Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Откупнината — „совршен подарок“ од Таткото

Откупнината — „совршен подарок“ од Таткото

Секој добар дар и секој совршен подарок е од Таткото (ЈАК. 1:17)

ПЕСНИ: 148, 109

1. Што ни овозможува откупнината?

 ОТКУПНАТА жртва на Исус Христос носи многу благослови. Таа им овозможува на сите потомци на Адам кои ја сакаат праведноста да станат дел од Божјето семејство. Исто така, благодарение на откупнината можеме да живееме вечно и да бидеме среќни. Освен тоа, таа е поврзана со некои работи кои се од огромна важност за сите и на небото и на Земјата (Евр. 1:8, 9).

2. а) Кои важни работи ги спомнал Исус во молитвата позната како Оченаш? (Види ја сликата на почетокот од статијата.) б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

2 Околу две години пред својата смрт, Исус ги поучил учениците да се молат: „Татко наш, кој си на небесата, да се свети името твое. Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Мат. 6:9, 10). Да видиме како откупнината е поврзана со посветувањето на Јеховиното име, со владеењето на Божјето Царство и со извршувањето на Божјата волја.

„ДА СЕ СВЕТИ ИМЕТО ТВОЕ“

3. а) Што претставува Јеховиното име? б) Како Сатана го оцрнил Божјето име?

3 Во својата молитва, Исус најпрво го спомнал посветувањето на Божјето име. Ова име го претставува самиот Јехова, односно неговата личност. Тој е праведен и поседува најголема моќ во целиот универзум. Исус го нарекол и „Свети Татко“ (Јован 17:11). Бидејќи Јехова е свет, сите негови постапки, како и законите што ги поставува, се свети. Сепак, во рајската градина Сатана лукаво го оспорил правото на Бог да им поставува заповеди и мерила на луѓето. Тој кажал лаги за Јехова, и со тоа го оцрнил Божјето свето име (1. Мој. 3:1-5).

4. Што правел Исус за да го посвети Божјето име?

4 Од друга страна, Исус вистински го сакал Божјето име и направил сѐ што можел за да го посвети (Јован 17:25, 26). Со своите постапки и со она за кое поучувал, Исус им помогнал на другите да сфатат дека мерилата на Јехова се праведни и дека сѐ што бара од нас е за наше добро. (Прочитај Псалм 40:8-10.) Исус му останал верен на Бог дури и кога Сатана предизвикал тој да страда и да умре во страшни болки. Така докажал дека е можно еден совршен човек да му биде потполно послушен на Јехова.

5. Што можеме да правиме ние за да се посвети Божјето име?

5 Како може да покажеме дека и ние го сакаме Јеховиното име? Со нашето однесување. Јехова бара од нас да бидеме свети (Прочитај 1. Петрово 1:15, 16.) Ова значи да му служиме само нему и да му бидеме послушни со сето срце. Дури и кога сме прогонувани, даваме сѐ од себе за да живееме онака како што нѐ поучува Јехова. Со тоа што се држиме за Божјите мерила, ние му носиме слава на неговото име (Мат. 5:14-16). Докажуваме дека Јеховините закони се исправни и праведни, а дека обвинувањата на Сатана се лажни. За жал, ние сме несовршени и затоа грешиме. Но, кога ќе се случи тоа, искрено се каеме и се трудиме да не правиме работи што му нанесуваат срам на Божјето име (Пс. 79:9).

6. Зошто Јехова може да нѐ смета за праведни иако сме несовршени?

6 На темел на Исусовата жртва, Јехова им ги простува гревовите на оние што покажуваат вера. Сите што му го заветуваат својот живот стануваат негови слуги. Помазаните христијани ги прогласува за праведни и ги прифаќа како свои синови. И „другите овци“ ги прогласува за праведни, но ги прифаќа како свои пријатели (Јован 10:16; Рим. 5:1, 2; Јак. 2:21-25). Значи, уште сега, откупнината ни овозможува да имаме добар однос со нашиот Татко и да имаме удел во посветувањето на неговото име.

„ДА ДОЈДЕ ЦАРСТВОТО ТВОЕ“

7. Кои благослови ги овозможува откупнината?

