Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Божествените закони се за наша корист

Божествените закони се за наша корист

Божествените закони се за наша корист

„О, колку го љубам Твојот Закон“ (ПСАЛМ 119:97).

1. Каков став преовладува во врска со послушноста кон божествените закони?

 ДЕНЕС не е популарно да се биде послушен на божествените закони. За многумина, покорувањето на невидлив виш авторитет изгледа бесмислено. Живееме во ера на морален релативизам, на замаглени граници меѓу исправното и неисправното и на огромни сиви зони (Пословици 17:15; Исаија 5:20). Одразувајќи го начинот на размислување вообичаен во многу световни општества, една неодамнешна анкета забележа дека „повеќето Американци сакаат самите да одлучуваат што е исправно, добро и смисловно“. Тие избираат „да нема строг Бог. Да нема строги правила. Да нема строги претпоставени, во морален или во друг поглед“. Еден општествен аналитичар забележал дека денес „од поединците се очекува самите да одлучуваат што значи да се води добар и доблесен живот“. Тој продолжил: „Секој облик на виш авторитет мора да ги крои своите заповеди според потребите на вистинските луѓе“.

2. На кој начин првото спомнување на закон во Библијата е тесно поврзано со божествениот благослов и одобрување?

2 Со оглед на тоа што многумина ја доведуваат во прашање вредноста на Јеховините закони, треба да ја зајакнеме својата увереност дека божествените мерила се за наша корист. Од интерес е да го разгледаме извештајот каде што првпат во Библијата е спомнат закон. Во Битие 26:5 ги читаме Божјите зборови: „Авраам . .  им се покоруваше на Моите заповеди, на Моите закони и одредби!“ Тие зборови биле кажани со векови пред Јехова да им даде детален законски кодекс на Авраамовите потомци. Како ја наградил Бог послушноста на Авраам, вклучувајќи ја и послушноста кон Неговите закони? Јехова Бог му ветил: „Сите народи на земјата ќе бидат благословени преку твоето потомство“ (Битие 22:18). Според тоа, послушноста кон божествените закони е тесно поврзана со божествениот благослов и одобрување.

3. а) Какво чувство изразил еден псалмист кон Јеховиниот закон? б) Кои прашања го заслужуваат нашето внимание?

3 Еден од псалмистите — веројатно кнез на Јуда и иден цар — изразил чувство кое обично не е поврзано со закон. Тој извикнал кон Бог: „О, колку го љубам Твојот Закон“ (Псалм 119:97). Ова не бил некаков емоционален излив. Тоа било израз на љубовта кон Божјата волја, изложена во неговиот закон. Исус Христос, совршениот Божји Син, имал слични чувства. Исус бил пророчки опишан како вели: „Мило ми е, Господи, да ја исполнувам Твојата волја, јас го носам Твојот закон длабоко во срцето“ (Псалм 40:8; Евреите 10:9). А како е со нас? Дали нам ни е мило да ја извршуваме Божјата волја? Дали сме уверени во полезноста и користите од Јеховините закони? Какво место има послушноста кон Божјите закони во нашето обожавање, во нашиот секојдневен живот, кога донесуваме одлуки и во нашите односи со другите? За да го љубиме божествениот закон, ќе биде добро да разбереме зошто Бог има право да ги формулира и да ги спроведува законите.

Јехова — легитимен Законодавец

4. Зошто е Јехова врховниот, легитимен Законодавец?

4 Како Творец, Јехова е врховниот, легитимен Законодавец во универзумот (Откровение 4:11). Пророкот Исаија рекол: „Господ е наш Законодавец“ (Исаија 33:22). Тој ги поставил физичките закони што владеат со живите и со неживите творби (Јов 38:4—38; 39:1—12; Псалм 104:5—19). Како Божја творба, човекот е подложен на Јеховините физички закони. И, иако има слободна волја и е способен сам да резонира, човекот е среќен само кога им се подложува на Божјите морални и духовни закони (Римјаните 12:1; 1. Коринќаните 2:14—16).

5. На кој начин начелото од Галатите 6:7 се покажува вистинито во однос на божествените закони?

