СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 22
Подобри ги своите навики на проучување
Проценете што е најважно (ФИЛ. 1:10)
ПЕСНА 35 Проценете што е најважно
КРАТОК ПРЕГЛЕД a
1. Зошто на некои не им е лесно да проучуваат?
ДЕНЕС многу луѓе мораат напорно да работат за да имаат доволно пари за да се издржуваат. Голем број од нашите браќа работат многу часови само за да ги обезбедат основните работи за своето семејство. А други трошат многу време секој ден да стигнат до работното место и да се вратат дома. Многумина ги издржуваат своите семејства така што работат тешка физичка работа. На крајот од денот, овие трудољубиви браќа и сестри се сосема исцрпени! Последното нешто што би сакале тогаш да го прават е да проучуваат.
2. Кога ти наоѓаш време за проучување?
2 Сепак, факт е дека мора да најдеме време за да ја проучуваме Божјата Реч и нашите публикации. Без тоа не можеме да бидеме блиски со Јехова и да добиеме вечен живот! (1. Тим. 4:15, 16). Некои стануваат рано наутро секој ден за да проучуваат бидејќи тогаш е најмирно во нивниот дом и се чувствуваат најсвежо. Други одвојуваат неколку минути на крајот од денот за да можат на мира да проучуваат нешто од Библијата и од нашите публикации.
3-4. Какви промени беа направени во поглед на обемот на духовната храна што ја добиваме, и зошто?
3 Без сомнение ќе се согласиш дека е важно да најдеш време за да проучуваш. Но, што треба да проучуваме? Можеби ќе кажеш: „Имаме толку многу за читање. Едвај успевам да прочитам сѐ“. Некои успеваат да ги прочитаат сите публикации и да ги гледаат сите видеоклипови што ги добиваме, но на многу браќа и сестри им е тешко да го прават тоа. Браќата од Водечкото тело се свесни за ова. Од таа причина, неодамна беше одлучено да се намали обемот на духовната храна што ја добиваме во печатен и во електронски облик.
4 На пример, повеќе не се печати Годишникот на Јеховините сведоци бидејќи голем број охрабрувачки искуства сега се достапни на нашата интернет-страница jw.org® и во месечните емисии на JW Broadcasting®. Освен тоа, списанијата Стражарска кула (издание за јавност) и Разбудете се! сега се издаваат само три пати во годината. Овие промени не беа направени за да го користиме времето за други активности. Целта на промените е да посветиме повеќе време на она „што е најважно“ (Фил. 1:10). Сега ќе видиме како да процениме што е најважно и како да извлечеме потполна корист од личното проучување на Библијата.
СТАВИ ГИ ПОВАЖНИТЕ РАБОТИ НА ПРВО МЕСТО
5-6. Кои публикации треба внимателно да ги проучуваме?
5 Кога одлучуваме што да проучуваме, што треба да ни биде на прво место? Несомнено треба секој ден да одвојуваме време за да ја проучуваме Божјата Реч. Обемот на материјалот за седмичното читање на Библијата сега е намален за да имаме повеќе време да размислуваме за она што го читаме и дополнително да истражуваме во нашите публикации. Наша цел не треба да биде само да ги прочитаме стиховите, туку да дозволиме пораката од Библијата да допре до нашето срце — а тоа ќе ни помогне да се зближиме со Јехова (Пс. 19:14).
6 Што друго треба внимателно да проучуваме? Се разбира, сакаме да се подготвуваме за Проучувањето на Стражарска кула. Важно е да се подготвуваме и за Собраниското проучување на Библијата и за другиот материјал од состанокот Нашиот живот и служба. Исто така, треба да го читаме секој број на Стражарска кула и Разбудете се!
7. Дали треба да се обесхрабриме ако не можеме да читаме или да гледаме сѐ што се објавува на нашата интернет-страница и на JW Broadcasting?
7 Можеби ќе кажеш: „А што е со сите статии и видеа кои се појавуваат на интернет-страницата jw.org, како и материјалот што се објавува на JW Broadcasting? Ги има толку многу!“ Размисли за следнава споредба: Во некои ресторани понекогаш има шведска маса на која се сервира изобилство од најразлични вкусни јадења. Гостите од ресторанот никогаш не можат да пробаат од сите тие јадења. Затоа пробуваат само неколку од нив. Слично на тоа, ако не можеш да држиш чекор со сѐ што излегува во електронски облик, не се обесхрабрувај. Читај онолку статии и гледај онолку видеоклипови колку што си во можност. Сега да видиме што значи да проучуваме и како можеме да извлечеме најголема корист од нашето проучување.
