СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 43
Биди му оддаден само на Јехова
Јехова е Бог кој бара да му се покажува оддаденост само нему (НАУМ 1:2)
ПЕСНА 51 Се заветувавме на Бог
КРАТОК ПРЕГЛЕД a
1. Зошто Јехова заслужува да му бидеме оддадени само нему?
ЈЕХОВА заслужува да му бидеме оддадени само нему бидејќи тој создал сѐ и ни дал живот (Отк. 4:11). Но треба да внимаваме на една опасност. Иако го сакаме и го почитуваме Јехова, некои други работи можат да ни станат поважни од него. Треба да разбереме како може да се случи тоа. Како прво, да видиме што значи да му бидеме оддадени само на Јехова.
2. Според 2. Мојсеева 34:14, што значи да му бидеме оддадени само на Јехова?
2 Според Библијата, да му бидеме оддадени само на Јехова значи да имаме длабока љубов кон него и да го обожаваме само него. Ние нема да дозволиме никој и ништо да го заземе неговото место во нашето срце. (Прочитај 2. Мојсеева 34:14.)
3. Зошто нашата оддаденост на Јехова не е слепа?
3 Нашата оддаденост на Јехова не е слепа. Зошто? Бидејќи се темели на факти што сме ги научиле за него. Ние се восхитуваме на неговите прекрасни особини. Знаеме што сака а што мрази, и ги прифаќаме тие мерила. Ние ја разбираме неговата намера со луѓето и се трудиме да живееме во склад со неа. За нас е чест што ни дозволува да бидеме негови пријатели (Пс. 25:14). Сѐ што учиме за нашиот Творец ни помага уште повеќе да се зближиме со него (Јак. 4:8).
4. а) Што користи Ѓаволот за да ја ослабне нашата решеност да му бидеме оддадени само на Јехова? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?
4 Ѓаволот е владетел на овој свет. Тој го користи светот за да нѐ наведе на прво место да ги ставиме природните желби и да ни отежни да им се спротивставиме на неисправните желби (Еф. 2:1-3; 1. Јов. 5:19). Целта на Ѓаволот е да ни ја ослабне љубовта кон Јехова и со тоа да ја намали нашата решеност да му бидеме оддадени само нему. Да разгледаме два начина на кои би можел да се обиде да го стори тоа. Прво, тој се обидува да нѐ наведе да ги засакаме парите, а второ, се обидува да нѐ наведе да направиме лош избор во поглед на забавата.
ВНИМАВАЈ ДА НЕ ГИ ЗАСАКАШ ПАРИТЕ
5. Зошто мора да внимаваме да не ги засакаме парите?
5 Сите сакаме да имаме доволно за јадење, соодветна облека и пристојно место за живеење. Но, мора да внимаваме да не ги засакаме парите. Многу луѓе денес се „алчни за пари“ и ги сакаат работите што можат да се купат со пари (2. Тим. 3:2). Исус знаел дека на неговите следбеници би можело да им се случи истото. Затоа рекол: „Никој не може да им робува на двајца господари, зашто или едниот ќе го мрази, а другиот ќе го сака, или ќе биде приврзан кон едниот, а другиот ќе го презира. Не можете да му робувате и на Бог и на богатството“ (Мат. 6:24). Ако некој слуга на Јехова троши многу време и труд за да се збогати, всушност, се обидува да им служи на двајца господари. Во тој случај не му е оддаден само на Јехова.
6. Што можеме да научиме од зборовите што Исус му ги упатил на собранието во Лаодикија?
6 При крајот на првиот век од нашата ера, некои членови на собранието во Лаодикија се фалеле: „Богат сум, се збогатив и ништо повеќе не ми треба“. Но во очите на Јехова и на Исус тие, всушност, биле за жалење, сиромашни, слепи и голи. Исус не ги укорил затоа што биле богати туку затоа што толку го сакале богатството што си го довеле во опасност пријателството со Јехова (Отк. 3:14-17). Ако забележиме дека во срцето ни се појавува желба да се збогатиме, мора брзо да го исправиме нашето размислување (1. Тим. 6:7, 8). Доколку не го сториме тоа, срцето ќе ни биде поделено и Јехова нема да ја прифати нашата служба. Тој „бара да му се покажува оддаденост само нему“ (5. Мој. 4:24). А како може да ни се случи да ги засакаме парите?
7-9. Што учиме од искуството на еден старешина по име Дејвид?
7 Да го разгледаме примерот на Дејвид, еден трудољубив старешина што живее во САД. Тој вели дека бил многу посветен работник во фирмата во која бил вработен. Добил унапредување, па дури и државно признание како еден од најдобрите стручњаци за работата што ја извршувал. Дејвид вели: „Во тоа време си мислев дека тие признанија и награди се доказ дека Јехова ме благословува“. Но дали таквиот успех навистина бил од Јехова?
