Тие се ставиле на располагање — во Турција
ХРИСТИЈАНИТЕ од првиот век давале сѐ од себе за да им ја пренесат добрата вест за Царството на што е можно повеќе луѓе (Мат. 24:14). Некои патувале дури и во други земји. На пример, апостол Павле на своите мисионерски патувања проповедал на подрачјето на денешна Турција. * Во 2014 год., после отприлика 2.000 години, во Турција повторно се даде големо сведоштво преку една посебна акција. Зошто беше организирана оваа акција и кој учествуваше во неа?
„ШТО СЕ СЛУЧУВА?“
Во Турција има околу 80 милиони жители, а само нешто повеќе од 2.800 објавители. Тоа значи дека има 1 Јеховин сведок на околу 28.000 жители. Очигледно, објавителите успеваат да стигнат само до мал број луѓе. Целта на оваа посебна акција беше да се проповеда на што е можно повеќе луѓе во краток период. Околу 550 браќа и сестри од други земји кои зборуваат турски пристигнаа во Турција и соработуваа заедно со локалните објавители за време на акцијата. Што се постигна?
Се даде огромно сведоштво. Едно собрание од Истанбул напиша: „Кога луѓето ќе нѐ видеа, прашуваа: ’Да не имате конгрес? Секаде ве има!‘“ Едно собрание од Измир извести: „Еден човек што работи на такси-постојка му пристапи на еден старешина и го праша: ’Што се случува? Не сум ве видел толку активни‘“. Да, оваа акција не остана незабележана.
Објавителите од другите земји многу уживаа во проповедањето. Стефан од Данска вели: „Секој ден зборував со луѓе кои првпат слушаа за Јехова. Буквално го објавував Божјето име“. Жан-Давид од Франција напишал: „Со часови сведочевме на само една улица. Беше многу убаво! Повеќето луѓе не знаеја за Јеховините сведоци. На скоро секоја врата можевме да започнеме разговор, да покажеме видеоклип и да оставиме некоја публикација“.
Сите 550 објавители дадоа околу 60.000 публикации за само две седмици! Несомнено, преку акцијата се даде огромно сведоштво.
Се зголеми ревноста за службата. Оваа посебна акција имаше многу добро влијание врз локалните објавители. Многумина почнаа да размислуваат за полновремена служба. Всушност, само една година по оваа акција, бројот на општи пионери во Турција се зголеми за 24 отсто.
Како влијаеше оваа акција врз службата на објавителите од странство, дури и откако се вратија во своите земји? Ширин, една сестра од Германија, напиша: „Браќата во Турција многу добро сведочат неформално. Јас сум многу срамежлива и тоа ми е тешко. Но благодарение на оваа посебна акција, примерот на локалните браќа и на многуте молитви, сега можам да правам нешто што порано не можев. Сведочев дури и во подземната железница и успеав да дадам трактати. Сега не сум толку срамежлива“.
Јоханес од Германија вели: „Научив некои работи што ми користат во службата. Браќата во Турција се трудат да сведочат на што е можно повеќе луѓе. Ја користат секоја прилика. Решив и јас да го правам истото во Германија. Сега сведочам на многу повеќе луѓе од порано“.
„Акцијата влијаеше многу на тоа како ја вршам службата. Ми помогна да бидам похрабра и да имам поголема доверба во Јехова“, вели Зејнеп од Франција.
Објавителите се зближија. Љубовта и единството меѓу браќата и сестрите од разни земји оставија траен впечаток. „Ни покажаа вистинско гостопримство“, вели Жан-Давид кој беше спомнат претходно. Тој додава: „Браќата нѐ пречекаа како пријатели и како нивно семејство. Ги отворија нивните домови за нас. Знаев дека сме едно меѓународно семејство. Многу пати сум читал за тоа во нашите публикации. Но, сега го почувствував на своја кожа. Уште поголема чест ми е што сум дел од Божјиот народ, и му благодарам на Јехова за оваа прекрасна можност“.
