Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 27

Не мислете дека сте подобри од другите

Не мислете дека сте подобри од другите

Му велам на секој меѓу вас да не мисли за себе повеќе отколку што треба да мисли, туку да мисли за себе разумно (РИМ. 12:3)

ПЕСНА 130 Спремно да простуваме

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1. Кој совет ни е даден во Филипјаните 2:3, и како може да ни користи?

 НИЕ понизно ги прифаќаме мерилата на Јехова затоа што сме свесни дека тој секогаш знае што е најдобро за нас (Еф. 4:22-24). Понизноста нѐ поттикнува да ја ставиме Божјата волја пред сопствената и да ги сметаме другите за подобри од себеси. Како резултат на тоа, имаме добар однос со Јехова и со нашите браќа и сестри. (Прочитај Филипјаните 2:3.)

2. Што може да заклучиме од зборовите на апостол Павле, и што ќе разгледаме во оваа статија?

2 Но, ако не внимаваме, би можеле да паднеме под влијание на светот на Сатана кој е полн со горделиви и себични луѓе. b Очигледно во ваква опасност се нашле и некои во првиот век од н.е. Апостол Павле им го напишал следново на христијаните во Рим: „Му велам на секој меѓу вас да не мисли за себе повеќе отколку што треба да мисли, туку да мисли за себе разумно“ (Рим. 12:3). Од овие зборови се гледа дека секој од нас треба да има одредена самопочит. Сепак, понизноста ќе ни помогне да имаме урамнотежено гледиште за себеси. Во оваа статија ќе разгледаме три полиња од нашиот живот на кои понизноста ќе ни помогне да немаме превисоко мислење за себе: 1) бракот, 2) нашите одговорности во Јеховината организација, и 3) начинот на кој ги користиме социјалните мрежи.

ПОКАЖУВАЈ ПОНИЗНОСТ ВО БРАКОТ

3. Зошто може да дојде до несогласувања во бракот, и како некои се обидуваат да ги решат?

3 Јехова сака мажот и жената да бидат среќни во бракот. Но, бидејќи никој не е совршен, сигурно ќе дојде до несогласувања. Всушност, Павле напишал дека оние што ќе стапат во брак ќе имаат проблеми (1. Кор. 7:28). Некои сопружници кои постојано се расправаат би можеле да заклучат дека едноставно не се еден за друг. Ако дозволиле светот да влијае врз нив, разводот би можел да им изгледа како најлесно решение. Наместо да мислат на она што е најдобро за двајцата, би можеле да си мислат дека ништо друго не е поважно од нивната лична среќа.

4. Што не смееме да мислиме?

4 Не смееме да се разочараме од нашиот брак и да си мислиме дека е осуден на пропаст. Знаеме дека единствена библиска основа за развод е сексуалниот неморал (Мат. 5:32). Затоа, кога ќе се соочиме со неволјите за кои зборувал Павле, не треба да дозволиме гордоста да нѐ наведе да почнеме да се прашуваме: „Дали мојот брак ме исполнува? Дали ја добивам љубовта што ја заслужувам? Дали ќе ми биде подобро со некој друг?“ Ако размислуваме така, тогаш мислиме само на себе, а не на другиот. Светот вели да си го слушаш срцето и да гледаш ти да бидеш среќен, дури и ако тоа значи да се разведеш. Но, Бог вели да не се грижиме „само за себе туку и за другите“ (Фил. 2:4). Тој сака да си го зачуваш бракот, а не да му ставиш крај (Мат. 19:6). Јехова сака прво да мислиш на него и на неговите начела, а не на себеси и на своите желби.

5. Според Ефешаните 5:33, како треба мажот и жената да постапуваат еден кон друг?

5 Мажот и жената треба да постапуваат еден кон друг со љубов и со почит. (Прочитај Ефешаните 5:33.) Библијата поучува дека треба да мислиме на она што можеме да го дадеме, а не на она што можеме да го добиеме (Дела 20:35). Која особина може да им помогне на брачните другари да си покажуваат љубов и почит? Понизноста. Понизните сопружници нема да ја бараат својата корист, туку „користа на другиот“ (1. Кор. 10:24).

Наместо да се однесуваат како соперници, понизните брачни другари соработуваат како тим (Види во пасус 6)

6. Што учиш од она што го кажале Стивен и Стефани?

6 Понизноста им помогнала на многу христијански брачни парови да бидат посреќни. На пример, еден сопруг по име Стивен вели: „Ако сте тим, ќе соработувате, особено кога ќе се појават проблеми. Наместо да си мислиш ’што е најдобро за мене?‘, ќе мислиш ’што е најдобро за нас?‘“ Жена му, Стефани, го дели неговото мислење. Таа вели: „Никој не сака да живее со соперник. Кога ќе дојде до несогласување, се трудиме да го најдеме коренот на проблемот. Потоа се молиме, истражуваме во нашите публикации и разговараме за тоа како да го решиме. Наместо да се напаѓаме еден со друг, го напаѓаме проблемот“. И мажот и жената ќе бидат посреќни ако не мислат дека се подобри еден од друг.