ЗА ПРОУЧУВАЊЕТО Е ПОТРЕБЕН ТРУД!
8. Кои чекори би можел да ги преземеш кога ја проучуваш Стражарска кула, и како ќе ти користи тоа што ќе се подготвуваш на таков начин?
8 Кога проучуваме, ние се концентрираме на она што го читаме со цел да научиме нешто важно. Не е проучување ако само прелетаме преку материјалот и ако ги подвлечеме одговорите. На пример, кога се подготвуваме за Проучувањето на Стражарска кула, прво го читаме краткиот преглед на почетокот од статијата. Потоа ги читаме и размислуваме за насловот на статијата, поднасловите и прашањата за повторување. А потоа, полека и внимателно ја читаме статијата. Притоа треба да обрнеме внимание на реченицата која ни кажува за што ќе стане збор во пасусот, а тоа обично е првата реченица од секој пасус. Додека ја читаме статијата, треба да размислиме како секој пасус е поврзан со поднасловот и со главната тема на статијата. Добро е да ги обележиме непознатите изрази и поуките што би сакале дополнително да ги истражиме.
9. а) Зошто треба да обрнеме посебно внимание на библиските стихови кога ја проучуваме Стражарска кула, и како можеме да го правиме тоа? б) Како што се гледа од Исус Навин 1:8, што друго треба да правиме освен што ќе ги прочитаме стиховите?
9 Тоа што ја проучуваме Стражарска кула на состанок, ни помага да ја разбереме Библијата. Затоа, обрни посебно внимание на библиските стихови, особено на оние што ги читаме кога ја проучуваме статијата на состанокот. Забележи како клучните зборови или изрази во стиховите се поврзани со главната мисла во пасусот. Освен тоа, додека читаш, одвој си време да размислуваш за стиховите и за тоа како можеш да ги примениш во својот живот. (Прочитај Исус Навин 1:8.)
10. Во склад со Евреите 5:14, зошто треба родителите за време на Семејната вечер да ги поучуваат своите деца како да проучуваат и да истражуваат?
10 Се разбира, родителите сакаат нивните деца да уживаат за време на Семејната вечер посветена на Јехова. Но, иако треба секогаш да имаат испланирано што ќе проучуваат, родителите не мора секоја седмица да организираат некои посебни проекти или активности. За време на Семејната вечер би можеле да ја гледаат месечната емисија на JW Broadcasting или повремено да работат на некој посебен проект како, на пример, да прават макета на арката на Ное. Но, важно е и да ги поучат децата како да проучуваат. На пример, децата треба да научат како да се подготвуваат за собраниските состаноци или како да истражуваат информации поврзани со некое прашање кое се појавило на училиште. (Прочитај Евреите 5:14.) Ако одвојуваат одредено време за да проучуваат дома, ќе им биде полесно да внимаваат на програмата на собраниските состаноци, на собирите и на конгресите дури и кога нема да има видеоклип. Се разбира, колку долго ќе трае проучувањето ќе зависи од возраста и од личноста на децата.
11. Зошто е важно да ги поучиме нашите интересенти длабоко да проучуваат?
11 И нашите интересенти треба да научат како да проучуваат. Кога ќе почнат да ја проучуваат Библијата, се радуваме ако се подготвуваат за библискиот курс или за собраниските состаноци со тоа што ги подвлекуваат одговорите. Но треба да ги поучиме како да истражуваат и како длабоко да проучуваат кога се сами. На тој начин, кога ќе се појават проблеми, наместо веднаш да побараат помош од другите од собранието, тие ќе знаат како сами да истражуваат во нашите публикации за да најдат практични совети за нивната ситуација.
ПРОУЧУВАЈ СО КОНКРЕТНА ЦЕЛ
12. Кои цели би можеле да си ги поставиме кога проучуваме?
