СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 20
Како да ги подобриме нашите молитви
Излевајте го срцето пред него (ПС. 62:8)
ПЕСНА 45 Размислувањето на моето срце
КРАТОК ПРЕГЛЕД a
1. На што ги поттикнува Јехова своите слуги? (Види ја и сликата.)
КОМУ може да му се обратиме кога ни се потребни утеха и водство? Го знаеме одговорот на ова прашање. Можеме да му се обратиме на Јехова Бог во молитва. Јехова нѐ поттикнува да го правиме токму тоа. Во Библијата пишува: „Молете се непрестајно“ (1. Сол. 5:17). Ова ни покажува дека Јехова сака да му се молиме често (Изр. 3:5, 6). Може слободно да зборуваме со него во молитва и да бараме водство за секој аспект од нашиот живот. Бидејќи е великодушен Бог, Јехова не го ограничил бројот на молитвите што ќе му ги упатиме.
2. Што ќе разгледаме во оваа статија?
2 Ние многу ја цениме молитвата, која е дар од Бог. Но, бидејќи сме зафатени со многу обврски, можеби не ни е лесно да најдеме време за да се молиме. Исто така, можеби сметаме дека треба да ги подобриме нашите молитви. Среќни сме што во Библијата може да најдеме голем број охрабрувачки примери и совети во врска со молитвата. Во оваа статија ќе видиме што може да научиме од Исус во врска со тоа како да си одвоиме време за молитва. Исто така, ќе разгледаме како може да си ги подобриме молитвите така што во нив ќе вклучиме пет важни работи.
ИСУС СИ ОДВОЈУВАЛ ВРЕМЕ ЗА МОЛИТВА
3. Што сфатил Исус во врска со молитвата?
3 Исус сфатил дека нашите молитви му се многу важни на Јехова. Долго време пред да дојде на Земјата, тој видел како неговиот Татко одговара на молитвите на своите верни слуги. На пример, Исус бил покрај својот Татко кога Тој одговорил на искрените молитви на Ана, Давид, Илија и многу други (1. Сам. 1:10, 11, 20; 1. Цар. 19:4-6; Пс. 32:5). Затоа не нѐ чуди што Исус ги поучил своите ученици да се молат често и да имаат доверба дека Јехова ќе им одговори на молитвите (Мат. 7:7-11).
4. Што учиме од молитвите на Исус?
4 Со молитвите што му ги упатувал на Јехова, Исус им оставил пример на своите ученици. Додека ја извршувал својата служба на Земјата, тој често се молел. Исус морал да си одвојува време за молитва бидејќи честопати бил зафатен и меѓу многу луѓе (Мар. 6:31, 45, 46). Станувал рано наутро за да може насамо да се моли (Мар. 1:35). Најмалку во една прилика, тој се молел цела ноќ пред да донесе една важна одлука (Лука 6:12, 13). А ноќта пред да умре и пред да го изврши најтешкиот дел од својата служба на Земјата, Исус се помолил неколку пати (Мат. 26:39, 42, 44).
5. Како може да го следиме примерот на Исус во врска со молитвата?
5 Од примерот на Исус учиме дека без разлика колку сме зафатени, треба да си одвојуваме време за молитва. Исто како Исус, можеби и ние ќе треба да испланираме конкретно време за молитва. Можеби ќе треба да станеме порано наутро или да останеме малку подоцна навечер. Ако правиме така, ќе му покажеме на Јехова дека ја цениме молитвата како скапоцен подарок од него. Една сестра по име Лин се сеќава колку била трогната кога за прв пат дознала за честа што ја има да му се моли на Бог. Таа вели: „Кога дознав дека можам да зборувам со Јехова во кое и да било време, тоа ми помогна да гледам на него како на близок пријател и ме поттикна да си ги подобрам молитвите“. Без сомнение, многумина од нас се чувствуваат исто како Лин. Затоа, да разгледаме пет важни работи за кои може да се молиме.