7 Во молитвата Оченаш, Исус рекол: „Да дојде Царството твое“. Како откупнината е поврзана со Божјето Царство? Оваа влада ја сочинуваат Исус и 144.000 негови следбеници. Откупнината им овозможува на овие луѓе да бидат воскреснати за живот на небото (Отк. 5:9, 10; 14:1). Тие ќе бидат цареви и свештеници, и илјада години ќе владеат над Земјата заедно со Исус. Во овој период, Јехова ќе го користи Царството за да ја претвори нашата планета во рај и да им помогне на сите луѓе да станат совршени. Јеховините слуги на небото и на Земјата конечно ќе бидат едно семејство (Отк. 5:13; 20:6). Исус ќе го уништи Сатана и ќе ги отстрани сите проблеми што тој ги предизвикал (1. Мој. 3:15).

8. а) Како Исус им помогнал на своите ученици да сфатат колку е важно Божјето Царство? б) Како покажуваме дека сме верни поданици на Божјето Царство?

8 Додека бил на Земјата, Исус им помогнал на своите ученици да сфатат колку е важно Божјето Царство. Веднаш по своето крштавање, тој почнал насекаде да ја проповеда „добрата вест за Божјето царство“ (Лука 4:43). Освен тоа, пред да се врати на небото, Исус им рекол на своите ученици дека ќе му бидат сведоци „сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:6-8). Денес, преку проповедничкото дело, луѓето низ целиот свет имаат можност да слушнат за откупнината и да станат поданици на Божјето Царство. Ние покажуваме дека сме верни поданици на Царството така што им помагаме на помазаниците да ја проповедаат добрата вест низ целиот свет (Мат. 24:14; 25:40).

„ДА БИДЕ ВОЛЈАТА ТВОЈА“

9. Зошто можеме да бидеме уверени дека Јехова ќе ја исполни својата намера со луѓето?

9 На што мислел Исус кога рекол: „Да биде волјата твоја“? Штом Јехова ќе вети нешто, тоа сигурно ќе се исполни (Иса. 55:11). Побуната на Сатана не може да го спречи Јехова да ја оствари својата намера. Каква намера имал Јехова со Земјата? Тој сакал таа да се наполни со совршени деца на Адам и Ева (1. Мој. 1:28). Ако првите маж и жена умреле без да имаат потомци, Божјата намера немало да се оствари. Затоа Јехова дозволил да им се родат деца. Преку откупнината, Бог им дава можност на сите што покажуваат вера да станат совршени и да живеат вечно. Јехова има голема љубов кон луѓето и сака да го добијат прекрасниот живот кој бил дел од неговата првобитна намера.

10. Како им користи откупнината на оние што умреле?

10 Што ќе се случи со милијардите луѓе кои умреле без да имаат можност да го запознаат Јехова и да му служат? Благодарение на откупнината, ќе има воскресение. Нашиот небесен Татко од љубов ќе ги врати во живот и ќе им даде можност да дознаат која е неговата намера и да живеат вечно (Дела 24:15). Јехова не сака луѓето да умираат. Бидејќи е „изворот на животот“, тој му станува Татко на секој што ќе воскресне (Пс. 36:9). Затоа е сосема соодветно што Исус, кога ги поучил учениците како да се молат, го нарекол Јехова „Татко наш“ (Мат. 6:9). Јехова му дал на Исус многу важна улога во воскресението на мртвите. Исус рекол: „Јас сум воскресението и животот“ (Јован 6:40, 44; 11:25).

11. Каква намера има Бог со големото мноштво?

11 Јехова не е пристрасен. Тој не ја покажува својата великодушност само кон мал број луѓе. Исус рекол: „Секој што ја врши Божјата волја... ми е и брат, и сестра, и мајка“ (Мар. 3:35). Бог има намера голем број луѓе од сите народи, племиња и јазици да станат негови слуги. Тие се опишани како „големо мноштво луѓе, кои никој не можеше да ги изброи“. Секој што има вера во откупнината и ја врши Божјата волја има можност да биде дел од тоа големо мноштво кое извикува: „Спасението му го должиме на својот Бог, кој седи на престолот, и на Јагнето!“ (Отк. 7:9, 10).

12. Што дознаваме од молитвата на Исус во врска со Јеховината намера со луѓето?

12 Од молитвата на Исус дознавме многу за Јехова и за неговата намера со послушните луѓе. Како прво, во склад со оваа молитва, треба да дадеме сѐ од себе за да се посвети Јеховиното име (Иса. 8:13). Откупната жртва на Исус, која ни овозможува спасение, исто така му оддава чест на Божјето име. Всушност, името Исус значи „Јехова е спасение“. Како второ, Јехова ќе го користи своето Царство за да ги излее благословите од откупнината врз луѓето. И како трето, уверени сме дека ништо не може да го спречи Јехова да ја оствари својата намера (Пс. 135:6; Иса. 46:9, 10).

