СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 47
Колку силна ќе биде твојата вера?
Нека не се вознемирува вашето срце. Верувајте во Бог (ЈОВАН 14:1)
ПЕСНА 119 Да имаме силна вера!
КРАТОК ПРЕГЛЕД a
1. Што можеби се прашуваме?
ДАЛИ понекогаш си загрижен поради настаните што наскоро треба да се случат — уништувањето на лажната религија, нападот на Гог од Магог и војната Армагедон? Дали понекогаш се прашуваш: „Ќе останам ли верен кога ќе се случуваат овие застрашувачки настани?“ Ако ти минуваат вакви мисли низ главата, многу може да ти помогне тоа што ќе ги разгледаме зборовите на Исус запишани во стихот на кој се темели оваа статија. Тој им рекол на своите ученици: „Нека не се вознемирува вашето срце. Верувајте во Бог“ (Јован 14:1). Силната вера ќе ни помогне храбро да се соочиме со идните настани.
2. Како може да си ја зајакнеме верата, и што ќе разгледаме во оваа статија?
2 Што ќе ни помогне да си ја зајакнеме верата за да ги надминеме искушенијата со кои ќе се соочиме во иднина? Тоа што ќе размислуваме како уште денес се справуваме со нив. Ако го правиме тоа, ќе видиме на кои подрачја треба да си ја зајакнеме нашата вера. Секојпат кога успешно се справуваме со искушенијата, нашата вера станува поцврста. Тоа нѐ подготвува за идните испити. Во оваа статија ќе разгледаме четири подрачја на кои учениците на Исус требало да покажат повеќе вера. Потоа ќе видиме како ние денес може да се соочиме со слични предизвици, и како тие можат да нѐ подготват за она што ќе се случува во иднина.
НИ ТРЕБА ВЕРА ДЕКА БОГ ЌЕ СЕ ГРИЖИ ЗА НАШИТЕ МАТЕРИЈАЛНИ ПОТРЕБИ
3. Според Матеј 6:30, 33, која поука во врска со верата ја истакнал Исус?
3 Сосема е нормално еден маж да сака да му обезбеди на своето семејство храна, облека и покрив над главата. Но, во овие тешки времиња, тоа не е секогаш лесно. Некои наши браќа и сестри ја изгубиле работата и, иако многу се трудат, не можат да најдат друга. Други морале да одбијат вработување кое не е соодветно за христијани. Во вакви ситуации треба да имаме силна вера дека на некој начин Јехова ќе се погрижи нашето семејство да го има она што му е потребно. Исус ова јасно им го истакнал на своите ученици во Проповедта на гората. (Прочитај Матеј 6:30, 33.) Ако сме потполно уверени дека Јехова нема да нѐ остави, ќе можеме и понатаму да го ставаме Царството на прво место во животот. И, кога гледаме како тој ни помага околу нашите материјални потреби, ќе стануваме сѐ поблиски со него и ќе се зајакнува нашата вера.
4-5. Што му помогнало на едно семејство да се справи со грижите околу материјалните работи?
4 Да го разгледаме примерот на едно семејство Сведоци од Венецуела кои на своја кожа доживеале како Јехова им помага да се справат со грижите околу материјалните работи. Порано, членовите на семејството Кастро имале скромен живот така што работеле на својата фарма. Но, еден ден вооружена банда им го одзела имотот и ги присилила да ја напуштат фармата. Таткото, Мигел, вели: „Сега сме принудени да живееме на едно мало парче земја, кое го обработуваме за да преживееме. Секое утро го молам Јехова да ни го даде она што ни е потребно за тој ден“. Иако животот за ова семејство не е лесен, тие редовно присуствуваат на собраниските состаноци и учествуваат во службата на проповедање, со потполна доверба дека нашиот небесен Татко ќе се грижи за нивните секојдневни потреби. Бидејќи го ставаат Царството на прво место, Јехова им го обезбедува она што им е потребно.