Клер од Франција вели: „Иако бевме од Данска, Франција, Германија или Турција, сите бевме едно семејство. Како Бог да зел џиновска гума и да ги избришал државните граници“.
Стефани од Франција додава: „Оваа посебна акција ни покажа дека љубовта кон Јехова е тоа што нѐ зближува, а не јазикот или културата“.
ДОЛГОРОЧНА КОРИСТ ЗА СОБРАНИЈАТА
Многу од оние што учествуваа во оваа акција почнаа да размислуваат да се преселат во Турција за да помогнат да се заврши уште многу работа. Доста од нив веќе го направија тоа. Локалните браќа и сестри многу ги ценат овие објавители.
На пример, една мала група од околу 25 објавители со години функционира со само еден старешина. Можеш ли да си замислиш колку се израдуваа овие браќа и сестри кога во 2015 год. дојдоа шест објавители од Германија и Холандија?
ВО ПРВИТЕ БОРБЕНИ РЕДОВИ
Што велат некои од објавителите што се преселија во Турција и веќе извесно време служат таму? Секако, понекогаш е тешко, но служењето на места со поголема потреба од објавители носи големи благослови. Еве неколку искуства:
„Полесно ми е што немам многу материјални работи за кои би можел да се приврзам, а тоа ми помага да се концентрирам на најважното“, вели Федерико, женет брат на 40-ина години, кој се пресели од Шпанија. Дали препорачува служба во земја каде има поголема потреба од објавители? „Апсолутно“, вели тој. „Кога одиш да служиш во странство со желба да им помагаш на другите да го запознаат Јехова, се препушташ во негови раце. Навистина ја чувствувам неговата грижа како никогаш порано.“
„Вистинско задоволство е да служиш ’во првите борбени редови‘ и да им ја објавуваш вистината на толку многу луѓе кои никогаш не чуле
за неа“, вели Руди од Холандија, женет брат на околу 55 години. „Голема радост носи кога ќе видиш колку се среќни луѓето кога ќе ја прифатат вистината.“Саша од Германија, женет брат кој има 42 години, вели: „Кога и да излезам во служба среќавам луѓе кои првпат слушаат за вистината. Тоа што преку мене луѓето имаат можност да го запознаат Јехова ме прави многу среќен“.
Ацуко од Јапонија, мажена сестра која има 36 години, раскажува: „Порано сакав Армагедон да дојде што побрзо. Но, откако се преселивме во Турција, многу сум му благодарна на Јехова што сѐ уште е стрплив. Колку повеќе гледам како Јехова го води проповедничкото дело толку поблиска сакам да бидам со него“.
Алиса од Русија, која има околу 30 години, вели: „Службата на место со поголема потреба од објавители ми помогна да вкусам колку е добар Јехова. Тој не е само мој Татко туку и близок пријател кого подобро го запознавам во нови ситуации. Животот ми е исполнет со среќни моменти, интересни искуства и големи благослови!“ (Пс. 34:8).
„ПОГЛЕДНЕТЕ ГИ ПОЛИЊАТА“
Преку оваа посебна акција во Турција, добрата вест допре до многу повеќе луѓе. Сепак, сѐ уште има многу места на кои никогаш не било проповедано. Објавителите кои се преселија во Турција секој ден среќаваат луѓе кои никогаш не чуле за Јехова. Дали би сакал и ти да служиш на такво подрачје? Ако да, те поттикнуваме: Подигни ги очите и погледни ги полињата, зрели се за жетва! (Јован 4:35). Би можел ли да помагаш во дел од светот каде што полињата се зрели за жетва? Можеш да преземеш некои практични чекори за да ја исполниш оваа цел. Едно е сигурно, ако даваме сѐ од себе добрата вест да стигне „сѐ до крајот на земјата“, ќе жнееме богати благослови (Дела 1:8).
^ пас. 2 Види ја брошурата Запознај ја ’добрата земја‘, стр. 32-33.