СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 30
Првото библиско пророштво има значење и за тебе
Јас ќе ставам непријателство помеѓу тебе и жената (1. МОЈ. 3:15)
ПЕСНА 15 Слави го Јеховиниот првороден Син!
КРАТОК ПРЕГЛЕД *
1. Што направил Јехова набрзо откако Адам и Ева направиле грев? (1. Мојсеева 3:15).
НАБРЗО откако Адам и Ева направиле грев, Јехова дал надеж за нивните потомци преку едно значајно пророштво. Неговите зборови се запишани во 1. Мојсеева 3:15. (Прочитај.)
2. Зошто е значајно ова пророштво?
2 Иако ова пророштво се наоѓа во првата книга од Библијата, на некој начин сите други книги од Библијата се поврзани со него. Исто како што една спирала ги поврзува сите листови од една тетратка, така и зборовите запишани во 1. Мојсеева 3:15 ја поврзуваат содржината од секоја книга од Библијата во една заедничка порака. Тоа е пораката дека Бог ќе испрати Спасител кој ќе го уништи Ѓаволот заедно со сите оние кои се на негова страна. * Колку големо олеснување ќе биде тоа за сите оние што го сакаат Јехова!
3. Што ќе разгледаме во оваа статија?
3 Во оваа статија ќе го добиеме одговорот на следниве прашања во врска со пророштвото од 1. Мојсеева 3:15: Кои се ликовите спомнати во него? Како ќе се исполни тоа пророштво? И, како ни користи нам лично?
КОИ СЕ ЛИКОВИТЕ ВО ПРОРОШТВОТО?
4. Кого го претставува „змијата“, и од каде го знаеме тоа?
4 Ликовите во извештајот кој е запишан во 1. Мојсеева 3:14, 15 се: една змија, потомството на таа змија, една жена и потомството на таа жена. Библијата ни помага да откриеме кого го претставуваат тие. * Да почнеме со „змијата“. Една дословна змија не би можела да разбере што кажал Јехова во рајската градина. Според тоа, суштеството кое Јехова го осудил мора да биде суштество обдарено со разум. Од Откровение 12:9 јасно се гледа кого го претставува „змијата“. Таму пишува дека „празмијата“ е Сатана Ѓаволот. Но, кого го претставува потомството на змијата?
5. Кој го сочинува потомството на змијата?
5 Понекогаш Библијата го користи изразот „потомство“ за да укаже на оние кои толку тесно следат нечиј пример што може да се каже дека се негови деца. Според тоа, потомството на змијата го сочинуваат злобни духовни суштества и луѓе кои, исто како Сатана, им се противат на Јехова Бог и на Неговиот народ. Тука спаѓаат ангелите кои ги напуштиле своите задачи на небото во времето на Ное, како и злобните луѓе кои постапуваат како нивниот татко Ѓаволот (1. Мој. 6:1, 2; Јован 8:44; 1. Јов. 5:19; Јуда 6).
6. Зошто „жената“ не би можела да биде Ева?
6 Сега да видиме кого го претставува „жената“. Тоа не би можело да биде Ева. Зошто не? Да наведеме само една причина. Пророштвото вели дека потомството на жената ќе ѝ ја „смачка главата“ на змијата. Како што веќе видовме, змијата е злобното духовно суштество Сатана. Затоа, ниту еден несовршен човечки потомок на Ева не би можел да го уништи. Тогаш, како ќе биде уништен Сатана?
7. Според она што го пишува во Откровение 12:1, 2, 5, 10, кого го претставува „жената“ од 1. Мојсеева 3:15?
7 Последната книга од Библијата ни открива која е „жената“ спомната во 1. Мојсеева 3:15. (Прочитај Откровение 12:1, 2, 5, 10.) Ова не е некоја жена на Земјата. Таа на главата има круна од 12 ѕвезди, а под нозете ѝ е месечината. Оваа жена раѓа едно многу необично дете — Божјето Царство. Бидејќи Царството е на небото, и жената мора да биде на небото. Таа го претставува небесниот дел од Јеховината организација кој го сочинуваат верни духовни суштества (Гал. 4:26).
8. Кој е главниот дел од потомството на жената, и кога се појавил? (1. Мојсеева 22:15-18).
