Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 46

Дали го одржуваш својот голем „штит на верата“?

Дали го одржуваш својот голем „штит на верата“?

Земете го големиот штит на верата (ЕФ. 6:16)

ПЕСНА 119 Да имаме силна вера!

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1-2. а) Според Ефешаните 6:16, зошто ни е потребен „големиот штит на верата“? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?

 ДАЛИ го носиш „големиот штит на верата“? (Прочитај Ефешаните 6:16.) Сигурно да. Како што еден голем штит може да го заштити речиси целото тело, така и верата нѐ штити од безбожните влијанија во овој расипан свет, како што се неморалот и насилството.

2 Сепак, бидејќи живееме во „последните денови“, нашата вера постојано е на испит (2. Тим. 3:1). Како би можел да провериш во каква состојба е твојот штит на верата? И како можеш цврсто да го држиш? Да го разгледаме одговорот на овие прашања.

ВНИМАТЕЛНО ПРОВЕРУВАЈ ГО СВОЈОТ „ШТИТ“

По една битка, војниците ги поправаат своите штитови (Види во пасус 3)

3. Што правеле војниците со своите штитови, и зошто?

3 Во библиски времиња, војниците честопати имале штитови кои биле прекриени со кожа. Тие ги премачкувале со масло за да ја заштитат кожата и за да не ’рѓосаат металните делови. Ако забележел дека штитот му е оштетен, војникот веднаш преземал нешто за да биде поправен и да биде спремен за следната битка. Како овој пример е поврзан со твојата вера?

4. Зошто мора да го проверуваш својот штит на верата, и како треба да го правиш тоа?

4 Исто како војниците во старо време, и ти мора редовно да го проверуваш и да го одржуваш својот штит на верата за да бидеш секогаш спремен за битка. Како христијани, ние водиме духовна војна и се бориме против зли духовни сили (Еф. 6:10-12). Никој друг не може да го одржува твојот штит на верата наместо тебе. Како можеш да бидеш сигурен дека си спремен да се справиш со испитите на твојата вера? Прво, мора да го молиш Бог за помош. А потоа треба да се потрудиш — со помош на Божјата Реч — да се видиш себеси како што те гледа Јехова (Евр. 4:12). Библијата вели: „Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум“ (Изр. 3:5, 6). Имајќи го на ум овој стих, размисли за некои одлуки што си ги донел во последно време. Дали можеби се соочи со некој тежок финансиски проблем? Дали тогаш се потсети на зборовите од Евреите 13:5, каде што Бог ветил: „Никогаш нема да те оставам и никогаш нема да те напуштам“? Дали тоа ветување ти влеа доверба дека Јехова ќе ти помага? Ако да, тоа покажува дека го одржуваш својот штит на верата во добра состојба.

5. Што би можел да откриеш ако си ја преиспиташ верата?

5 Можеби ќе се изненадиш од она што ќе го откриеш кога внимателно ќе ја преиспиташ својата вера. Би можел да откриеш слабости кои не си ги забележал некое време. На пример, можеби ќе сфатиш дека претераната загриженост, обесхрабреноста или некои лаги донекаде ти ја поткопале верата. Што можеш да направиш за да ја зацврстиш?

ЧУВАЈ СЕ ОД ПРЕТЕРАНА ЗАГРИЖЕНОСТ, ЛАГИ И ОБЕСХРАБРУВАЊЕ

6. За кои работи не е погрешно да се грижиме?

6 Не е погрешно да се грижиме за одредени работи. На пример, се грижиме како да им угодиме на Јехова и на Исус (1. Кор. 7:32). Ако направиме тежок грев, загрижени сме за тоа како да си го обновиме пријателството со Бог (Пс. 38:18). Освен тоа, се грижиме да му угодиме на брачниот другар, а загрижени сме и за доброто на семејството и на соверниците (1. Кор. 7:33; 2. Кор. 11:28).

7. а) Како може претераната загриженост да ни ја поткопа верата? б) Според Изреки 29:25, зошто не треба да се плашиме од луѓето?

7 Сепак, претераната загриженост може да ни ја поткопа верата. На пример, можеби се преокупираме со тоа дали ќе имаме доволно храна и облека (Мат. 6:31, 32). Од таа причина, можеби ќе ни стане најважно да стекнеме материјални работи. Кај нас би можела да се роди дури и љубов кон парите. Ако дозволиме да ни се случи вакво нешто, нашата вера во Јехова ќе ослабне и ќе си го нарушиме пријателството со него (Мар. 4:19; 1. Тим. 6:10). Би можеле да станеме жртва и на еден друг вид претерана загриженост — да почнеме прекумерно да се грижиме за тоа што мислат другите за нас. Стравот од исмејување и противење може да стане посилен од стравот да не го разочараме Јехова. Нема да паднеме во таа замка ако го молиме Бог да ни дава вера и храброст за да не се плашиме од луѓето. (Прочитај Изреки 29:25; Лука 17:5.)

