Јехова го води својот народ
Јехова ќе те води без престан (ИСА. 58:11)
1, 2. а) По што се разликуваат Јеховините сведоци од другите религии? б) Што ќе разгледаме во оваа и во следната статија?
„КОЈ ви е водач?“ Вакво или слично прашање често слушаме како Јеховини сведоци. Луѓето го поставуваат бидејќи многу религии имаат некој човек за свој водач. За разлика од нив, ние сме горди што можеме да кажеме дека нашиот Водач не е ниту еден несовршен човек. Нашиот водач е Исус Христос! А Исус му е подложен на неговиот Татко и Водач, Јехова (Мат. 23:10).
2 Освен тоа, постои и една група мажи, наречена „верниот и разборит роб“, која во ова време го предводи Божјиот народ на Земјата (Мат. 24:45). Но, како знаеме дека Јехова е тој што нѐ води преку својот Син? Во оваа и во следната статија ќе разгледаме по три причини што нѐ уверуваат во тоа. Ќе видиме и дека, иако Јехова користел луѓе за да го води својот народ во минатото, тој отсекогаш бил и ќе биде вистинскиот Водач на својот народ (Иса. 58:11).
ЛУЃЕ ВОДЕНИ ОД СВЕТИОТ ДУХ
3. Каква помош имал Мојсеј за да го води израелскиот народ?
3 На оние што го претставувале, Бог им дал моќ преку светиот дух. За водач на Израелците, Бог го поставил Мојсеј. Што му помогнало на Мојсеј да ја извршува оваа важна задача? Јехова му дал од „својот свет дух“. (Прочитај Исаија 63:11-14.) Тоа значи дека, всушност, Јехова го водел народот затоа што му помагал на Мојсеј со својот дух.
4. Што покажувало дека Мојсеј е воден од светиот дух? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)
4 Дали за луѓето било очигледно дека Мојсеј е воден од светиот дух? Да. Јеховиниот свет дух му дал моќ на Мојсеј да прави чуда за да му го објави Божјето име на моќниот египетски владетел, фараонот (2. Мој. 7:1-3). Исто така, Божјиот свет дух му помогнал на Мојсеј да биде добар и стрплив водач. Тој бил многу поинаков од суровите и себични водачи на другите народи (2. Мој. 5:2, 6-9). Имало јасни докази дека Јехова го избрал Мојсеј за водач на својот народ.
5. На кои други луѓе Јехова им дал свет дух за да го водат неговиот народ?
5 Подоцна, Јехова со својот свет дух им дал моќ и на други луѓе да го водат неговиот народ. Библијата вели: „Исус, синот на Навин, беше полн со дух на мудроста“ (5. Мој. 34:9). „Јеховиниот дух го обзеде Гедеон“ (Суд. 6:34). И „Јеховиниот дух дојде на Давид“ (1. Сам. 16:13). Сите тие се потпреле на Јеховиниот дух за да им помогне да направат работи што не би можеле да ги направат со сопствена сила (Ис. Нав. 11:16, 17; Суд. 7:7, 22; 1. Сам. 17:37, 50). Јасно е дека Јехова бил тој што им дал моќ да прават такви големи работи, и затоа единствено тој ја заслужувал славата.
6. Зошто Бог сакал неговиот народ да ги почитува луѓето што го воделе Израел?
6 Што требало да направат Израелците кога виделе дека Мојсеј, Исус Навин, Гедеон и Давид имаат свет дух? Требало да покажат почит кон нив. Кога народот се жалел од Мојсеј, Јехова рекол: „До кога ќе ме презира овој народ?“ (4. Мој. 14:2, 11). Самиот Јехова ги избрал овие луѓе да го водат неговиот народ. Кога Израелците им биле послушни ним, всушност, му биле послушни на Јехова како на нивен Водач.
ИМ ПОМАГАЛЕ АНГЕЛИ
7. Како ангелите му помагале на Мојсеј?