СЛУЖИ МУ НА ЈЕХОВА СО „СЕТА ПОНИЗНОСТ“

7. Каков став треба да имаат браќата кога ќе добијат одговорна задача?

7 За нас е чест да му служиме на Јехова на секаков можен начин (Пс. 27:4; 84:10). Ако некој брат се става на располагање да извршува одговорна задача, тоа е пофално. Самата Библија вели: „Ако некој сака да служи како надгледник, тој сака служба вредна за пофалба“ (1. Тим. 3:1). Но, кога ќе добие некоја одговорност, не треба да мисли дека е нешто посебно и да си придава преголема важност (Лука 17:7-10). Главна цел треба да му биде понизно да им служи на другите (2. Кор. 12:15).

8. Што учиме од примерот на Диотреф, на Озија и на Авесалом?

8 Во Библијата има предупредувачки примери за некои луѓе што имале превисоко мислење за себеси. На пример, Диотреф воопшто не бил скромен и сакал „да биде прв“ во собранието (3. Јов. 9). Озија вообразено се обидел да изврши задача што Јехова не му ја доверил (2. Лет. 26:16-21). Авесалом подмолно се обидел да ја придобие поддршката на народот бидејќи сакал да биде цар (2. Сам. 15:2-6). Од овие библиски извештаи јасно се гледа дека на Јехова не му се мили оние што бараат чест за себе (Изр. 25:27). Со текот на времето, горделивоста и амбицијата водат до катастрофални последици (Изр. 16:18).

9. Каков пример ни дал Исус?

9 За разлика од овие луѓе, размисли за Исус, за кого Библијата вели: „Иако беше во Божји облик, не помислуваше да се граба — да биде еднаков со Бог“ (Фил. 2:6). Никој друг освен Јехова нема поголема власт од Исус. Сепак, Исус нема превисоко мислење за себеси. Тој им рекол на своите ученици: „Оној што меѓу сите вас се однесува како помал, тој е голем“ (Лука 9:48). За нас е вистински благослов што можеме да служиме рамо до рамо со пионери, слуга-помошници, старешини и покраински надгледници кои покажуваат понизност исто како што покажувал Исус! Понизните Божји слуги придонесуваат во Јеховината организација да владее љубов — особина по која се препознаваат вистинските христијани (Јован 13:35).

10. Што треба да правиш ако ти се чини дека некои проблеми во собранието не се решаваат како што треба?

10 А што ако ти се чини дека има проблеми во собранието и дека не се решаваат како што треба? Наместо да се жалиш, добро е да покажеш понизност така што ќе ги поддржуваш оние кои предводат (Евр. 13:17). Што ќе ти помогне во тоа? Прашај се: „Дали проблемите што ги гледам навистина се толку големи што треба да бидат решени? Дали сега е време да се расчистат? Дали јас сум тој што треба да ги реши? И, да си бидам искрен, дали сакам да се зачува единството во собранието или сакам да се истакнам себеси?“

Другите треба јасно да видат дека оние што имаат одредени одговорности не се само способни туку, пред сѐ, понизни (Види во пасус 11) c

11. Според Ефешаните 4:2, 3, каков е исходот кога понизно му служиме на Јехова?

11 За Јехова е многу поважно некој да е понизен отколку да е способен. Освен тоа, поважно му е единството отколку сѐ да се заврши брзо и ефикасно. Затоа, давај го најдоброто од себе за да му служиш со „сета понизност“. Така ќе придонесеш да се зајакне единството во собранието. (Прочитај Ефешаните 4:2, 3.) Прави сѐ што можеш во службата. Труди се да наоѓаш начини да им служиш на другите така што ќе им правиш добро. Покажувај гостопримство кон сите, а не само кон оние што имаат посебни одговорности во собранието (Мат. 6:1-4; Лука 14:12-14). Додека понизно соработуваш со браќата и сестрите, другите ќе видат не само дека си способен туку и понизен.

ПОКАЖУВАЈ ПОНИЗНОСТ КОГА КОРИСТИШ СОЦИЈАЛНИ МРЕЖИ

12. Дали Библијата нѐ поттикнува да имаме пријатели? Објасни.

12 Јехова сака да поминуваме време со пријателите и со семејството, и да уживаме во таквото дружење (Пс. 133:1). Исус имал добри пријатели (Јован 15:15). Библијата вели дека е важно да имаме вистински пријатели (Изр. 17:17; 18:24). Освен тоа, таа вели дека не е добро да се повлекуваме од другите (Изр. 18:1). Мнозина мислат дека социјалните мрежи им овозможуваат да имаат многу пријатели и да не се чувствуваат осамено. Сепак, мора да внимаваме како ги користиме.

13. Зошто некои што користат социјални мрежи се чувствуваат осамено и потиштено?