(Види во пасус 8) b

8. Што треба да правиме ако некој се обидува да шири лаги?

8 Сатана, кој е „татко на лагата“, ги користи оние што се под негова контрола за да шират лаги и за Јехова и за нашите браќа и сестри (Јован 8:44). На пример, отпадниците објавуваат лаги и ги извртуваат фактите за Јеховината организација преку интернет, телевизија и други медиуми. Тие лаги се некои од огнените стрели на Сатана (Еф. 6:16). Што треба да правиме ако некој почнува да шири такви лаги? Не сакаме да го слушаме! Зошто? Затоа што имаме вера во Јехова и имаме доверба во нашите браќа. Всушност, ние немаме никаков контакт со отпадници. Не дозволуваме да бидеме вовлечени во никакви расправи со нив и од никаква причина, дури ни од чиста љубопитност.

9. Како може обесхрабрувањето да влијае врз нас?

9 Обесхрабрувањето може да ни ја ослабне верата. Понекогаш се чувствуваме обесхрабрено затоа што имаме проблеми. Се разбира, тогаш не треба да се преправаме дека сѐ е во ред. Всушност, не би било мудро да си мислиме дека тие проблеми не влијаат врз нас. Сепак, не смееме да се преокупираме со нив. Ако мислиме само на проблемите, би можеле да ја изгубиме од вид прекрасната надеж што ни ја дал Јехова (Отк. 21:3, 4). Обесхрабрувањето би можело да ни ја исцрпи силата и да нѐ наведе да се предадеме (Изр. 24:10). Но, не мора да биде така.

10. Што учиме од писмото кое го напишала една сестра?

10 Да видиме како една сестра од САД успева да си ја зачува верата додека се грижи за својот сопруг кој е тешко болен. Во едно писмо до нашето главно седиште, таа напишала: „Иако понекогаш е тешко и се чувствуваме обесхрабрено, имаме цврста надеж. Многу сум благодарна за сите поуки што ни ги дава Јехова за да ни ја зајакне верата и да нѐ охрабри. Навистина ни се потребни таквите совети и утеха. Тие ни даваат сила да продолжиме и ни помагаат да истраеме во неволјите што Сатана ги користи против нас“. Од зборовите на оваа сестра учиме дека можеме да го совладаме обесхрабрувањето. Како? Гледај на неволјите како на испит од Сатана. Имај доверба дека Јехова ќе ти ја даде потребната утеха и биди благодарен за духовната храна што тој ни ја обезбедува.

Дали го одржуваш својот голем „штит на верата“? (Види во пасус 11) c

11. Кои прашања треба да си ги поставиме за да си ја преиспитаме верата?

11 Дали гледаш некое поле на кое би требало да ја зацврстиш својата вера? Дали во последните неколку месеци успеа да не се грижиш претерано? Дали се спротивстави на искушението да слушаш отпадници или да се расправаш со некои од нив за лагите што ги шират? И дали успеа да се справиш со обесхрабрувањето? Ако да, тогаш твојата вера е во добра состојба. Но, мора да бидеме внимателни затоа што Сатана користи и други видови оружје против нас. Да разгледаме едно од нив.

ЧУВАЈ СЕ ОД МАТЕРИЈАЛИЗАМ

12. Што може да ни направи материјализмот?

12 Материјализмот може да ни го одвлече вниманието од духовните работи и да нѐ наведе да го занемариме нашиот штит на верата. Апостол Павле рекол: „Ниту еден војник не се впушта во работите на секојдневниот живот, бидејќи сака да му угоди на оној што го зел за војник“ (2. Тим. 2:4). Всушност, на римските војници им било забрането да работат што и да било друго. Што можело да се случи ако некој војник не бил послушен на тоа барање?

13. Зошто војниците во старо време не смееле да се занимаваат со друга работа?

13 Замисли си ја следнава ситуација. Една група војници цело утро вежбаат со своите мечеви. Но, еден војник од нивната група не е таму. Наместо да биде со нив, тој е во град каде што има поставено своја тезга на пазар. Вечерта, додека војниците ја проверуваат својата опрема и ги острат мечевите, војникот што работи на пазар ја подготвува тезгата за следниот ден. Но, следното утро непријателот ненадејно напаѓа. Кој војник ќе биде подобро подготвен за битка, и кој ќе му угоди на воениот заповедник? А ако ти се бориш, дали би сакал покрај тебе да стои војник што е добро подготвен или некој што дозволил нешто друго да му го одвлече вниманието?

14. Што ни е најважно нам како војници на Христос?

