Библијата — учебник за животот
Библијата — учебник за животот
„РЕЧТА Божја е жива и врши силно влијание и е поостра од кој и да било меч со две сечила . . . и може да ги распознае мислите и намерите на срцето“ (Евреите 4:12). Овој опис на она што може да го постигне Божјата реч сигурно ја карактеризира Библијата како нешто повеќе отколку само добра книга.
„Нејзината порака е животоважна за нас како и следниот здив“, го изнел тоа концизно еден религиски писател. Потоа додал: „Кога ќе ги земеш предвид нашиот копнеж и денешната потреба од лекување и ја читаш Библијата во таква светлина, следат зачудувачки резултати“. Како ламба која светли, Библијата фрла светлина врз многуте сложени спорни прашања и проблеми на современиот живот (Псалм 119:105).
Навистина, мудроста изразена во Библијата има моќ да го обликува нашето размислување, ни помага да ги решаваме проблемите, го подобрува квалитетот на нашиот живот и нѐ опремува со вештини да излеземе на крај со ситуациите кои не можеме да ги промениме. Што е најважно, Библијата ни овозможува да го запознаеме и да го љубиме Бог.
Книга која дава смисла
На Авторот на Библијата, Јехова Бог, ‚познати му се сите наши патишта‘. Тој ги познава нашите физички, емоционални и духовни потреби дури повеќе од што ги познаваме ние самите (Псалм 139:1—3). Тој обѕирно поставува јасни граници за човечкото однесување (Михеј 6:8). Има смисла да настојуваме да ги разбереме тие граници и упатства и да научиме да живееме според нив. Среќен е оној човек кому „му омилел законот на Господа“ (СП), вели псалмистот. „Сѐ што прави, во сѐ успева“ (Псалм 1:1—3). Ваквиот изглед сигурно го заслужува нашето испитување.
Морис, наставник во пензија, отсекогаш верувал дека Библијата има некаква историска и литературна вредност. Сепак, бил скептичен во врска со тоа дека е божествено инспирирана. Откако сослушал едно објаснување во врска со тоа зошто Бог им ја дал својата пишана Реч на луѓето, Морис испитал различни библиски пророштва. Како млад тој студирал историја на стариот век, литература, наука и географија. Признава дека се сметал себеси за премногу паметен за да ги признае бројните примери кои ја поддржуваат автентичноста на
Библијата. „Бев заплеткан во слепата трка за комфор, богатство и задоволствата на животот. За жал, останав неинформиран и во незнаење за убавината и вистинитоста на најдобрата книга која е досега напишана“.Сега, во своите 70-ти години, алудирајќи на извештајот за Исусовото појавување на апостолот Тома, Морис со ценење вели: „Раката ми беше водена кон ‚раната што крвави‘ која засекогаш ќе ги растера од мојот ум сите сомневања дека Библијата е сѐ, само не вистината“ (Јован 20:24—29). Како што со право рекол апостол Павле, Библијата ги разоткрива намерите на срцето, и му дава смисла на животот. Таа навистина е учебник за животот.
Му додава стабилност на разбрануваниот живот
Библијата дава и совети кои им помагаат на луѓето да ги отстранат лошите навики. Даниел успеал да ја совлада нечистата навика на пушење, како и да прекине со разузданите забави и злоупотребата на алкохол (Римјаните 13:13; 2. Коринќаните 7:1; Галатите 5:19—21). Реалистично говорејќи, за да се искоренат таквите навики и да се облече „новата личност“, потребен е одлучен напор (Ефешаните 4:22—24). „Беше предизвик“, вели Даниел, „бидејќи сме толку несовршени.“ Сепак, успеал. Сега Даниел ја чита Божјата реч секој ден, и тоа го држи близок со Јехова.
Додека растел, Даниел секогаш имал длабока почит кон Библијата — иако никогаш не ја читал — и му се молел на Бог секоја ноќ. Сепак, нешто фалело. Среќата го заобиколувала. Пресвртница за него било кога за првпат го видел Божјето име во Библијата (Излез 6:3; Псалм 83:18, обата NW). После тоа, го користел името Јехова кога се молел, и неговите молитви станале многу полични. „Јехова ми стана најблиската личност, и тој сѐ уште ми е најблизок пријател.“
Пред да научи за Библијата, Даниел имал мрачно гледиште за иднината. „Не е потребна голема интелигенција за да се види што се случува во светот“, вели тој. „Бев уплашен, и се обидував да бидам зафатен за да го потиснам тоа од мојот ум.“ Потоа дознал дека Бог ќе воспостави правда за сите на очистената Земја, каде што послушните луѓе ќе можат да уживаат вечен мир и среќа (Псалм 37:10, 11; Даниел 2:44; Откровение 21:3, 4). Сега Даниел има сигурна надеж. Ова стабилизирачко влијание на Библијата му овозможува да задржи позитивно гледиште за животот.