ПОКАЖИ ЈА СВОЈАТА БЛАГОДАРНОСТ ЗА ОТКУПНИНАТА

13. Што покажуваме со нашето крштавање?

13 Еден важен начин на кој сме покажале благодарност за откупнината е така што сме му се заветувале на Јехова и сме се крстиле. Нашето крштавање покажува дека „на Јехова му припаѓаме“ (Рим. 14:8). Со тој чин бараме од Бог да ни даде чиста совест (1. Пет. 3:21). Јехова го прифаќа тоа барање така што ја применува на нас жртвата на Исус за да нѐ очисти. Ние сме потполно уверени дека ќе ни даде сѐ што ни ветил (Рим. 8:32).

На кои начини покажуваме благодарност за откупнината? (Види во пасуси 13-14)

14. Зошто Јехова ни заповедал да ги сакаме другите?

14 Кој е уште еден начин да ја покажеме нашата благодарност за откупнината? Сѐ што прави Јехова е поттикнато од љубов, и тој сака сите негови слуги да го следат неговиот пример (1. Јов. 4:8-11). Кога покажуваме љубов кон луѓето, особено кон нашите соверници, докажуваме дека имаме желба да бидеме „синови на [нашиот] Татко кој е на небесата“ (Мат. 5:43-48). Заповедта да го сакаме нашиот ближен доаѓа веднаш по заповедта да го сакаме Јехова (Мат. 22:37-40). Еден важен начин на кој покажуваме љубов кон луѓето е така што ја проповедаме добрата вест за Божјето Царство. Ако сме послушни на Јеховината заповед да ги сакаме другите, нашата љубов кон него ќе биде целосна (1. Јов. 4:20).

ОТКУПНИНАТА НИ НОСИ БЛАГОСЛОВИ ОД ЈЕХОВА

15. а) Какви благослови добиваме сега од Јехова? б) Какви благослови нѐ очекуваат во иднина?

15 Јехова потполно ни ги простува гревовите кога покажуваме вера во откупнината. Всушност, Божјата Реч нѐ уверува дека тој може да ги избрише нашите гревови. (Прочитај Дела 3:19-21.) Како што спомнавме претходно, на темел на откупнината Јехова ги усвојува помазаните христијани како свои деца (Рим. 8:15-17). Тој ги повикува „другите овци“ да бидат дел од неговото семејство на Земјата. Откако ќе станат совршени, ќе мора да бидат испитани за последен пат. Ако му бидат верни на Јехова, и тие ќе станат негови деца (Рим. 8:20, 21; Отк. 20:7-9). Јехова секогаш ќе ги сака сите свои деца и тие во сета вечност ќе уживаат во благословите кои ќе ги добијат на темел на откупнината (Евр. 9:12). Овој дар од Јехова никогаш нема да ја изгуби својата вредност и никој нема да може да ни го одземе.

16. Како откупнината ни дава вистинска слобода?

16 Ако се каеме за нашите гревови, Ѓаволот со ништо нема да може да нѐ спречи да станеме дел од Јеховиното семејство. Исус дошол на Земјата и умрел „еднаш засекогаш“. Значи, и откупнината била платена засекогаш (Евр. 9:24-26). Од Адам сме наследиле смрт, но жртвата на Исус ќе ни донесе вечен живот. Откупнината може да нѐ ослободи од стравот од смртта и од ропството во овој свет кој е под власта на Сатана (Евр. 2:14, 15).

17. Како гледаш ти на Божјата љубов?

17 Божјите ветувања секогаш се исполнуваат. Исто како што физичките закони се непроменливи, така и Јехова не се менува. Тој никогаш нема да нѐ разочара (Мал. 3:6). Јехова не ни дава само живот. Тој ни ја дава и својата љубов. Во Библијата пишува: „Самите ја запознавме љубовта која Бог ја има кон нас и ѝ поверувавме. Бог е љубов“ (1. Јов. 4:16). Наскоро, целата Земја ќе стане прекрасен рај и секој човек ќе покажува љубов каква што покажува Јехова. Тогаш сите негови слуги на небото и на Земјата ќе речат: „Благослов и слава и мудрост и благодарност и чест и моќ и сила на нашиот Бог во сета вечност! Амин“ (Отк. 7:12).