5 Како што знаеме, Јеховините физички закони не можат да се укинат (Еремија 33:20, 21). Ако некој постапува спротивно на некои физички закони, како што е законот за гравитација, ги доживува последиците. На сличен начин, Божјите морални закони се неотповикливи и не можат да се заобиколат ниту да се прекршат без казна. Тие се спроведуваат исто толку сигурно колку и неговите природни закони, иако исходот можеби нема да се види веднаш. „Со Бог нема подигрување. Зашто, што човек сее, тоа и ќе пожнее“ (Галатите 6:7; 1. Тимотеј 5:24).

Опсежноста на Јеховиниот закон

6. Колку се опсежни божествените закони?

6 Извонреден израз на божествениот закон бил Мојсеевиот закон (Римјаните 7:12). Со текот на времето, Јехова Бог го заменил Мојсеевиот закон со „законот на Христос“ a (Галатите 6:2; 1. Коринќаните 9:21). Како христијани под „совршениот закон кој ѝ припаѓа на слободата“, сфаќаме дека Бог не ги ограничува своите упатства на извесни аспекти од нашиот живот, како што се доктринални верувања или церемонијални обреди. Неговите мерила ги опфаќаат сите аспекти од животот, вклучувајќи ги и семејните работи, деловните постапки, однесувањето кон лица од спротивниот пол, ставовите кон сохристијаните и учеството во вистинското обожавање (Јаков 1:25, 27).

7. Наведи примери на важни божествени закони.

7 На пример, Библијата вели: „Ни блудници, ни идолопоклоници, ни прељубници, ни мажи кои се држат за неприродни намени, ни мажи кои лежат со мажи, ни крадци, ни алчни, ни пијаници, ни оние кои зборуваат срамотно, ни изнудувачи нема да го наследат Божјето царство“ (1. Коринќаните 6:9, 10). Да, прељубата и блудот не се само „љубовни афери“. Хомосексуалните постапки не се само „алтернативен начин на живот“. Тие се прекршување на Јеховиниот закон. А тоа е случај и со крадењето, лажењето и клеветењето (Псалм 101:5; Колошаните 3:9; 1. Петрово 4:15). Јаков го осудил фалбаџиството, додека Павле нѐ советувал да избегнуваме глупави зборови и срамотни шеги (Ефешаните 5:4; Јаков 4:16). За христијаните, сите овие правила на однесување се дел од Божјиот совршен закон (Псалм 19:7).

8. а) Каква е природата на Јеховиниот закон? б) Кое е основното значење на хебрејскиот збор за „закон“?

8 Таквите основни одредби во Јеховината реч откриваат дека неговиот закон е многу повеќе отколку само еден список на студени, легалистички одредби. Тој закон е темелот на еден урамнотежен, продуктивен живот, и врши добро влијание врз сите аспекти од нашето однесување. Божествениот закон е изградувачки, етички и поучен (Псалм 119:72). Зборот „закон“, што го користел псалмистот, е преведен од хебрејскиот збор тора. Еден библиски изучувач вели: „Овој збор е образуван од еден глагол што значи да се насочува, да се води, да се нишани, да се гаѓа напред. Според тоа, неговото значење би било правило на однесување“. За псалмистот, законот бил дар од Бог. Зарем не треба и ние да го гледаме на сличен начин и да дозволиме тој да го обликува нашиот начин на живот?

9, 10. а) Зошто ни е потребно проверено упатство? б) Кој е единствениот начин на кој можеме да имаме задоволувачки и успешен живот?

9 На сите созданија им е потребно проверено упатство и доверливо водство. Ова е случај со Исус и со другите ангели, кои се повисоки во однос на човекот (Псалм 8:5; Јован 5:30; 6:38; Евреите 2:7; Откровение 22:8, 9). Ако овие совршени созданија можат да извлечат корист од божественото водство, колку повеќе е тоа случај со несовршените луѓе! Човечката историја и нашето лично искуство ја докажале вистинитоста на забележувањето на пророкот Еремија: „Знам, Господи, дека патот на човекот не е во неговата власт, дека човекот, кој што оди не може да ги управува своите чекори“ (Еремија 10:23).

10 Ако сакаме да имаме задоволувачки и успешен живот, мораме за водство да се потпираме на Бог. Цар Соломон сфатил колку е опасно да се живее според лични мерила, независно од божественото водство: „Некој пат му се чини на човекот прав, а на крајот води кон смртта“ (Пословици 14:12).

Причини да го цениме Јеховиниот закон

11. Зошто треба да имаме желба да го разбереме Божјиот закон?