ПЕТ ВАЖНИ РАБОТИ ЗА КОИ МОЖЕ ДА СЕ МОЛИМЕ
6. Според Откровение 4:10, 11, за што е достоен Јехова?
6 Слави го Јехова. Во едно величествено видение, апостол Јован видел 24 старешини на небото кои го обожаваат Јехова. Тие го славеле Бог, велејќи дека е достоен да ја прими славата, честа и моќта. (Прочитај Откровение 4:10, 11.) И верните ангели имаат безброј причини да го слават Јехова. Тие се со него на небото и добро го познаваат. Ангелите ги гледаат особините на Јехова и поттикнати се да го слават кога ги набљудуваат неговите постапки (Јов 38:4-7).
7. За што може да го славиме Јехова?
7 И ние сакаме да го славиме Јехова во нашите молитви така што ќе му кажеме кои работи ни се допаѓаат кај него и зошто го почитуваме. Додека ја читаш и проучуваш Библијата, обиди се да забележиш кои особини на Јехова посебно ти се допаѓаат тебе (Јов 37:23; Рим. 11:33). Потоа кажи му го тоа во молитва. Исто така, може да му оддаваме слава на Јехова затоа што ни помага нам лично, а и на сите браќа и сестри низ целиот свет. Тој постојано се грижи за нас и нѐ штити (1. Сам. 1:27; 2:1, 2).
8. Кои се некои од многуте работи за кои може да му благодариме на Јехова? (1. Солуњаните 5:18).
8 Благодари му на Јехова. Ние имаме многу причини за да му благодариме на Јехова во молитва. (Прочитај 1. Солуњаните 5:18.) Може да му благодариме за секоја добра работа што ја имаме. Всушност, секој добар дар доаѓа од него (Јак. 1:17). На пример, може да му се заблагодариме за нашата убава планета и за сите прекрасни работи што ги создал. Исто така, може да му се заблагодариме за животот, за семејството, за пријателите и за надежта што ја имаме. Освен тоа, сакаме да му заблагодариме на Јехова и за тоа што ни дозволил да бидеме блиски пријатели со него.
9. Зошто треба постојано да вложуваме труд за да му останеме благодарни на Јехова?
9 Можеби треба да вложиме посебен труд за да размислуваме за тоа од кои причини ние лично треба да му бидеме благодарни на Јехова. Живееме во еден неблагодарен свет. Луѓето честопати размислуваат само за тоа како можат да го добијат она што го сакаат наместо за тоа како можат да ја покажат својата благодарност за она што веќе го имаат. Ако и ние го стекнеме тој став, нашите молитви може да почнат да личат на еден список со барања. За да не ни се случи тоа, треба постојано да вложуваме труд да останеме благодарни и да ја изразуваме нашата благодарност за сето она што Јехова го прави за нас (Лука 6:45).
10. Како благодарноста ѝ помогнала на една сестра да истрае? (Види ја и сликата.)
10 Благодарниот став може да ни помогне да издржиме додека минуваме низ некоја тешка ситуација. Размисли за искуството на Кијунг-сук, кое се наоѓа во Стражарска кула од 15 јануари 2015 год. На оваа сестра ѝ бил откриен рак на белите дробови кој брзо се ширел. Таа рекла: „Болеста многу ме погоди. Се чувствував како за миг да изгубив сѐ и бев преплашена“. Што ѝ помогнало да се справи со ваквата ситуација? Таа рекла дека секоја вечер пред да си легне, се качувала на таванот од нејзината куќа каде што на глас му се молела на Јехова и му се заблагодарувала за пет убави работи кои ѝ се случиле тој ден. Тоа ја смирувало и ја поттикнувало да му каже на Јехова колку многу го сака. Таа на своја кожа почувствувала како Јехова ги поддржува своите верни слуги кога минуваат низ тешкотии и сфатила дека во животот имаме многу повеќе благослови отколку проблеми. Исто како Кијунг-сук, и ние имаме многу причини поради кои може да му бидеме благодарни на Јехова дури и ако минуваме низ некоја тешка ситуација. Кога му ја изразуваме нашата благодарност на Јехова во молитва, тоа може да ни помогне да истраеме и да зачуваме внатрешен мир.
