Дали спремно го слушаш „повикот на трубите“?
СИТЕ ние сме уверени дека Јехова ги води своите слуги во овие „последни денови“ и им дава сѐ што им е потребно во духовен поглед (2. Тим. 3:1). Се разбира, од сите нас се очекува да бидеме послушни на неговото водство. Додека биле во пустелијата, Израелците морале да бидат послушни и да преземат нешто кога ќе се огласеле трубите. Во некоја смисла, нашата ситуација е слична со нивната.
Јехова му заповедал на Мојсеј да направи две труби од ковано сребро за да ја свикува заедницата и за да објавува тргнување (4. Мој. 10:2). Свештениците требало да затрубат на различни начини за да им дадат до знаење на Израелците што треба да направат (4. Мој. 10:3-8). Денес Јеховиниот народ добива упатства на повеќе начини, но во оваа статија ќе разгледаме само три од нив. Божјите слуги го слушаат звукот на трубите во симболична смисла кога се поканети на големи собири, кога именуваните надгледници се повикани да добијат обука и кога треба да се применат некои организациски упатства и да се направат промени во собранијата.
КОГА СМЕ ПОВИКАНИ НА ГОЛЕМИ СОБИРИ
Кога Јехова сакал „целата заедница“ да се собере на влезот од шаторот на средбата, на источната страна, свештениците трубеле во двете труби (4. Мој. 10:3). Сите племиња, кои биле улогорени околу шаторот во четири групи, го слушале звукот на трубите. Оние што биле близу до влезот веројатно можеле да бидат таму за неколку минути. Другите биле подалеку и можеби им требало повеќе време и напор за да дојдат. Како и да е, Јехова сакал сите да се соберат за да ги слушаат неговите упатства и да извлечат корист.
Денес нема свет шатор каде што треба да се собираме, но се организираат поголеми собири на кои Божјиот народ е поканет да присуствува. Во тие собири спаѓаат регионалните конгреси и други посебни настани, каде што добиваме многу важни поуки и упатства. Во разни земји ширум светот, сите Јеховини слуги ја слушаат истата програма. На тој начин, оние што ја прифаќаат поканата се радуваат што се собрани заедно со Божјиот среќен народ. Некои мора да патуваат подалеку од другите. Во секој случај, оние што присуствуваат на овие настани се свесни дека вреди сиот труд што го вложуваат.
Дали можат ваквите прилики да им користат и на некои изолирани групи кои се многу далеку од местата каде што се одржуваат големи собири? Благодарение на современата технологија, многумина од нив можат да извлечат корист од истата програма, па дури и да почувствуваат дека се дел од тие собири. На пример, кога еден претставник на главното седиште го посетил Бенин, подружницата ја пренесувала програмата и до Арлит (Нигер), рударски град во пустината Сахара. Програмата ја следеле пет браќа и сестри, и 16 заинтересирани
лица. Иако биле многу далеку од местото каде што се одржал собирот, тие се чувствувале обединето со сите што присуствувале на тој настан, чиј вкупен број изнесувал 44.131. Еден брат напишал: „Ви благодариме од дното на душата што ја пренесувавте програмата. Тоа уште еднаш ни покажа колку многу нѐ сакате“.КОГА ИМЕНУВАНИТЕ НАДГЛЕДНИЦИ СЕ ПОКАНЕТИ ДА ДОБИЈАТ ОБУКА
Кога свештениците во Израел ќе затрубеле само во едната труба, пред шаторот на средбата требало да се соберат само „поглаварите... поставени над илјадниците“ (4. Мој. 10:4). Таму Мојсеј можел да им ги даде потребните совети и упатства. Тоа ќе им помогнело да се грижат за одговорностите во своите племиња. Да си бил еден од тие поглавари, зарем не би направил сѐ за да бидеш таму и да извлечеш корист од упатствата?
Денес собраниските старешини не се „поглавари“ ниту, пак, господарат над стадото што им го доверил Бог (1. Пет. 5:1-3). Но, сигурно даваат сѐ од себе за да се грижат за браќата и сестрите. Затоа, спремно ја прифаќаат поканата да добијат дополнителна обука, на пример, на Школата за именувани браќа. Во текот на програмата која се одржува на ваквите школи, старешините се поучени да ги извршуваат собраниските одговорности на уште подобар начин. Тоа им помага во духовен поглед и ним и на сите други во собранието. Дури и да не си присуствувал на некоја од овие школи, најверојатно имаш корист од обуката што ја добиле браќата кои биле таму.
КОГА ОД НАС СЕ БАРА ДА НАПРАВИМЕ НЕКОИ ПРОМЕНИ
Понекогаш свештениците во Израел требало да затрубат така што трубата ќе се огласела со „променлив звук“. Ова било знак дека Јехова сака целиот табор да тргне за да се премести на друго место (4. Мој. 10:5, 6). Иако ова се правело на високо организиран начин, од сите се барало посебен напор. Понекогаш на некои Израелци не им било баш сеедно. Зошто?
Некои можеби си мислеле дека повикот за тргнување се огласува пречесто и премногу неочекувано. Библијата вели: „Понекогаш облакот стоеше од вечер до утро“. Но, понекогаш тргнувале по „два дена, еден месец или подолго време“ (4. Мој. 9:21, 22). Колку пати таборот морал да се преместува? Во 4. Мојсеева, поглавје 33, се спомнати околу 40 места на кои Израелците биле улогорени.
Во некои случаи Израелците се улогорувале на место каде што имало сенки. Со оглед на тоа што патувале низ „голема и застрашувачка пустина“, ова сигурно била многу пријатна промена (5. Мој. 1:19). Затоа, некои можеби биле на искушение да си мислат дека новата преселба ќе биде на полошо.
Кога таборот тргнувал на пат, на некои Израелци можеби им било тешко стрпливо да чекаат да им дојде ред да појдат. Иако го слушале променливиот звук на трубата, сите племиња не поаѓале во ист момент. Променливиот звук бил знак дека треба да тргнат племињата што биле улогорени на исток, односно племињата на Јуда, Исахар и Завулон (4. Мој. 2:3-7; 10:5, 6). Откако тие ќе тргнеле, свештениците ќе затрубеле по втор пат за да им дадат знак на племињата што биле улогорени на југ. Свештениците трубеле уште двапати, сѐ додека целиот табор не тргнел на пат.
Можеби и тебе не ти било сеедно кога била направена некоја организациска промена. Или, пак, ти се чинело дека има премногу неочекувани промени. Можеби ти се допаѓал начинот на кои се правеле некои работи и не си сакал тоа да се смени. Од која и да било причина, можеби твојата стрпливост била ставена на испит, и ти требало време за да се приспособиш на промената. Ако се трудиме да го правиме она што се очекува од нас, веројатно ќе сфатиме дека тоа е за наше добро, и Бог ќе го благослови таквиот став.
Во времето на Мојсеј, Јехова водел неколку милиони мажи, жени и деца низ пустелијата. Без неговата грижа и водство, тие немало да преживеат. И денес преживуваме во духовен поглед благодарение на водството што го добиваме од Јехова. Всушност, тој ни помага да бидеме уште поблиски со него и да имаме цврста вера. Затоа, сите да бидеме решени да дадеме сѐ од себе за да бидеме послушни како што верните Израелци спремно го слушале повикот на трубите!