Те штитат четири бојни коли и круна
Така ќе биде ако го послушате гласот на Јехова, вашиот Бог (ЗАХ. 6:15)
1, 2. Во каква состојба се наоѓале Евреите во Ерусалим на крајот од седмото видение на Захарија?
ОТКАКО завршува седмото видение, Захарија имал многу работи за кои можел да размислува. Тој сигурно бил зајакнат од Јеховиното ветување дека ќе ги казни злобните луѓе. Сепак, ништо не се сменило. Многумина сѐ уште постапувале нечесно и правеле други лоши работи, а изградбата на храмот во Ерусалим сѐ уште не била завршена. Зошто Евреите толку брзо се откажале од задачата што им ја дал Јехова? Дали се вратиле во Ерусалим само за да имаат подобар живот?
2 Захарија знаел дека Евреите кои се вратиле во Ерусалим се верни Божји слуги. Јехова ги поттикнал да го остават својот дом и својата работа во Вавилон (Езра 1:2, 3, 5). Тие ја напуштиле земјата која добро ја познавале за да се преселат на место кое повеќето од нив никогаш не го ни виделе. На овие Евреи им било толку важно повторно да го изградат Јеховиниот храм што биле спремни да тргнат на едно тешко и опасно патување од 1.600 километри низ нерамен предел.
3, 4. Со какви проблеми се соочиле Евреите кои се вратиле во Ерусалим?
3 Замисли го долгото патување на Евреите од Вавилон до Ерусалим. Тие имале многу време за да размислуваат и да разговараат за нивниот нов дом. Постарите им кажувале колку убави биле Ерусалим и храмот во минатото (Езра 3:12). Да си патувал со нив, како ќе си се чувствувал кога за првпат ќе си го видел Ерусалим? Дали ќе си бил тажен поради урнатините прекриени со какол? Дали ќе си ги споредувал огромните двојни ѕидови на Вавилон со разрушените ѕидови на Ерусалим? Но, Евреите не биле обесхрабрени. Зошто? Бидејќи за време на нивното долго патување, Јехова им помагал и ги штител. Штом пристигнале во Ерусалим, изградиле жртвеник на местото каде што бил храмот и почнале секој ден да му принесуваат жртви на Јехова (Езра 3:1, 2). Тие биле полни со елан за работа. Изгледало дека ништо не може да ги обесхрабри.
4 Освен што требало повторно да го изградат храмот, Евреите требало да ги изградат и своите градови и куќи. Исто така, тие требало да ги насадат нивите за да можат да ги прехранат своите семејства (Езра 2:70). Очигледно, ги чекала огромна работа. По кратко време, дошле непријателите и се обиделе да ги спречат во работата. Иако Евреите на почетокот имале цврст став, противењето кое траело 15 години постепено им ја намалило ревноста и ги обесхрабрило (Езра 4:1-4). Згора на сѐ, во 522 год. пр.н.е., персискиот цар наредил да запрат сите градежни работи во Ерусалим. Се чинело дека градот никогаш нема да биде повторно изграден (Езра 4:21-24).
5. Како Јехова му помогнал на својот народ?
5 Јехова знаел што им е потребно на неговите слуги. Тој му го дал на Захарија последното видение за да ги увери Евреите дека ги сака и дека го цени сето она што го прават за Него. Бог им ветил дека ќе ги штити ако продолжат со работата што им ја дал. Во врска со обновата на храмот, Јехова рекол: „Така ќе биде ако го послушате гласот на Јехова, вашиот Бог“ (Зах. 6:15).
ВОЈСКА ОД АНГЕЛИ
6. а) Како започнало осмото видение на Захарија? (Види ја сликата на почетокот од статијата.) б) Зошто коњите се со различни бои?
6 Последното од осумте виденија на Захарија може најмногу да ни ја зајакне верата. (Прочитај Захарија 6:1-3.) Обиди се да замислиш што видел Захарија. Четири бојни коли кои ги влечеле коњи излегувале меѓу две планини што биле од бакар. Коњите биле со различни бои, и така лесно можело да се направи разлика меѓу колите. Захарија прашал: „Што е тоа?“ (Зах. 6:4). И ние сакаме да го дознаеме одговорот бидејќи ова видение се однесува и на нас.
Јехова сѐ уште ги користи своите ангели за да ги заштити и зајакне своите слуги
7, 8. а) Што претставуваат двете планини? б) Зошто планините се од бакар?
7 Во Библијата, планините можат да претставуваат царства или влади. Планините што ги видел Захарија се слични на двете планини кои се спомнати во пророштвото на Даниел. Едната од нив ја претставува Јеховината врховна власт која трае вечно, а другата го претставува месијанското Царство чиј Цар е Исус Христос (Дан. 2:35, 45). Откако Исус се зацарил во 1914 год., двете планини имаат посебна улога во исполнувањето на Божјата намера со Земјата.