5 Низ овој тежок период, Мигел и неговата жена, Јурај, се концентрираат на тоа како Јехова се грижи за нив. Понекогаш тој им помага така што поттикнува некои браќа и сестри да им дадат материјални работи што им се потребни или така што му помагаат на Мигел да најде работа. А во други прилики, Јехова им ги обезбедил неопходните работи преку помошта од подружницата. Тој никогаш не ги напуштил. Благодарение на тоа, нивната вера станала посилна. Откако спомнала некоја конкретна прилика во која Бог им помогнал, нивната најстара ќерка, Јоселин, рекла: „Нѐ трогна до срце тоа што толку јасно ја видовме Јеховината рака во нашиот живот. Јехова ми е пријател, и уверена сум дека тој секогаш ќе ми помага“. Таа додала: „Проблемите со кои се соочи нашето семејство нѐ подготвија за потешките испити кои ќе дојдат во иднина“.
6. Како можеш да си ја зајакнеш верата кога се соочуваш со финансиски потешкотии?
6 Дали се соочуваш со финансиски потешкотии? Ако да, сигурно минуваш низ тежок период. Сепак, колку и да ти се тешки околностите, тоа може да биде прилика да си ја зајакнеш верата. Откако ќе се помолиш, прочитај ги зборовите на Исус запишани во Матеј 6:25-34 и размислувај за нив. Размислувај и за современи искуства кои потврдуваат дека Јехова се грижи за оние кои остануваат зафатени со теократски активности (1. Кор. 15:58). Тоа ќе ти влее доверба дека твојот небесен Татко ќе ти помогне и тебе, исто како што им помогнал и на други кои имале слични проблеми. Тој знае што ти е потребно и знае како да ти го даде тоа. Колку повеќе ја чувствуваш Јеховината помош во твојот живот толку посилна ќе станува твојата вера. Така ќе можеш да издржиш и поголеми искушенија во иднина (Авак. 3:17, 18).
НИ ТРЕБА ВЕРА ЗА ДА ИЗДРЖИМЕ СИЛНА БУРА
7. Според Матеј 8:23-26, како една силна бура ја ставила на испит верата на учениците?
7 Во една прилика, кога Исус и неговите ученици пловеле по морето, настанала силна бура. (Прочитај Матеј 8:23-26.) Исус ја искористил таа прилика за да им помогне да сфатат дека треба да си ја зајакнат верата. Бурата била толку силна што чамецот почнал да се полни со вода, но Исус мирно спиел. Кога преплашените ученици го разбудиле и го молеле да ги спаси, тој благо ги прекорил: „Што сте се исплашиле, вие маловерни?“ Учениците требало да знаат дека Јехова можел лесно да го заштити Исус, а и оние со него. Која е поуката за нас? Цврстата вера може да ни помогне да се справиме со секоја силна бура, сеедно дали дословна или симболична.
8-9. Како била ставена на испит верата на Анел, и што ѝ помогнало?
8 Да го разгледаме примерот на Анел, една немажена сестра од Порторико, чија вера станала поцврста откако надминала една тешка ситуација. Таа дословно доживеала силна бура. Во 2017 год. ураганот Марија ѝ го уништил домот, а поради таа бура ја изгубила и работата. Анел вели: „Во тој тежок период чувствував голема загриженост. Но, тоа што му се молев на Јехова ми помогна да имам доверба во него и да не дозволам загриженоста да ме спречи да го правам она што е потребно“.
9 Анел објаснува што друго ѝ помогнало да се справи со тешката ситуација — послушноста. Таа вели: „Тоа што ги следев упатствата од организацијата ми помогна да останам смирена. Јехова ми помогна преку браќата и сестрите. Тие духовно ме зајакнуваа, а ми пружија и материјална помош“. Анел додава: „Јехова ми даде многу повеќе од она што би можела да го побарам, и мојата вера многу се зајакна“.
10. Што можеш да правиш ако страдаш поради некоја силна бура?
10 Дали страдаш поради некоја силна бура? Можеби се соочуваш со тешкотии поради некоја природна катастрофа. Или, можеби станува збор за симболична бура како, на пример, сериозен здравствен проблем поради кој се чувствуваш обесхрабрено и несигурно. Понекогаш можеби си загрижен, но не дозволувај таа загриженост да те спречи да имаш доверба во Јехова. Зближувај се со него така што ќе му се молиш од срце. Зајакни си ја верата така што ќе размислуваш за тоа како Јехова ти помагал во минатото (Пс. 77:11, 12). Биди сигурен дека тој нема никогаш да те напушти!
11. Зошто треба да сме решени да им бидеме послушни на оние што предводат?
