Се сеќаваш ли?
Дали внимателно ги читаше последните неколку броеви од Стражарска кула? Види дали можеш да одговориш на следниве прашања:
Зошто доселениците треба да размислат кој јазик нивните деца најдобро го разбираат за да можат да им помогнат духовно да напредуваат?
Децата веројатно ќе го научат локалниот јазик на училиште и преку разговор со други луѓе. За децата може да биде корисно да знаат повеќе од еден јазик. Родителите треба да размислат дали децата подобро ќе ја разберат вистината и духовно ќе напредуваат во собрание на локалниот јазик или во собрание на нивниот јазик. Родителите кои се Сведоци ги ставаат духовните потреби на своите деца пред своите лични желби (w17.05, стр. 9-11).
Во една прилика, Исус го прашал Петар: „Ме сакаш ли повеќе отколку овие?“ На што се однесувал изразот „овие“? (Јован 21:15)
Изгледа дека со овој израз Исус сакал да укаже на уловените риби и на рибарењето. По смртта на Исус, Петар се вратил на својата поранешна професија — рибарењето. Христијаните треба да внимаваат световното вработување да не им стане поважно од службата за Јехова (w17.05, стр. 22-23).
Зошто Авраам побарал од својата жена да каже дека му е сестра? (1. Мој. 12:10-13)
Всушност, Сара му била полусестра на Авраам. Доколку Сара кажела дека му е жена, Авраам можело да биде убиен и со тоа да не се исполни ветувањето што му го дал Бог дека од него ќе настане потомството (wp17.3, стр. 14-15).
Која метода ја користел Елијас Хутер за да им помогне на оние што сакале да научат хебрејски јазик?
Тој сакал да им помогне на своите ученици да го разликуваат коренот на хебрејските зборови во Библијата од префиксите или суфиксите. За таа цел, тој го печател коренот на зборовите со масни букви, а префиксите и суфиксите со букви кои имале само контури. Слична метода се користи во фуснотите на англиското издание на Светото писмо — превод Нов свет со референци (wp17.4, стр. 11-12).
Кои фактори треба да влијаат врз гледиштето на еден христијанин за тоа дали треба да поседува огнено оружје за да се одбрани од други луѓе?
Некои од нив се: Човечкиот живот е свет за Бог. Исус не ги поттикнал своите следбеници да земат мечеви за да се заштитат (Лука 22:36, 38). Треба да ги прековаме своите мечеви во плугови. Животот е поскапоцен од материјалните работи. Ние ја почитуваме совеста на другите и сакаме да им дадеме добар пример (2. Кор. 4:2; w17.07, стр. 31-32).
Зошто се разликуваат извештаите од Матеј и Лука во врска со раното детство на Исус?
Во извештајот на Матеј главно се спомнуваат настани во кои бил вклучен Јосиф. На пример, Матеј пишува како реагирал Јосиф кога дознал дека Марија е бремена, и како еден ангел му се појавил на Јосиф на сон и му рекол да избега со семејството во Египет и подоцна да се врати. Лука, пак, повеќе се осврнува на Марија. На пример, пишува за нејзината посета на Елисавета и како реагирала кога малиот Исус останал во храмот (w17.08, стр. 32).
И покрај кои работи опстанала Библијата?
Со текот на времето, се менуваат зборовите и изразите кои се користеле во Библијата. Промените на политичката сцена влијаеле врз јазикот кој луѓето го користеле во одреден период. Имало обиди да се спречи преведувањето на Библијата на јазиците кои ги зборувал обичниот народ (w17.09, стр. 19-21).
Дали имаме свој ангел чувар?
Не. Точно е дека Исус рекол дека ангелите на неговите ученици го гледаат лицето на Бог (Мат. 18:10). Сепак, тој сакал да каже дека ангелите се заинтересирани за неговите ученици, а не дека со чудо го штителе секого од нив (wp17.5, стр. 5).
Кој е највозвишен облик на љубов?
Највозвишениот облик на љубов се темели на праведни начела. За ваквата љубов се користи грчкиот збор агапи. Таа вклучува наклоност и срдечни чувства. Се покажува со несебични постапки и нѐ поттикнува да им правиме добро на другите (w17.10, стр. 7).