СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 40
Мнозина ќе бидат доведени до праведност
Оние што доведуваат мнозина до праведност ќе сјаат како ѕвездите довека, во сета вечност (ДАН. 12:3)
ПЕСНА 151 Јехова ќе ги повика
КРАТОК ПРЕГЛЕД a
1. Кои прекрасни настани нѐ очекуваат во текот на илјадагодишното владеење?
КОЛКУ прекрасен ден ќе биде тоа кога ќе почне воскресението тука на Земјата во текот на Христовото илјадагодишно владеење! Сите на кои им починале некои од најблиските едвај чекаат повторно да ги видат. И Јехова копнее по тој ден (Јов 14:15). Замисли колку радосни ќе бидат сите на Земјата кога ќе ги дочекаат своите најблиски кои воскреснале! Како што видовме во претходната статија, „праведните“, односно оние чии имиња се запишани во книгата на животот, ќе добијат „воскресение за живот“ (Дела 24:15; Јован 5:29). Можеби мнозина од нашите најблиски ќе бидат меѓу првите кои ќе воскреснат на Земјата. b Освен тоа, „неправедните“ како, на пример, оние кои немале соодветна можност да го запознаат Јехова или верно да му служат пред да умрат, ќе добијат „воскресение за осуда“, односно за суд.
2-3. а) Според Исаија 11:9, 10, кое ќе биде најголемото образовно дело во човечката историја? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?
2 Сите што ќе воскреснат ќе треба да бидат поучени (Иса. 26:9; 61:11). Затоа, тогаш ќе треба да се спроведе најголемото образовно дело во човечката историја. (Прочитај Исаија 11:9, 10.) Меѓу другото, неправедните кои ќе воскреснат ќе треба да учат за Божјето Царство, за откупната жртва на Исус, како и за спорното прашање во врска со името на Јехова и неговото право да владее. Дури и праведните кои ќе воскреснат ќе треба да бидат во тек со сето она што Јехова постепено го откривал во врска со својата намера за Земјата. Некои од тие верни Божји слуги умреле долго време пред да биде завршена целата Библија. И неправедните и праведните ќе треба многу да учат.
3 Во оваа статија ќе ги разгледаме следниве прашања: Како ќе се извршува ова огромно образовно дело? Каква улога ќе има ова дело врз тоа дали нечие име ќе биде трајно запишано во книгата на животот? Одговорот на овие прашања е од голема важност и за нас денес. Ќе разгледаме некои впечатливи пророштва кои се запишани во книгите Даниел и Откровение и кои ќе ни помогнат подобро да разбереме што ќе се случи кога ќе воскреснат мртвите. Прво ќе зборуваме за значајните настани кои се проречени во пророштвото на Даниел 12:1, 2.
„ОНИЕ ШТО СПИЈАТ ВО ЗЕМНИОТ ПРАВ ЌЕ СЕ РАЗБУДАТ“
4-5. Што открива Даниел 12:1 за времето на крајот?
4 Прочитај Даниел 12:1. Книгата Даниел открива по кој редослед ќе се случуваат некои возбудливи настани во времето на крајот. На пример, од Даниел 12:1 дознаваме дека Михаел, односно Исус Христос, „стои и им помага“ на Божјите слуги. Овој дел од пророштвото почнал да се исполнува во 1914 год., кога Исус бил поставен за Цар на Божјето небесно Царство.
5 Но, на Даниел му било кажано и дека Исус „ќе стане“ во „време на неволја каква што немало откако постои народ, па до тоа време“. Ова „време на неволја“ е големата неволја која е спомната во Матеј 24:21. Исус ќе стане, односно ќе преземе чекори за да ги одбрани Божјите слуги на крајот од оваа неволја — во Армагедон. Во книгата Откровение, тие се наречени „големо мноштво луѓе“ кои „доаѓаат од големата неволја“ (Отк. 7:9, 14).
6. Што ќе се случи откако големото мноштво ќе ја преживее големата неволја? Објасни. (Види ја и статијата „Прашања од читателите“ во врска со воскресението на Земјата која се наоѓа во овој број.)
6 Прочитај Даниел 12:2. Што ќе се случи откако големото мноштво ќе ја преживее оваа голема неволја? Порано мислевме дека пророштвото од Даниел 12:2 се однесува на симболично воскресение, односно на зголемената активност на Божјите слуги откако проповедањето било речиси запрено од противниците во 1918 год. c Но сега сфаќаме дека овие зборови се однесуваат на воскресението на мртвите кое ќе се случи во претстојниот нов свет. Зошто го велиме ова? Изразот кој е преведен со „земниот прав“ се користи и во Јов 17:16 каде што се гледа дека зборот „прав“ го има истото значење со зборот „гроб“. Овој факт покажува дека Даниел 12:2 се однесува на дословното воскресение кое ќе се случи откако ќе завршат последните денови, односно по Армагедон.
