Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Млади, спротивставете му се на Ѓаволот

Млади, спротивставете му се на Ѓаволот

Облечете ја сета Божја воена опрема за да можете да им се спротивставите на Ѓаволовите сплетки (ЕФ. 6:11)

ПЕСНИ: 79, 140

1, 2. а) Зошто младите Божји слуги победуваат во борбата против Сатана и демоните? (Види ја сликата на почетокот од статијата.) б) Што ќе дознаеме од оваа статија?

 АПОСТОЛ Павле ги споредил христијаните со војници. Ние сме во војна, и нашите непријатели се вистински. Но не се бориме со луѓе, туку со Сатана и демоните. Тие војуваат веќе илјадници години и се многу вешти воини. Затоа можеби ни се чини дека немаме никакви шанси да победиме во оваа војна. Особено младите Божји слуги може да изгледаат ранливи. Можат ли младите да победат во војната со толку моќни непријатели? Се разбира дека можат, и тие навистина победуваат. Зошто? Бидејќи добиваат сила од Јехова. Освен тоа, како добро обучени војници спремни за битка, тие ја носат „сета Божја воена опрема“. (Прочитај Ефешаните 6:10-12.)

2 Кога ја дал таа споредба, Павле можеби мислел на воената опрема што ја носеле римските војници (Дела 28:16). Во оваа статија ќе видиме зошто таа споредба е соодветна. Исто така, ќе дознаеме што велат некои млади за тешкотиите и благословите кои ги доживуваат бидејќи ја носат целата духовна воена опрема.

Дали твојата духовна воена опрема е целосна?

„ОПАШАЈТЕ ГИ СВОИТЕ БЕДРА СО ВИСТИНАТА“

3, 4. Зошто можеме вистината од Библијата да ја споредиме со ременот што го носеле римските војници?

3 Прочитај Ефешаните 6:14. Ременот кој го носеле римските војници имал метални плочки. Тој ја штител половината на војникот и му олеснувал да го носи тешкиот оклоп на градите. Некои ремени имале и метални делови на кои можело да се закачи футрола за меч или кама. Доколку ременот бил убаво прицврстен, војникот можел да се чувствува сигурно за време на битката.

4 Слично на еден војнички ремен, вистините што ги дознаваме од Божјата Реч нѐ штитат од лажните учења (Јован 8:31, 32; 1. Јов. 4:1). А колку повеќе ги сакаме вистините од Божјата Реч толку полесно ќе ни биде да го носиме нашиот „оклоп“, односно да живееме во склад со Јеховините праведни мерила (Пс. 111:7, 8; 1. Јов. 5:3). Освен тоа, колку подобро ги познаваме овие вистини толку подобро може да се одбраниме од нашите непријатели (1. Пет. 3:15).

5. Зошто секогаш треба да ја кажуваме вистината?

5 Бидејќи вистините од Божјата Реч ни се многу важни, ние сме послушни на она што го вели Библијата и секогаш ја кажуваме вистината. Лагите се едно од најуспешните оружја на Сатана. Тие му нанесуваат штета и на оној што ги кажува и на оној што верува во нив (Јован 8:44). Затоа, иако сме несовршени, даваме сѐ од себе никогаш да не кажуваме лаги (Еф. 4:25). Но ова не е секогаш лесно. Абигејл, a која има 18 години, вели: „Некогаш ни се чини дека не вреди да ја кажеме вистината, особено кога лагата може да те извлече од тешка ситуација“. Тогаш, зошто секогаш се труди да ја зборува вистината? Таа вели: „Кога ја кажувам вистината, имам чиста совест пред Јехова. Освен тоа, моите родители и пријатели знаат дека можат да имаат доверба во мене“. Викторија, која има 23 години, вели: „Кога ја зборуваш вистината и ги браниш своите верувања, некој можеби ќе те малтретира. Но секогаш добиваш извонредни благослови: стекнуваш поголема храброст, стануваш поблизок со Јехова и ја стекнуваш почитта на оние што те сакаат“. Навистина вреди секогаш да го слушаме библискиот совет: „Опашајте ги своите бедра со вистината“.

Опашајте се со вистината (Види во пасуси 3-5)

„НА ГРАДИТЕ СТАВЕТЕ ГО ОКЛОПОТ НА ПРАВЕДНОСТА“

6, 7. Зошто праведноста може да се спореди со граден оклоп?

6 Оклопот што еден римски војник го носел на градите честопати бил направен од хоризонтални железни ленти кои се преклопувале. Овие ленти биле свиени за да одговараат на неговиот граден кош и биле споени со кожни ремчиња со помош на метални куки и токи. Рамењата му биле покриени со повеќе железни ленти кои исто така биле меѓусебно споени со кожни ремчиња. Градниот оклоп го ограничувал движењето на војникот, и тој морал редовно да проверува дали сите плочки се на свое место. Но тој оклоп му ги штител срцето и другите органи од непријателските мечеви и стрели.

