Прашања од читателите
Кога Исус станал Првосвештеник? И дали новиот сојуз бил воспоставен и стапил на сила во исто време?
Доказите потврдуваат дека Исус станал Првосвештеник кога се крстил во 29 год. од н.е. Од каде го знаеме ова? Кога се крстил, Исус покажал дека е спремен да го жртвува својот живот на симболичниот жртвеник кој ја претставува Божјата „волја“ (Гал. 1:4; Евр. 10:5-10). Бидејќи тој симболичен жртвеник постои од моментот кога Исус се крстил, логично е да заклучиме дека и големиот духовен храм постои од тогаш. Во овој храм, оние што покажуваат вера во откупната жртва на Божјиот Син можат да му служат на Јехова на прифатлив начин. Жртвеникот е главно обележје на духовниот храм (Мат. 3:16, 17; Евр. 5:4-6).
Откако почнал да постои големиот духовен храм, бил потребен првосвештеник за да служи таму. За таа цел, Јехова го помазал Исус „со свет дух и сила“ (Дела 10:37, 38; Мар. 1:9-11). Но, зошто може да бидеме сигурни дека Исус бил поставен како Првосвештеник пред својата смрт и воскресение? До овој заклучок доаѓаме ако го разгледаме примерот на Арон и неговите наследници кои служеле како првосвештеници под Мојсеевиот закон.
Според овој Закон, само првосвештеникот смеел да влезе во Светињата над светињите. Оваа просторија била одвоена од Светињата со завеса. Првосвештеникот влегувал зад таа завеса само на Денот на очистувањето (Евр. 9:1-3, 6, 7). Арон и неговите наследници биле помазани како првосвештеници пред да влезат зад дословната завеса во светиот шатор. Затоа, и Исус мора да бил поставен како Првосвештеник во Јеховиниот голем духовен храм пред да помине низ „завесата“, односно пред да умре како човек и потоа да добие небесен живот (Евр. 10:20). Од таа причина, апостол Павле вели дека Исус дошол „како првосвештеник“, а потоа влегол „во самото небо“ (Евр. 9:11, 24).
Новиот сојуз бил воспоставен и стапил на сила во исто време. Зошто го велиме ова? За да може тој сојуз да биде воспоставен, односно озаконет, биле неопходни три чекори. Со истите чекори, овој сојуз стапил на сила. Кои биле тие?
Прво, Исус се појавил пред Јехова; второ, Исус му ја принел на Јехова вредноста на својата жртва; и трето, Јехова ја прифатил вредноста на крвта што ја пролеал Исус. Новиот сојуз не можел да стапи на сила сѐ додека не биле направени овие три чекори.
Библијата не ни кажува кога точно Јехова ја прифатил вредноста на жртвата што ја принел Исус. Според тоа, не можеме да кажеме точно во кој момент новиот сојуз станал полноважен и стапил на сила. Сепак, знаеме дека Исус се вознел на небото десет дена пред Педесетница (Дела 1:3). Во некој момент во текот на тој краток период, тој му ја принел вредноста на својата жртва на Јехова, која тој ја прифатил (Евр. 9:12). Она што се случило на Педесетница било видлив доказ дека новиот сојуз веќе бил на сила (Дела 2:1-4, 32, 33). Очигледно тогаш новиот сојуз веќе бил правосилен.
Кратко кажано, новиот сојуз бил воспоставен и стапил на сила откако Јехова ја прифатил вредноста на крвта што ја пролеал Исус и ги вклучил помазаниците во тој сојуз. Оттогаш новиот сојуз стапил на сила, а негов посредник е Исус кој служи како Првосвештеник (Евр. 7:25; 8:1-3, 6; 9:13-15).