Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 12

Покажувај сочувство кон другите

Покажувај сочувство кон другите

Сите бидете сочувствителни (1. ПЕТ. 3:8)

ПЕСНА 90 Да се храбриме едни со други!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Зошто ни е убаво да бидеме со луѓе кои се трудат да го применуваат 1. Петрово 3:8?

МНОГУ ни е убаво кога сме со луѓе на кои им се важни нашите чувства и кои се грижат за нас. Таквите луѓе се трудат да се стават во наша кожа, да сфатат како се чувствуваме и за што размислуваме. Тие ги забележуваат нашите потреби и се нудат да ни помогнат, понекогаш дури и пред да го побараме тоа. Сигурно сме многу благодарни кога другите се сочувствителни * кон нас! (Прочитај 1. Петрово 3:8.)

2. Кои работи можат да ни отежнат да покажуваме сочувство?

2 Како христијани, сите ние сакаме да покажуваме сочувство. Но, ова не е секогаш лесно. Зошто? Една причина е нашата несовршеност (Рим. 3:23). Со оглед на тоа, мора да се бориме со нашата вродена склоност да се грижиме само за себе. Исто така, на некои од нас им е тешко да покажуваат сочувство поради начинот на кој се воспитани или поради некои работи што им се случиле во минатото. Освен тоа, во овие последни денови, многумина се себични и затоа не им се важни чувствата на другите (2. Тим. 3:1, 2). Ваквиот став може да влијае и врз нас. Тогаш, како да ги надминеме пречките што ни отежнуваат да покажуваме сочувство?

3. а) Што може да ни помогне во поголема мера да покажуваме сочувство? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Ако сакаме во поголема мера да покажуваме сочувство, треба да се угледаме на Јехова и на неговиот Син, Исус. Јехова е Бог полн со љубов — тој е најдобриот пример за тоа како да покажуваме сочувство кон другите (1. Јов. 4:8). Кога бил на Земјата, Исус совршено ја одразувал личноста на својот Татко и покажал што значи да се биде сочувствителен кон другите (Јован 14:9). Во оваа статија, најпрво ќе разгледаме како Јехова и Исус покажале дека им се важни чувствата на другите. Потоа, ќе зборуваме за тоа како ние можеме да го следиме нивниот пример.

КАКО ЈЕХОВА ПОКАЖАЛ СОЧУВСТВО КОН ДРУГИТЕ

4. Како зборовите од Исаија 63:7-9 покажуваат дека на Јехова му е важно како се чувствуваат неговите слуги?

4 Од Библијата дознаваме дека на Јехова му е многу важно како се чувствуваат неговите слуги. На пример, размисли како се чувствувал тој кога Израелците доживувале големи страдања. Во Божјата Реч пишува: „Во сите нивни неволји тој чувствуваше болка“. (Прочитај Исаија 63:7-9.) Исто така, преку пророкот Захарија, Јехова рекол дека, кога некој се однесува лошо кон неговите слуги, тоа е исто како да се однесува лошо кон него. Бог им кажал на своите слуги: „Кој ве допира вас, ја допира зеницата на моето око“ (Зах. 2:8). Ова се навистина силни зборови кои на многу убав начин ја покажуваат Јеховината грижа за својот народ!

Јехова сочувствувал со својот народ, и затоа го избавил од ропството во Египет (Види во пасус 5)

5. Што направил Јехова за да им помогне на своите слуги кои страдале? Наведи пример.

5 Јехова не само што чувствува болка кога неговите слуги страдаат туку и презема нешто за да им помогне. На пример, кога Израелците страдале како робови во Египет, Јехова ја видел нивната болка и бил поттикнат да им помогне. Јехова му рекол на Мојсеј: „Ја видов неволјата на мојот народ... чув како се жалат... и добро ги знам нивните болки. Затоа слегов да ги избавам од египетската рака“ (2. Мој. 3:7, 8). Бидејќи сочувствувал со својот народ, Јехова го избавил од ропството во Египет. Во наредните векови, во Ветената земја, Израелците биле напаѓани и угнетувани од околните народи. Што направил Јехова во врска со тоа? Во Библијата пишува: „Кога ќе го чуеше нивното офкање, Јехова се сожалуваше на нив поради оние што ги потискаа и ги угнетуваа“. Јехова повторно му помогнал на својот народ бидејќи бил поттикнат од сочувство. Тој им поставувал судии кои ги избавувале Израелците од рацете на непријателите (Суд. 2:16, 18).

6. Наведи пример од кој се гледа дека Јехова покажува обѕир кон чувствата на другите дури и кога размислуваат на погрешен начин.

6 Јехова покажува обѕир кон чувствата на другите дури и кога размислуваат на погрешен начин. Размисли за пророкот Јона. Бог го испратил овој пророк во Ниневија за да ѝ објави порака на осуда. Ниневијците се покајале и Јехова одлучил да не ги уништи. Јона не очекувал таков исход на настаните. Тој се разгневил бидејќи пророштвото што го објавувал не се остварило. Но Јехова покажал стрпливост со Јона и му помогнал да го исправи својот начин на размислување (Јона 3:10 — 4:11). Јона ја прифатил исправката, и Јехова подоцна го употребил да го запише овој извештај за наша поука (Рим. 15:4). *

7. Што учиме за Јехова од начинот на кој постапувал со своите слуги во минатото?

