СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 29
Да го поддржуваме нашиот водач Исус
Дадена ми е сета власт на небото и на земјата (МАТ. 28:18)
ПЕСНА 13 Исус, нашиот пример
КРАТОК ПРЕГЛЕД a
1. Која е Јеховината волја за нашево време?
ДЕНЕС Божјата волја е добрата вест за Царството да се проповеда низ целиот свет (Мар. 13:10; 1. Тим. 2:3, 4). Ова е Јеховино дело и бидејќи е многу важно, Јехова го избрал својот сакан Син за да го води. Со оглед на тоа што Исус е нашиот Водач, можеме да бидеме уверени дека проповедничкото дело ќе биде завршено во онаа мера колку што сака Јехова пред да дојде крајот (Мат. 24:14).
2. Што ќе разгледаме во оваа статија?
2 Во оваа статија ќе видиме како Исус го користи „верниот и разборит роб“ за да обезбедува духовна храна и за да ги организира своите следбеници за најголемото проповедничко дело во историјата (Мат. 24:45). Исто така, ќе видиме како секој од нас може да ги поддржува Исус и верниот роб.
ИСУС ГО ВОДИ ПРОПОВЕДНИЧКОТО ДЕЛО
3. Каква власт му била дадена на Исус?
3 Исус го надгледува делото на проповедање. Зошто можеме да бидеме сигурни во тоа? Кратко пред да се вознесе на небото, Исус се сретнал со некои од своите верни следбеници на една гора во Галилеја. Тој им рекол: „Дадена ми е сета власт на небото и на земјата“. Забележи што кажал веднаш потоа: „Затоа одете и правете ученици од луѓето од сите народи“ (Мат. 28:18, 19). Значи, меѓу другото, на Исус му била дадена власт да го води проповедничкото дело.
4. Зошто можеме да бидеме уверени дека Исус сѐ уште го надгледува проповедничкото дело?
4 Исус рекол дека делото на проповедање и поучување ќе се одвива меѓу „сите народи“ и дека тој ќе биде со своите следбеници „во сите денови до свршетокот на овој поредок“ (Мат. 28:20). Ова јасно покажува дека Исус го надгледува проповедничкото дело сѐ до ден-денес.
5. Каков удел имаме во исполнувањето на зборовите од Псалм 110:3?
5 Исус не бил загрижен дали ќе има доволно луѓе кои ќе го извршуваат ова дело во текот на последните денови од овој свет. Тој знаел дека ќе се исполнат пророчките зборови на псалмистот: „Твојот народ спремно ќе се понуди во денот кога ќе ја поведеш во војна својата војска“ (Пс. 110:3). Ако ја проповедаш добрата вест, ти ги поддржуваш Исус и верниот роб и придонесуваш да се исполни ова пророштво. Делото оди напред, но има и предизвици.
6. Кој е еден предизвик со кој се соочуваат оние што ја проповедаат пораката за Царството?
6 Еден предизвик со кој се соочуваат оние што ја проповедаат пораката за Царството е противењето. Отпадници, верски водачи и политичари шират лаги за нашето дело. Доколку нашите роднини, познајници или колеги веруваат во нивната пропаганда, може да ни вршат притисок да престанеме да му служиме на Јехова и да престанеме да проповедаме. Во некои земји, нашите непријатели им се закануваат, ги напаѓаат или ги апсат браќата и сестрите, па дури и ги ставаат во затвор. Не сме изненадени што луѓето постапуваат со нас на ваков начин. Исус прорекол: „Сите народи ќе ве мразат поради моето име“ (Мат. 24:9). Фактот дека доживуваме ваква омраза е доказ дека го следиме примерот на Исус и дека ја имаме Јеховината наклоност (Мат. 5:11, 12). Зад ова противење стои Ѓаволот. Но, Исус е многу помоќен од него! Со поддршката на Исус, добрата вест се проповеда кај сите народи.
7. Кој доказ го гледаш дека се исполнува Откровение 14:6, 7?
