Прашања од читателите
Кого го претставуваат човекот со писарски прибор и шесте мажи со погубно оружје, кои се спомнати во видението на Езекиел?
Тие ги претставуваат небесните војски кои учествувале во уништувањето на Ерусалим и кои ќе бидат вклучени во уништувањето на злобниот свет на Сатана во Армагедон. Ова е појаснување на нашето поранешно разбирање. Зошто беше потребно?
Јехова му дал на Езекиел видение за гадостите кои ги правеле отпадничките Евреи во Ерусалим пред овој град да биде уништен во 607 год. пр.н.е. Потоа Езекиел видел шест мажи со погубно оружје и човек „облечен во лен“ кој имал „писарски прибор“ (Езек. 8:6-12; 9:2, 3). Јехова му кажал на човекот: „Помини низ градот... и обележи ги со знак челата на луѓето што тажат и плачат поради сите гадости што се прават сред него“. А потоа им кажал на мажите со погубно оружје да ги убијат сите што немале знак на челото (Езек. 9:4-7). Што учиме од ова видение, и кој е човекот со писарскиот прибор?
Езекиел го добил ова видение во 612 год. пр.н.е. Тоа било пророштво што првпат се исполнило само пет години подоцна, кога Ерусалим бил уништен од вавилонската војска. На тој начин, Јехова ги употребил Вавилонците за да го казни непослушниот израелски народ (Ерем. 25:9, 15-18). Меѓутоа, во ова уништување не загинале сите Израелци. Праведните не биле уништени заедно со злобните. Јехова со љубов се погрижил да бидат спасени оние Евреи на кои им биле одвратни гадостите што се правеле во градот.
Езекиел не ги обележувал луѓето ниту, пак, учествувал во самото уништување. Наместо тоа, уништувањето на Ерусалим било извршено под водство на ангелите. Значи, преку ова пророштво Јехова ни дозволува да видиме што се случува на небото. Тој им дал задача на своите ангели да го организираат уништувањето на злобните, но и да ги одвојат праведните за преживување. *
Ова пророштво ќе се исполни и во иднина. Порано сметавме дека човекот со писарски прибор ги претставува помазаниците кои сѐ уште се на Земјата. Мислевме дека оние што позитивно реагираат на пораката која ја проповедаме се обележуваат за преживување уште сега. Меѓутоа, во последниве години стана очигледно дека треба да се направи промена во ова објаснување. Според она што го пишува во Матеј 25:31-33, Исус е оној што им суди на луѓето. Конечната пресуда ќе ја донесе во иднина, за време на големата неволја. Тогаш оние што ќе бидат одвоени како овци ќе преживеат, а оние што ќе бидат одвоени како јарци ќе бидат уништени.
Што може да научиме од видението на Езекиел? Најмалку пет работи:
-
Пред да биде уништен Ерусалим, Езекиел служел како симболичен стражар во исто време со Еремија. Пред нив, иста таква улога имал Исаија. Денес, Јехова користи една мала група помазаници за да му дава духовна храна на својот народ и да ги предупредува другите пред да започне големата неволја. Освен тоа, сите слуги на Христос учествуваат во разгласувањето на ова предупредување (Мат. 24:45-47).
-
Езекиел не ги обележувал луѓето за преживување. И Божјите слуги не го прават тоа денес. Тие само ја пренесуваат пораката од Јехова и го разгласуваат предупредувањето за она што ќе се случи во иднина. Ова проповедничкото Отк. 14:6).
дело се извршува под водство на ангелите ( -
Оние што биле спасени во времето на Езекиел не добиле дословен знак на челото. И денес никој нема да добие таков знак. Што треба да прават луѓето за да ја преживеат големата неволја? Кога ќе ја слушнат пораката што се проповеда, тие треба да ја облечат новата христијанска личност, да му се заветуваат на Јехова и верно да ги поддржуваат Христовите браќа (Мат. 25:35-40). За време на претстојната голема неволја, оние што ги прават овие работи ќе добијат симболичен знак, односно ќе бидат одвоени за преживување.
-
Човекот со писарски прибор го претставува Исус Христос. Во големата неволја, тој ќе ги обележи оние што ќе преживеат. Членовите на големото мноштво ќе го добијат овој симболичен знак кога Исус ќе им изрече поволна пресуда и ќе ги одвои како „овци“. Тоа ќе им отвори пат да живеат засекогаш во рајот на Земјата (Мат. 25:34, 46). *
-
Шесте мажи со погубно оружје ги претставуваат небесните војски на чело со Исус. Тие наскоро ќе ги уништат народите и ќе ѝ стават крај на сета злоба (Езек. 9:2, 6, 7; Отк. 19:11-21).
Овие скапоцени поуки ни ја зајакнуваат довербата дека Јехова никогаш не ги уништува праведните заедно со злобните (2. Пет. 2:9; 3:9). Исто така, нѐ потсетуваат колку е важно да проповедаме денес. Секој треба да го чуе предупредувањето пред да дојде крајот! (Мат. 24:14).
^ пас. 6 Луѓето кои биле спасени не добиле видлив знак на челата. Тие биле обележани за преживување во симболична смисла. Некои од нив биле Варух (писарот на Еремија), Етиопјанецот Авде-Мелех и синовите на Рихав (Ерем. 35:1-19; 39:15-18; 45:1-5).