11 Добро е да негуваме длабока желба да го разбереме Јеховиниот закон. Псалмистот изразил таков копнеж кога рекол: „Отвори ги моите очи, за да ги гледам убавините на Твојот Закон!“ (Псалм 119:18). Колку повеќе знаеме за Бог и за неговите патишта толку подлабоко ќе ја разбираме вистинитоста на зборовите на Исаија: „Јас Господ, твојот Бог, те учам за твое добро, те водам по патот по кој треба да одиш. О, да внимаваше на Моите заповеди!“ (Исаија 48:17, 18). Јехова има срдечна желба неговиот народ да избегне несреќа и да води живот обрнувајќи внимание на неговите заповеди. Да испитаме некои главни причини зошто треба да го цениме Божјиот закон.

12. На кој начин тоа што Јехова нѐ познава го прави најдобар Законодавец?

12 Божествениот закон доаѓа од Оној што најдобро нѐ познава. Со оглед на тоа што Јехова е наш Творец, логично е дека тој ги познава луѓето до срж (Псалм 139:1, 2; Дела 17:24—28). Блиските пријатели, роднините, па дури и родителите не можат да нѐ познаваат толку добро како Јехова. Па Бог нѐ познава дури подобро отколку што се познаваме ние самите! Нашиот Создател на неспоредлив начин ги разбира нашите духовни, емоционални, умствени и физички потреби. Додека го насочува своето внимание кон нас, тој покажува длабоко разбирање за нашата градба, нашите желби и стремежи. Јехова ги разбира нашите ограничувања, но го знае и нашиот потенцијал за добро. Псалмистот вели: „Знае добро како сме создадени, си спомнува дека сме прав“ (Псалм 103:14). Значи, ние можеме да имаме чувство на духовна сигурност додека настојуваме да одиме по неговиот закон, спремно подложувајќи се на божественото водство (Пословици 3:19—26).

13. Зошто можеме да бидеме сигурни дека Јехова ги има при срце нашите најдобри интереси?

13 Божествениот закон доаѓа од Оној што нѐ љуби. Бог е длабоко заинтересиран за нашето трајно добро. Зарем тој не го дал својот Син како „откупнина во замена за мнозина“ по голема лична цена? (Матеј 20:28). Зарем Јехова не ветил дека ‚нема да дозволи да бидеме искушани повеќе од она што можеме да носиме‘? (1. Коринќаните 10:13). Зарем Библијата не нѐ уверува дека тој ‚се грижи за нас‘? (1. Петрово 5:7). Никој не е на пољубезен начин заинтересиран да му даде на човечкото творештво корисни упатства отколку што е Јехова. Тој знае што е добро за нас и каде е повлечена линијата меѓу среќата и тагата. Иако сме несовршени и правиме грешки, ако се стремиме по праведност, тој покажува љубов кон нас на начини што ќе ни донесат живот и благослови (Езекиел 33:11).

14. На кој важен начин Божјиот закон се разликува од човечките идеи?

14 Божјиот закон е уверливо непроменлив. Во бурните времиња во кои живееме, Јехова е карпа на стабилност, тој постои од век до век (Псалм 90:2). За себе рекол: „Јас, Господ, не се менувам“ (Малахија 3:6). Божјите мерила, запишани во Библијата, се потполно доверливи — за разлика од живиот песок на човечките идеи што постојано се менуваат (Јаков 1:17). На пример, психолозите со години се залагале за попустливо воспитување на децата, но подоцна некои од нив го смениле мислењето и признале дека нивниот совет бил грешка. Световните мерила и упатства во врска со тоа се тетерават ваму-таму како да се фрлани од ветрови. Меѓутоа, Јеховината реч е непоколеблива. Библијата со векови дава совет дека децата треба да се воспитуваат со љубов. Апостол Павле напишал: „Татковци, не раздразнувајте ги своите деца, туку подигајте ги во дисциплина и во Јеховино умствено насочување“ (Ефешаните 6:4). Колку само е охрабрувачки што знаеме дека можеме да се потпираме на Јеховините мерила; тие нема да се сменат!

Благослови за оние што им се послушни на Божјите закони

15, 16. а) Каков ќе биде резултатот ако ги применуваме Јеховините мерила? б) Како можат Божјите закони да се покажат здрав водич во бракот?

15 Бог преку својот пророк Исаија рекол: „Словото што излегува од Мојата уста . . . ќе го изврши она заради кое го испратив [ќе има успех, NW]“ (Исаија 55:11). Со исто толкава сигурност, кога искрено се стремиме да ги следиме мерилата што се наоѓаат во неговата Реч, ќе имаме успех, ќе постигнеме добро и ќе најдеме среќа.

