Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Не дозволувај ништо да те спречи да ја добиеш наградата

Не дозволувај ништо да те спречи да ја добиеш наградата

Никој да не ве лиши од наградата (КОЛ. 2:18)

ПЕСНИ: 122, 139

1, 2. а) На каква награда се надеваат Божјите слуги? б) Што ни помага да не ја изгубиме од вид наградата? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

 ПОМАЗАНИТЕ христијани имаат прекрасна надеж — да живеат на небото. Апостол Павле ја нарекол оваа надеж: „Наградата на небесниот позив Божји“ (Фил. 3:14). Во небесното Царство тие ќе владеат заедно со Исус Христос и ќе им помагаат на луѓето да станат совршени (Отк. 20:6). Тоа навистина е скапоцена надеж! Другите овци имаат поинаква надеж — да живеат вечно во рај на Земјата. Тие многу се радуваат на оваа награда! (2. Пет. 3:13).

2 За да им помогне на своите помазани соверници да останат верни и да ја добијат наградата, Павле ги поттикнал: „Мислете на она што е на небото“ (Кол. 3:2). Тие требало да мислат на својата прекрасна небесна надеж (Кол. 1:4, 5). Тоа што размислуваат за благословите кои ги ветува Јехова им помага на сите негови слуги да не ја изгубат од вид наградата, без разлика дали имаат надеж да живеат на небото или на Земјата (1. Кор. 9:24).

3. За што ги предупредил Павле своите соверници?

3 Исто така, Павле ги предупредил соверниците да се чуваат од сето она што може да ги спречи да ја добијат наградата. На пример, тој им пишал на Колошаните за лажните христијани кои се обидувале да му угодат на Бог на погрешен начин. Наместо да покажуваат вера во Христос, тие го држеле Мојсеевиот закон (Кол. 2:16-18). Павле пишувал и за опасности што постојат сѐ до денес, а кои можат да нѐ спречат да ја добиеме наградата што ни ја ветил Бог. Тој објаснил како да се спротивставиме на неморалните желби и што да правиме ако имаме семејни проблеми или несогласувања со соверниците. Затоа, да разгледаме некои од овие корисни совети на апостол Павле кои се запишани во неговото писмо до Колошаните.

УСМРТЕТЕ ГИ НЕМОРАЛНИТЕ ЖЕЛБИ

4. Зошто неморалните желби можат да нѐ спречат да ја добиеме наградата?

4 Откако ги потсетил соверниците на нивната прекрасна надеж, Павле напишал: „Усмртете го она што е земно во вашите делови на телото: блудот, нечистотијата, сексуалната страст, лошата желба и лакомоста“ (Кол. 3:5). Неморалните желби може да бидат многу силни и можат да нѐ доведат во опасност да ги изгубиме нашето пријателство со Јехова и нашата надеж за иднината. Еден брат кој направил неморал и подоцна се вратил во собранието рекол: „Неморалните желби толку силно влијаеја врз мене што станав свесен што правам дури откако беше предоцна“.

5. Како можеме да се заштитиме во опасни ситуации?

5 Мора особено да внимаваме ако сме во ситуации кои би можеле да нѐ наведат да ги прекршиме мерилата на Јехова. На пример, кога двајца се во врска, мудро е уште од самиот почеток да си постават јасни граници во поглед на изразите на наклоност како на пример, допирање или бакнување. Исто така, треба однапред да одредат разумни граници за да не се доведат во ситуација да бидат сами на места каде што никој не може да ги види (Изр. 22:3). Друга опасна ситуација би била кога еден Сведок мора да оди на службено патување или кога на работното место мора да соработува со лице од спротивниот пол (Изр. 2:10-12, 16). Како да се заштитиш во такви ситуации? Отворено кажи дека си Јеховин сведок. Однесувај се пристојно и никогаш не заборавај дека флертувањето може да води до катастрофални последици. Исто така, треба многу да внимаваме на ситуации кога се чувствуваме тажно или осамено. Во такви моменти можеби копнееме по некој што ќе ни покаже дека нѐ цени. Можеби сме толку очајни за емоционална поддршка што би ни значело да добиеме внимание од кој и да било. Ова е опасно. Ако некогаш се чувствуваш така, немој да правиш ништо што би те спречило да ја добиеш наградата. Наместо тоа, барај помош од Јехова и од браќата и сестрите. (Прочитај Псалм 34:18; Изреки 13:20.)

6. Што треба да имаме на ум кога избираме забава?