8 Божјата Реч исто така ни помага да откриеме кој е главниот дел од потомството на жената. Тој требало да потекнува од семејната лоза на Авраам. (Прочитај 1. Мојсеева 22:15-18.) Токму како што било проречено, Исус навистина бил потомок на тој верен Божји слуга (Лука 3:23, 34). Но, главниот дел од потомството на жената мора да биде помоќен од човек бидејќи треба потполно да го уништи Сатана Ѓаволот. Во склад со тоа, кога имал околу 30 години, Исус бил помазан со светиот дух како Божји Син. Кога бил помазан, Исус станал главниот дел од потомството на жената (Гал. 3:16). По смртта и воскресението на Исус, Бог „го овенчал со слава и чест“ и му ја дал „сета власт на небото и на земјата“, вклучувајќи и власт „да ги уништи делата на Ѓаволот“ (Евр. 2:7; Мат. 28:18; 1. Јов. 3:8).
9-10. а) Кој друг е дел од потомството на жената, и кога станале дел од тоа потомство? б) Што ќе разгледаме понатаму?
9 Но освен Исус, и други требало да станат дел од потомството на жената. Апостол Павле открил кој е овој дел од потомството кога им кажал на помазаните христијани од еврејско потекло и на оние од другите народи: „Ако сте Христови, тогаш сте потомство на Авраам, наследници според едно ветување“ (Гал. 3:28, 29). Кога Јехова со светиот дух ќе помаза некој христијанин, тој станува дел од потомството на жената. Според тоа, потомството го сочинуваат Исус Христос и 144-те илјади кои ќе владеат со него (Отк. 14:1). Сите тие се трудат да размислуваат и да постапуваат како нивниот Татко, Јехова Бог.
10 Сега откако знаеме кого го претставуваат ликовите од 1. Мојсеева 3:15, накратко да разгледаме што Јехова веќе направил за да го исполни ова пророштво и како тоа ни помага нам денес.
КАКО СЕ ИСПОЛНИЛО ПРОРОШТВОТО ДОСЕГА?
11. Во која смисла потомството на жената било рането „во петицата“?
11 Во пророштвото од 1. Мојсеева 3:15 било проречено дека змијата ќе го рани потомството на жената „во петицата“. Тоа се исполнило кога Сатана ги поттикнал Евреите и Римјаните да го убијат Божјиот Син (Лука 23:13, 20-24). Исто како што една дословна рана на петицата може привремено да осакати и онеспособи некого, така и смртта привремено го онеспособила Исус, и неговото безживотно тело лежело во гробот три дена (Мат. 16:21).
12. Како и кога ќе ѝ биде смачкана главата на змијата?
12 За да се исполни пророштвото од 1. Мојсеева 3:15, Исус не требало да остане во гробот. Зошто го велиме ова? Бидејќи според пророштвото, потомството ќе ѝ ја „смачка главата“ на змијата. Ова значи дека Исус ќе закрепнел од раната, односно дека ќе воскреснел. И тоа навистина се случило. Третиот ден откако умрел, Исус воскреснал како бесмртно духовно суштество. Во време кое го одредил Бог, Исус ќе го уништи Сатана (Евр. 2:14). Оние што ќе владеат заедно со Исус ќе имаат удел во уништувањето на потомството на змијата, односно сите Божји непријатели (Отк. 17:14; 20:4, 10). *
КАКО НИ КОРИСТИ ОВА ПРОРОШТВО?
13. Како ни користи исполнувањето на ова пророштво?
13 Ако му служиш на Јехова, ти имаш голема корист од исполнувањето на ова пророштво. Во која смисла? Исус дошол на Земјата како човек и совршено ги одразувал особините на својот небесен Татко (Јован 14:9). Затоа, преку него сме можеле да го запознаеме и да го засакаме Јехова Бог. Исто така, многу ни користат учењата на Исус и начинот на кој тој го води христијанското собрание денес. Тој нѐ поучил како со својот живот да му угодиме на Јехова. И сите имаме корист од тоа што Исус бил ранет во петицата, односно умрел. Зошто? Кога Исус воскреснал, Јехова ја прифатил неговата совршена жртва која „нѐ исчистува од секаков грев“ (1. Јов. 1:7).
14. Од каде знаеме дека пророштвото што Јехова го дал во рајската градина не се исполнило веднаш? Објасни.
14 Од она што Јехова го кажал во рајската градина се гледа дека пророштвото немало веднаш потполно да се исполни. Било потребно време за жената да го роди ветеното потомство, Ѓаволот да ги собере своите следбеници, и да се развие непријателство (или омраза) помеѓу двете групи. Затоа што го разбираме ова пророштво знаеме дека светот кој е под власта на Сатана ќе ги мрази слугите на Јехова. Кога бил на Земјата, Исус им дал слично предупредување на своите ученици (Мар. 13:13; Јован 17:14). Сите ние сме го виделе исполнувањето на овој дел од пророштвото, особено во последните 100 години. Како?