7 На оние што го претставувале Бог, им помагале ангели. (Прочитај Евреите 1:7, 14.) Бог користел ангели за да го води Мојсеј. Прво, на Мојсеј му се појавил еден ангел и му дал задача да ги ослободи Израелците и да ги води (Дела 7:35). Второ, Јехова користел ангели за да му го даде на Мојсеј Законот кој содржел упатства за Израелците (Гал. 3:19). Трето, Јехова му рекол: „Поведи го народот каде што ти реков! Еве, мојот ангел ќе оди пред тебе“ (2. Мој. 32:34). Библијата не кажува дека Израелците виделе како овие работи ги прават ангели. Сепак, од начинот на кој Мојсеј го поучувал и го водел Божјиот народ, било јасно дека му помагале ангели.
8. Како ангелите им помогнале на Исус Навин и на Езекија?
8 Ангелите им помагале и на други верни Божји слуги. На пример, еден ангел, кого Библијата го нарекува „кнезот на Јеховината војска“, му помогнал на Исус Навин да извојува победа во една битка со Ханаанците (Ис. Нав. 5:13-15; 6:2, 21). Подоцна, кога цар Езекија го водел Божјиот народ, на Ерусалим му се заканувала опасност да биде уништен од една огромна асирска војска. Но, излегол Јеховин ангел и за само една ноќ убил „сто осумдесет и пет илјади луѓе“ (2. Цар. 19:35).
9. Иако оние што го претставувале Бог биле несовршени, што се очекувало од Израелците?
9 Се разбира, ангелите се совршени, но не и луѓето на кои тие им помагале. Да спомнеме неколку примери. Во една прилика, Мојсеј не му оддал слава на Јехова (4. Мој. 20:12). Кога Гаваонците побарале да склучат сојуз со Израелците, Исус Навин не го прашал Јехова што да прави (Ис. Нав. 9:14, 15). Во еден краток период од својот живот, Езекија се возгордеал (2. Лет. 32:25, 26). Иако овие луѓе биле несовршени, од израелскиот народ се барало да им биде послушен. Израелците можеле јасно да видат дека Јехова користел ангели за да им дава поддршка на овие луѓе. Било очигледно дека Јехова бил тој што го води народот.
БИЛЕ ВОДЕНИ ОД БОЖЈАТА РЕЧ
10. Како Мојсеј бил воден од Божјиот закон?
10 Оние што го претставувале Бог, биле водени од неговата Реч. Во неа, Законот што го добиле Израелците е наречен „Мојсеевиот закон“ (1. Цар. 2:3). Но, од Божјата Реч јасно гледаме дека тој закон не доаѓал од Мојсеј, туку од Јехова. И самиот Мојсеј морал да му биде послушен на Законот (2. Лет. 34:14). На пример, откако Јехова му дал упатства како да го изработи шаторот за обожавање, Библијата вели: „Мојсеј направи сѐ како што му беше заповедал Јехова. Токму така направи“ (2. Мој. 40:1-16).
11, 12. а) Што се барало од Исус Навин и од царевите што го воделе Божјиот народ? б) Како Божјата Реч ги водела оние што го воделе Божјиот народ?
11 Кога станал водач, Исус Навин ја имал Божјата Реч. Во врска со неа, Јехова му рекол: „Внимателно читај ја дење и ноќе за да го правиш совесно сето она што е запишано во неа“ (Ис. Нав. 1:8). Царевите што подоцна владееле со Божјиот народ исто така требало да го читаат Божјиот закон секој ден, да го препишат за себе, да ги држат сите зборови и уредби на тој Закон и да постапуваат според нив. (Прочитај 5. Мојсеева 17:18-20.)
