Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто треба да ги обучуваме другите?

Зошто треба да ги обучуваме другите?

Ќе ви дадам добра поука (ИЗР. 4:2)

ПЕСНИ: 93, 96

1, 2. Зошто треба да ги обучуваме другите?

 ИСУС давал сѐ од себе за да ја проповеда добрата вест за Царството. Сепак, тој одвојувал и многу време за да ги обучува своите ученици. Им покажал како да поучуваат и како да се грижат за Божјиот народ (Мат. 10:5-7). Слично на Исус, Библијата вели дека и ученикот Филип бил ревносен проповедник. Сепак, одвојувал време и за да ги поучи своите ќерки да проповедаат (Дела 21:8, 9). И ние денес треба да ги обучуваме другите. Зошто?

2 Во собранијата низ целиот свет, има многу нови кои сѐ уште не се крстени. Ние мора да им помагаме да сфатат зошто е важно сами да ја читаат и да ја проучуваат Библијата. Исто така, треба да им покажеме како да ја проповедаат добрата вест и како да ги поучуваат другите за Божјата Реч. Освен тоа, на браќата кои се нови во вистината треба да им се даде обука за да можат со текот на времето да станат слуга-помошници и старешини. Зрелите христијани можат многу да им помогнат на новите духовно да напредуваат (Изр. 4:2).

ПОКАЖИ ИМ НА НОВИТЕ КАКО ДА ПРОУЧУВААТ

3, 4. а) Како Павле ја истакнал врската помеѓу проучувањето на Библијата и делотворното проповедање? б) Што треба да правиме ако сакаме да ги поттикнеме интересентите сами да ја проучуваат Библијата?

3 Секој слуга на Јехова треба да ја чита и проучува Библијата за да дознае која е неговата волја. Апостол Павле го истакнал ова, кога им го напишал следново на Колошаните: „Непрестајно се молиме за вас и бараме да се исполните со добро познавање на неговата волја“. Зошто било важно овие христијани да ги читаат и проучуваат Писмата? Затоа што на тој начин ќе стекнеле мудрост, и ќе знаеле како да водат „живот достоен на Јехова“ и потполно да му угодат. Така ќе можеле да донесуваат „плод во секое добро дело“, особено во службата на проповедање (Кол. 1:9, 10). Според тоа, на заинтересираните лица треба да им помогнеме да сфатат дека мора редовно да ја читаат и проучуваат Библијата за да можат делотворно да му служат на Јехова.

4 Но, нема да успееме во тоа ако ние самите немаме навика да проучуваме. Затоа, добро е да се прашаме: „Кога некој станар ми поставува тешки прашања, дали можам да му одговорам со помош на Библијата? Кога ги читам извештаите за Исус, за Павле и за други верни слуги кои истрајно проповедале, дали размислувам како нивната истрајност треба да влијае врз мојата служба?“ Сите ние треба да црпиме знаење од Божјата Реч и длабоко да размислуваме за советите што се дадени во неа. А кога им кажуваме на другите колку ни користи тоа што сме го дознале од личното проучување, можеби и тие ќе бидат поттикнати подлабоко да проучуваат за да извлечат поголема корист.

5. Како можеме да им помогнеме на новите да стекнат навика сами да ја проучуваат Библијата?

5 Можеби се прашуваш: „Како да му помогнам на интересентот да стекне навика да ја проучува Библијата?“ За почеток, добро е да му покажеш како да се подготви за материјалот што го проучувате заедно. Предложи му да ги прочита наведените библиски стихови, како и информациите од додатокот во книгата Што навистина учи Библијата кои се поврзани со темата што ќе ја разгледувате. Исто така, би можел да му покажеш како да се подготвува за состаноците за да може да коментира. Охрабри го да го прочита секој број од Стражарска кула и Разбудете се! Би можел да му покажеш и како да најде одговор на некои библиски прашања со помош на Библиотеката на CD или ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКАТА. Како резултат на сето ова, интересентот најверојатно ќе ужива во личното проучување на Божјата Реч.

6. а) Како можеме да му помогнеме на интересентот да ја продлабочи својата љубов кон Библијата? б) Каков ќе биде резултатот ако заинтересираното лице ја засака Божјата Реч?

6 Ние сакаме да му помогнеме на интересентот да сфати дека Библијата е скапоцена затоа што преку неа подобро ќе го запознае Бог. Но, не треба да му вршиме притисок да ја чита и да ја проучува. Наместо тоа, добро е да го користиме она што ни го дава Јехова преку својата организација за да му помогнеме уште повеќе да ја продлабочи својата љубов кон Библијата. Со текот на времето, сигурно ќе се чувствува како псалмистот, кој напишал: „Мене ми е добро да бидам близу до Бог, Севишниот Господар Јехова е моето засолниште“ (Пс. 73:28). Светиот дух ќе изврши позитивно влијание врз оној што искрено сака да се зближи со Бог.