16 Размисли за тоа како Божјите закони се здрав водич за успешен брак. „Бракот нека биде чесен меѓу сите“, напишал Павле, „и брачната постела нека биде неизвалкана зашто Бог ќе им суди на блудниците и на прељубниците“ (Евреите 13:4). Брачните партнери треба да се почитуваат и да се љубат еден со друг: „Секој од вас поединечно така нека ја љуби својата жена како самиот себе; жената, пак, треба да има длабока почит кон својот маж“ (Ефешаните 5:33). Каква љубов е потребна е опишано во 1. Коринќаните 13:4—8: „Љубовта е долготрпелива и љубезна. Љубовта не е љубоморна, не се фали, не се дуе, не се однесува непристојно, не ги бара сопствените интереси, не се раздразнува. Не ја става во сметка штетата. Не ѝ се радува на неправедноста, туку се радува на вистината. Сѐ поднесува, сѐ верува, на сѐ се надева, сѐ трпи. Љубовта никогаш не затајува“. Брак што се карактеризира со ваква љубов нема да пропадне.

17. Какви се користите од применувањето на Јеховините мерила за употреба на алкохол?

17 Друг доказ дека Јеховините мерила се корисни е фактот што тој го осудува пијанството. Дури и не го одобрува ‚оддавањето на многу вино‘ (1. Тимотеј 3:3, 8; Римјаните 13:13). Многумина што ги игнорираат Божјите мерила во врска со ова страдаат од болести предизвикани или влошени од претерано пиење. Игнорирајќи го библискиот совет за умереност, некои се препуштиле на навиката на прекумерно пиење како „помош да се опуштат“. Последица од претераното пиење се многу проблеми, меѓу кои се губење на почитта, затегнати семејни односи или распад на семејството, потрошена плата и губење на работното место (Пословици 23:19—21, 29—35). Зарем Јеховините мерила во врска со употребата на алкохол не се заштита?

18. Дали се Божјите закони практични во финансиски поглед? Објасни.

18 Божјите мерила се докажале практични и во финансиски поглед. Библијата ги поттикнува христијаните да бидат чесни и трудољубиви (Лука 16:10; Ефешаните 4:28; Колошаните 3:23). Затоа што го следат овој совет, многу христијани добиле унапредување или ги задржале своите работни места кога други биле отпуштени. Финансиски користи произлегуваат и кога некој избегнува небиблиски навики и зависности, како што се коцкање, пушење и злоупотреба на дрога. Несомнено ќе се сетиш и на други примери за тоа колку Божјите мерила се економски практични.

19, 20. Зошто е пат на мудрост да ги прифатиме божествените закони и да се држиме за нив?

19 Лесно е несовршените луѓе да застранат од Божјите закони и мерила. Помисли само на Израелците на гората Синај. Бог им рекол: „Ако го слушате гласот Мој и го пазите заветот Мој, ќе ми бидете народ избран меѓу сите народи“. Тие одговориле: „Сѐ што рекол Господ ќе направиме“. Сепак, колку само бил спротивен правецот што го избрале! (Излез 19:5, 8СП; Псалм 106:12—43). За разлика од тоа, да ги прифатиме Божјите мерила и да се држиме за нив.

20 Пат на мудрост и среќа е тесно да се прилепиме кон неспоредливите закони што ги дал Јехова за да ги води нашите животи (Псалм 19:7—11). За да го правиме ова успешно, треба да ја цениме и вредноста на побожните начела. Ова е тема на следната статија.

[Фуснота]

a За детална дискусија за „Законот на Христос“, види Стражарска кула од 1 септември 1996, страници 14—24.

Се сеќаваш ли?

• Зошто можеме да имаме доверба дека Божјите закони се за наша корист?

• Од кои причини треба да го цениме Јеховиниот закон?

• На кои начини се корисни Божјите закони?

[Прашања]

[Слика на страница 13]

Авраам бил богато благословен поради тоа што му бил послушен на Јеховиниот закон

[Слики на страница 15]

Тегобните грижи на денешниот живот исполнет со многу активности одвраќаат многумина од божествениот закон

[Слика на страница 17]

Слично на еден светилник на карпа, божествениот закон е стабилен и непроменлив