8 Дејвид постепено сфатил дека неговата работа му го нарушува пријателството со Јехова. Тој вели: „На собраниските состаноци, па дури и за време на службата на проповедање, размислував за проблемите на работа. Заработував многу пари, но чувствував сѐ поголем стрес и почнав да имам проблеми во бракот“.
9 Дејвид сфатил дека треба да размисли што му е најважно во животот. Тој вели: „Донесов цврста одлука да ја променам мојата ситуација“. Дејвид сакал да си го смени работното време, и му дал еден предлог на шефот. Каков бил резултатот? Добил отказ од работа! Што направил потоа? Дејвид вели: „Уште следниот ден дадов молба за постојано да служам како помошен пионер“. За да се издржуваат финансиски, заедно со жена му почнале да работат со чистење на големи објекти. По некое време, Дејвид почнал да служи како општ пионер, а жена му подоцна му се придружила во таа служба. Тие избрале работа што многумина не би ја работеле, но ним не им е најважно каква работа имаат. Иако сега заработуваат десет пати помалку од порано, секој месец имаат онолку колку што им е потребно за да ги покријат трошоците. Тие го ставаат Јехова на прво место во животот, и на своја кожа почувствувале дека тој се грижи за оние на кои Божјето Царство им е најважно во животот (Мат. 6:31-33).
10. Како би можеле да си го чуваме срцето?
10 Треба да си го чуваме срцето без разлика дали имаме малку или многу во материјален поглед. Како можеме да си го чуваме срцето? Така што нема да ги засакаме парите и нема да дозволиме световната работа да ни стане поважна од службата за Јехова. Како можеш да утврдиш дали тоа ти се случува тебе? Постави си ги следниве прашања: „Дали често размислувам за работата додека сум на собраниски состанок или во служба на проповедање? Дали сум постојано загрижен за тоа дали ќе имам доволно пари во иднина? Дали поради парите и материјалните работи имам проблеми во бракот? Доколку некоја световна работа ми овозможува во поголема мера да му служам на Јехова, дали би бил спремен да ја прифатам дури и ако на другите им е понижување да ја работат?“ (1. Тим. 6:9-12). Додека размислуваме за овие прашања, да не заборавиме дека Јехова многу нѐ сака и дека на оние што му се оддадени им го дава следново ветување: „Никогаш нема да те оставам и никогаш нема да те напуштам“. Затоа апостол Павле напишал: „Во вашиот живот нека нема љубов кон парите“ (Евр. 13:5, 6).
ВНИМАТЕЛНО ИЗБИРАЈ ЈА СВОЈАТА ЗАБАВА
11. Зошто забавата од овој свет може лошо да влијае врз нас?
11 Јехова сака да уживаме во животот, а забавата може да ни помогне во тоа. Всушност, Божјата Реч вели дека „за човекот нема ништо подобро отколку да јаде и да пие и душата да му ужива во добрите работи од неговиот труд“ (Проп. 2:24). Но, голем дел од забавата што ја нуди овој свет може лошо да влијае врз нас. Зошто? Бидејќи ги расипува моралните мерила на луѓето со тоа што ги поттикнува да ги одобруваат — па дури и да ги сакаат — работите кои се осудени во Божјата Реч.
12. Според 1. Коринќаните 10:21, 22, зошто треба внимателно да ја избираме нашата забава?
12 Ние сакаме да му бидеме оддадени само на Јехова, и затоа не можеме да јадеме од „трпезата на Јехова“ и од „трпезата на демоните“. (Прочитај 1. Коринќаните 10:21, 22.) Кога јадеме заедно со некого, тоа обично е знак на пријателство. Ако избираме забава што е полна со насилство, спиритизам, неморал или други телесни желби и ставови, тоа е како да јадеме храна заедно со непријателите на Бог, и тоа храна што ја подготвиле тие. Како резултат на тоа, не само што ќе си наштетиме себеси туку и ќе си го нарушиме пријателството со Јехова.
13-14. а) Во која смисла може забавата да се спореди со храна? б) Според Јаков 1:14, 15, зошто мора внимателно да ја избираме нашата забава?
13 Во која смисла можеме забавата да ја споредиме со храна? Додека јадеме, ние избираме што ќе ставиме во устата. Но откако ќе ја проголтаме храната, телото автоматски ја обработува, а нејзините состојки постепено стануваат дел од нашето тело. Здравата храна добро влијае врз нашето здравје, а лошата храна ни го нарушува здравјето. Можеби нема веднаш да ги забележиме последиците, но со текот на времето тие ќе станат видливи.