13 Истражувањата покажуваат дека некои што трошат многу време за да ги гледаат сликите и коментарите кои другите ги ставаат на социјалните мрежи, на крајот сепак можат да се чувствуваат осамено и потиштено. Зошто? Една можна причина е што на социјалните мрежи луѓето најчесто ставаат слики на кои се прикажани најубавите моменти од нивниот живот. На пример, ставаат избрани слики од себеси, од своите пријатели и од интересни места на кои биле. Кога некој ги гледа таквите слики, може да заклучи дека неговиот живот не е интересен, па дури и дека е многу здодевен. Една 19-годишна сестра вели: „Се чувствував разочарано кога гледав како другите се забавуваат на викендите, а јас се досадувам дома“.

14. Како може библискиот совет од 1. Петрово 3:8 да ни помогне во поглед на социјалните мрежи?

14 Се разбира, социјалните мрежи можат да бидат корисни. На пример, преку нив можеме да одржуваме контакт со семејството и со пријателите. Но, дали си забележал дека луѓето ставаат некои работи на социјалните мрежи со цел да привлечат внимание кон себеси? Како да сакаат да кажат: „Види ме, види ме!“ Некои дури ставаат непристојни и безобразни коментари или на своите слики или на сликите што ги имаат ставено другите. Ова е во остра спротивност со понизноста и сочувството на кои нѐ поттикнува Библијата. (Прочитај 1. Петрово 3:8.)

Ако ставаш нешто на интернет, дали оставаш впечаток дека се фалиш или дека си понизен? (Види во пасус 15)

15. Како Библијата ни помага да не си придаваме преголема важност?

15 Ако користиш социјални мрежи, прашај се: „Дали со моите коментари, слики или видеоклипови можеби оставам впечаток дека се фалам? Дали поради тоа некои би можеле да ми бидат љубоморни?“ Библијата вели: „Сѐ што е во светот — желбата на телото и желбата на очите и истакнувањето на својот имот — не потекнува од Таткото, туку потекнува од светот“ (1. Јов. 2:16). Во еден превод на Библијата, изразот „го истакнува својот имот“ гласи „сака да се прави важен“. Христијаните немаат потреба да се прават важни и немаат потреба другите да им се восхитуваат. Тие се послушни на библискиот совет: „Да не бидеме суетни, да не се натпреваруваме еден со друг, да не си завидуваме еден на друг“ (Гал. 5:26). Понизноста ќе ни помогне да не бидеме како луѓето од светот кои се горделиви и сакаат да бидат некој и нешто во очите на другите.

СЕКОЈ ТРЕБА „ДА МИСЛИ ЗА СЕБЕ РАЗУМНО“

16. Зошто не треба да бидеме горделиви?

16 Треба да се трудиме да бидеме понизни бидејќи оние што се горделиви немаат разумно гледиште за себеси (Рим. 12:3). Горделивите луѓе се полни со себе и секогаш сакаат да докажуваат дека се во право. Поради својот начин на размислување и постапување, тие често ги повредуваат другите, а си прават штета и себеси. Доколку не си го сменат размислувањето, Сатана ќе им го заслепи и расипе умот (2. Кор. 4:4; 11:3). Од друга страна, понизниот човек гледа разумно на себеси. Тој има реално и урамнотежено гледиште за себе, и признава дека во многу погледи другите се подобри од него (Фил. 2:3). Освен тоа, знае дека „Бог им се спротивставува на вообразените, а им укажува незаслужена доброта на понизните“ (1. Пет. 5:5). Оние што имаат разумно гледиште за себе не сакаат Јехова да им стане непријател.

17. Што мора да правиме за да останеме понизни?

17 За да останеме понизни, мора да го применуваме следниов библиски совет: „Соблечете ја старата личност и нејзините дела, а облечете ја новата личност“. Ова бара голем напор. Треба да го проучуваме примерот на Исус и да даваме сѐ од себе за да ги следиме неговите стапки (Кол. 3:9, 10; 1. Пет. 2:21). Но, вреди да вложиме труд да го правиме ова. Ако покажуваме понизност, ќе имаме среќно семејство, ќе придонесуваме за единството во собранието и ќе знаеме како да ги користиме социјалните мрежи на исправен начин. Но, најважно од сѐ, ќе ја имаме Јеховината милост и благослов.

ПЕСНА 117 Да покажуваме добрина!

a Живееме во свет кој е полн со горделиви и себични луѓе. Мора да внимаваме да не станеме како нив. Во оваа статија ќе разгледаме три полиња од животот на кои понизноста ќе ни помогне да немаме превисоко мислење за себеси.

b ПОЈАСНУВАЊЕ: Горделивиот човек мисли само на себе и не му е грижа за другите. Според тоа, тој е себичен. Од друга страна, понизноста ни помага да бидеме несебични. Понизниот човек не е вообразен и не мисли дека е поважен од другите.

c ОПИС НА СЛИКАТА: Еден старешина кој има говор на конгрес, како и одговорност да ги надгледува браќата, ја цени и можноста да предводи во службата и да учествува во чистењето на салата за состаноци.