Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 11

Како да се подготвиш за крштавање?

Како да се подготвиш за крштавање?

Што ме спречува да се крстам? (ДЕЛА 8:36)

ПЕСНА 50 Мојот завет кон Бог

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

Низ целиот свет, млади и стари напредуваат во духовен поглед и се крштаваат (види во пасуси 1-2)

1-2. Ако сѐ уште не си подготвен за крштавање, зошто не треба да се обесхрабруваш? (Види ја сликата на насловната страница.)

 ДОКОЛКУ сакаш да се крстиш, тогаш си поставил една многу убава цел. Дали во моментов си подготвен да го преземеш овој чекор? Ако сметаш дека си подготвен и ако старешините се согласуваат со тоа, немој да се двоумиш да се крстиш во следната прилика. Доколку го сториш тоа, те очекува исполнет живот во службата за Јехова.

2 А што ако некој ти кажал дека треба уште да напредуваш пред да се крстиш? Или, што ако самиот си свесен за тоа? Ако е така, не се обесхрабрувај! Ти можеш да напредуваш и да ја оствариш таа важна цел, без разлика дали си млад или стар.

„ШТО МЕ СПРЕЧУВА?“

3. Што прашал еден етиопски дворјанин, и кое прашање се покренува? (Дела 8:36, 38).

3 Прочитај Дела 8:36, 38. Еден етиопски дворјанин го прашал Филип, проповедникот на добрата вест: „Што ме спречува да се крстам?“ Етиопјанецот сакал да се крсти, но дали навистина бил подготвен за овој важен чекор?

Етиопскиот дворјанин бил решен да продолжи да учи за Јехова (види во пасус 4)

4. Како Етиопјанецот покажал дека е решен да продолжи да учи?

4 Етиопјанецот бил во Ерусалим за „да му се поклони на Бог“ (Дела 8:27). Значи, тој најверојатно бил преобратеник во еврејската вера. Без сомнение, тој дознал за Јехова од Хебрејските списи. Но, сакал да дознае повеќе. Всушност, кога Филип го сретнал на патот, овој човек читал свиток во кој било запишано пророштвото на Исаија (Дела 8:28). Тоа било тврда духовна храна. Дворјанинот не се задоволувал само со тоа да ги знае основните библиски учења. Тој сакал да продолжи да учи.

5. Како Етиопјанецот постапил во склад со она што го учел?

5 Етиопјанецот бил „висок достоинственик на... етиопската царица“ и бил поставен над целата нејзина ризница (Дела 8:27). Значи, сигурно бил зафатен човек, со многу одговорности. Сепак, си одвојувал време за да го обожава Јехова. За него не било доволно само да учи за вистината, туку и постапувал во склад со она што го учел. Затоа спремно тргнал на пат дури од Етиопија за да може да го обожава Јехова во храмот во Ерусалим. За едно вакво патување сигурно биле потребни многу време и средства. Но, овој човек бил спремен да направи сѐ што е потребно за да го обожава Јехова.

6-7. Како љубовта на Етиопјанецот кон Јехова продолжила да расте?

6 Етиопјанецот научил од Филип некои важни нови вистини. Една од нив била дека Исус е Месијата (Дела 8:34, 35). Овој дворјанин сигурно бил длабоко трогнат кога дознал што сторил Исус за него. Што направил Етиопјанецот откако ги дознал овие работи? Можел да остане тоа што бил — еден почитуван преобратеник во еврејската вера. Наместо тоа, неговата љубов кон Јехова и кон неговиот Син уште повеќе се зголемила. Тој бил поттикнат да донесе една важна одлука која му го сменила животот — да се крсти и да стане следбеник на Исус Христос. Филип сфатил дека овој човек е спремен за крштавање, и затоа го крстил.

7 Ако го следиш примерот на Етиопјанецот, ќе можеш да се подготвиш за крштавање. И ти ќе можеш со голема увереност да кажеш: „Што ме спречува да се крстам?“ Да разгледаме како можеш и ти да ги направиш истите чекори што ги презел тој. Етиопјанецот продолжил да учи, постапувал во склад со она што го учел и продолжил да ја зголемува својата љубов кон Бог.