7 Уште еден предизвик со кој се соочуваме додека проповедаме е тоа што луѓето зборуваат на различни јазици. Во откровението што му го дал на апостол Јован, Исус прорекол дека во нашево време добрата вест ќе ја надмине таа пречка. (Прочитај Откровение 14:6, 7.) Како? Ние се трудиме на колку што е можно повеќе луѓе да им дадеме можност да ја прифатат пораката за Царството. Денес луѓето низ целиот свет можат да читаат библиски публикации на нашата интернет-страница jw.org затоа што на неа има информации на преку 1.000 јазици. Водечкото тело одобри нашата главна публикација за водење библиски курсеви, книгата Радувај му се на животот засекогаш, да се преведе на повеќе од 700 јазици. Исто така, духовната храна е достапна и за глувите лица во вид на видеоснимки, како и за слепите лица во вид на Брајово писмо. Пред наши очи гледаме како се исполнуваат библиските пророштва. „Луѓе од сите јазици што ги зборуваат народите“ го учат чистиот јазик на библиската вистина (Зах. 8:23; Соф. 3:9). Сето ова се постигнува под водството на Исус Христос.
8. Кој е резултатот од нашето проповедање досега?
8 Денес, повеќе од осум милиони луѓе во 240 земји се дел од Јеховината организација и секоја година се крштаваат повеќе од сто илјади лица. Но, поважно од бројките е тоа што овие нови ученици на Исус ја облекле „новата личност“, односно развиле христијански особини (Кол. 3:8-10). Многумина се смениле и повеќе не вршат неморал, не се насилни, немаат предрасуди и немаат националистички чувства. Се исполнува пророштвото од Исаија 2:4, каде што пишува: „Повеќе нема да учат да војуваат“. Со тоа што се трудиме да ја облечеме новата личност, придонесуваме луѓето да бидат привлечени кон Божјата организација и докажуваме дека го следиме нашиот Водач Исус Христос (Јован 13:35; 1. Пет. 2:12). Сето ова не е случајност. Исус ни ја дава потребната помош.
ИСУС ПОСТАВИЛ ЕДЕН ВЕРЕН РОБ
9. Според Матеј 24:45-47, што било проречено во врска со времето на крајот?
9 Прочитај Матеј 24:45-47. Исус прорекол дека во времето на крајот ќе постави еден верен и разборит роб за да обезбедува духовна храна. Затоа би требало да очекуваме тој роб во нашево време трудољубиво да работи. И тоа навистина е случај. Исус користи една мала група од помазани мажи за да им дава „храна во вистинско време“ на своите слуги и на заинтересираните лица. Овие мажи не се гледаат себеси како господари на верата на другите (2. Кор. 1:24). Наместо тоа, тие го сметаат Исус „за водач и за заповедник“ на неговиот народ (Иса. 55:4).
10. Која од публикациите прикажани на сликата ти помогна да зачекориш по патот што води во вечен живот?
10 Од 1919 год. па наваму, верниот роб подготвува различни публикации кои им даваат на заинтересираните лица можност за првпат да ја дознаат вистината од Божјата Реч. Во 1921 год. робот ја објавил книгата Божја харфа за да им помогне на заинтересираните лица да ги дознаат основните библиски учења. Низ годините биле издадени и други публикации. Која публикација ти помогнала тебе да го запознаеш и да го засакаш нашиот небесен Татко? Дали тоа беше „Бог нека биде вистинит“, Вистина која води до вечен живот, Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата, Спознание кое води до вечен живот, Што навистина учи Библијата?, Што учиме од Библијата? или нашата најнова публикација Радувај му се на животот засекогаш? Сите овие публикации беа направени со цел да ги поучуваме луѓето за Бог и беа токму она што ни беше потребно во времето во кое беа издадени.
11. Зошто е многу важно сите ние да добиваме духовна храна?
11 Лицата кои неодамна почнале да ја проучуваат Библијата не се единствените на кои им е потребна тврда духовна храна. Таа ни е потребна на сите нам. Апостол Павле напишал: „Тврдата храна е за зрелите“. Тој додал дека, ако го применуваме она што го учиме од Библијата, тоа ќе ни помогне да разликуваме добро и зло (Евр. 5:14). Во ова тешко време, кога моралните вредности се на најниско можно ниво досега, може да ни биде многу тешко да бидеме послушни на Јеховините мерила. Но, Исус се грижи да ја добиваме духовната храна која ни е потребна за верата да ни остане цврста. Оваа духовна храна се темели на Божјата Реч, Библијата. Верниот роб ја подготвува и ја дели оваа храна под водството на Исус.
12. Исто како Исус, како ние му оддаваме чест на Божјето име?