15. Зошто светот го мрази потомството на жената повеќе од кога и да било порано, но зошто немаме причина да се плашиме од Сатана?
15 Кратко откако Исус станал месијански Цар во 1914 год., Сатана бил исфрлен од небото. Тој сега е ограничен да дејствува само на Земјата и го чека своето уништување (Отк. 12:9, 12). Но, тоа не значи дека Сатана не прави ништо и дека само чека да помине времето. Напротив, бидејќи е очаен и гневен, Сатана сѐ повеќе го напаѓа Божјиот народ (Отк. 12:13, 17). Токму затоа, светот кој е под негова власт нѐ мрази повеќе од кога и да било порано. Сепак, нема причина да се плашиме од Сатана и од оние што се на негова страна. Наместо тоа, го имаме истото уверување како апостол Павле, кој напишал: „Ако Бог е за нас, кој ќе биде против нас?“ (Рим. 8:31). Можеме да имаме потполна доверба во Јехова бидејќи, како што видовме, поголемиот дел од пророштвото запишано во 1. Мојсеева 3:15 веќе се исполнило.
16-18. Како на Едвард, Урсула и Џесика им користело тоа што го разбрале пророштвото од 1. Мојсеева 3:15?
16 Ветувањето на Јехова кое е запишано во 1. Мојсеева 3:15 може да ни помогне да се справиме со секоја тешкотија во нашиот живот. Едвард, кој служи како мисионер во Гуам, вели: „Во животот се соочив со тешкотии и со разочарувања кои ја ставија на испит мојата верност кон Јехова. Но, тоа што размислував за пророштвото од 1. Мојсеева 3:15 ми помогна да ја зачувам довербата во мојот небесен Татко“. Едвард со нетрпение го чека денот кога Јехова ќе им стави крај на сите наши неволји.
17 Една сестра од Германија, по име Урсула, вели дека тоа што го разбрала пророштвото од 1. Мојсеева 3:15 ѝ помогнало да се увери дека Библијата е од Бог. Таа сфатила дека сите други пророштва се поврзани со ова пророштво, и тоа многу ја воодушевило. Исто така, таа вели: „Бев трогната кога дознав дека Јехова веднаш презел нешто за да му даде надеж на човештвото“.
18 Џесика од Микронезија вели: „Сѐ уште се сеќавам како се чувствував кога сфатив дека ја најдов вистината и дека пророштвото од 1. Мојсеева 3:15 се исполнува. Тоа ми помогна секогаш да имам на ум дека ова не е вистинскиот живот што Јехова го замислил. Исто така, ова пророштво ми ја зајакна верата дека, ако му служам на Јехова, ќе водам најдобар начин на живот сега и дека ќе имам уште подобар живот во иднина“.
19. Зошто можеме да бидеме сигурни дека ќе се исполни и последниот дел од пророштвото?
19 Како што видовме, пророштвото од 1. Мојсеева 3:15 се исполнува во наше време. Јасно знаеме кого го претставуваат потомството на жената и потомството на змијата. Исус, главниот дел од потомството на жената, закрепнал од својата рана на петицата и сега е моќен, бесмртен Цар. Јехова ги избрал речиси сите оние кои ќе владеат заедно со Исус на небото, односно оние што го сочинуваат споредниот дел од потомството на жената. Бидејќи првиот дел од пророштвото веќе се исполнил, немаме причина да се сомневаме дека ќе се исполни и последниот дел од пророштвото, односно дека на змијата ќе ѝ биде смачкана главата. Колкаво олеснување ќе биде за сите верни Божји слуги кога Сатана ќе биде уништен! Дотогаш, да не се откажуваме! Нашиот Бог е достоен за доверба. Преку потомството на жената, тој ќе донесе безброј благослови за „сите народи на земјата“ (1. Мој. 22:18).
ПЕСНА 23 Јехова почна да владее
^ За да можеме во потполност да ја разбереме пораката од Библијата, мора да го разбереме и пророштвото запишано во 1. Мојсеева 3:15. Тоа што ќе го проучуваме ова пророштво може да ни ја зајакне верата во Јехова и нашата увереност дека тој ќе ги исполни сите свои ветувања.
^ Види го делот „Пораката на Библијата“ во брошурката Да ја истражуваме Божјата Реч.
^ Види ја рамката „Ликовите од 1. Мојсеева 3:14, 15“.
^ Види ја рамката „ Некои важни настани од исполнувањето на пророштвото од 1. Мојсеева 3:15“.