Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Бев решен да бидам војник на Христос

Бев решен да бидам војник на Христос

Додека насекаде околу мене фрчеа куршуми, полека кренав бело марамче. Војниците кои пукаа ме викнаа да излезам од местото каде што се криев. Им се приближив претпазливо, не знаејќи дали ќе останам жив. Како се најдов во оваа опасна ситуација?

РОДЕН СУМ во 1926 год. во Карица, едно мало село во Грција, како седмо од осумте деца што ги имаа моите родители.

Една година претходно, мајка ми и татко ми се запознале со Јоанис Папаризос, ревносен и комуникативен Истражувач на Библијата, како што во тоа време се нарекуваа Јеховините сведоци. Воодушевени од начинот на кој Јоанис им ги објаснувал библиските вистини, тие почнале да присуствуваат на состаноците што ги одржувале Истражувачите на Библијата во нашето село. Мајка ми имаше силна вера во Јехова Бог и, иако беше неписмена, ја користеше секоја соодветна прилика да зборува за својата вера. За жал, татко ми премногу се концентрираше на мааните на другите и, со текот на времето, престана да доаѓа на христијанските состаноци.

Јас и моите браќа и сестри имавме почит кон Библијата, но додека растевме бевме преокупирани со работи што ги интересираат младите. Потоа, во 1939 год., кога Втората светска војна ја зафати Европа, во нашето село се случи настан кој многу нѐ потресе. Нашиот сосед и братучед Николас Псарас, кој штотуку се крсти како Јеховин сведок, беше регрутиран во грчката војска. Николас, кој имаше 20 години, храбро им кажа на воените власти: „Не можам да се борам бидејќи сум војник на Христос“. Тој беше изведен пред воен суд и осуден на 10 години затвор. Бевме запрепастени!

Во почетокот на 1941 год., сојузничките војски накратко влегоа во Грција, и Николас беше ослободен од затвор. Кога тој се врати во Карица, мојот постар брат Илијас му поставуваше многу прашања во врска со Библијата. Јас жедно впивав сѐ што кажуваше. За кратко време, јас, Илијас и нашата најмлада сестра Евморфија почнавме да ја проучуваме Библијата и редовно да присуствуваме на состаноците на Сведоците. Следната година, сите тројца му го заветувавме нашиот живот на Јехова и се крстивме. Подоцна, уште четворица од моите браќа и сестри станаа Сведоци.

Во 1942 год., во собранието во Карица имаше девет млади браќа и сестри на возраст од 15 до 25 години. Сите знаевме дека нѐ чекаат тешки неволји. Затоа, за да се зајакнеме, секогаш кога можевме се собиравме заедно за да ја проучуваме Библијата, да пееме теократски песни и да се молиме. Тоа ни помогна да стекнеме цврста вера.

Димитриос со пријателите во Карица

ГРАЃАНСКА ВОЈНА

При крајот на Втората светска војна, грчките комунисти се побунија против грчката влада, со што започна сурова граѓанска војна. Комунистичките герилци минуваа низ селата и ги присилуваа луѓето да им се придружат. Кога влегоа во нашето село, тие грабнаа тројца млади Сведоци — Антониос Цукарис, Илијас и мене. Им кажавме дека сме неутрални бидејќи сме христијани. Сепак, тие нѐ присилија да пешачиме до планината Олимп, околу 12 часа од нашето село.

Набрзо потоа, еден комунистички офицер ни нареди да се приклучиме на некоја од герилските групи. Кога му објаснивме дека вистинските христијани не војуваат, разгневениот офицер нѐ одведе пред еден генерал. Ние го повторивме нашиот став, а генералот ни нареди: „Тогаш земете едно магаре и пренесувајте ги ранетите од бојното поле до болницата“.

„Но што ако нѐ заробат владините војници?“, го прашавме. „Зарем нема да гледаат на нас како на активни борци?“ Тој ни одговори: „Тогаш снабдувајте ги со леб првите борбени редови“. Потоа рековме: „Но што ако некој офицер нѐ види со магарето и ни нареди да им однесеме оружје?“ Генералот долго размислуваше. Конечно извика: „Е па тогаш, сигурно можете да се грижите за овците! Останете на планината и чувајте ги стадата“.

Така, додека околу нас беснееше граѓанската војна, ние тројцата сметавме дека со чиста совест можеме да се грижиме за овците. Една година подоцна, на Илијас, како најстар син, му беше дозволено да се врати дома за да се грижи за нашата мајка која остана вдовица. Антониос се разболе и беше ослободен. Меѓутоа, мене и понатаму ме држеа заробен.

Во меѓувреме, грчката војска полека го стегаше обрачот околу комунистите. Герилската група што ме држеше заробен побегна преку планините кон соседна Албанија. Кога се приближивме до границата, наеднаш нѐ опколија грчки војници. Бунтовниците избегаа во паника. Јас се скрив зад едно паднато дрво, а потоа им се предадов на војниците, како што спомнав на почетокот.

Кога им кажав на грчките војници дека бев заробен од комунистите, тие ме одведоа на сослушување во воениот логор близу градот Бер, кој во библиски времиња бил познат како Верија. Таму ми беше наредено да копам ровови за војниците. Кога одбив, главниот офицер нареди да ме протераат на озлогласениот казнен остров Макронисос.

ОСТРОВ НА УЖАСОТ

Пустиот и безводен остров Макронисос е сместен во близина на брегот Атика, на околу 50 километри од Атина. Островот е долг 13 километри, а неговиот најширок дел изнесува 2.5 километри. Сепак, од 1947 до 1958 год., на него престојуваа повеќе од 100.000 затвореници, меѓу кои имаше активни и осомничени комунисти, поранешни борци на отпорот и голем број Јеховини сведоци.