Помош во совладување на емоционалните проблеми
Џорџ имал седум години кога умрела мајка му. Многу се плашел да си легне навечер, не знаејќи дали ќе се разбуди следниот ден. Потоа прочитал што рекол Исус за смртта и воскресението: „Доаѓа часот во кој сите оние што се во спомен-гробовите ќе го чујат [Исусовиот] глас и ќе излезат“. Исто така, бил трогнат од Исусовите зборови: „Јас сум воскресението и животот. Кој практикува вера во мене, и да умре, ќе оживее“ (Јован 5:28, 29; 11:25). Таквите мисли звучеле разумно, логично и утешително. „Оваа вистина“, вели Џорџ, „не само што е привлечна за умот туку и го погаѓа срцето.“
Даниел, спомнат претходно, исто така имал свои стравови. Мајка му не можела да го одгледува сама, па затоа го испраќала да живее во повеќе домови за незгрижени деца. Секогаш се чувствувал како странец и копнеел по сигурноста што доаѓа кога се припаѓа на семејство полно со љубов. На крај, она што го барал, го пронашол преку својата студија на Библијата. Даниел почнал да се дружи со христијанското собрание на Јеховините сведоци и станал дел од едно духовно семејство, каде што го доживеал чувството да се биде прифатен и да
се биде сакан од другите. Всушност, Библијата е корисна на еден практичен и емоционално задоволувачки начин.Запомни, Јехова гледа што има во нашето срце и знае што бараме. Бог „го испитува срцето“ и му дава „секому според неговото поведение“ (Пословици 21:2; Еремија 17:10).
Практични совети за семејниот живот
Библијата дава практични совети кога станува збор за меѓучовечките односи. Џорџ вели: „Судирот на карактери или недоразбирањата се едни од најстресните ситуации во животот“. Како се справува тој со нив? „Ако почувствувам дека некој има нешто против мене, го применувам директниот совет од Матеј 5:23, 24: ‚Помири се со брат ти‘. Едноставно тоа што можам да разговарам за судирот донесува резултати. Можам да го почувствувам Божјиот мир за кој зборува Библијата. Тој совет функционира. Многу е практичен“ (Филипјаните 4:6, 7).
Кога сопругот и сопругата не се сложуваат, обајцата треба да ‚бидат брзи на слушање, бавни на зборување, бавни на гнев‘ (Јаков 1:19). Таквиот совет ја подобрува комуникацијата. Џорџ додава: „Кога го применувам советот да ја љубам мојата сопруга и да се однесувам со неа како со себеси, брзо гледам резултати. Нејзе ѝ е полесно да ме почитува“ (Ефешаните 5:28—33). Да, Библијата нѐ учи како да ги признаеме своите несовршености и да се справиме со нив, и како да имаме успех во излегувањето на крај со несовршеностите на другите.
Совети кои траат
Мудриот цар Соломон рекол: „Надевај се на Господа со сето свое срце и не се потпирај врз сопствениот разум. Мисли на Него на сите свои патишта и Тој ќе ги исправи твоите патеки“ (Пословици 3:5, 6). Колку некомплицирани, а сепак длабоки се овие зборови!
Библијата е сила на добро. Таа им овозможува на љубителите на Бог да го доведат својот живот во склад со неговата волја и да најдат среќа во ‚одењето според Господовиот Закон‘ (Псалм 119:1). Без разлика какви се нашите околности, во Библијата се наоѓаат водството и советите кои ни се потребни (Исаија 48:17, 18). Читај ја секој ден, медитирај за она што си го прочитал и применувај го. Тоа ќе го одржи твојот ум бистар и фокусиран на работи кои се чисти и здрави (Филипјаните 4:8, 9). Ќе научиш не само како да живееш и да уживаш во животот туку и како да го љубиш Творецот на животот.
Следејќи го таквиот правец, Библијата ќе ти стане — како и на милиони други — повеќе отколку само една добра книга. Таа навистина ќе се докаже како учебник за животот!
[Слика на страница 6]
Библијата може да ја зајакне твојата решеност да ги совладаш штетните навики
[Слика на страница 7]
Библијата те учи како да му се приближиш на Бог