважна одговорност отколку честа што ѝ ја должиме на која и да е световна власт, поважна дури и од љубовта што им ја должиме на нашите браќа. Што е тоа? Петар рекол: „Имајте страв од Бог“. На Јехова му должиме многу повеќе отколку што му должиме на некој човек. Како тоа? И како можеме да ги урамнотежиме нашите обврски кон Бог со она што им го должиме на световните власти? На овие прашања ќе биде одговорено во следната статија.

Се сеќаваш ли?

• Кои одговорности ги имаат христијаните во семејството?

• Како можеме да покажеме став на давање во собранието?

• Кои одговорности ги имаме кон светот околу нас?

• Кои се некои користи што произлегуваат ако задржиме високи мерила на однесување?

[Прашања]

[Слика на страница 9]

Како може христијанското семејство да биде извор на голема радост?

[Слики на страница 10]

Зошто Јеховините сведоци имаат љубов еден кон друг?

[Слики на страница 10]

Можеме ли да покажеме љубов кон нашите браќа дури и кога не ги познаваме лично?