Кога пристигнав таму во почетокот на 1949 год., затворениците беа поделени во неколку логори. Јас бев сместен во логор со помало обезбедување, во кој имаше и стотици други луѓе. Околу 40-ина од нас спиевме на земја во шатор кој беше наменет за 10 луѓе. Пиевме застоена вода и најчесто јадевме леќа и модри патлиџани. Постојаниот ветер и прашината уште повеќе ни го загорчуваа животот. Но, барем не моравме по цел ден бесцелно да влечеме камења — сурово мачење кое физички и психички уништи голем број затвореници.

Со други Сведоци како затвореници на островот Макронисос

Еден ден, додека се шетав покрај морскиот брег, сретнав неколку Сведоци од други логори. Бевме пресреќни што сме заедно! Оттогаш се трудевме да се најдеме секогаш кога беше можно, но внимававме да не нѐ откријат. Исто така, скришно им проповедавме на другите затвореници, а некои од нив подоцна станаа Јеховини сведоци. Овие активности и сесрдната молитва многу нѐ зајакнуваа во духовен поглед.

ВО ВЖАРЕНА ПЕЧКА

По десетмесечна „рехабилитација“, моите чувари решија дека е време да облечам војничка униформа. Кога го одбив тоа, тие ме одвлечкаа пред командантот на логорот. Јас му дадов една напишана изјава во која го изнесов мојот неутрален став, и му реков: „Сакам да бидам војник само на Христос“. Откако ми се закани, командантот ме предаде на неговиот заменик, еден грчки православен архиепископ кој беше облечен во целосна свештеничка облека. Кога храбро одговорив на неговите прашања на темел на Библијата, тој гневно извика: „Водете го. Тој е фанатик!“

Следното утро, војниците повторно ми наредија да облечам воена униформа. Кога одбив, ме претепаа со тупаници и со дрвена палка. Потоа ме однесоа до логорската амбуланта за да проверат дали ми се скршени коските и пак ме одвлечкаа во мојот шатор. Ова го правеа секој ден во текот на два месеци.

Бидејќи не ја погазив својата вера, изнервираните војници пробаа нова метода. Ми ги врзаа рацете зад грбот и ѕверски ме удираа по табаните со јажиња. Во таа огромна болка, се сетив на зборовите од Исус: „Среќни сте кога поради мене ве навредуваат и ве прогонуваат... Радувајте се и воскликнувајте, зашто голема е вашата награда на небесата. Зашто, така ги прогонуваа и пророците пред вас“ (Мат. 5:11, 12). После оваа тортура, која ми се чинеше како цела вечност, се онесвестив.

Се разбудив во студена ќелија во која немаше ни леб ни вода ни ќебе. Сепак, чувствував мир и спокој. Како што ветува Библијата, „мирот Божји“ ми ги чуваше мислите и срцето (Фил. 4:7). Следниот ден, еден добродушен војник ми даде леб, вода и една наметка. Потоа друг војник ми ја даде својата порција со храна. На овие и на многу други начини, чувствував како Јехова со љубов се грижи за мене.

Властите сметаа дека сум непоправлив бунтовник и затоа ме одведоа во Атина на воен суд. Таму бев осуден на три години затвор на Јарос, еден остров околу 50 километри источно од Макронисос.

„МОЖЕМЕ ДА ИМАМЕ ДОВЕРБА ВО ВАС“

Затворот Јарос беше една голема тврдина од црвени цигли во која беа сместени повеќе од 5.000 политички затвореници. Таму бевме затворени и јас и уште шест други Јеховини сведоци, сите поради својата христијанска неутралност. Иако беше строго забрането, ние седумтемина тајно се собиравме заедно за да ја проучуваме Библијата. Дури и редовно примавме криумчарени примероци од Стражарска кула, кои рачно ги препишувавме за да ги користиме за време на проучувањето.

Еден ден, додека скришно проучувавме, еден од затворските чувари случајно нѐ откри и ни ја заплени литературата. Бевме одведени во канцеларијата на заменик-управникот, и очекувавме дека ќе ни ја продолжат казната. Наместо тоа, заменик-управникот ни рече: „Знаеме кои сте и го почитуваме вашиот став. Знаеме дека можеме да имаме доверба во вас. Вратете се на работа“. На некои од нас дури ни даде и полесни задачи. Срцата ни беа преполни со благодарност. Нашата христијанска неутралност му донесе слава на Јехова дури и во затвор.

Нашата непоколебливост донесе и други убави резултати. Откако некое време набљудувал како се однесуваме, еден затвореник кој беше професор по математика беше поттикнат да ни постави прашања во врска со нашите верувања. Кога Сведоците беа ослободени во почетокот на 1951 год., и тој беше ослободен. Подоцна стана Јеховин сведок и започна со пионерска служба.

СЀ УШТЕ СУМ ВОЈНИК

Со мојата жена Џенет

Откако бев ослободен се вратив кај моето семејство во Карица. Подоцна, заедно со многу мои сонародници, се преселив во Мелбурн (Австралија). Таму се запознав и се оженив со Џенет, една прекрасна христијанска сестра. Нашите три ќерки и синот ги воспитавме во склад со библиските начела.

Денес, на возраст од 90 години, сѐ уште служам како христијански старешина. Поради повредите од минатото, телото и стапалата понекогаш ме болат, особено откако ќе се вратам од служба на проповедање. Сепак, сѐ уште сум решен да бидам „војник на Христос“ (2. Тим. 2:3).