12 Ако не си многу по проучувањето, можеби си мислиш дека не е можно некогаш да почнеш да уживаш во него. Но биди сигурен дека можеш! Почни со пократки периоди и постепено зголемувај го времето за проучување. Имај на ум со која цел проучуваш. Една цел може да ни биде да најдеме одговор на прашање што некој ни го поставил или да истражуваме во врска со некој наш проблем. Се разбира, наша најважна цел треба да биде уште повеќе да се зближиме со Јехова.
13. а) Наведи што би можел да направи некој за да им ги објасни своите верувања на соучениците. б) Како би можел да го примениш советот од Колошаните 4:6?
13 Дали си млада личност која оди на училиште? Можеби сите твои соученици веруваат во теоријата на еволуција. Ти би сакал да го објасниш твоето верување кое се темели на Библијата, но можеби мислиш дека нема да успееш да го сториш тоа. Што треба да направиш? Веќе претпоставуваш — треба да проучуваш! Притоа, твоја цел би требало да биде: 1) да си ја зајакнеш верата дека Бог создал сѐ и 2) да научиш подобро да ги објасниш причините за твоите верувања (Рим. 1:20; 1. Пет. 3:15). Најнапред би можел да се прашаш: „Од кои причини соучениците веруваат во еволуција?“ Потоа внимателно истражувај на таа тема во нашите публикации. Можеби ќе ти биде полесно да ги објасниш своите верувања отколку што си очекувал. Повеќето луѓе веруваат во еволуција само затоа што некој што го почитуваат им кажал дека тоа е вистина. Ако најдеш само еден или два факта што би можел да им ги кажеш, можеби ќе му помогнеш на некој што искрено сака да ја дознае вистината. (Прочитај Колошаните 4:6.)
РАЗВИВАЈ ЖЕЛБА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ
14-16. а) Што би можел да направиш за да дознаеш нешто повеќе за некоја библиска книга за која немаш многу познавање? б) Објасни како наведените стихови можат да ти помогнат подобро да ја разбереш книгата Амос. (Види ја и рамката „ Запознај ги подобро библиските личности“.)
14 Замисли дека на некој претстоен собраниски состанок треба да се разгледа една од библиските книги на таканаречените мали пророци, за која можеби немаш многу познавање. Прв чекор што би можел да го направиш е да развиеш желба да дознаеш нешто повеќе за тој пророк. Како би можел да го постигнеш тоа?
15 Најнапред прашај се: „Што знам за писателот на оваа книга? Кој бил тој, каде живеел, со што се занимавал?“ Кога ќе дознаеме нешто повеќе за писателот, ќе можеме подобро да разбереме зошто користел одредени зборови или споредби. Додека ја читаш Библијата, обрни внимание на изразите кои ти помагаат да разбереш каква личност бил писателот.
16 Потоа, би можел да дознаеш кога била пишувана книгата. Тоа можеш лесно да го провериш во додатокот „Табела на библиските книги“ кој се наоѓа на крајот од Светото писмо — превод Нов свет. Освен тоа, би можел да ја разгледаш табелата на пророци и цареви во брошурката Да ја истражуваме Божјата Реч, на страници 14-17. Бидејќи библиската книга што ја проучуваш е пророчка, би било добро да дознаеш како живееле луѓето во времето кога била пишувана книгата. Кои лоши ставови или постапки на народот требало да ги исправи тој пророк? Кои биле негови современици? За да добиеш целосна слика, можеби ќе треба да истражиш и други книги од Библијата. На пример, за подобро да разбереш што се случувало во времето на пророкот Амос, ќе биде добро да ги прочиташ стиховите од книгите 2. Царевите и 2. Летописи, кои се наведени во маргиналиите за Амос 1:1. b Освен тоа, би можел да ја разгледаш библиската книга на пророкот Осија, кој можеби живеел во исто време со Амос. Сите овие информации ќе ти помогнат подобро да разбереш каков бил животот во времето кога живеел Амос (2. Цар. 14:25-28; 2. Лет. 26:1-15; Оси. 1:1-11; Амос 1:1).