8 Зошто планините се од бакар? Бакарот е скапоцен и сјаен метал. Всушност, Јехова Бог им рекол на Израелците да користат бакар кога го граделе светиот шатор, а подоцна и храмот во Ерусалим (2. Мој. 27:1-3; 1. Цар. 7:13-16). Тоа што овие две симболични планини се од бакар покажува колку се величествени Божјето владеење и владеењето на месијанското Царство. Тие ќе им овозможат на луѓето да се чувствуваат сигурно и да добијат многу благослови.
9. Кои се јавачите на колите, и која е нивната задача?
9 Што претставуваат бојните коли и јавачите? Јавачите се ангели, и тоа веројатно различни групи ангели. (Прочитај Захарија 6:5-8.) Тие излегуваат од кај „Господарот на целата земја“ со посебна задача. Ангелите се испратени на одредени места за да го заштитат Божјиот народ, особено од „северната земја“ — Вавилон. Преку ова видение, Јехова ги уверил своите слуги дека никогаш повеќе нема да бидат робови на Вавилон. Замисли колку биле утешени оние што го граделе храмот во времето на Захарија! Тие знаеле дека непријателите нема да ги сопрат.
10. Како може да ни помогне пророштвото на Захарија за бојните коли и нивните јавачи?
10 И денес, Јехова ги користи своите ангели за да го штити и зајакнува својот народ (Мал. 3:6; Евр. 1:7, 14). Од 1919 год., кога Божјиот народ бил ослободен од симболичното ропство на Големиот Вавилон, непријателите со сите сили се обидуваат да го спречат ширењето на вистинската религија (Отк. 18:4). Но, не успеваат во тоа. Бидејќи ангелите ја штитат Јеховината организација, не треба да се плашиме дека Божјиот народ некогаш повторно ќе потпадне под ропството на лажната религија (Пс. 34:7). Напротив, Божјите слуги низ целиот свет ќе продолжат радосно и ревносно да му служат на Јехова. Пророштвото на Захарија нѐ уверува дека сме безбедни во сенката на двете планини.
11. Зошто не треба да се плашиме од претстојниот напад врз Божјиот народ?
11 Наскоро, политичките сили на овој свет со кој владее Сатана ќе се здружат, односно ќе создадат една коалиција со цел да го уништат Божјиот народ (Езек. 38:2, 10-12; Дан. 11:40, 44, 45; Отк. 19:19). Во пророштвото на Езекиел овие војски се опишани како облаци кои ја прекриваат Земјата. Тие јаваат на коњи и со голем гнев доаѓаат да го нападнат Божјиот народ (Езек. 38:15, 16). a Дали треба да се плашиме од нив? Воопшто не. На наша страна е Јеховината војска. За време на големата неволја, ангелите на Јехова ќе го штитат неговиот народ и ќе ги уништат сите кои се противат на Неговата власт (2. Сол. 1:7, 8). Тоа навистина ќе биде посебен ден! Но, кој ќе ја предводи Јеховината небесна војска?
ЈЕХОВА КРУНИСУВА ЕДЕН СВЕШТЕНИК ЗА ЦАР
12, 13. а) Што му било кажано на Захарија да направи? б) Од каде знаеме дека човекот што е наречен Фиданка пророчки укажува на Исус Христос?
12 Захарија бил единствениот кој ги видел овие осум виденија. Но, потоа тој направил нешто што и другите можеле да го видат и што ги охрабрило оние кои го граделе Божјиот храм. (Прочитај Захарија 6:9-12.) На Захарија му било кажано да собере сребро и злато од тројца мажи кои се вратиле од Вавилон — Хелдај, Товија и Једај — за да направи „раскошна круна“ (Зах. 6:11). Дали оваа круна била наменета за управителот Зоровавел кој бил од племето на Јуда и потомок на Давид? Не. Јехова му рекол на Захарија да му ја стави круната на првосвештеникот Исус, синот на Јоседек. Ова најверојатно ги изненадило сите што биле очевидци на овој настан.
13 Дали со овој чин на крунисување првосвештеникот Исус станал цар? Не, тој не бил потомок на Давид, и затоа не можел да биде цар. Неговото крунисување пророчки укажувало на некој што ќе требало да биде свештеник и цар во цела вечност, а е наречен Фиданка. Библијата објаснува дека овој израз се однесува на Исус Христос (Иса. 11:1; Мат. 2:23, фус.).
14. Што прави Исус како Цар и Првосвештеник?
