Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 43

Јехова ја води својата организација

Јехова ја води својата организација

„Не со воена сила, ниту со моќ, туку со мојот дух“, вели Јехова над војските (ЗАХ. 4:6)

ПЕСНА 40 На кој бог му припаѓаме?

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1. Што мора и понатаму да прават крстените христијани?

 ДАЛИ си крстен Јеховин сведок? Ако да, со своето крштавање си покажал пред другите дека имаш вера во Јехова и дека сакаш да му служиш како дел од неговата организација. b Се разбира, мора и понатаму да ја зајакнуваш својата вера во Бог. Освен тоа, мора да ја зацврстуваш твојата доверба дека Јехова ја води својата организација денес.

2-3. Како Јехова ја води својата организација денес? Наведи примери.

2 Јехова ја води својата организација во склад со својата намера и своите мерила. Во начинот на кој го прави тоа, се гледаат неговите прекрасни особини. Да разгледаме три од нив.

3 Прво, „Бог не е пристрасен“ (Дела 10:34). Поттикнат од љубов, Јехова го дал својот Син како „откупнина за сите“ (1. Тим. 2:6; Јован 3:16). Тој ги користи своите слуги за да им ја проповедаат добрата вест на сите што се спремни да слушаат. На тој начин, им помага на колку што е можно повеќе луѓе да извлечат корист од откупнината, односно да бидат спасени. Второ, Јехова е Бог на редот и на мирот (1. Кор. 14:33, 40). Затоа, треба да очекуваме оние што му служат да го прават тоа на организиран и мирољубив начин. Трето, Јехова е Најголемиот Учител (Иса. 30:20, 21). Затоа и неговата организацијата се труди да ги поучува другите за неговата Реч — и во собранието и во службата. Како браќата и сестрите во христијанското собрание од првиот век ги покажувале овие три особини на Јехова? Како ги покажуваат Јеховините слуги во нашево време? И како може светиот дух да ти помага додека служиш заедно со Божјата организација денес?

БОГ НЕ Е ПРИСТРАСЕН

4. Според Дела 1:8, што им заповедал Исус на своите следбеници, и каква помош требало да добијат?

4 Во првиот век. Пораката што ја проповедал Исус им дава надеж на сите луѓе (Лука 4:43). Тој им заповедал на своите следбеници да го продолжат делото што го започнал, односно да сведочат „сѐ до крајот на земјата“. (Прочитај Дела 1:8.) Се разбира, не можеле да го извршат ова дело со своја сила. Ќе им бил потребен свет дух — „помошникот“ кој им го ветил Исус (Јован 14:26; Зах. 4:6).

5-6. На кои начини светиот дух им помогнал на Христовите ученици?

5 Христовите ученици го добиле светиот дух на Педесетница, 33 год. од н.е. Со помош на Божјиот дух, тие веднаш започнале да проповедаат и, за кратко време, неколку илјади ја прифатиле добрата вест (Дела 2:41; 4:4). Кога наишле на противење, не се исплашиле туку барале помош од Бог. Тие го молеле: „Дај им на своите слуги и понатаму да ја зборуваат твојата реч со сета смелост!“ Откако се исполниле со свет дух, продолжиле смело да ја проповедаат Божјата Реч (Дела 4:18-20, 29, 31).

6 Учениците на Исус се соочиле и со други проблеми. На пример, немале многу примероци од светите списи. А немале ни публикации што ја објаснувале Божјата Реч, како што имаме ние денес. Освен тоа, требало да им проповедаат на луѓе кои зборувале различни јазици. И покрај сѐ, тие ревносни ученици го направиле она што изгледало невозможно. Библијата вели дека, за само неколку децении, успеале да им ја проповедаат добрата вест на „сите суштества под небото“ (Кол. 1:6, 23).

7. Пред повеќе од 100 години, како слугите на Јехова знаеле што очекува тој од нив, и што направиле?

7 Во нашево време. Јехова продолжува да го води својот народ и да му ја дава потребната сила. Главно го прави тоа преку Библијата, која била напишана под водство на неговиот свет дух. Во неа е запишан извештајот за службата на Исус, како и заповедта што им ја дал на своите следбеници да го продолжат делото што го започнал (Мат. 28:19, 20). Уште во јули 1881 год., во Стражарска кула пишувало: „Јехова не нѐ повикал ниту, пак, нѐ помазал за да добиеме чест од луѓето и да се збогатиме, туку да се даваме за другите и да користиме сѐ што имаме за да ја проповедаме добрата вест“. Во брошурката Оние на кои им е доверено делото, која излегла во 1919 год., пишувало: „Иако делото што нѐ очекува е огромно, тоа е на Господарот, и тој ќе ни даде сила да го извршиме“. Исто како првите христијани, овие браќа храбро се фатиле за работа, уверени дека светиот дух ќе им помогне да им проповедаат на најразлични луѓе. И денес проповедаме со иста таква увереност.