ОБРНИ ВНИМАНИЕ НА ДЕТАЛИТЕ
17-18. Наведи некој пример од пасусите или некој твој пример за да објасниш како тоа што ќе обрнеме внимание на навидум неважни детали може да ни помогне повеќе да уживаме во проучувањето на Библијата
17 Кога ја читаме Библијата, добро е да имаме силна желба да дознаеме што е можно повеќе. На пример, замисли дека го читаш 12-то поглавје од пророштвото на Захарија, кое ја прорекува смртта на Месијата (Зах. 12:10). Кога ќе дојдеш до стих 12, ќе прочиташ дека „семејството на домот на Натан“ горко ќе ја оплакувало смртта на Месијата. Наместо набрзина да преминеш преку овој детаљ, би можел да застанеш и да се прашаш: „Како се поврзани домот на Натан и Месијата? Дали може да се дознаат повеќе информации за тоа?“ Слично како еден детектив, можеш да почнеш подлабоко да истражуваш. Ако погледнеш во маргиналиите, првиот стих е 2. Самоилова 5:14, каде што дознаваш дека Натан бил еден од синовите на цар Давид. Вториот стих во маргиналиите, Лука 3:31, открива дека Исус бил директен потомок на Натан, кој бил предок на Марија. c Сега ти станува сѐ поинтересно! Ти знаеш дека за Исус било проречено дека ќе биде потомок на Давид (Мат. 22:42). Но Давид имал повеќе од 20 синови. Зарем не е извонредно што Захарија укажува дека особено домот на Натан ќе имал причина да жали поради смртта на Исус?
18 Да видиме уште еден пример. Во првото поглавје на евангелието по Лука, читаме дека ангелот Гавриел ја посетил Марија и тогаш ѝ кажал нешто значајно во врска со синот што ќе го родела: „Тој ќе биде голем и ќе биде наречен Син на Севишниот. Јехова Бог ќе му го даде престолот на Давид, неговиот татко, и тој ќе царува во домот на Јаков засекогаш, и неговото царство ќе нема крај“ (Лука 1:32, 33). Можеби најчесто му обрнуваме внимание само на првиот дел од пораката на Гавриел — дека Исус ќе биде наречен „Син на Севишниот“. Но Гавриел прорекол и дека Исус ќе биде Цар. Затоа, можеби се прашуваме на што помислила Марија кога ги чула тие зборови. Дали помислила дека Гавриел, всушност, сакал да каже дека Исус ќе биде владетел на Израел така што ќе го замени цар Ирод или некој од неговите наследници? Ако Исус навистина станел цар, Марија ќе била царица-мајка, а нејзиното семејство ќе живеело во царската палата. Сепак, никаде во Библијата не пишува дека Марија му спомнала такво нешто на Гавриел. Не пишува ниту дека Марија побарала некаква почесна положба во Царството, како што направиле двајца ученици на Исус (Мат. 20:20-23). Овој детаљ уште повеќе нѐ уверува дека Марија била исклучително понизна жена!
19-20. Според Јаков 1:22-25 и 4:8, кои се нашите цели кога проучуваме?
19 Да имаме на ум дека наша најважна цел додека ја проучуваме Божјата Реч и нашите публикации е да се зближиме со Јехова. Исто така, сакаме појасно да увидиме какви личности сме и какви промени треба да направиме за да го радуваме Бог. (Прочитај Јаков 1:22-25; 4:8.) Затоа, секојпат кога ќе почнеме да проучуваме треба да го молиме Јехова да ни даде свет дух. Треба да го молиме да ни помогне да извлечеме целосна корист од материјалот и да сфатиме какви сме во негови очи.
20 Да се трудиме сите да бидеме како верниот Божји слуга што го опишал псалмистот: „Ужива во законот на Јехова и внимателно го чита неговиот закон дење и ноќе... во сѐ што прави, ќе биде успешен“ (Пс. 1:2, 3).
ПЕСНА 88 Научи ме за твоите патеки
a Јехова великодушно ни дава изобилство духовна храна. Имаме многу публикации за читање и проучување во печатен или во електронски облик, како и многу видеоклипови. Оваа статија ќе ни помогне да одредиме што да проучуваме, а ќе добиеме и практични предлози како да извлечеме најголема корист од нашето лично проучување.
b Маргиналиите се наоѓаат во колоната во средината на страниците од Преводот Нов свет. Во таа колона се наведени библиски стихови кои се поврзани со оние што ги читаш.