12 Како Божјата Реч ги водела оние што го воделе народот? Да го земеме за пример цар Јосија. За време на неговото владеење бил пронајден Мојсеевиот закон, и царскиот писар почнал да му го чита на глас. a Како реагирал царот? Во Библијата читаме: „Кога ги чу зборовите запишани во книгата на законот, царот си ја раскина облеката“. Но, Јосија направил уште нешто. Поттикнат од Божјата Реч, ги уништил сите идоли во земјата и ја организирал најголемата прослава на Пасхата што некогаш била одржана (2. Цар. 22:11; 23:1-23). Бидејќи Јосија и другите верни водачи ѝ биле послушни на Божјата Реч, биле спремни да направат промени во водството што му го давале на Божјиот народ. Тие промени му помогнале на народот да постапува во склад со Божјата волја.
13. Како се разликувале водачите на Божјиот народ од водачите на другите народи?
13 Колку поинакви биле овие верни цареви од водачите на другите народи, кои биле водени од ограничената човечка мудрост! На пример, ханаанските водачи го навеле народот да прави ужасни работи, како инцест, хомосексуалност, содомија, жртвување деца и идолопоклонство (3. Мој. 18:6, 21-25). Исто така, вавилонските и египетските водачи немале такви правила за хигиена какви што имал Божјиот народ (4. Мој. 19:13). Израелците можеле да видат дека нивните верни водачи ги поттикнувале да го обожаваат Јехова на исправен начин, да одржуваат добра хигиена и да бидат морално чисти. Јасно, Јехова бил тој што ги водел.
14. Зошто Јехова укорил некои водачи на својот народ?
14 Сепак, Божјите упатства не ги следеле сите цареви што го воделе Јеховиниот народ. Оние што не му биле послушни на Јехова не сакале да го следат водството од светиот дух, ангелите и од Божјата Реч. Во некои случаи, Јехова ги укорил овие водачи или на нивно место поставил некој друг (1. Сам. 13:13, 14). А кога дошло време за тоа, тој поставил совршен водач.
ЈЕХОВА ПОСТАВИЛ СОВРШЕН ВОДАЧ
15. а) Како пророците укажале на тоа дека ќе дојде совршен водач? б) Кој бил совршениот водач?
15 Со векови однапред, Јехова ветил дека на својот народ ќе му даде совршен водач. На пример, Мојсеј им рекол на Израелците: „Јехова, твојот Бог, ќе ти подигне од твојата средина, од твоите браќа, таков пророк каков што сум јас. Него слушајте го!“ (5. Мој. 18:15). Во врска со овој пророк, Исаија рекол дека ќе биде поставен „за водач и за заповедник“ (Иса. 55:4). А кога Даниел зборувал за Месијата, го опишал како Водач (Дан. 9:25). Освен тоа, самиот Исус Христос се нарекол себеси Водач на Божјиот народ. (Прочитај Матеј 23:10.) Учениците на Исус спремно го следеле и биле уверени дека тој бил избран од Јехова (Јован 6:68, 69). Што ги уверило дека Исус Христос е оној преку кого Јехова го води својот народ?
16. Што било јасен доказ дека Исус го има Божјиот свет дух?
16 Исус ја имал помошта од светиот дух. Кога Исус се крстил, Јован видел „како небесата се разделуваат и како духот, во вид на гулаб, слегува на него“. Потоа, извештајот вели: „И духот веднаш го натера да оди во пустината“ (Мар. 1:10-12). Во текот на Исусовата служба на Земјата, Божјиот свет дух му дал способност да поучува и да прави чуда (Дела 10:38). Освен тоа, светиот дух му помогнал на Исус да покажува убави особини како, на пример, љубов, радост и силна вера (Јован 15:9; Евр. 12:2). Ниту еден друг водач не покажал толку јасно дека го има светиот дух. Било очигледно дека Јехова го избрал Исус за Водач.
17. Како ангелите му помагале на Исус?