11 Што друго може да ти помогне да се справиш со неволјите? Како што спомна Анел, тоа е послушноста. Научи да имаш доверба во оние во кои Јехова и Исус имаат доверба. Понекогаш може да се случи браќата што предводат да ни дадат упатства кои ќе ни звучат чудно. Меѓутоа, Јехова ја благословува послушноста. Од неговата Реч и од искуствата на неговите верни слуги учиме дека послушноста може да значи живот (2. Мој. 14:1-4; 2. Лет. 20:17). Размислувај за таквите примери. Тоа ќе ти ја зајакне решеноста да го следиш водството од Јеховината организација — и сега и во иднина (Евр. 13:17). Така ќе немаш причина да се плашиш од најголемата бура, која наскоро ќе дојде (Изр. 3:25).
НИ ТРЕБА ВЕРА ЗА ДА СЕ СПРАВИМЕ СО НЕПРАВДИТЕ
12. Според Лука 18:1-8, како верата ни помага да се справиме со неправдите?
12 Исус знаел дека неправдите ќе бидат испит за верата на неговите ученици. За да им помогне да се справат со нив, дал една споредба која е запишана во евангелието според Лука. Исус раскажал приказна за една вдовица која упорно молела еден неправеден судија да ѝ додели правда. Таа била уверена дека нејзината упорност ќе се исплати. На крајот, судијата го услишил нејзиното барање. Што учиме од ова? Јехова не е неправеден. Затоа Исус рекол: „Та нема ли Бог да се погрижи да добијат правда неговите избрани, кои викаат кон него ден и ноќ?“ (Прочитај Лука 18:1-8.) Потоа додал: „Синот човечки, кога ќе дојде, ќе најде ли вера на земјата?“ Кога доживуваме неправди, со нашата стрпливост и истрајност ќе покажеме дека имаме силна вера како вдовицата. Ако имаме таква вера, може да бидеме сигурни дека, порано или подоцна, Јехова ќе преземе нешто за да ни помогне. Освен тоа, треба да веруваме дека молитвата има голема моќ. Понекогаш, Јехова може да одговори на нашите молитви на начин што не сме го очекувале.
13. Како молитвата му помогнала на едно семејство кое било жртва на неправди?
13 Да го разгледаме искуството на една сестра по име Веро, која живее во Демократска Република Конго. Таа, нејзиниот сопруг кој не му служи на Јехова и нивната 15-годишна ќерка морале да го напуштат нивното село, кое било нападнато од една милитантна група. Додека бегале, наишле на една барикада, каде што милитантите ги запреле и им се заканиле дека ќе ги убијат. Веро почнала да плаче, а нејзината ќерка се обидела да ја смири така што почнала да се моли на глас, повторувајќи го многу пати Јеховиното име. Кога завршила со молитвата, командантот на милитантната група ѝ рекол: „Девојче, кој те научи да се молиш?“ Таа му одговорила: „Мајка ми ме научи, според она што стои во Матеј 6:9-13“. На тоа, командантот ѝ рекол: „Девојче, оди во мир со твоите родители. И Јехова, вашиот Бог, нека ве штити!“
14. Што може да биде испит за нашата вера, и што ќе ни помогне да истраеме?
14 Од ваквите искуства учиме дека никогаш не треба да заборавиме колку е важна молитвата. Но, што ако на твоите молитви Јехова не одговори брзо ниту, пак, на некој впечатлив начин? Исто како вдовицата од споредбата на Исус, продолжи да се молиш и биди уверен дека нашиот Бог ќе биде со тебе, и дека ќе ти одговори во свое време и на свој начин. Сесрдно моли го Јехова за свет дух (Фил. 4:13). Не заборавај дека тој наскоро толку многу ќе те благослови што ќе ги заборавиш сите страдања што некогаш си ги доживеал. Кога истрајуваш во неволјите со негова помош, тоа те зајакнува и те подготвува за деновите што доаѓаат (1. Пет. 1:6, 7).
НИ ТРЕБА ВЕРА ЗА ДА НАДМИНЕМЕ ГОЛЕМИ ПРЕПРЕКИ
15. Според Матеј 17:19, 20, со каков предизвик се соочиле учениците на Исус?
15 Исус ги поучил своите ученици дека верата ќе им помогне да надминат големи препреки. (Прочитај Матеј 17:19, 20.) Во една прилика, тие не можеле да истераат демон, иако во други ситуации тоа успешно го правеле. Во што бил проблемот? Исус објаснил дека требало да имаат повеќе вера. Тој им рекол дека, ако имаат доволно вера, ќе можат да надминат препреки големи како планини. И ние денес може да се соочиме со некои тешкотии кои ќе ни изгледаат ненадминливи.