7 Јеховините праведни мерила, кои го штитат нашето симболично срце, можат да се споредат со таков оклоп (Изр. 4:23). Еден војник никогаш не би го заменил својот железен оклоп со некој друг направен од послаб метал. Слично на тоа, никогаш не треба да ги замениме Јеховините мерила за исправно и погрешно со наши мерила. Ние ја немаме потребната мудрост за да си го заштитиме срцето (Изр. 3:5, 6). Токму затоа мора редовно да проверуваме дали нашиот духовен оклоп сѐ уште ни го штити срцето.

8. Зошто треба да се држиме за Јеховините мерила?

8 Дали некогаш сметаш дека Јеховините мерила се претешки за тебе или ти ја ограничуваат слободата? Даниел, кој има 21 година, вели: „Наставниците и соучениците ми се потсмеваа бидејќи живеев според библиските мерила. Некое време ја изгубив самодовербата и бев потиштен“. Но како се чувствува сега? Тој вели: „Со текот на времето, ми стана јасно колку е корисно да живеам според Јеховините мерила. Некои од моите ’другари‘ почнаа да се дрогираат, а други не го завршија школувањето. Ми беше жал кога видов што се случи со нив. Сфатив дека Јехова навистина нѐ штити“. Мелиса, која има 15 години, вели: „Не ми е лесно да се држам за Јеховините мерила и да не правам некои работи што моите врсници мислат дека се интересни и забавни“. Како успева да се избори со тој притисок? Мелиса вели: „Се потсетувам себеси дека го носам Јеховиното име и дека искушенијата се оружје кое Сатана го користи за да ме нападне. Се чувствувам убаво кога ќе победам во некоја духовна битка“.

Оклопот на праведноста (Види во пасуси 6-8)

„ОБУЈТЕ ГИ НОЗЕТЕ СО СПРЕМНОСТА ДА ЈА ПРОПОВЕДАТЕ ДОБРАТА ВЕСТ НА МИРОТ“

9-11. а) Какви симболични обувки носат вистинските христијани? б) Што можеме да направиме за да ни биде полесно да проповедаме?

9 Прочитај Ефешаните 6:15. Еден римски војник не одел во битка без своите обувки. Тие биле направени од три слоја кожа, и затоа биле многу издржливи. Но таквите обувки биле и удобни, па војниците можеле да чекорат стабилно и сигурно.

10 Римските војници носеле дословни обувки за да војуваат, а ние носиме симболични обувки за да можеме да ја објавуваме „добрата вест на мирот“ (Иса. 52:7; Рим. 10:15). Сепак, понекогаш е потребна голема храброст за да проповедаме. Роберт, кој има 20 години, вели: „Се плашев да им сведочам на соучениците. Мислам дека ми беше срам. Кога ќе се сетам на тоа време, сфаќам дека немало причина за тоа. Сега со задоволство им сведочам на врсниците“.

11 Многу млади сфатиле дека им е полесно да проповедаат кога добро ќе се подготват. Како можеш да се подготвиш? Јулија, која има 16 години, вели: „Си носам наши публикации во ранецот. Исто така, внимателно слушам кога моите соученици ги кажуваат своите ставови и верувања. Така добивам идеја како би можела да им помогнам. Кога сум подготвена, можам да разговарам со нив за теми кои се соодветни за нив“. Марија, која има 23 години, вели: „Ако си љубезен и внимателно ги слушаш другите, ќе сфатиш со што се соочуваат. Се трудам да ги прочитам сите наши публикации за младите. Така знам што да им покажам на врсниците од Библијата или од интернет-страницата jw.org за да им помогнам“. Овие коментари покажуваат дека, колку подобро си подготвен за проповедање толку поубаво ќе ти бидат прицврстени „обувките“ на нозете.

Обујте ги нозете со спремност (Види во пасуси 9-11)

„ЗЕМЕТЕ ГО ГОЛЕМИОТ ШТИТ НА ВЕРАТА“

12, 13. Кои „огнени стрели“ ги користи Сатана?

12 Прочитај Ефешаните 6:16. Секој римски војник носел голем правоаголен штит. Тој го покривал војникот од рамењата до колената и го штител од мечеви, копја и стрели.

13 Какви „огнени стрели“ би можел Сатана да фрла врз тебе? Можеби те напаѓа со лаги за Јехова. Сатана сака да си мислиш дека Јехова не те сака и дека воопшто не си му важен. Аида, која има 19 години, вели: „Честопати мислам дека Јехова не е близок со мене и дека не сака да ми биде пријател“. Што прави кога се чувствува вака? Аида вели: „Состаноците многу ми ја зајакнуваат верата. Порано само си седев и не давав коментари, мислејќи дека никој не би сакал да чуе што имам да кажам. Но, сега се подготвувам за состаноците и се обидувам да коментирам два-три пати. Не ми е лесно, но кога коментирам многу подобро се чувствувам. А браќата и сестрите многу ме охрабруваат. Секогаш се враќам од состаноците со чувство дека Јехова ме сака“.