11. Зошто на учениците на Исус им била потребна храброст откако тој се вознел на небото?
11 Моли го Јехова за храброст во службата на проповедање. Кратко пред да се вознесе на небото, Исус ги потсетил своите ученици на нивната задача да сведочат за него „во Ерусалим, во цела Јудеја и Самарија и сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:8; Лука 24:46-48). Кратко потоа, еврејските верски водачи ги фатиле апостолите Петар и Јован, ги извеле пред Судскиот совет и им наредиле да престанат да проповедаат, па дури и им се заканиле (Дела 4:18, 21). Како реагирале Петар и Јован?
12. Според Дела 4:29, 31, што направиле учениците?
12 Кога еврејските верски водачи им се заканиле, Петар и Јован им рекле: „Пресудете сами дали е праведно пред Бог да ве слушаме вас, а не Бог! Ние не можеме да не зборуваме за она што сме го виделе и чуле“ (Дела 4:19, 20). Откако Петар и Јован биле ослободени, учениците сесрдно му се помолиле на Јехова за да можат да ја вршат неговата волја. Тие се помолиле со следниве зборови: „Дај им на своите слуги и понатаму да ја зборуваат твојата реч со сета смелост!“ Јехова одговорил на таа искрена молитва. (Прочитај Дела 4:29, 31.)
13. Што може да научиме од примерот на Џин-хјук?
13 И ние може да го следиме примерот на учениците на Исус така што ќе продолжиме да проповедаме дури и ако властите ни го забранат тоа. Размисли за примерот на брат Џин-хјук, кој бил затворен поради својата неутралност. Во затворот тој добил задача да се грижи за некои затвореници кои биле во самица, но не му било дозволено да зборува со нив за работи што не биле поврзани со таа задача, вклучувајќи ја и Библијата. Тој се молел за храброст и тактичност за да може да проповеда во секоја прилика (Дела 5:29). Тој вели: „Јехова одговори на моите молитви така што ми даде храброст и мудрост да започнам многу петминутни библиски курсеви на вратите од затворските ќелии, а навечер пишував писма кои им ги давав на затворениците следниот ден“. И ние може да бидеме уверени дека Јехова ќе ни помогне да ја извршиме нашата служба. Исто како Џин-хјук, може да се молиме за храброст и за мудрост.
14. Што може да ни помогне кога се соочуваме со проблеми? (Псалм 37:3, 5).
14 Моли го Јехова да ти помогне да се справиш со проблемите. Многумина од нас се соочуваат со некој тежок проблем. На пример, некои имаат некаква болест или страдаат во емоционален поглед, на други им починал некој од најблиските, трети имаат семејни проблеми, а некои се соочуваат со прогонство или со нешто друго. А со сите овие проблеми е многу потешко да се справиме доколку во исто време се случуваат и други тешкотии како пандемии и војни. Ако минуваш низ некоја од овие тешки ситуации, отвори му го срцето на Јехова и кажи му како се чувствуваш, исто како што би му кажал на еден близок пријател. Биди уверен дека Јехова ќе ти помогне. (Прочитај Псалм 37:3, 5.)
15. Како може молитвата да ни помогне стрпливо да ги поднесеме неволјите? Наведи пример.