7 Од начинот на кој Јехова постапувал со својот народ во минатото, гледаме дека тој сочувствува со своите слуги. Тој е свесен за болките и страдањата на секој поединец. Јехова навистина го познава „срцето на синовите човечки“ (2. Лет. 6:30). Тој ги знае нашите мисли, нашите најдлабоки чувства и нашите ограничувања. И нема да дозволи да бидеме искушани повеќе отколку што можеме да поднесеме (1. Кор. 10:13). Ова ветување е многу утешно.

КАКО ИСУС ПОКАЖАЛ СОЧУВСТВО КОН ДРУГИТЕ

8-10. Зошто Исус бил сочувствителен?

8 Кога бил на Земјата, Исус покажал големо сочувство кон другите. Зошто? Од најмалку три причини. Прво, како што веќе спомнавме, Исус совршено ја одразувал личноста на својот Татко. Исто како својот Татко, Исус ги сакал луѓето. Иако многу се радувал на сѐ што Јехова создал, тој особено им се радувал „на синовите човечки“ (Изр. 8:31). Љубовта го поттикнала Исус да покаже разбирање за чувствата на другите.

9 Второ, исто како Јехова, Исус можел да ги чита срцата. Тој ги знаел мотивите и чувствата на луѓето (Мат. 9:4; Јован 13:10, 11). Од таа причина, кога Исус ќе забележел дека луѓето се потиштени и тажни, сочувството го поттикнувало да ги утеши (Иса. 61:1, 2; Лука 4:17-21).

10 Трето, самиот тој доживеал некои од тешкотиите што ги доживувале луѓето околу него. На пример, Исус пораснал во сиромашно семејство. Тој знаел како е да се работи тешка физичка работа бидејќи со својот очув Јосиф работел како дрводелец (Мат. 13:55; Мар. 6:3). Се чини дека Јосиф умрел некое време пред Исус да започне со својата служба. Затоа, најверојатно на своја кожа почувствувал како е да ти почине некој близок. Исто така, тој добро знаел како е да живееш во семејство каде што другите не ги делат твоите верувања (Јован 7:5). Овие и други работи што ги доживеал, сигурно му помогнале на Исус да ги разбере тешкотиите и чувствата на обичниот народ.

Исус покажува сочувство кон еден глув човек така што го трга настрана од мноштвото и го лекува (Види во пасус 11)

11. Кога било особено видливо дека на Исус му биле важни чувствата на другите? Објасни. (Види ја сликата на насловната страница.)

11 Колку големо сочувство имал Исус кон другите особено се гледало кога правел чуда. Тој не правел чуда затоа што морал, туку од жал кон оние што страдале (Мат. 20:29-34; Мар. 1:40-42). На пример, размисли како се чувствувал Исус кога тргнал настрана од мноштвото еден глув човек и го излекувал, или кога го воскреснал синчето на една вдовица (Мар. 7:32-35; Лука 7:12-15). Исус ја почувствувал болката на овие луѓе и сакал да им помогне.

12. Според Јован 11:32-35, како Исус покажал сочувство кон Марта и Марија?

12 Исус покажал сочувство и кон Марта и Марија. Кога видел колку се тажни поради смртта на нивниот брат Лазар, тој почнал „да рони солзи“. (Прочитај Јован 11:32-35.) Исус не заплакал поради тоа што неговиот близок пријател починал. Тој знаел дека за кратко ќе го воскресне. Исус заплакал затоа што бил трогнат од болката што ја чувствувале неговите блиски пријатели.

13. Зошто нѐ охрабрува тоа што знаеме дека Исус е полн со сочувство?

13 Тоа што знаеме дека Исус е сочувствителен многу нѐ охрабрува. Исто така, кога размислуваме за тоа како постапувал со другите, нашата љубов кон него се зголемува (1. Пет. 1:8). За нас е многу утешно тоа што знаеме дека сега Исус владее како Цар на Божјето Царство. Наскоро, тој ќе ги отстрани последиците од владеењето на Сатана и ќе го спаси човештвото од болките и страдањата. Бидејќи живеел како човек на Земјата, Исус е во најдобра положба да го направи тоа. Навистина, ние сме пресреќни што имаме Владетел кој може „да сочувствува со нас во нашите слабости“ (Евр. 2:17, 18; 4:15, 16).

БИДИ СОЧУВСТВИТЕЛЕН КАКО ЈЕХОВА И ИСУС

14. На што нѐ поттикнуваат зборовите од Ефешаните 5:1, 2?