14 Слично на тоа, кога ја избираме нашата забава, всушност, избираме што ќе ставиме во нашиот ум. Потоа, забавата што сме ја избрале ќе влијае врз нашиот ум и нашето срце. Исправната забава може да нѐ освежи, а неисправната ќе ни наштети. (Прочитај Јаков 1:14, 15.) Последиците од неисправната забава можеби нема да се забележат веднаш, но по некое време ќе ги видиме. Токму затоа Библијата нѐ предупредува: „Не залажувајте се: со Бог нема подигрување! Човек што ќе си посее, тоа и ќе си пожнее. Кој сее во своето тело, од телото ќе пожнее пропаст“ (Гал. 6:7, 8). Многу е важно да ја отфрлиме сета забава во која се величаат работи што Јехова ги мрази! (Пс. 97:10).
15. Кој убав подарок ни го дал Јехова?
15 Многумина од слугите на Јехова уживаат додека ја гледаат нашата интернет-телевизија JW Broadcasting®. Една сестра по име Мерилин вели: „Нашата интернет-телевизија ми помага да бидам попозитивна. Освен тоа, не мора да внимавам што гледам на неа бидејќи ништо не може да ми наштети. Кога се чувствувам осамена или потиштена, си пуштам некој охрабрувачки говор или некоја утринска библиска програма. Тоа ме зближува со Јехова и со неговата организација. Телевизијата JW Broadcasting потполно ми го смени животот“. Дали и ти извлекуваш корист од овој подарок од Јехова? Освен новите емисии кои излегуваат секој месец, на нашата интернет-телевизија има многу аудио и видео содржини, како и охрабрувачки песни кои можеме да ги гледаме и слушаме во секое време.
16-17. а) Зошто мора да внимаваме колку време користиме за забава? б) Како можеме да имаме контрола врз тоа колку време користиме за забава?
16 Мора многу да внимаваме не само каква забава избираме туку и колку време трошиме на неа. Во спротивно, би можело да ни се случи да трошиме повеќе време на забава отколку на службата за Јехова. На многумина им е тешко да го ограничат времето што го користат за забава. Една 18-годишна сестра по име Абигејл вели: „Гледањето телевизија ми помага да се опуштам на крајот од еден напорен ден. Но, ако не внимавам, лесно може да ми се случи со часови да седам пред телевизорот“. Еден брат по име Семјуел, кој има 21 година, вели: „Понекогаш ми се случува да гледам безброј видеоклипови на интернет. Ќе почнам да гледам само еден видеоклип и, уште пред да станам свесен за тоа, веќе поминале три или четири часа“.
17 Како можеш да имаш контрола врз тоа колку време одвојуваш за забава? Првиот чекор е да утврдиш колку време трошиш за тоа. Би можел во текот на една седмица да си запишуваш во календар колку часови поминуваш, на пример, на гледање телевизија, пребарување на интернет или на играње игри на твојот мобилен уред. Ако сметаш дека минуваш премногу време на такви работи, обиди се да си направиш распоред. На прво место стави ги поважните работи, а потоа одреди време за забава. Освен тоа, моли го Јехова да ти помогне да се држиш за тој распоред. На тој начин ќе имаш и време и сила за проучување на Библијата, за Семејна вечер, за собраниски состаноци и за служба на проповедање. Исто така, повеќе ќе уживаш во забавата бидејќи духовните активности си ги ставил на прво место.
ОСТАНИ МУ ОДДАДЕН САМО НА ЈЕХОВА
18-19. Како можеме да докажеме дека сме му оддадени само на Јехова?
18 Откако пишувал за крајот на Сатановиот свет и за претстојниот нов свет, апостол Петар напишал: „Сакани, бидејќи го очекувате тоа, дајте сѐ од себе за тој да ве најде неизвалкани и неосквернети и во мир“ (2. Пет. 3:14). Кога сме му послушни на тој совет и кога даваме сѐ од себе за да останеме морално и духовно чисти, докажуваме дека сме му оддадени само на Јехова.
19 Сатана преку неговиот свет и понатаму ќе се обидува да нѐ наведе други работи да ни станат поважни од Јехова (Лука 4:13). Но, нема да дозволиме никој и ништо да го заземе местото на Бог во нашето срце. Јехова заслужува да ни биде на прво место, и затоа сме решени да му бидеме оддадени само нему!
ПЕСНА 30 Мојот Бог, Татко и Пријател
a Ние сме му ветиле на Јехова дека ќе му служиме оддадено. Но дали сме му оддадени само нему? Одговорот на тоа прашање се гледа од нашите одлуки. За да утврдиме дали сме му оддадени само на Јехова, ќе се преиспитаме на две подрачја од животот.
b ОПИС НА СЛИКАТА: Ние не би сакале да јадеме храна што е подготвена во валкана кујна. Тогаш зошто би избрале забава која е извалкана со насилство, неморал или спиритизам?