ПРОДОЛЖИ ДА УЧИШ

8. Според Јован 17:3, што мора да правиш?

8 Прочитај Јован 17:3. Дали овие зборови на Исус те поттикнале да ја проучуваш Библијата? Тоа било случај со повеќето од нас. Но, дали истите зборови што ги кажал Исус нѐ поттикнуваат да продолжиме да учиме? Да. Ние никогаш нема да престанеме да го запознаваме единствениот вистински Бог (Проп. 3:11). Ќе продолжиме да учиме во сета вечност. Колку повеќе учиме за Јехова, толку поблиски ќе стануваме со него (Пс. 73:28).

9. Што треба да правиме откако сме ги научиле основните библиски вистини?

9 Се разбира, кога некој ќе почне да учи за Јехова, ги учи само основните библиски вистини. Во своето писмо до Евреите, апостол Павле го споредил основното учење со млеко. Тој не ги потценил основните библиски вистини, туку ги споредил со храна која е многу корисна за едно бебе (Евр. 5:12; 6:1). Но, тој исто така ги поттикнал сите христијани да не останат само на основните учења, туку да продолжат да ги учат подлабоките вистини од Божјата Реч. Дали имаш развиено желба да ги проучуваш подлабоките библиски вистини? Дали сакаш духовно да напредуваш и да продолжиш да учиш за Јехова и за неговата намера?

10. Зошто на некои им е тешко да проучуваат?

10 Факт е дека на многумина од нас им е тешко да проучуваат. А како е со тебе? Дали на училиште си научил добро да читаш и да проучуваш? Дали си уживал во учењето и дали тоа те исполнувало? Или, пак, си дошол до заклучок дека не те бива за учење? Ако е така, ти не си единствениот. Но, Јехова може да ти помогне. Тој е совршен, и е најдобриот учител што постои.

11. Како Јехова покажува дека е нашиот „Најголем Учител“?

11 Јехова се нарекува себеси „твојот Најголем Учител“ (Иса. 30:20, 21). Тој е стрплив и љубезен учител, полн со разбирање. Тој го гледа доброто во своите ученици и никогаш не очекува од нас повеќе од она што можеме да го направиме (Пс. 130:3). Имај на ум дека тој го создал нашиот мозок, што е еден прекрасен подарок (Пс. 139:14). Ние имаме вродена желба да учиме. Нашиот Творец сака да учиме во сета вечност, и да уживаме во тоа. Затоа е мудро уште сега да развиваме желба за библиските вистини (1. Пет. 2:2). Поставувај си цели што можеш да ги постигнеш и редовно читај ја и проучувај ја Библијата (Ис. Нав. 1:8). Со помош од Јехова, ќе почнеш сѐ повеќе да уживаш додека читаш и учиш за него.

12. Зошто треба да проучуваме за животот и службата на Исус?

12 Редовно одвојувај си време за да размислуваш за животот и службата на Исус. Ако сакаме да му служиме на Јехова, неопходно е тесно да го следиме примерот на Исус, особено во овие тешки времиња (1. Пет. 2:21). Исус отворено им кажал на своите следбеници дека ќе се соочат со проблеми (Лука 14:27, 28). Сепак, тој бил уверен дека неговите вистински следбеници ќе можат да му останат верни на Бог, исто како што останал тој (Јован 16:33). Проучувај детали во врска со животот на Исус, и постави си за цел да го следиш неговиот пример во твојот секојдневен живот.

13. За што треба постојано да го молиш Јехова, и зошто?

13 Знаењето не е доволно само по себе. Главната цел зошто стекнуваме знаење е да учиме повеќе за Јехова и да развиваме некои особини, како на пример да имаме љубов кон него и вера во него (1. Кор. 8:1-3). Додека продолжуваш да учиш, постојано моли го Јехова да ти помага да имаш поголема вера (Лука 17:5). Тој великодушно одговара на таквите молитви. Вистинската вера, која се темели на точното познавање на нашиот Бог, ќе ти помогне и понатаму да напредуваш (Јак. 2:26).