14 Исус Христос е и Цар и Првосвештеник. Тој ја предводи Јеховината војска од ангели, и прави сѐ што е потребно за да може Божјиот народ да се чувствува безбедно во овој насилен свет (Ерем. 23:5, 6). Наскоро, Христос ќе ги победи народите за да ја поддржи Божјата врховна власт и за да го заштити Јеховиниот народ (Отк. 17:12-14; 19:11, 14, 15). Но, пред да дојде тоа време, Исус треба да изврши уште една огромна задача.
ТОЈ ЌЕ ГО ИЗГРАДИ ХРАМОТ
15, 16. а) Кој го пречистил Божјиот народ во наше време, и како? б) Што ќе се постигне до крајот на Христовото илјадагодишно владеење?
15 Освен што бил поставен за Цар и Првосвештеник, Исус Христос добил задача и да „го изгради Јеховиниот храм“. (Прочитај Захарија 6:13.) Во 1919 год., тој ја извршил оваа задача така што го ослободил Божјиот народ од ропството на Големиот Вавилон, односно лажната религија, и го пречистил христијанското собрание. Исто така, го поставил „верниот и разборит роб“ за да предводи во делото кое се одвива во земните дворови на големиот духовен храм (Мат. 24:45). Освен тоа, Исус и понатаму му помага на Божјиот народ да му служи на Бог на прифатлив начин (Мал. 3:1-3).
16 За време на илјадагодишното владеење, Исус и 144-те илјади цареви и свештеници ќе им помогнат на послушните луѓе да станат совршени. Откако ќе ја завршат оваа задача, на Земјата ќе останат само оние што му служат на Јехова. Конечно, секој човек на Земјата ќе му служи на вистинскиот Бог на потполно исправен начин!
УЧЕСТВУВАЈ ВО ДУХОВНОТО ГРАДЕЖНО ДЕЛО
17. Какво уверување им дал Јехова на Евреите, и какво влијание извршила неговата порака врз нив?
17 Какво влијание извршила пораката на Захарија врз Евреите во негово време? Јехова ветил дека ќе им помага и ќе ги штити за да можат да ја завршат изградбата на храмот. Ова ветување им влеало надеж. Сепак, можеби сѐ уште се прашувале како ќе можат толку малку луѓе да извршат толку голема работа? Затоа, Захарија им кажал нешто што им ги отстранило стравот и сомнежите. Освен Хелдај, Товија и Једај кои дошле да им помогнат, Јехова рекол дека и други верни луѓе „ќе дојдат и ќе го градат Јеховиниот храм“. (Прочитај Захарија 6:15.) Уверени дека ја имаат поддршката од Јехова, Евреите храбро почнале да работат на храмот иако персискиот цар ја забранил изградбата. Но за кратко време, Јехова ја отстранил оваа голема пречка и храмот конечно бил завршен во 515 год. пр.н.е. (Езра 6:22; Зах. 4:6, 7). Сепак, зборовите на Јехова опишуваат и нешто многу поголемо што се случува во нашево време.
18. Како Захарија 6:15 се исполнува денес?
18 Денес, милиони луѓе му служат на Јехова. Тие со радост му го даваат „својот имот“, односно своето време, сила и материјални средства за да го поддржат неговиот голем духовен храм (Изр. 3:9). Како можеме да бидеме сигурни дека Јехова ја цени нашата верна поддршка? Не заборавај дека Хелдај, Товија и Једај донеле сребро и злато, и дека Захарија направил круна од тие материјали. Круната служела како спомен за прилогот што го дале за обожавањето на вистинскиот Бог (Зах. 6:14). Слично на тоа, Јехова никогаш нема да го заборави сето она што ние од љубов го правиме за него (Евр. 6:10).
19. Како треба виденијата на Захарија да влијаат врз нас?
19 Во овие последни денови, благодарение на благословот од Јехова и водството од Христос, Божјиот народ постигнува многу. Се радуваме што сме дел од една организација која е стабилна, во која се чувствуваме безбедно и која ќе трае вечно. Знаеме дека Јехова ќе ја исполни својата намера еден ден сите луѓе на Земјата да му служат на потполно исправен начин. Затоа, да го цениме местото што го имаме во Божјата организација и да го слушаме гласот на Јехова, нашиот Бог. Ако го правиме тоа, нашиот Цар и Првосвештеник, како и ангелите, ќе нѐ заштитат. Да дадеме сѐ од себе за да го поддржиме обожавањето на вистинскиот Бог. Можеш да бидеш уверен дека Јехова над војските ќе те штити до крајот на овој поредок и во цела вечност!
a Повеќе информации можеш да најдеш во статијата „Прашања од читателите“ во Стражарска кула од 15 мај 2015, страници 29-30.