Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 44

Ќе им помогнеш ли на своите деца да му служат на Бог?

Ќе им помогнеш ли на своите деца да му служат на Бог?

Исус растеше, напредуваше во мудроста и уживаше сѐ поголема наклоност кај Бог и кај луѓето (ЛУКА 2:52)

ПЕСНА 134 Децата се скапоцен дар од Бог

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1. Која е најдобрата одлука што некој може да ја донесе?

 ЧЕСТОПАТИ одлуките што ги носат родителите имаат долготрајно влијание врз децата. Ако донесуваат лоши одлуки, нивните деца можат да имаат проблеми. Но, ако носат мудри одлуки, им даваат најдобра можност да водат среќен и исполнет живот. Се разбира, и децата мора да донесуваат добри одлуки. Најдобрата одлука што некој може да ја донесе е да му служи на нашиот грижлив небесен Татко, Јехова (Пс. 73:28).

2. Кои добри одлуки ги донеле Исус и неговите родители?

2 Родителите на Исус — Јосиф и Марија — биле решени да им помогнат на своите деца да му служат на Јехова. Со одлуките што ги донеле, покажале дека тоа им било најважно во животот (Лука 2:40, 41, 52). И Исус донел добри одлуки кои му овозможиле да ја исполни својата улога во Јеховината намера (Мат. 4:1-10). Кога пораснал, тој бил добар, верен и храбар човек. Секој христијански родител би се радувал и би се гордеел со таков син!

3. Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?

3 Во оваа статија, ќе ги разгледаме следниве прашања: Кои добри одлуки ги донел Јехова во врска со Исус? Што можат родителите да научат од одлуките на Јосиф и Марија? И што можат да научат младите христијани од одлуките што ги донел Исус?

УЧИ ОД ЈЕХОВА

4. Која важна одлука ја донел Јехова во врска со својот Син?

4 Јехова избрал многу добри родители за Исус (Мат. 1:18-23; Лука 1:26-38). Искрените зборови на Марија кои се запишани во Библијата откриваат колку многу го сакала и Јехова и неговата Реч (Лука 1:46-55). А начинот на кој постапил Јосиф откако добил упатства од Јехова покажува дека имал стравопочит кон Бог и дека сакал да му угоди (Мат. 1:24).

5-6. Што допуштил Јехова да доживее неговиот Син?

5 Забележи дека Јехова не избрал Исус да се роди во богато семејство. Жртвата што ја принеле Јосиф и Марија откако се родил Исус покажува дека биле сиромашни (Лука 2:24). Можеби Јосиф имал мала работилница близу до својата куќа во Назарет каде што работел како дрводелец. Тој и Марија сигурно немале многу во материјален поглед, особено ако се земе предвид дека на крајот имале најмалку седум деца (Мат. 13:55, 56).

6 Јехова го чувал својот Син од разни опасности, но не го заштитил од сите можни проблеми (Мат. 2:13-15). На пример, некои од неговите најблиски не верувале во него. Исус сигурно бил многу разочаран што во почетокот дури и некои од неговото сопствено семејство не го прифатиле како Месија (Мар. 3:21; Јован 7:5). Освен тоа, сигурно му било многу тешко кога умрел Јосиф. Ова значело дека, како најстар син, тој морал да го продолжи неговиот занает (Мар. 6:3). Како возрасен, Исус ја презел одговорноста да се грижи за семејството. Најверојатно морал многу да работи за да го издржува. Затоа знаел од прва рака што значи да се чувствуваш уморен на крајот од еден тежок и напорен ден.

Родители, подгответе ги децата да се соочат со проблемите така што ќе ги поучувате да бараат совети во Божјата Реч (Види во пасус 7) c

7. а) Кои прашања ќе им помогнат на брачните парови да се преиспитаат дали добро се грижат за децата? б) Како Изреки 2:1-6 може да им помогне на родителите да ги воспитаат своите деца?

7 Ако сте во брак и сакате да имате деца, прашајте се: „Дали сме понизни лица кои го сакаат Јехова и неговата Реч? Дали тој би нѐ избрал да се грижиме за еден скапоцен нов живот?“ (Пс. 127:3, 4). Ако веќе си родител, прашај се: „Дали ги поучувам децата колку е важно да бидат трудољубиви?“ (Проп. 3:12, 13). „Дали правам сѐ што можам за да ги заштитам од разните опасности на кои би можеле да наидат во светот на Сатана?“ (Изр. 22:3). Невозможно е да ги заштитиш децата од сите проблеми. Сепак, можеш постепено да ги подготвуваш да се соочат со тешкотии и да ги поучуваш да бараат совети во Божјата Реч. (Прочитај Изреки 2:1-6.) На пример, ако некој роднина одлучи да престане да му служи на Јехова, со помош на Библијата помогни им на децата да сфатат зошто е важно тие да му останат верни (Пс. 31:23). А ако некој од најблиските почине, покажи им на децата како може Божјата Реч да им помогне да се справат со тагата и да најдат утеха и мир (2. Кор. 1:3, 4; 2. Тим. 3:16).