ПРОДОЛЖИ ДА ГО ПРИМЕНУВАШ ОНА ШТО ГО УЧИШ

Пред Потопот, Ное и неговото семејство верно постапувале во склад со она што го учеле од Бог (види во пасус 14)

14. Како апостол Петар нагласил колку е важно да постапуваме во склад со она што го учиме? (Види ја и сликата.)

14 Апостол Петар нагласил колку е важно следбениците на Христос да продолжат да постапуваат во склад со она што го учат. Тој се осврнал на библискиот извештај во врска со Ное. Јехова му кажал на Ное дека со потоп ќе ги уништи злобните луѓе од тоа време. За да можеле Ное и неговото семејство да се спасат, не било доволно само да знаат дека ќе има потоп. Забележи дека Петар зборувал за периодот пред Потопот, односно за периодот додека се градела арката (1. Пет. 3:20). Ное и неговото семејство постапувале во склад со она што го учеле од Бог така што граделе арка, слична на еден голем брод (Евр. 11:7). Потоа, Петар го споредил она што го направил Ное со крштавањето, така што напишал: „Она што беше предочено со тоа, сега и вас ве спасува, имено крштавањето“ (1. Пет. 3:21). Затоа, она што ти го правиш сега за да се подготвиш за крштавање може да се спореди со она што го правеле Ное и неговото семејство додека со години ја граделе арката. Што треба да правиш ти за да се подготвиш за крштавање?

15. Како може да покажеме дека искрено се каеме?

15 Една од првите работи што мора да ги направиме е искрено да се покаеме за нашите гревови (Дела 2:37, 38). Ако искрено се каеме, ќе правиме коренити промени. Дали си престанал да правиш работи кои Јехова не ги одобрува, како на пример водење неморален начин на живот, користење тутун, или пак користење погрден или вулгарен говор? (1. Кор. 6:9, 10; 2. Кор. 7:1; Еф. 4:29). Ако сѐ уште не си прекинал со овие работи, продолжи да правиш промени. Разговарај со лицето со кое ја проучуваш Библијата, или замоли ги собраниските старешини да ти помогнат и да ти дадат некои совети. Ако си млад и живееш со своите родители, замоли ги да ти помогнат да прекинеш со која и да било лоша навика што би можела да те спречи да се крстиш.

16. Што е вклучено во добрите духовни навики?

16 Исто така, многу е важно да имаш добри духовни навики. Една од нив е редовно да присуствуваш на собраниските состаноци и да учествуваш во нив (Евр. 10:24, 25). А кога ќе ги исполниш условите да учествуваш во службата на проповедање, продолжи да го правиш тоа редовно. Колку повеќе учествуваш во ова дело со кое се спасуваат животи, толку повеќе ќе уживаш во него (2. Тим. 4:5). Ако си млад и живееш со родителите, прашај се: „Дали моите родители треба да ме потсетуваат да одам на состаноците или да учествувам во службата на проповедање? Или го правам тоа самиот?“ Ако учествуваш во таквите активности без да има потреба некој да ти го каже тоа, покажуваш дека имаш вера, дека го сакаш Јехова Бог и дека си му благодарен за работите што ти ги дава. Всушност, тоа се дарови што му ги даваш на Јехова, дела од кои се гледа дека си му оддаден (2. Пет. 3:11; Евр. 13:15). Секој дар што го даваме доброволно и без принуда го радува нашиот Бог. (Спореди со 2. Коринќаните 9:7.) Ние учествуваме во христијанските активности затоа што, кога му го даваме на Јехова нашето најдобро, тоа ни носи радост.

ПРОДЛАБОЧУВАЈ ЈА СВОЈАТА ЉУБОВ КОН ЈЕХОВА

17-18. Која важна особина ќе ти помогне да напредуваш кон крштавање, и зошто? (Изреки 3:3-6).

17 Додека продолжуваш да напредуваш кон крштавање, ќе се соочиш со тешкотии. Некои можеби ќе ти се потсмеваат поради твојата нова вера, а некои можеби дури и ќе ти се противат (2. Тим. 3:12). Додека се трудиш да престанеш со некоја лоша навика, понекогаш можеби ќе ти се случи повторно да подлегнеш на таа слабост. Или, можеби си нестрплив и разочаран затоа што ти се чини дека уште долго нема да можеш да ја оствариш својата цел. Што ќе ти помогне да истраеш? Една важна особина — љубовта кон Јехова.