15 Ако истрајно се молиме, тоа ќе ни помогне стрпливо да ги поднесеме неволјите (Рим. 12:12). Јехова знае низ што минуваат неговите слуги и ги слуша кога бараат помош од него (Пс. 145:18, 19). Една 29-годишна сестра по име Кристи која служи како пионер се уверила во тоа. Неочекувано ѝ се појавиле некои сериозни здравствени проблеми. Како резултат на тоа, паднала во тешка депресија. Подоцна на мајката на Кристи ѝ била откриена смртоносна болест. Кристи вели: „Многу му се молев на Јехова да ми ја даде потребната сила за секој ден. Се трудев редовно да одам на состаноците и да ја проучувам Библијата“. Таа додава: „Молитвата ми помогна да истраам во најтешките моменти. Знаев дека Јехова секогаш е покрај мене и таа мисла ми беше извор на голема утеха. Иако моите здравствени проблеми не се решија веднаш, Јехова ми одговори на молитвите така што ми даде внатрешен мир“. Никогаш да не заборавиме дека „Јехова знае како да ги избави од искушение луѓето што му се оддадени“ (2. Пет. 2:9).
16. Зошто ни е потребна помошта од Јехова за да им се спротивставиме на искушенијата?
16 Моли го Јехова да ти помогне да им се спротивставиш на искушенијата. Бидејќи сме несовршени, ние мора постојано да се бориме со искушението да го правиме она што е погрешно. Сатана прави сѐ што може за да ни ја отежне таа борба што е можно повеќе. Еден начин на кој се обидува да го расипе нашето размислување е преку неморална забава. Таквата забава може да го исполни нашиот ум со нечисти мисли — мисли кои ќе нѐ направат нечисти во Јеховини очи и кои можат да нѐ наведат да направиме тежок грев (Мар. 7:21-23; Јак. 1:14, 15).
17. Откако сме го молеле Јехова за помош, што мора да правиме за да можеме да им се спротивставиме на искушенијата? (Види ја и сликата.)
17 За да можеме да се спротивставиме на искушението да го правиме она што е погрешно, потребна ни е помошта од Јехова. Во молитвата што ни ја дал како пример, Исус ја вклучил следнава молба: „Не воведувај нѐ во искушение, туку избави нѐ од Злобниот“ (Мат. 6:13). Јехова сака да ни помогне, но ние мора во молитва да бараме помош од него. Исто така, мора да постапуваме во склад со нашите молитви. Може да преземеме конкретни чекори за што помалку да бидеме изложени на погрешното размислување и ставовите кои се популарни во овој свет на Сатана (Пс. 97:10). Може да си го полниме умот со корисни и чисти мисли така што ќе ја читаме и проучуваме Библијата. Друго нешто што може да ни помогне да ги отфрлиме погрешните мисли е тоа што ќе присуствуваме на собраниските состаноци и ќе учествуваме во службата на проповедање. А Јехова ни ветува дека нема да дозволи да бидеме искушани повеќе отколку што можеме да поднесеме (1. Кор. 10:12, 13).
18. Кога станува збор за молитвата, што треба сите ние да правиме?
18 Секој од нас треба да се моли повеќе од кога и да било порано за да може да му остане верен на Јехова во овие тешки последни денови. Секој ден одвојувај време за сесрдна молитва. Јехова сака да го излеваме срцето пред него (Пс. 62:8). Кога му се молиш, слави го и благодари му за сѐ што прави. Моли го да ти дава храброст во службата на проповедање. Моли го да ти помогне да се справиш со кој и да било проблем, и да му се спротивставиш на секое искушение со кое можеби се соочуваш. Не дозволувај никој и ништо да те спречи редовно да му се молиш на Јехова. Но, како тој одговара на нашите молитви? Во следната статија ќе го добиеме одговорот на ова важно прашање.
ПЕСНА 42 Молитвата на Божјиот слуга
a Ние сакаме нашите молитви да бидат како писма кои се упатени до некој драг пријател. Но, не е секогаш лесно да најдеме време за да се молиме. А може да ни биде и тешко да одлучиме за што да се молиме. Во оваа статија ќе ги разгледаме овие две важни работи.