14. Што учиме од примерот на Аида?

14 Еден војнички штит секогаш имал иста големина. Но, како што гледаме од примерот на Аида, нашата вера може да се зголеми или да се намали, да стане посилна или послаба. Тоа зависи од нас (Мат. 14:31; 2. Сол. 1:3). Ова јасно покажува колку е важно постојано да си ја зајакнуваме верата!

Големиот штит на верата (Види во пасуси 12-14)

„ЗЕМЕТЕ ГО И ШЛЕМОТ НА СПАСЕНИЕТО“

15, 16. Зошто нашата надеж е како шлем?

15 Прочитај Ефешаните 6:17. Шлемот што го носеле римските војници ги штител главата, вратот и лицето. Некои шлемови имале рачка за да можат војниците да ги носат в рака.

16 Исто како што шлемот го штител мозокот на војникот, „надежта во спасението“ го штити нашиот ум, односно способноста за расудување (1. Сол. 5:8; Изр. 3:21). Надежта ни помага да мислиме на Божјите ветувања и да не се обесхрабриме поради нашите проблеми (Пс. 27:1, 14; Дела 24:15). Но ако сакаме нашата надеж да нѐ штити, таа мора да ни биде реална. „Шлемот“ мора да го носиме на глава, а не во рака.

17, 18. а) Како би можел Сатана да нѐ наведе да го извадиме шлемот? б) Како можеме да покажеме дека не сме измамени од Сатана?

17 Како би можел Сатана да нѐ наведе да го извадиме нашиот шлем? Размисли што се обидел да му направи на Исус. Сатана знаел дека Исус ќе владее над човештвото. Но претходно Исус ќе морал да страда и да умре. А потоа ќе требало да чека да стане Цар сѐ до времето што го одредил Јехова. Затоа Сатана му понудил можност да стане владетел порано. Тој му ветил на Исус дека, ако му се поклони, веднаш ќе стане владетел на светот (Лука 4:5-7). Слично на тоа, Сатана знае дека Јехова ветил дека ќе ни даде прекрасни работи во новиот свет. Но мора да чекаме додека не се исполни ова ветување, а во меѓувреме можеби ќе имаме многу проблеми. Затоа Сатана ни нуди можност уште сега да имаме удобен живот. Тој сака желбите да ни станат поважни од Божјето Царство (Мат. 6:31-33).

18 Многу млади Божји слуги не дозволиле Сатана да ги измами. На пример, Киана, која има 20 години, вели: „Знам дека единствена надеж за сите наши проблеми е Божјето Царство“. Како нејзината надеж влијае врз начинот на кој размислува и постапува? Надежта ѝ помага да не заборави дека сѐ во овој свет е привремено. Наместо да се посвети на кариера во светот, Киана ги користи времето и силата за да му служи на Јехова.

Шлемот на спасението (Види во пасуси 15-18)

ЗЕМЕТЕ ГО „МЕЧОТ НА ДУХОТ“ — БОЖЈАТА РЕЧ

19, 20. Како можеме да научиме повешто да ја користиме Божјата Реч?

19 Римските војници имале мечеви кои биле долги околу 50 сантиметри. Тие многу вешто ги користеле своите мечеви бидејќи вежбале со нив секој ден.

20 Апостол Павле ја споредил Божјата Реч со меч кој ни го дал Јехова. Но мора да научиме вешто да го користиме за да ја браниме нашата вера и да го менуваме начинот на кој размислуваме (2. Кор. 10:4, 5; 2. Тим. 2:15). Како можеш да ја подобруваш својата вештина? Себастијан, кој има 21 година, вели: „Додека ја читам Библијата, си запишувам по еден стих од секое поглавје. Си правам список со омилени стихови“. Ова му помага подобро да разбере како размислува Јехова. Даниел, кој го спомнавме претходно, вели: „Кога ја читам Библијата, избирам стихови за кои мислам дека ќе им користат на луѓето што ги сретнувам во служба. Сфатив дека луѓето добро реагираат кога ќе видат дека многу ја сакаш Библијата и дека даваш сѐ од себе за да им помогнеш“.

Мечот на духот (Види во пасуси 19-20)

21. Зошто не треба да се плашиме од Сатана и од демоните?

21 Како што видовме од примерите на младите кои беа спомнати во оваа статија, не треба да се плашиме од Сатана и демоните. Точно е дека тие се моќни, но не се помоќни од Јехова. Освен тоа, нема да постојат засекогаш. Наскоро, за време на Христовото илјадагодишно владеење, тие ќе бидат затворени и нема да можат никому да му наштетат, а потоа ќе бидат уништени (Отк. 20:1-3, 7-10). Ние го познаваме нашиот непријател, неговите мамки и неговите намери. Со помош од Јехова, можеме да му се спротивставиме!

a Некои имиња се сменети.