7. а) Во која смисла некои ќе бидат воскреснати „за вечен живот“? б) Зошто може да се каже дека ова е „подобро воскресение“?
7 Но, во Даниел 12:2 пишува дека некои ќе воскреснат „за вечен живот“. Што значи тоа? Тоа значи дека оние што ќе воскреснат и ќе учат за Јехова и за Исус и ќе им бидат послушни во текот на илјадата години на крајот ќе добијат вечен живот (Јован 17:3). Ова ќе биде „подобро воскресение“ од воскресението на некои луѓе во минатото (Евр. 11:35). Зошто? Бидејќи тие несовршени луѓе повторно умреле.
8. Во која смисла некои ќе воскреснат „за срам и за вечно гнасење“?
8 Но нема секој што ќе воскресне да ги прифати поуките од Јехова. Според пророштвото на Даниел, некои ќе воскреснат „за срам и за вечно гнасење“. Бидејќи ќе покажат бунтовен став, нивните имиња нема да бидат запишани во книгата на животот и тие нема да добијат вечен живот. Наместо тоа, ќе добијат вечно уништување. Според тоа, Даниел 12:2 зборува за она што на крајот ќе се случи со сите воскреснати во зависност од тоа што ќе прават откако ќе воскреснат d (Отк. 20:12). Некои ќе добијат вечен живот, а некои вечно уништување.
„ОНИЕ ШТО ДОВЕДУВААТ МНОЗИНА ДО ПРАВЕДНОСТ“
9-10. Што друго ќе се случи по големата неволја и кои се оние што „ќе блескаат како сјајниот небесен свод“?
9 Прочитај Даниел 12:3. Што друго ќе се случи по прореченото „време на неволја“? Како дополнување на Даниел 12:2, стих 3 зборува за нешто што ќе се случи по големата неволја.
10 Кои се оние што „ќе блескаат како сјајниот небесен свод“? Зборовите од Матеј 13:43 ни помагаат да го добиеме одговорот. Таму пишува: „Тогаш праведниците ќе светат како сонце во царството на својот Татко“. Во таа прилика, Исус зборувал за „синовите на царството“, односно неговите помазани браќа кои ќе служат заедно со него во небесното Царство (Мат. 13:38). Според тоа, Даниел 12:3 мора да се однесува на помазаниците и на делото што ќе го вршат во текот на илјадагодишното владеење.
11-12. Што ќе прават помазаниците во текот на илјадата години?
11 Како помазаниците ќе доведат „мнозина до праведност“? Помазаниците тесно ќе соработуваат со Исус Христос за да го водат образовното дело кое ќе се изврши тука на Земјата во текот на илјадата години. Овие 144.000 нема само да владеат како цареви туку и ќе служат како свештеници (Отк. 1:6; 5:10; 20:6). Во таа улога, тие ќе учествуваат во прореченото „лекување на народите“, односно ќе им помагаат на луѓето постепено да станат совршени (Отк. 22:1, 2; Езек. 47:12). Колку голема радост ќе им носи тоа на помазаниците!
12 Кои луѓе ќе бидат вклучени во тие „мнозина“ што ќе бидат доведени до праведност? Меѓу нив ќе бидат оние што ќе воскреснат, оние што ќе го преживеат Армагедон, како и децата што ќе се родат во новиот свет. До крајот на илјадата години, сите што ќе живеат на Земјата ќе станат совршени. А во кој момент нивните имиња кои се запишани со молив во книгата на животот ќе бидат трајно запишани со мастило?
ПОСЛЕДНИОТ ИСПИТ
13-14. Што ќе треба да покажат сите совршени луѓе на Земјата пред да добијат вечен живот?
13 Мора да имаме на ум дека тоа што некој е совршен само по себе не значи дека ќе добие вечен живот. Размисли за Адам и Ева. Тие биле совршени, но требало да покажат дека му се послушни на Јехова пред да добијат вечен живот. За жал, тие не му биле послушни (Рим. 5:12).
14 Што ќе биде со луѓето на Земјата на крајот од илјадата години? Дотогаш сите ќе бидат совршени. Дали сите совршени луѓе потполно ќе го поддржуваат Јеховиното владеење засекогаш? Или некои ќе бидат како Адам и Ева кои, и покрај тоа што биле совршени, не му останале верни на Бог? Овие прашања ќе треба да бидат одговорени. Но како?
15-16. а) Кога сите луѓе ќе имаат прилика да покажат дали му се верни на Јехова? б) Кој ќе биде конечниот исход од овој испит?