14 Кога размислуваме за сочувството на Јехова и на Исус, поттикнати сме да покажуваме сочувство во поголема мера. (Прочитај Ефешаните 5:1, 2.) Ние не можеме да ги читаме срцата на другите, но можеме да се обидеме да ги разбереме нивните чувства и потреби (2. Кор. 11:29). Луѓето околу нас се себични, но ние не сакаме да бидеме такви. Напротив, се трудиме да не се грижиме „само за себе туку и за другите“ (Фил. 2:4).

(Види во пасуси 15-19) *

15. Кој особено треба да покажува сочувство?

15 Особено старешините треба да покажуваат сочувство. Тие се свесни дека се одговорни пред Јехова за начинот на кој се однесуваат со неговите овци (Евр. 13:17). За да можат да им помагаат на соверниците, старешините треба да имаат разбирање за нивните чувства. На кои начини старешините можат да покажат сочувство?

16. Како постапува еден сочувствителен старешина, и зошто ова е важно?

16 Еден сочувствителен старешина поминува време со своите браќа и сестри. Тој покажува интерес за нив така што им поставува прашања, и потоа внимателно и стрпливо ги слуша. Ова е особено важно ако некоја Јеховина овчичка сака да ги изрази своите чувства и мисли, но тешко ѝ е да ги најде исправните зборови (Изр. 20:5). Со тоа што еден старешина спремно одвојува време за браќата, тој станува поблизок со нив, нивното пријателство станува поцврсто и се зголемува нивната меѓусебна доверба (Дела 20:37).

17. Која особина многу браќа и сестри посебно ја ценат кај старешините? Наведи пример.

17 Многу браќа и сестри велат дека сочувството е една особина што посебно ја ценат кај старешините. Зошто? Аделејд вели: „Полесно ти е да зборуваш со нив кога знаеш дека ќе наидеш на разбирање. Од начинот на кој зборуваат со тебе, можеш да видиш дека имаат сочувство“. Еден брат со ценење вели: „Кога на еден старешина му кажував за ситуацијата во која се наоѓав, очите му се наполнија со солзи. Тоа нема никогаш да го заборавам“ (Рим. 12:15).

18. Како можеме да развиваме сочувство кон другите?

18 Се разбира, старешините не се единствените кои треба да покажуваат сочувство. Сите можеме да ја развиваме оваа особина. Како? Обиди се да увидиш низ што минуваат членовите на твоето семејство и твоите соверници. Обрни им внимание на тинејџерите од твоето собрание, на болните, на постарите и на оние на кои им починал некој близок. Прашај ги како се чувствуваат, а потоа слушај ги внимателно. Покажи им дека имаш разбирање за нивната ситуација. Понуди им помош. Ако го правиме ова, ќе покажеме на дело дека ги сакаме другите (1. Јов. 3:18).

19. Зошто треба да бидеме приспособливи ако сакаме да им помагаме на другите?

19 Ако сакаме да им помагаме на другите, треба да бидеме приспособливи. Зошто? Бидејќи секој не реагира на ист начин кога минува низ тешкотии. Некои се спремни да си кажат како се чувствуваат додека, пак, други не сакаат да зборуваат за своите проблеми. Иако сакаме да помогнеме, треба да внимаваме да не им поставуваме премногу лични прашања со кои ќе ги ставиме во непријатна ситуација (1. Сол. 4:11). Кога некој ќе ни се довери за нешто, можеби нема секогаш да се согласиме со сѐ што ќе каже. Сепак, треба да прифатиме дека тој во моментот едноставно така се чувствува. Треба да бидеме брзи на слушање, а бавни на зборување (Мат. 7:1; Јак. 1:19).

20. Што ќе разгледаме во следната статија?

20 Освен што покажуваме сочувство во собранието, оваа особина сакаме да ја покажуваме и во службата на подрачјето. Како може да го правиме тоа кога им помагаме на луѓето да станат Христови ученици? За ова ќе зборуваме во следната статија.

ПЕСНА 130 Спремно да простуваме

^ пас. 5 На Јехова и на Исус им се важни чувствата на другите. Во оваа статија ќе видиме како можеме да се угледаме на нив. Исто така, ќе разгледаме зошто треба да бидеме сочувствителни кон другите, и како може да го правиме тоа.

^ пас. 1 ПОЈАСНУВАЊЕ: Да бидеме сочувствителни значи да се обидеме да ги разбереме чувствата на другите и да се ставиме во нивна кожа, односно да ги почувствуваме во нас истите чувства што ги имаат тие (Рим. 12:15).

^ пас. 6 Исто така, Јехова покажал сочувство и кон други верни слуги во ситуации кога биле обесхрабрени или уплашени. Разгледај ги извештаите за Ана (1. Сам. 1:10-20), Илија (1. Цар. 19:1-18) и Авде-Мелех (Ерем. 38:7-13; 39:15-18).

^ пас. 65 ОПИС НА СЛИКИТЕ: На состаноците имаме можност да се зближиме со нашите соверници. 1) Еден старешина љубезно зборува со едно дете кое е објавител и неговата мајка, 2) еден татко и неговата ќерка ѝ помагаат на една постара сестра да влезе во автомобилот, и 3) двајца старешини внимателно слушаат една сестра која бара совет.