ОБУЧИ ГИ НОВИТЕ ДА ПРОПОВЕДААТ И ДА ПОУЧУВААТ

7. Како Исус ги обучувал учениците да проповедаат? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

7 Можеме да научиме многу од начинот на кој Исус ги обучувал своите апостоли. Додека биле со него, тие можеле да видат како ги поучува луѓето. Исто така, тој им дал конкретни упатства за тоа како да проповедаат (Матеј, погл. 10). [1] За кратко време, апостолите научиле од Исус како да им ја пренесуваат вистината на луѓето (Мат. 11:1). Да разгледаме два аспекта од службата за кои треба да ги обучиме новите.

8, 9. а) На кој начин Исус разговарал со поединци? б) Како можеме да им помогнеме на новите да разговараат со луѓето исто како Исус?

8 Како да разговараме со луѓето. Освен што им се обраќал на мноштва, Исус често разговарал и со поединци. Тој зборувал со нив на пријателски начин. На пример, водел интересен разговор со една жена која дошла да нацрпи вода од бунарот во близина на градот Сихар (Јован 4:5-30). Освен тоа, Исус зборувал и со даночникот Матеј, наречен и Леви. Иако евангелијата не ни откриваат многу за тој разговор, Матеј го прифатил повикот и станал Христов следбеник. Подоцна тој приредил гозба во својот дом, на која Исус подолго разговарал со него и со другите луѓе кои биле поканети (Мат. 9:9; Лука 5:27-39).

9 Во друга прилика, Исус зборувал пријателски и со Натанаел, кој имал негативен став кон луѓето од Назарет. Тоа го поттикнало Натанаел да си го смени мислењето и да дознае нешто повеќе од Исус (Јован 1:46-51). Од примерот на Божјиот Син учиме дека, кога водиме со луѓето пријателски и опуштен разговор, тие се поспремни да го слушаат она што сакаме да им го кажеме. [2] Ако ги обучуваме новите да зборуваат на ваков начин, службата ќе им носи уште поголема радост.

10-12. а) Како Исус им помагал на луѓето кои покажале интерес за добрата вест? б) Како можеме да им помогнеме на новите објавители повешто да поучуваат?

10 Да ги поучуваме оние што имаат интерес. Исус имал само три и пол години за да ја изврши својата служба. Сепак, тој одвојувал време за да ги поучува луѓето кои покажувале интерес за добрата вест. На пример, кога еднаш на брегот се собрале многу луѓе за да го слушаат, тој се качил на еден чамец и почнал да ги поучува. Во таа прилика, го поучил и Петар. На кој начин? Така што преку чудо му овозможил да фати многу риби, а потоа му рекол: „Отсега ќе ловиш луѓе“. Каков бил резултатот од сето она што го кажал и го направил Исус? Во врска со Петар и оние кои биле со него, Библијата вели: „Ги извлекоа чамците на копното, оставија сѐ и појдоа по него“ (Лука 5:1-11).

11 И Никодим, кој бил член на Судскиот совет, се заинтересирал за учењата на Исус. Тој сакал да дознае нешто повеќе, но се плашел што ќе речат другите ако видат како зборува со него, и затоа го посетил ноќе. И покрај тоа, Исус одвоил време да поразговара со Никодим и да му објасни некои важни вистини (Јован 3:1, 2). Божјиот Син секогаш бил спремен да ги поучува другите за вистината и да им ја зајакне верата. На сличен начин, и ние треба да се приспособиме на потребите на луѓето, и спремно да одвојуваме време да одиме на повторни посети кај нив и да ги поучуваме за Библијата.

12 Ако одиме во служба со новите објавители, ќе им помогнеме повешто да ги поучуваат другите за Божјата Реч. На пример, можеме да ги поучиме да ги посетуваат дури и оние што покажале мал интерес за вистината. Освен тоа, можеме да ги земаме со нас кога правиме повторни посети или кога ја проучуваме Библијата со интересентите. На овој начин, тие ќе научат како да поучуваат и ќе сфатат дека нема ништо поубаво од тоа да им се помага на другите да ја дознаат вистината за Јехова. Со текот на времето, и самите ќе можат да прават делотворни повторни посети и да водат библиски курсеви. Ќе научат да бидат стрпливи и да не се откажуваат брзо кога не можат да ги најдат луѓето дома (Гал. 5:22; види ја рамката „ Тој не се откажал“).

ПОУЧИ ГИ НОВИТЕ ДА ИМ СЛУЖАТ НА БРАЌАТА И СЕСТРИТЕ

13, 14. а) Што мислиш за Божјите слуги од минатото кои правеле големи жртви за другите? б) Како можеш практично да ги поучиш новите и младите да им покажуваат љубов на браќата и сестрите?