15 Сатана ќе биде затворен илјада години. Во тој период, тој нема да може да заведе никого. Меѓутоа, на крајот од илјадата години, Сатана ќе биде ослободен од својот затвор. Тогаш ќе се обиде да ги заведе совршените луѓе. Во текот на тој испит, сите совршени луѓе на Земјата ќе имаат можност јасно да покажат дали го почитуваат Божјето име и дали го поддржуваат неговото владеење (Отк. 20:7-10). Од тоа како ќе постапат ќе зависи дали нивните имиња ќе бидат трајно запишани во книгата на животот.
16 Некои ќе бидат како Адам и Ева и ќе го отфрлат владеењето на Јехова. Што ќе се случи со нив? Во Откровение 20:15 пишува: „Секој што не се најде запишан во книгата на животот, беше фрлен во огненото езеро“. Значи, овие бунтовници ќе бидат уништени засекогаш. Но поголемиот дел од совршените луѓе ќе останат верни во овој последен испит. Нивните имиња ќе бидат трајно запишани во книгата на животот.
ВО „ВРЕМЕТО НА КРАЈОТ“
17. Што му кажал еден ангел на Даниел дека ќе се случи во нашево време? (Даниел 12:4, 8-10).
17 Колку е возбудливо кога размислуваме за овие идни настани! Но, Даниел исто така добил од еден ангел некои важни информации во врска со нашево време, „времето на крајот“. (Прочитај Даниел 12:4, 8-10; 2. Тим. 3:1-5.) Ангелот му рекол на Даниел: „Вистинското знаење ќе се умножи“. Тоа значи дека Божјите слуги уште подобро ќе ги разберат пророчките зборови од оваа книга. Ангелот додал дека во тој период „злите ќе прават зло, и ниту еден зол нема да го разбере тоа“.
18. Што ќе се случи наскоро со злобните?
18 Денес можеби изгледа дека злобните си поминуваат без казна за своите лоши постапки (Мал. 3:14, 15). Но наскоро Исус ќе им суди на оние кои се опишани како јарци и ќе ги одвои од оние кои се опишани како овци (Мат. 25:31-33). Злобните нема да ја преживеат големата неволја и нема да бидат воскреснати за живот во новиот свет. Нивните имиња нема да бидат запишани во книгата на сеќавањето која е спомната во Малахија 3:16.
19. Што треба да правиме сега и зошто? (Малахија 3:16-18).
19 Сега е време да докажеме со нашето однесување дека не сме меѓу злобните. (Прочитај Малахија 3:16-18.) Јехова ги собира оние кои ги гледа како „најмила сопственост“, односно оние кои се скапоцени за него. Ние сигурно сакаме да бидеме меѓу нив.
20. Кое ветување му било дадено на Даниел, и зошто едвај чекаш да се исполни?
20 Навистина живееме во возбудливи времиња. Но, ни претстојат уште повпечатливи работи. Наскоро, ќе го видиме уништувањето на сето зло на Земјата. Потоа, ќе видиме како се исполнува ветувањето што Јехова му го дал на Даниел: „На крајот од деновите ќе станеш за да го добиеш своето наследство“ (Дан. 12:13). Дали копнееш по денот кога Даниел, како и твоите најблиски ќе станат, односно ќе воскреснат? Ако да, тогаш дај сѐ од себе да останеш верен. Така ќе можеш да бидеш сигурен дека твоето име ќе остане запишано во Јеховината книга на животот.
ПЕСНА 80 „Вкусете и видете колку е добар Јехова!“
a Во оваа статија има појаснување на нашето разбирање во врска со големото образовно дело кое е спомнато во Даниел 12:2, 3. Ќе видиме кога ќе се случи тоа и кој ќе учествува во него. Исто така, ќе видиме како ова образовно дело ќе ги подготви луѓето на Земјата за последниот испит кој ќе се случи на крајот од Христовото илјадагодишно владеење.
b Воскресението можеби ќе се одвива во фази, односно поколение по поколение. Прво можеби ќе воскреснат слугите на Јехова кои умреле во текот на последните денови, потоа поколението кое живеело пред нив и така сѐ додека не воскреснат сите кои се во сеќавањето на Јехова. Ако биде така, тогаш секое поколение ќе има можност да ги пречека оние кои лично ги познава. Како и да е, во врска со небесното воскресение во Библијата пишува дека секој ќе воскресне „по својот ред“. Според тоа, може да заклучиме дека најверојатно и воскресението на Земјата ќе се одвива по одреден ред (1. Кор. 14:33; 15:23).
c Ова ново разбирање е промена на објаснувањето што стои во книгата Даниеловото пророштво, поглавје 17 и во Стражарска кула од 1 ноември 1987, стр. 15-19.
d За разлика од Даниел 12:2, изразите „праведните“ и „неправедните“ кои се спомнати во Дела 24:15, како и изразите „оние што правеле добро“ и „оние што правеле зло“ кои се запишани во Јован 5:29 укажуваат на она што го правеле воскреснатите пред да умрат.