УЧИ ОД ЈОСИФ И МАРИЈА

8. Според 5. Мојсеева 6:6, 7, што морале да прават Јосиф и Марија?

8 Јосиф и Марија му помогнале на Исус да ја стекне Божјата милост бидејќи ги послушале советите што Јехова им ги дал на родителите. (Прочитај 5. Мојсеева 6:6, 7.) Тие многу го сакале Јехова, и најважно од сѐ им било да им помогнат и на своите деца да развијат таква љубов.

9. Кои важни одлуки морале да ги донесат Јосиф и Марија?

9 Јосиф и Марија ги ставиле духовните работи на прво место. Без сомнение, тие секоја седмица оделе во синагогата во Назарет, а секоја година оделе на Пасхата во Ерусалим (Лука 2:41; 4:16). Можеби ги користеле таквите патувања за да ги поучат Исус и другите нивни деца за историјата на Јеховиниот народ. Додека биле на пат, можно е да поминувале низ некои места што се спомнати во светите списи. Како што семејството постепено се зголемувало, сигурно не им било лесно да продолжат редовно да го прават тоа. Но, Јехова богато го благословил нивниот труд. Бидејќи духовните работи им биле најважни, сите во семејството биле блиски со Бог.

10. Што можат да научат родителите од Јосиф и Марија?

10 Ако си родител, што можеш да научиш од Јосиф и Марија? Пред сѐ, децата треба да видат и од твоите зборови и од твоите постапки дека многу го сакаш Јехова. Најскапоцениот дар што можеш да им го дадеш е да им помогнеш да го засакаат Јехова. Една од најважните работи за кои треба да ги поучиш е редовно да ја проучуваат Библијата, да се молат, да одат на состаноци и да учествуваат во службата (1. Тим. 6:6). Се разбира, мора да се грижиш за нивните материјални потреби (1. Тим. 5:8). Но, немој никогаш да заборавиш дека нивниот близок однос со Јехова — а не материјалните работи — ќе им помогне да го преживеат крајот на овој стар свет и да влезат во Божјиот нов свет (Езек. 7:19; 1. Тим. 4:8).

Навистина се радуваме што со своите добри одлуки многу родители им помагаат на децата да се зближат со Јехова! (Види во пасус 11) d

11. а) Како советот од 1. Тимотеј 6:17-19 може да им помогне на родителите да донесат добри одлуки додека ги воспитуваат децата? б) Какви цели може да си поставите како семејство, и какви благослови може да добиете? (Види ја рамката „ Какви цели ќе си поставите како семејство?“)

11 Навистина се радуваме кога гледаме како многу родители донесуваат добри одлуки со кои им помагаат на своите деца да се зближат со Јехова! Тие постојано го слават заедно. Одат како семејства на состаноците и на конгресите, и редовно одат во служба. Некои семејства одлучуваат да проповедаат на ретко обработувани подрачја. Други одат во посета на Бетел, или помагаат во изградба на теократски објекти. Сите овие семејства прават жртви во материјален поглед, и веројатно не им е секогаш лесно. Но, Јехова великодушно ги благословува нивните жртви. (Прочитај 1. Тимотеј 6:17-19.) Децата што растат во такви семејства честопати ги задржуваат добрите духовни навики и кога ќе пораснат, и воопшто не жалат за тоа! b (Изр. 10:22).

УЧИ ОД ИСУС

12. Што морал да прави Исус додека растел?

12 Небесниот Татко на Исус секогаш носи добри одлуки. А и неговите родители на Земјата донесувале мудри одлуки. Сепак, како што растел, Исус морал и самиот да носи одлуки (Гал. 6:5). Исто како сите ние, и тој имал слободна волја. Можел да избере да си гледа за себе и да не ја врши Божјата волја. Наместо тоа, Исус одлучил да остане близок со Јехова (Јован 8:29). Како може неговиот пример да им помогне на младите денес?

Млади, немојте да ги отфрлате советите на родителите (Види во пасус 13) e

13. Што избрал Исус да прави уште како дете?

13 Како дете, Исус избрал да им биде послушен на своите родители. Никогаш не ги отфрлил нивните совети мислејќи дека е попаметен од нив. Наместо тоа, Библијата вели дека им бил послушен (Лука 2:51). Без сомнение, Исус ја сфатил сериозно својата одговорност како најстар син. Сигурно многу се трудел да го научи занаетот на Јосиф за да може да го издржува семејството.

14. Од каде знаеме дека Исус длабоко ги проучувал светите списи?