13 Јехова сака неговите слуги да си покажуваат „братска љубов“ и да си служат еден на друг. (Прочитај 1. Петрово 1:22; Лука 22:24-27.) Библијата ни открива дека Исус жртвувал сѐ, па дури и својот живот, за да им служи на другите (Мат. 20:28). Дорка постојано правела добри дела и им помагала на сиромасите (Дела 9:36, 39). Марија, сестра од собранието во Рим, многу се трудела околу браќата и сестрите (Рим. 16:6). Како можеме да им помогнеме на новите да сфатат колку е важно да им прават добри дела на соверниците?

Поучете ги децата да покажуваат љубов кон браќата и сестрите (Види во пасуси 13-14)

14 Би можеле заедно со нив да посетиме некој постар или болен член на собранието. Ако е соодветно, родителите можат да одат на вакви посети со своите деца. Старешините можат да ги земат со себе младите или новите кога им помагаат на постарите, на пример, додека пазаруваат за нив или вршат поправки во нивните домови. Кога гледаат како се грижиме за браќата и сестрите, и новите ќе научат да им прават добри дела на другите. На пример, секогаш кога одел во служба на едно селско подрачје, еден старешина накратко ги посетувал и објавителите што живееле таму за да види како се. Еден помлад брат, кој честопати одел заедно со него, бил поттикнат да размислува како и самиот може да им покажува љубов на своите браќа и сестри во собранието (Рим. 12:10).

15. Зошто е важно старешините да им обрнуваат внимание на браќата во собранието?

15 Јехова им дал задача на браќата да го поучуваат собранието. Затоа е важно да научат да држат добри говори. Ако си старешина, дали би можел да слушаш додека некој слуга-помошник го вежба својот говор? Со твоја помош, тој ќе може да научи подобро да поучува (Неем. 8:8). [3]

16, 17. а) Како Павле покажал дека се грижи за духовниот напредок на Тимотеј? б) Како би можеле старешините да ги обучуваат браќата кои еден ден можеби ќе станат старешини?

16 Бидејќи во собранието има голема потреба од пастири, браќата треба постојано да добиваат обука. Павле го обучил Тимотеј, а го поттикнал и самиот да обучува други, кога му рекол: „Зајакнувај во незаслужената доброта, која е во Христос Исус. Она што го чу од мене и што го потврдија многу сведоци, довери им го на верни луѓе, кои потоа ќе бидат оспособени да поучуваат други“ (2. Тим. 2:1, 2). Тимотеј научил многу работи од Павле, кој бил старешина и апостол. Меѓу другото, научил како да им помага на своите соверници и се подобрил во службата (2. Тим. 3:10-12).

17 Павле минувал многу време со Тимотеј бидејќи сакал да го обучи на најдобар можен начин (Дела 16:1-5). Старешините можат да го следат примерот на овој апостол со тоа што на некои пастирски посети ќе ги поведат со себе слуга-помошниците кои еден ден можеби ќе станат старешини. Така, слуга-помошниците ќе научат да ги поучуваат другите, да бидат стрпливи, да покажуваат љубов и да се потпираат на Јехова (1. Пет. 5:2).

ВАЖНО Е ДА ГИ ОБУЧУВАМЕ ДРУГИТЕ

18. Зошто е многу важно да ги обучуваме другите во службата за Јехова?

18 Во ова време на крајот, многу нови објавители треба да добијат обука за подобро да проповедаат и да ги поучуваат луѓето. Исто така, браќата треба да научат да се грижат за собранието. Јехова сака сите негови слуги да бидат добро обучени, а ние имаме чест да им помагаме на оние што се помалку искусни. Затоа, добро е да го следиме примерот на Исус и на Павле. Иако условите во светот се влошуваат, и понатаму се отвораат нови можности да проповедаме. Од таа причина, треба да обучиме колку што е можно повеќе браќа и сестри.

19. Зошто може да бидеш сигурен дека трудот што го вложуваш за да ги обучуваш другите не е залуден?

19 Се разбира, потребни се време и труд за да се даде обука. Сепак, можеме да бидеме уверени дека Јехова и Исус ќе ни даваат мудрост да го правиме тоа на најдобар начин. Ќе бидеме среќни кога ќе видиме како оние што сме ги обучувале многу се трудат во собранието и во службата (1. Тим. 4:10). Во исто време, и ние треба да продолжиме духовно да напредуваме, да ги развиваме христијанските особини и да стануваме сѐ поблиски со Јехова.

^ [1] (пасус 7) Некои од упатствата што Исус им ги дал на апостолите се: 1) да проповедаат за Царството; 2) да бидат уверени дека Бог ќе се грижи за нивните потреби; 3) да не се расправаат со луѓето; 4) да имаат доверба во Бог кога ќе се соочат со прогонство и 5) да не се плашат од луѓето.

^ [2] (пасус 9) Во книгата Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба на стр. 62-64 се наведени убави предлози за тоа како да разговараме со луѓето во службата на проповедање.

^ [3] (пасус 15) Во книгата Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба, на стр. 52-61, е објаснето како браќата можат подобро да поучуваат кога држат говори во собранието.