18 Твојата љубов кон Јехова е прекрасна особина, најдобрата што ја имаш. (Прочитај Изреки 3:3-6.) Ако имаш силна љубов кон Јехова, нема да престанеш да му служиш дури и кога ќе се соочиш со тешкотии. Во Библијата честопати се спомнува верната љубов на Јехова кон неговите слуги. Тоа што има таква љубов значи дека Јехова никогаш нема да ги напушти своите слуги и дека никогаш нема да престане да ги сака (Пс. 100:5). Ти си создаден според Божјиот лик (1. Мој. 1:26). Како можеш да покажуваш ваква љубов?

Секој ден можеш да ја изразиш својата благодарност кон Јехова (види во пасус 19) b

19. Како можеш да ја продлабочуваш својата благодарност за сето она што Јехова го направил за тебе? (Галатите 2:20).

19 Почни со благодарност (1. Сол. 5:18). Секој ден прашај се: „Како Јехова покажува дека ме сака?“ Потоа, немој да забораваш да му се заблагодариш во твоите молитви, спомнувајќи конкретни работи што ги направил за тебе. Сите добри работи што Јехова ги прави за тебе лично покажуваат дека те сака. И апостол Павле го сфатил тоа за Јехова (Прочитај Галатите 2:20.) Прашај се: „Дали за возврат и јас сакам да му покажам дека го сакам?“ Љубовта кон Јехова ќе ти помогне да им се спротивставиш на искушенијата и да истраеш и покрај тешкотиите. Тоа ќе те поттикне редовно да учествуваш во духовните активности, и така секој ден ќе му покажуваш на твојот Татко колку многу го сакаш.

20. Што мора да правиш за да му го заветуваш својот живот на Јехова, и колку е важна оваа одлука?

20 Со текот на времето, твојата љубов кон Јехова ќе те поттикне во една посебна молитва да му го заветуваш својот живот. Имај на ум дека, откако ќе му се заветуваш на Јехова, ќе ти се отвори една прекрасна можност — да му припаѓаш во сета вечност. Кога му го заветуваш својот живот на Јехова, ти му ветуваш дека ќе му служиш и во добро и во лошо. Таквото ветување не мора да го даваш секогаш одново. Точно е дека ова е многу сериозен чекор. Но, размисли за следново: Во животот ќе носиш многу одлуки. Некои од нив ќе бидат многу добри, но ниту една од нив нема да биде подобра од одлуката да му го заветуваш својот живот на Јехова (Пс. 50:14). Сатана ќе се обидува да ја ослабне љубовта што ја имаш кон твојот Татко, со надеж дека нема да му останеш верен. Никогаш немој да му дозволиш на Сатана да победи! (Јов 27:5). Твојата силна љубов кон Јехова ќе ти помогне да живееш во склад со твојот завет и ќе ти помогне да стануваш сѐ поблизок со својот небесен Татко.

21. Зошто може да кажеме дека крштавањето не е крај, туку почеток?

21 Откако ќе му го заветуваш својот живот на Јехова, разговарај со старешините во твоето собрание во врска со следниот важен чекор што треба да го преземеш, односно да се крстиш. Но, не заборавај дека крштавањето не е крај, туку почеток — почеток на бескраен живот во кој ќе му служиш на Јехова. Затоа, уште сега зајакни ја љубовта кон својот Татко. Поставувај си цели за да може твојата љубов кон него да расте од ден во ден. Сите овие работи ќе водат до твоето крштавање. Тоа ќе биде прекрасен ден. Но, ова е само почеток. Љубовта што ја имаш кон Јехова и кон неговиот Син нека продолжи да расте во сета вечност!

ПЕСНА 135 „Биди мудар, сине мој“

a За да може некој да напредува до крштавање, треба да има исправен мотив. Исто така, треба исправно да постапува. Во оваа статија ќе го разгледаме примерот на етиопскиот дворјанин, кој покажува кои чекори треба да ги направи еден интересент за да ги исполни условите за крштавање.

b ОПИС НА СЛИКАТА: Една млада сестра му кажува на Јехова во молитва колку е благодарна за сето она што Јехова го направил