Јеховината организација користи најдобри можни средства за да ја шири добрата вест (Види во пасуси 8-9)

8-9. Кои методи ги користела Јеховината организација за да ја рашири добрата вест низ целиот свет?

8 Низ годините, Јеховината организација користела најдобри можни средства за да ја шири добрата вест. Во нив спаѓале печатени публикации, „Фотодрамата за создавањето“, грамафони, коли со разглас и радиоемисии, а од неодамна користи електронски уреди и интернет. Исто така, денес Божјата организација преведува публикации на повеќе јазици од кога и да било порано! Зошто? За да можат најразлични луѓе да ја слушнат добрата вест на својот мајчин јазик. Јехова не е пристрасен. Тој претскажал дека добрата вест ќе биде проповедана „на секој народ и племе и јазик и народност“ (Отк. 14:6, 7). Бог сака сите да можат да ја чујат пораката за Царството.

9 А што е со оние кои живеат во згради каде што има обезбедување или каде што влезната врата е заклучена? За да можат и тие да ја слушнат добрата вест, Јеховината организација почна да користи разни други методи на сведочење. На пример, во 2001 год., Водечкото тело одобри да се користат колички и штандови со литература, најпрво во Франција, а потоа и на други места. Тоа даде добри резултати. Во 2011 год., во САД започна една пробна програма за сведочење во најпрометниот дел на градот Њујорк. Во текот на првата година, беа поделени 102.129 книги и 68.911 списанија. Освен тоа, околу 4.700 лица побараа да ја проучуваат Библијата! Јасно е дека Јехова го поддржа сето ова со својот свет дух. Затоа Водечкото тело одобри браќата и сестрите низ целиот свет да користат колички, масички или штандови за сведочење.

10. Што ќе ни помогне подобро да ја извршуваме службата?

10 Што можеш да направиш ти? Труди се да извлечеш потполна корист од поуките што Јехова ни ги дава на христијанските состаноци. Редовно соработувај со браќата и сестрите од твојата група за проповедање. Тие можат да ти помогнат да се подобриш во службата таму каде што имаш потреба и можат да те охрабрат со својот добар пример. Продолжи да проповедаш иако не е секогаш лесно. Како што се гледа од стихот на кој се темели оваа статија, ние не му служиме на Јехова со своја сила, туку ја вршиме неговата волја со помош на светиот дух, бидејќи тоа е негово дело (Зах. 4:6).

ЈЕХОВА Е БОГ НА РЕДОТ И НА МИРОТ

11. Како браќата од водечкото тело во првиот век соработувале за да се зачува редот во христијанското собрание?

11 Во првиот век. Членовите на водечкото тело во Ерусалим биле обединети и тесно соработувале за да се зачува редот и мирот меѓу Божјите слуги (Дела 2:42). На пример, кога околу 49 год. од н.е. морало да се направи нешто во врска со спорот за обрежувањето, водечкото тело го разгледало ова прашање под водство на светиот дух. Ако собранието останело со поделени мислења околу таа работа, тоа ќе се одразело негативно врз проповедањето. Иако биле Евреи, апостолите и старешините не дозволиле врз нив да влијаат ниту еврејските традиции ниту оние што упорно ги застапувале. Наместо тоа, побарале водство од Божјата Реч и од светиот дух за да донесат исправна одлука (Дела 15:1, 2, 5-20, 28). Каков бил резултатот? Јехова ја благословил нивната одлука, биле зачувани мирот и единството во собранието и христијаните продолжиле да проповедаат (Дела 15:30, 31; 16:4, 5).

12. Што покажува дека денес во Јеховината организација навистина има ред и мир?

12 Во нашево време. Јеховината организација прави сѐ за да се зачува редот и мирот меѓу Божјите слуги. Уште во 1895 год., во Сионска Стражарска кула од 15 ноември излегла статија со наслов „Пристојно и така како што е редот“, која се темелела на 1. Коринќаните 14:40. Во статијата пишувало: „Апостолите му дале многу упатства на собранието од првиот век во врска со редот... Важно е многу внимателно да го слушаме сето она што некогаш било напишано за наша поука“ (Рим. 15:4). И денес Јеховината организација вложува голем труд за да се зачува ист таков ред и мир како што имало во христијанското собрание од првиот век. На пример, ако присуствуваш на Проучување на Стражарска кула во некое друго собрание — па дури и во друга земја — ќе знаеш како ќе се одвива тој состанок и која статија ќе се разгледува. Веднаш ќе се чувстуваш како да си дома! Таквото скапоцено единство е можно само благодарение на Божјиот дух! (Соф. 3:9).

13. Во склад со Јаков 3:17, што треба да се прашаме?

13 Што можеш да направиш ти? Јехова сака неговите слуги да го зачуваат „единството на духот, во мирот кој [ги] поврзува“ (Еф. 4:1-3). Затоа, прашај се: „Дали придонесувам во собранието да владее единство и мир? Дали сум им послушен на оние што предводат? Можат ли другите да се потпрат на мене, особено ако извршувам некои одговорности во собранието? Дали сум точен, и дали сум секогаш спремен да помагам и да им служам на другите?“ (Прочитај Јаков 3:17.) Ако сфатиш дека треба во нешто да се подобриш, моли се за свет дух. Колку повеќе дозволуваш тој да влијае врз твојата личност и твоите постапки, толку повеќе браќата и сестрите ќе те сакаат и ќе те ценат.