14 Како добри војници, ние не дозволуваме ништо да ни го одврати вниманието од нашата главна цел — да им угодиме на нашите заповедници, Јехова и Христос. За нас тоа е поскапоцено од што и да било друго што може да ни го понуди светот на Сатана. Затоа се трудиме да имаме доволно време и сила за да му служиме на Јехова, и да ги одржуваме во добра состојба нашиот штит на верата и нашата духовна воена опрема.

15. Какво предупредување ни дал Павле, и зошто?

15 Ние мора секогаш да бидеме будни и подготвени! Зошто? Апостол Павле предупредил дека „оние што решиле да се збогатат“ ќе одлутаат од верата (1. Тим. 6:9, 10). Изразот „одлута од верата“ покажува дека би можеле да бидеме одвлечени од службата за Бог ако се трудиме да стекнеме непотребни материјални работи. Така би можеле да го изложиме нашето срце на „многу неразумни и штетни желби“. Наместо да им дозволиме на таквите желби да ни се вовлечат во срцето, не смееме да заборавиме дека Сатана ги користи како оружје со кое сака да ни ја поткопа верата.

16. За кои прашања треба да размислиме додека го читаме извештајот во Марко 10:17-22?

16 Да речеме дека имаме доволно пари за да купиме многу материјални работи. Дали е погрешно да купуваме нешта кои ги сакаме но, всушност, не ни се потребни? Не мора да значи. Сепак, добро е да размислиме за следниве прашања: Дури и да можеме да си дозволиме некои работи, дали навистина ќе имаме време и сила да ги користиме и да ги одржуваме? Дали би можеле премногу да се приврземе за она што го поседуваме? Дали таквата приврзаност може да нѐ наведе да постапиме како младиот човек што ја одбил поканата на Исус да му служи на Бог во уште поголема мера? (Прочитај Марко 10:17-22.) Колку подобро ќе биде да водиме едноставен живот и да ги трошиме нашето скапоцено време и сили за да ја вршиме Божјата волја!

ДРЖИ ГО ЦВРСТО СВОЈОТ ШТИТ НА ВЕРАТА

17. Што не смееме да заборавиме?

17 Никогаш не смееме да заборавиме дека сме во војна и дека мора да бидеме спремни за битка секој ден (Отк. 12:17). Нашите браќа и сестри не можат да го носат нашиот штит на верата наместо нас. Секој мора сам цврсто да го држи својот штит, односно да си ја зајакнува верата.

18. Зошто војниците во старо време цврсто ги држеле своите штитови?

18 Во старо време, на војникот што храбро се борел во битките му биле оддавани почест и признание. Но, тој се чувствувал понижено ако се врател без штит. Римскиот историчар Тацит напишал: „За еден војник било најголем срам да се врати дома без својот штит“. Тоа е една причина зошто војниците секогаш цврсто ги држеле своите штитови за време на битката.

Една христијанка цврсто го држи својот голем штит на верата така што ја чита Божјата Реч, редовно оди на состаноци и прави сѐ што може во службата (Види во пасус 19)

19. Како можеме цврсто да го држиме нашиот штит на верата?

19 Ние цврсто го држиме нашиот штит на верата така што редовно одиме на состаноци и зборуваме за Јеховиното име и за неговото Царство со другите (Евр. 10:23-25). Освен тоа, секојдневно ја читаме Божјата Реч и го молиме Јехова да ни помага да ги примениме нејзините совети во сѐ што правиме (2. Тим. 3:16, 17). На тој начин, ниту едно оружје што Сатана го користи против нас не може да ни нанесе трајна штета (Иса. 54:17). Нашиот голем штит на верата ќе нѐ чува. Ќе бидеме храбри и ќе успееме да победиме во секојдневните битки, борејќи се рамо до рамо со нашите браќа и сестри. Што е најважно од сѐ, ќе имаме чест да бидеме на страната на Исус кога тој ќе извојува победа над Сатана и неговите застапници (Отк. 17:14; 20:10).

ПЕСНА 118 „Дај ни уште вера!“

a Во минатото, на војниците им бил потребен штит за да се бранат од непријателот. Нашата вера е слична на штит. Исто како што војниците го одржувале дословниот штит, и ние мора да си ја одржуваме верата за да биде цврста. Во оваа статија ќе видиме како може да го зачуваме нашиот голем „штит на верата“ во добра состојба.

b ОПИС НА СЛИКАТА: Кога на телевизија се прикажува нешто за отпадници кои шират лаги за нас, едно семејство Јеховини сведоци веднаш го исклучуваат телевизорот.

c ОПИС НА СЛИКАТА: Подоцна, во текот на Семејната вечер, таткото користи библиски стихови за да ја зајакне верата на своето семејство.