6 За да ги усмртиме неморалните желби, мора да се чуваме од неморалната забава. Денес, голем дел од забавата во овој свет наликува на она што се случувало во Содом и Гомор (Јуда 7). Оние што ја создаваат таквата забава го прикажуваат сексуалниот неморал како нешто најнормално и безопасно. Затоа, секогаш мора да бидеме на штрек. Не смееме да ја прифатиме секоја забава што ни ја нуди светот. Наместо тоа, треба да избираме забава која нема да нѐ спречи да ја освоиме наградата — вечен живот (Изр. 4:23).

„ОБЛЕЧЕТЕ СЕ ВО ЉУБОВ“

7. Што може да се појави во христијанското собрание?

7 За нас е голем благослов тоа што сме дел од Божјата организација. Ја проучуваме Божјата Реч на состаноците и со љубов се поддржуваме еден со друг. Ова ни помага да мислиме на наградата. Меѓутоа, понекогаш се појавуваат недоразбирања кои можат да водат до проблеми меѓу членовите на собранието. Ако не ги решаваме таквите проблеми, тие лесно можат да водат до огорченост. (Прочитај 1. Петрово 3:8, 9.)

8, 9. а) Кои особини ќе ни помогнат да ја освоиме наградата? б) Ако некој соверник нѐ повреди со збор или постапка, што може да ни помогне да го зачуваме мирот во собранието?

8 Како можеме да се бориме против огорченоста која може да нѐ лиши од наградата? Павле објаснил што треба да правиме: „Како Божји избраници, свети и сакани, облечете се во најдлабока сомилост, љубезност, понизност, благост и долготрпеливост. Поднесувајте се еден со друг и спремно простувајте си еден на друг, ако некој има жалба против некого. Како што Јехова спремно ви прости вам, така правете и вие. Освен тоа, облечете се во љубов, зашто таа совршено ве поврзува“ (Кол. 3:12-14).

9 Љубовта може да ни помогне да им простуваме на другите. На пример, ако некој соверник нѐ повредил со збор или постапка, можеме да се обидеме да се сетиме на ситуации кога ние сме му го направиле истото на некој друг. Зарем не сме биле благодарни што браќата и сестрите со љубов ни простиле нам? (Прочитај Проповедник 7:21, 22.) Особено сме благодарни што Христос со љубов им помага на Божјите слуги да бидат обединети (Кол. 3:15). Сите го сакаме истиот Бог, ја проповедаме истата порака и се соочуваме главно со истите проблеми. Ако со љубов им простуваме на другите, ќе го зајакнеме единството во собранието и ќе можеме и понатаму да мислиме на наградата.

10, 11. а) Зошто љубомората е опасна? б) Што треба да направиме за да не дозволиме љубомората да нѐ лиши од наградата?

10 Во Библијата има примери кои покажуваат дека љубомората може да нѐ лиши од наградата. Каин станал љубоморен на Авел и го убил. Кореј, Датан и Авирон му биле љубоморни на Мојсеј и се побуниле против него. Цар Саул станал љубоморен на успехот што го имал Давид, и се обидел да го убие. Затоа, не е чудно што Божјата Реч вели: „Каде што има љубомора и кавгаџиство, таму има неред и секакво зло“ (Јак. 3:16).

11 Ако се трудиме да развиваме поголема љубов, нема да бидеме склони кон љубомора. Во Божјата Реч пишува: „Љубовта е долготрпелива и љубезна. Љубовта не е завидлива“ (1. Кор. 13:4). За да не дозволиме љубомората да пушти корен во нашето срце, мора да се трудиме да гледаме на работите од Јеховина гледна точка. На нашите браќа и сестри треба да гледаме како на делови на исто тело — собранието. Библијата вели: „Ако некој дел се слави, сите други делови се радуваат со него“ (1. Кор. 12:16-18, 26). Значи, ако некој брат доживее нешто убаво, нема да бидеме љубоморни, туку ќе ни биде мило. Размисли за добриот пример што го дал Јонатан, синот на цар Саул. Јонатан не бил љубоморен кога Давид бил избран за цар наместо него. Тој дури и го охрабрил Давид (1. Сам. 23:16-18). Дали би можеле и ние да покажеме љубов како Јонатан?

ОСВОЈТЕ ЈА НАГРАДАТА КАКО СЕМЕЈСТВО

12. Кој библиски совет ќе ни помогне да ја освоиме наградата како семејство?

12 Ако сите членови на едно семејство се држат за библиските начела, меѓу нив ќе владее мир и радост, и ќе можат да ја освојат наградата од Бог. Под водство на светиот дух, Павле им го дал следниов совет на семејствата: „Жени, бидете им подложни на своите мажи, како што прилега во Господарот. Мажи, сакајте ги своите жени и немојте да се гневите на нив. Деца, слушајте ги своите родители во сѐ, зашто тоа му се допаѓа на Господарот. Татковци, не огорчувајте ги своите деца, за да не станат малодушни“ (Кол. 3:18-21). Сигурно ќе се согласиш дека советот што го запишал Павле може да им користи на сите во твоето семејство.