ЈЕХОВА НЀ ПОУЧУВА И НЀ ОПРЕМУВА

14. Според Колошаните 1:9, 10, како Јехова го поучувал својот народ во првиот век?

14 Во првиот век. Јехова со задоволство го поучува својот народ (Пс. 32:8). Тој сака да го познаваме, да го сакаме и да живееме засекогаш како негови мили деца. Сето ова би било невозможно без поуките што ги добиваме од него (Јован 17:3). Во првиот век, Јехова ги поучувал луѓето преку христијанското собрание. (Прочитај Колошаните 1:9, 10.) Светиот дух, односно „помошникот“ што го ветил Исус, имал многу важна улога во тоа (Јован 14:16). Им помогнал на учениците подобро да ја разберат Божјата Реч, и ги потсетил на многу работи што Исус ги кажал и ги направил, а кои подоцна биле запишани во евангелијата. Ваквото знаење им ја зајакнало верата на првите христијани, како и нивната љубов кон Бог, кон неговиот Син и еден кон друг.

15. На кои начини Јехова го исполнува ветувањето запишано во Исаија 2:2, 3?

15 Во нашево време. Јехова претскажал дека „во последните денови“, луѓе од сите народи ќе се слеваат кон неговата симболична планина за да бидат поучени за неговите патишта. (Прочитај Исаија 2:2, 3.) Ние гледаме како ова пророштво се исполнува пред наши очи. Вистинската религија се издигнува над сите други лажни религии. И каква само духовна гозба ни обезбедува Јехова! (Иса. 25:6). Преку „верниот и разборит роб“, тој ни дава изобилна и разновидна духовна храна. На пример, можеме да читаме статии, да слушаме говори, да гледаме видеоклипови, па дури и цртани филмови (Мат. 24:45). Имаме исти чувства како Елиу, пријателот на Јов, кој со право го рекол следново за Бог: „Има ли учител како него?“ (Јов 36:22).

Всади ја вистината во твоето срце, и труди се да живееш во склад со неа (Види во пасус 16) c

16. Што ќе ти помогне да станеш духовно зрел христијанин?

16 Што можеш да направиш ти? Божјиот дух ќе ти помогне да го применуваш она што го читаш и проучуваш во Божјата Реч. Моли се исто како псалмистот, кој рекол: „Поучи ме, о Јехова, за својот пат! Ќе одам во твојата вистина. Дај ми неподелено срце за да се бои од твоето име!“ (Пс. 86:11). Затоа продолжи да ја земаш духовната храна што Јехова ни ја обезбедува преку својата Реч и организација. Се разбира, целта не е само да стекнуваш знаење. Треба да ја всадиш вистината во твоето срце, и да живееш во склад со неа. Јеховиниот дух може да ти помогне во тоа. Исто така, добро е да ги охрабруваш твоите браќа и сестри (Евр. 10:24, 25). Тие се дел од твоето духовно семејство. Моли го Бог да ти помогне со својот дух да даваш искрени коментари на состаноците и да го дадеш своето најдобро кога имаш удел во програмата. Така ќе му покажеш на Јехова и на неговиот Син дека ги сакаш нивните скапоцени „овци“ (Јован 21:15-17).

17. На кои начини можеш да покажеш дека верно ја поддржуваш Јеховината организација?

17 Наскоро, единствената организација која ќе постои на Земјата ќе биде таа што е водена од Божјиот дух. Затоа, ревносно соработувај со Јеховината организација. Покажи дека си непристрасен исто како Бог така што ќе им ја објавуваш добрата вест на сите што ќе ги сретнеш. Следи го неговиот пример со тоа што ќе се трудиш да придонесуваш за редот и за мирот во собранието. И слушај го својот Најголем Учител така што ќе извлечеш потполна корист од духовната гозба што тој ни ја обезбедува. Тогаш, кога ќе му биде ставен крај на светот на Сатана, ти нема да се плашиш. Наместо тоа, храбро ќе застанеш меѓу оние кои верно му служат на Јехова како дел од неговата организација.

ПЕСНА 3 Нашата сила, надеж и доверба

a Дали си уверен дека Јехова ја води својата организација денес? Во оваа статија, ќе видиме како тој го водел христијанското собрание во првиот век и како го води својот народ денес.

b ПОЈАСНУВАЊЕ: Јеховината организација се состои од небесен и од земен дел. Во оваа статија, зборот „организација“ се однесува на земниот дел.

c ОПИС НА СЛИКАТА: Откако гледала видеоклипови за браќа и сестри кои се преселиле во земји каде што има поголема потреба од објавители, една сестра која служи како пионер е поттикната да го следи нивниот пример. На крајот ја остварува целта и самата да служи на такво подрачје.