16. Како верата ѝ помогнала на Гејди да се носи со огромната болка по една трагедија?
16 Размисли за она што го доживеала Гејди, една сестра од Гватемала. Нејзиниот маж, Еди, бил убиен додека се враќале дома од состанок. Како верата ѝ помогнала на Гејди да се носи со огромната болка? Таа вели: „Молитвата ми помага да го фрлам своето бреме на Јехова, и тоа ми дава мир. Гледам како Јехова се грижи за мене преку моето семејство и пријателите од собранието. Тоа што сум зафатена во службата за Јехова ми ја ублажува болката и ми помага да се носам со секој ден без премногу да се грижам за утрешниот. Од сето она низ кое поминав научив дека, сеедно со каков испит на верата ќе се соочам во иднина, ќе успеам да го надминам со помошта од Јехова, од Исус и од организацијата“.
17. Што може да правиме ако се соочиме со препреки големи како планини?
17 Дали жалиш поради смртта на некој близок? Одвојувај време да си ја зајакнеш верата во воскресение така што ќе ги читаш извештаите од Библијата за луѓе кои воскреснале. Дали ти е тешко затоа што некој од твоето семејство е исклучен? Проучувај за да се увериш дека начинот на кој Бог нѐ укорува е секогаш најдобар. Сеедно со каков проблем се соочуваш, гледај на него како на можност да си ја зајакнеш верата. Излеј му го срцето на Јехова во молитва. Немој да се изолираш, туку остани близок со твоите браќа и сестри (Изр. 18:1). Учествувај во активности кои ќе ти помогнат да истраеш, дури и ако притоа чувствуваш голема болка и ти навираат солзи (Пс. 126:5, 6). Продолжи да одиш на состаноците, да учествуваш во службата и да ја читаш Библијата. И, размислувај за прекрасните благослови кои Јехова ветил дека ќе ти ги даде во иднина. Додека гледаш како тој ти помага, твојата вера во него ќе станува сѐ поцврста.
„ДАЈ НИ УШТЕ ВЕРА!“
18. Што можеш да правиш ако забележиш дека твојата вера не е доволно силна?
18 Ако од неволјите со кои си се соочил во минатото или од оние со кои сега се соочуваш сфаќаш дека твојата вера не е доволно силна, не се обесхрабрувај. Гледај на тоа како на можност да си ја зајакнеш верата. Следи го примерот на апостолите на Исус, кои се молеле: „Дај ни уште вера!“ (Лука 17:5). Освен тоа, размислувај за примерите што ги разгледавме во оваа статија. Исто како Мигел и Јурај, сеќавај се на сите ситуации во кои Јехова ти помогнал. Исто како ќерката на Веро и Анел, сесрдно моли го Јехова, особено кога се соочуваш со неволји. И, исто како Гејди, имај на ум дека Јехова може да ти ја даде потребната помош преку семејството или пријателите. Ако сега му дозволуваш на Јехова да ти помага во неволјите што ги имаш, ќе станеш поуверен дека, сеедно со каков испит на верата ќе се соочиш во иднина, тој ќе ти помогне да го издржиш.
19. Во што бил уверен Исус, и во што можеш да бидеш уверен и ти?
19 Исус им помогнал на своите ученици да сфатат на кои подрачја треба да си ја зајакнат верата. Но, никогаш не се сомневал дека Јехова ќе им помогне да ги надминат идните испити на верата (Јован 14:1; 16:33). Тој бил уверен дека силната вера ќе им помогне на едно „големо мноштво луѓе“ да ја преживеат големата неволја (Отк. 7:9, 14). Дали и ти ќе бидеш меѓу нив? Јехова ќе ти помогне да бидеш дел од тоа мноштво доколку уште сега правиш сѐ што можеш за да си ја зајакнеш верата (Евр. 10:39).
ПЕСНА 118 „Дај ни уште вера!“
a Сите ние едвај чекаме да му биде ставен крај на овој злобен свет. Но, можеби понекогаш се прашуваме дали нашата вера ќе биде доволно силна за да истраеме до крајот. Во оваа статија ќе разгледаме некои искуства и поуки што ќе ни помогнат да си ја зајакнеме верата.