14 Родителите веројатно му кажале на Исус дека се родил со чудо, а му кажале и што чуле од Божјите гласници за него (Лука 2:8-19, 25-38). Но, тоа не било сѐ. Исус и самиот длабоко ги проучувал светите списи. Од каде го знаеме тоа? Кога сѐ уште бил мал, учителите во Ерусалим се восхитувале „на неговата остроумност и на неговите одговори“ (Лука 2:46, 47). Благодарение на тоа што ги проучувал светите списи, кога имал само 12 години, тој веќе бил уверен дека Јехова е неговиот Татко (Лука 2:42, 43, 49).

15. Како Исус покажал дека одлучил да ја врши Јеховината волја?

15 Кога сфатил која е неговата улога во Божјата намера, Исус одлучил да ја прифати таа задача (Јован 6:38). Знаел дека мнозина ќе го мразат, и сигурно не му било пријатно кога размислувал за тоа. Сепак, одлучил да му биде послушен на Јехова. Откако се крстил во 29 год. од н.е., најважно во животот му било да го прави она што Јехова го очекувал од него (Евр. 10:5-7). Дури и кога умирал на маченичкиот столб, Исус бил решен до крај да ја изврши волјата на својот Татко (Јован 19:30).

16. Што можат да научат децата од Исус?

16 Биди им послушен на родителите. Исто како Јосиф и Марија, и твоите родители не се совршени. И покрај тоа, Јехова им дал задача да те воспитуваат и да те заштитуваат. Ако ги почитуваш своите родители и ако ги цениш нивните совети, ќе „ти биде добро“ (Еф. 6:1-4).

17. Според Исус Навин 24:15, пред каков избор стојат младите?

17 Избери кому ќе му служиш. Самиот треба да се увериш кој е Јехова, која е неговата волја и како можеш да ја извршуваш (Рим. 12:2). Тогаш ќе можеш да ја донесеш најважната одлука во животот — да му служиш на Бог. (Прочитај Исус Навин 24:15; Проп. 12:1.) Ако редовно ја читаш и ја проучуваш Библијата, твојата љубов кон Јехова ќе расте и твојата вера во него ќе биде уште посилна.

18. Која одлука мора да ја донесат младите, и каков ќе биде резултатот од тоа?

18 Одлучи да ја ставиш Јеховината волја на прво место во животот. Светот на Сатана ветува дека ако ги користиш своите таленти за себе, ќе бидеш среќен. Но, всушност, оние што си поставуваат материјалистички цели си нанесуваат многу маки (1. Тим. 6:9, 10). Од друга страна, ако го слушаш Јехова и ако одлучиш да ја ставиш неговата волја на прво место, „ќе постапуваш мудро“ и ќе бидеш среќен (Ис. Нав. 1:8).

КАКВА ОДЛУКА ЌЕ ДОНЕСЕШ?

19. Што не смеат да заборават родителите?

19 Родители, давајте сѐ од себе за да им помогнете на своите деца да му служат на Јехова. Имајте доверба во него, и тој ќе ви помогне да донесувате мудри одлуки (Изр. 3:5, 6). Не заборавајте дека врз вашите деца повеќе влијае она што го правите отколку она што им го кажувате. Затоа, донесувајте одлуки со кои ќе им помогнете да ја стекнат Јеховината милост.

20. Какви благослови ќе добијат младите ако одлучат да му служат на Јехова?

20 Млади, вашите родители можат да ви помогнат да донесете мудри одлуки. Но, од вас зависи дали ќе му бидете пријатели на Бог. Затоа, следете го примерот на Исус и донесете одлука да му служите на својот небесен Татко кој многу ве сака. Ако го направите тоа, уште сега ќе водите интересен и исполнет живот (1. Тим. 4:16). А во иднина ќе се радувате на најубавиот можен живот!

ПЕСНА 133 Да му служиме на Јехова од младоста

a Христијанските родители сакаат нивните деца да бидат среќни и да му служат на Јехова кога ќе пораснат. Со кои одлуки ќе им помогнат на своите деца да ја остварат таа цел? Какви одлуки треба да донесат младите за да бидат вистински среќни? Во оваа статија ќе го дознаеме одговорот на овие прашања.

b Види ја рамката „Не можам да замислам подобри родители“ во Разбудете се! од октомври 2011 год., стр. 20, и статијата „Посебно писмо до нивните родители“ во Разбудете се! од 8 мај 1999 год., стр. 12.

c ОПИС НА СЛИКАТА: Кога Исус бил мал, Марија сигурно му всадила длабока љубов кон Јехова. И денес мајките можат да им помогнат на своите деца да го засакаат Бог.

d ОПИС НА СЛИКАТА: На Јосиф сигурно му било многу важно да оди во синагогата со семејството. И денес на татковците треба да им биде важно да одат на состаноци со своето семејство.

e ОПИС НА СЛИКАТА: Исус научил занает од Јосиф. И младите денес можат да научат некои вештини од својот татко.