17 Исус ја имал помошта од ангелите. Кратко откако Исус се крстил, кај него дошле ангели и почнале да му служат (Мат. 4:11). А неколку часа пред да умре, му се појавил ангел од небото и го зајакнувал (Лука 22:43). Исус бил сигурен дека Јехова ќе испрати ангели за да му помагаат секогаш кога ќе му треба помош (Мат. 26:53).
18, 19. Како Исус покажал дека Божјата Реч го водела во неговиот живот и служба?
18 Исус бил воден од Божјата Реч. Уште од почетокот на својата служба на Земјата, Исус дозволил да го водат светите списи (Мат. 4:4). Всушност, тој толку ѝ бил послушен на Божјата Реч што се согласил да умре на маченички столб. Дури и неговите последни зборови вклучувале цитати од пророштвата за Месијата (Мат. 27:46; Лука 23:46). Од друга страна, верските водачи од тоа време многу се разликувале од Исус. Тие ја игнорирале Божјата Реч секогаш кога не ги поддржувала нивните учења. Исус цитирал од Божјата Реч кога за нив рекол: „Овој народ ме почитува со усните, но срцето му е далеку од мене. Залудно ме почитуваат, бидејќи учењата за кои поучуваат се човечки заповеди“ (Мат. 15:7-9). Јехова никогаш не би избрал неговиот народ да го водат луѓе кои не ја почитуваат неговата Реч.
19 Исус ја користел Божјата Реч и за да ги поучува другите. Секогаш кога ќе му се спротивставеле верските водачи, тој не се потпирал на својата мудрост или животно искуство за да им одговори. Наместо тоа, тој ги поучувал луѓето од светите списи (Мат. 22:33-40). Исто така, Исус можел да ги импресионира другите со тоа што ќе им раскажува за неговиот живот на небото или за тоа како бил создаван универзумот. Наместо тоа, бидејќи многу ја ценел Божјата Реч, тој сакал да зборува со другите за неа и да им помага „да ги разберат Писмата“ (Лука 24:32, 45).
20. а) Од каде знаеме дека Исус секогаш му ја припишувал честа на Јехова? б) Која била разликата меѓу Исус и Ирод Агрипа I?
20 Иако оние што го слушале Исус биле восхитени од начинот на кој зборувал, тој честа за тоа секогаш му ја припишувал на неговиот Учител, Јехова (Лука 4:22). Кога еден богат човек се обидел да му искаже чест на Исус со титулата „Учителе добар“, тој скромно одговорил: „Зошто ме нарекуваш добар? Никој не е добар, освен еден, Бог“ (Мар. 10:17, 18). Колку поинаков од него бил Ирод Агрипа I, кој околу осум години подоцна станал цар, односно водач на Јудеја! Во една прилика, Ирод облекол впечатлива и скапа царска облека. Кога се појавил пред луѓето и почнал да им држи говор, тие почнале да извикуваат: „Тоа е глас на бог, а не на човек!“ Бидејќи Ирод уживал во славата, не му оддал чест на Бог, па го изеле црви и умрел (Дела 12:21-23). Јасно, Јехова не го избрал Ирод за водач. Од друга страна, Исус докажал дека е избран од Бог, и секогаш покажувал почит кон Јехова — Најголемиот Водач на својот народ.
21. За што ќе зборуваме во следната статија?
21 Јехова сакал Исус да биде водач многу подолго отколку само неколку години. Откако воскреснал, Исус им рекол на своите ученици: „Дадена ми е сета власт на небото и на земјата“. Потоа додал: „И еве, јас сум со вас во сите денови до свршетокот на овој поредок“ (Мат. 28:18-20). Но, како може Исус да го води Божјиот народ на Земјата кога тој е невидлива личност на небото? Кого ќе го користел Јехова за да го застапува Исус на Земјата? И како ќе можеле христијаните да ги препознаат претставниците на Бог? Во следната статија ќе ги разгледаме одговорите на овие прашања.
a Можеби тоа бил оригиналниот примерок што го напишал Мојсеј.