13. Како би можела една сестра да го придобие својот сопруг кој не му служи на Јехова?

13 Што можеш да сториш ако сметаш дека твојот сопруг, кој не му служи на Јехова, не постапува исправно со тебе? Дали ќе ја подобриш ситуацијата ако се лутиш и се расправаш со него? Дури и ако победиш во расправијата, дали така ќе го поттикнеш да му служи на Јехова? Веројатно не. Но, ако покажеш почит кон улогата што ја има тој како семеен поглавар, ќе придонесеш да има мир во семејството и ќе му носиш фалба на Јехова. Со твојот добар пример можеби дури ќе го придобиеш сопругот, и така ќе можете заедно да ја освоите наградата. (Прочитај 1. Петрово 3:1, 2.)

14. Што треба да прави еден брат ако неговата сопруга, која не е Сведок, не го почитува?

14 Што можеш да правиш ако сметаш дека твојата сопруга, која не му служи на Јехова, не те почитува? Дали повеќе ќе те почитува ако со викање сакаш да ѝ покажеш кој е газда во куќата? Се разбира дека нема! Бог очекува да бидеш грижлив и нежен сопруг кој го следи примерот на Исус (Еф. 5:23). Како глава на собранието, Исус секогаш бил стрплив и покажувал љубов (Лука 9:46-48). Ако постапуваш како него, можеби и твојата сопруга ќе биде поттикната да му служи на Јехова.

15. Како еден брат може да ѝ покаже на својата сопруга дека ја сака?

15 Јехова им го дава следново упатство на сопрузите: „Мажи, сакајте ги своите жени и немојте да се гневите на нив“ (Кол. 3:19). Еден добар сопруг покажува дека ја цени сопругата така што внимателно ја слуша кога таа му зборува и ѝ дава до знаење дека му е важно нејзиното мислење (1. Пет. 3:7). Иако не може секогаш да го направи она што го бара сопругата, тоа што ќе ги сослуша нејзините предлози може да му помогне да носи подобри одлуки (Изр. 15:22). Еден добар сопруг не ја тера сопругата да го почитува, туку се труди да го заслужи тоа. Кога тој ги сака жената и децата, поверојатно е дека тие ќе бидат среќни додека му служат на Јехова и дека ќе ја освојат наградата — вечен живот.

Што треба да правиме за да не дозволиме семејните проблеми да нѐ лишат од наградата (Види во пасуси 13-15)

МЛАДИ — НЕ ДОЗВОЛУВАЈТЕ НИШТО ДА ВЕ ЛИШИ ОД НАГРАДАТА!

16, 17. Млади, што може да ви помогне да не им се лутите премногу на родителите?

16 Доколку си на тинејџерска возраст, што можеш да сториш ако сметаш дека твоите родители не те разбираат или дека се премногу строги? Ова можеби толку те вознемирува што се прашуваш дали воопшто да му служиш на Јехова. Но, ако го напуштиш Јехова, ќе сфатиш дека никој во светот не те сака повеќе од твоите родители кои се во вистината и од браќата и сестрите во собранието.

17 Размисли за ова: Ако твоите родители никогаш не те исправаат, како ќе знаеш дали навистина се грижат за тебе? (Евр. 12:8). Се разбира, тие не се совршени, и затоа можеби те вознемирува начинот на кој те укоруваат. Меѓутоа, не се концентрирај на тоа. Труди се разбереш зошто постапуваат така. Наместо бурно да реагираш, остани смирен. Божјата Реч вели: „Оној што е воздржан во своите зборови, навистина е мудар, и разборитиот човек има мирен дух“ (Изр. 17:27). Постави си за цел да станеш зрел човек кој прифаќа совети и учи од нив, без разлика на кој начин му се дадени (Изр. 1:8). Никогаш не заборавај дека родителите кои го сакаат Јехова се скапоцен дар. Тие сакаат да ти помогнат да живееш вечно.

18. Зошто си решен да мислиш на наградата?

18 Без разлика дали имаме надеж за живот на небото или во рајот на Земјата, секој од нас го очекува прекрасна иднина. Нашата надеж е сигурна бидејќи се темели на ветувањето што го дал Творецот на универзумот: „Земјата ќе биде полна со знаење за Јехова“ (Иса. 11:9). Наскоро секој човек на Земјата ќе биде поучен од Бог. Навистина вреди да се трудиме да ја добиеме таа награда. Затоа, никогаш не заборавај што ти ветил Јехова, и не дозволувај ништо да те спречи да ја освоиш наградата!