12 Исто како Исус, и ние му ја оддаваме на Божјето име честа што ја заслужува (Јован 17:6, 26). На пример, во 1931 год. сме го прифатиле името Јеховини сведоци кое се темели на Библијата. Со тоа сме покажале колку ни е важно Божјето име и дека сакаме другите да нѐ препознаваат по него (Иса. 43:10-12). И од октомври таа година, Божјето име се појавува на насловната страница од секој број на списанието Стражарска кула. Освен тоа, во Светото писмо — превод Нов свет името Јехова било вратено на сите места каде што треба да стои во Божјата Реч. Ова е сосема спротивно на она што го направиле црквите на христијанскиот свет кои го отстраниле Јеховиното име од многу нивни преводи на Библијата.
ИСУС ГИ ОРГАНИЗИРАЛ СВОИТЕ СЛЕДБЕНИЦИ
13. Што те уверува дека денес Исус го користи верниот и разборит роб? (Јован 6:68).
13 Преку „верниот и разборит роб“, Исус создал извонредна организација на Земјата за да им помогне на луѓето да му служат на вистинскиот Бог. Како гледаш ти на оваа организација? Можеби се чувствуваш како апостол Петар, кој му рекол на Исус: „Кај кого да одиме? Ти ги имаш зборовите на вечниот живот!“ (Јован 6:68). Каде ќе бевме денес доколку не дојдевме во контакт со Јеховината организација? Преку неа, Исус се грижи да бидеме добро нахранети во духовен поглед. Исто така, тој нѐ обучува делотворно да ја вршиме службата на проповедање. Освен тоа, ни помага да ја облечеме „новата личност“ за да го радуваме Јехова (Еф. 4:24).
14. Како за време на пандемијата со КОВИД-19 ти користеше тоа што си дел од Јеховината организација?
14 Исус ни дава мудро водство во време на неволја. Кога почна пандемијата со КОВИД-19 беше очигледно колку се корисни таквите упатства. Додека многумина во светот не знаеја што да прават, Исус се погрижи да добиеме јасно водство за да останеме безбедни. Бевме поттикнати да носиме маски кога сме на јавни места и да одржуваме физичко растојание. Старешините беа потсетувани редовно да контактираат со сите во собранието и да бидат во тек со тоа што им е потребно во физички и во духовен поглед (Иса. 32:1, 2). А добивавме и дополнителни упатства и охрабрување преку извештаите од Водечкото тело.
15. Какви упатства добивме за тоа како да ги одржуваме состаноците и да ја извршуваме службата на проповедање во текот на пандемијата, и каков беше резултатот?
15 Во текот на пандемијата, исто така добивме јасни упатства за тоа како да ги одржуваме собраниските состаноци и како да учествуваме во службата на проповедање. Речиси преку ноќ почнавме да ги одржуваме состаноците, собирите и конгресите преку интернет. Освен тоа, службата на проповедање почнавме главно да ја вршиме преку писма и преку телефон. Јехова го благослови нашиот труд. Многу подружници известија значаен пораст во бројот на објавители. Всушност, многумина имаа охрабрувачки искуства во текот на овој период. (Види ја рамката „ Јехова го благословува нашето проповедање“.)
16. Во што може да бидеме уверени?
16 Некои можеби сметаат дека организацијата беше премногу претпазлива во однос на пандемијата. Но, како и порано, и во овој случај се потврди дека упатствата што ги добивме беа мудри и основани (Мат. 11:19). И додека размислуваме за тоа како Исус со љубов го води својот народ, уверени сме дека, без разлика што ќе ни донесе утрешниот ден, Јехова и неговиот сакан Син секогаш ќе бидат со нас. (Прочитај Евреите 13:5, 6.)
17. Како се чувствуваш поради тоа што Исус е нашиот Водач?
17 Многу сме среќни што Исус е нашиот Водач. Ние припаѓаме на една организација во која нема поделби врз основа на културата, националноста и јазикот. Добро сме нахранети во духовен поглед и обучени сме да го извршуваме делото на проповедање. Секој од нас е поучен како да ја облече новата личност и како да покажува љубов кон другите. Навистина, имаме многу причини да се гордееме со тоа што Исус е нашиот Водач!
ПЕСНА 16 Фалете го Бог за Исус, небесниот Цар
a Милиони мажи, жени и деца ревносно ја проповедаат добрата вест. Дали и ти си еден од нив? Ако да, тогаш го следиш водството на нашиот Господар Исус Христос. Во оваа статија ќе разгледаме докази кои потврдуваат дека Исус го надгледува проповедничкото дело кое се врши денес. Тоа што ќе размислуваме за овие информации ќе ни помогне да бидеме решени и понатаму да му служиме на Јехова под водството на Исус.