Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 28

Продолжи да му служиш на Јехова и под забрана

Продолжи да му служиш на Јехова и под забрана

Не можеме да не зборуваме за она што сме го виделе и чуле (ДЕЛА 4:19, 20)

ПЕСНА 122 Да бидеме цврсти, непоколебливи!

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1-2. а) Зошто не сме изненадени ако некоја земја го забрани нашето дело? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

 ВО 2018 год., повеќе од 223.000 објавители живееле во земји каде што нашето дело било забрането или, пак, било под одредени ограничувања. Тоа воопшто не нѐ изненадува. Како што видовме во претходната статија, вистинските христијани знаат дека ќе бидат прогонувани (2. Тим. 3:12). Без оглед на тоа каде живееме, властите можат брзо и неочекувано да го забранат нашето дело.

2 Ако се случи такво нешто и во твоето место, можеби ќе се прашаш: „Дали прогонството значи дека Јехова не е задоволен од нас? Дали забраната ќе нѐ спречи да му служиме на нашиот Бог? Дали да се преселам во земја каде што ќе можам слободно да му служам на Јехова?“ Во оваа статија ќе го разгледаме одговорот на овие прашања. Освен тоа, ќе видиме како да продолжиме да му служиме на Јехова под забрана, и на кои замки треба да внимаваме.

ДАЛИ ПРОГОНСТВОТО ЗНАЧИ ДЕКА ЈЕХОВА НЕ Е ЗАДОВОЛЕН ОД НАС?

3. Според 2. Коринќаните 11:23-27, какво прогонство доживеал апостол Павле, и што учиме од неговиот пример?

3 Ако властите го забранат нашето дело, можеби ќе заклучиме дека Бог повеќе не нѐ поддржува. Но, важно е да имаме на ум дека тоа што сме прогонувани воопшто не значи дека Јехова не е задоволен од нас. На пример, размисли за апостол Павле. Нема сомнение дека Бог бил задоволен од него. Тој имал чест да напише 14 писма кои станале дел од Христијанските грчки списи, и бил апостол испратен кај другите народи. Сепак, доживеал сурово прогонство. (Прочитај 2. Коринќаните 11:23-27.) Од примерот на апостол Павле учиме дека Јехова може да дозволи неговите верни слуги да бидат прогонувани.

4. Зошто светот нѐ мрази?

4 Исус објаснил зошто треба да очекуваме другите да ни се противат. Тој рекол дека луѓето ќе нѐ мразат затоа што не сме дел од светот (Јован 15:18, 19). Прогонството не значи дека немаме благослов од Јехова. Напротив, тоа е знак дека постапуваме исправно!

ДАЛИ ЗАБРАНАТА ЌЕ НЀ СПРЕЧИ ДА МУ СЛУЖИМЕ НА ЈЕХОВА?

5. Дали луѓето имаат моќ да нѐ спречат да му служиме на Јехова? Објасни.

5 Противниците немаат моќ да нѐ спречат да му служиме на Семоќниот Бог, Јехова. Многумина се обиделе, но не успеале. Размисли за она што се случило во текот на Втората светска војна. Во тоа време, Божјиот народ бил мета на остри напади од страна на властите во многу земји. Делото на Јеховините сведоци било забрането не само од страна на нацистичката партија во Германија туку и од владите во Австралија, Канада и други земји. Но, забележи што се случило. Во 1939 год., кога започнала војната, во целиот свет имало 72.475 објавители. Но во 1945 год., кога завршила војната, имало вкупно 156.299 објавители. Тоа јасно покажува дека Јехова го благословил својот народ — бројот на објавители двојно се зголемил!

6. Кои позитивни резултати може да произлезат од прогонството? Наведи пример.

6 Кога ќе се соочиме со прогонство, нормално е да чувствуваме страв. Но, од друга страна, прогонството може да нѐ поттикне уште порешително да му служиме на Јехова. На пример, еден брачен пар и нивното синче живеат во земја во која властите го забранија нашето дело. Мажот и жената не дозволиле да се исплашат и да намалат со својата служба за Јехова. Наместо тоа, тие станале општи пионери. Сестрата дури ја напуштила својата добро платена работа заради службата, а маж ѝ рекол дека, поради забраната, многу луѓе сакале да дознаат нешто повеќе за Јеховините сведоци. Како резултат на тоа, можел многу полесно да започнува библиски курсеви со луѓето. Со забраната се постигнало и нешто друго. Еден старешина од истата земја рекол дека многумина кои биле неактивни почнале повторно да доаѓаат на состаноците и да одат во служба.

7. а) Што учиме од 3. Мојсеева 26:36, 37? б) Што ќе правиш ако дојде до забрана на нашето дело?

7 Со забраната на нашето дело, непријателите се надеваат дека ќе нѐ заплашат и дека така ќе престанеме да му служиме на Јехова. Покрај забраната, тие можат да шират лаги за нас, да испраќаат службени лица да ги пребаруваат нашите домови, да нѐ носат по судови, па дури и да затвораат некои од нас. Тие мислат дека ќе нѐ преплашат затоа што успеале да стават неколкумина од нас во затвор. Ако нѐ обземе страв од нив и од она што би можеле да ни го направат, може да се случи самите да си ставиме „забрана“ на нашата служба за Јехова. Но, сигурно дека не би сакале да бидеме како луѓето што се опишани во 3. Мојсеева 26:36, 37. (Прочитај.) Нема да дозволиме поради стравот да намалиме или, пак, сосема да престанеме со нашите теократски активности. Ние имаме потполна доверба во нашиот Бог и не се плашиме претерано (Иса. 28:16). Освен тоа, и понатаму го молиме да ни дава водство. Бидејќи Јехова е на наша страна, уверени сме дека дури ни најмоќната човечка влада не може да нѐ спречи да продолжиме верно да му служиме (Евр. 13:6).

ДАЛИ ДА СЕ ПРЕСЕЛАМ ВО ДРУГА ЗЕМЈА?

8-9. а) Каква одлука мора да донесе секој христијанин? б) Што ќе ни помогне да донесеме мудра одлука?

8 Ако властите го забранат делото во местото каде што живееш, можеби ќе размислуваш дали да се преселиш во земја каде што ќе можеш слободно да му служиш на Јехова. Тоа е одлука која треба да ја донесе секој лично. Пред да одлучиш што ќе правиш, можеби ќе проучуваш за тоа како постапиле христијаните во првиот век кога се соочиле со прогонство. Откако противниците го каменувале Стефан, учениците од Ерусалим почнале да се селат низ цела Јудеја и Самарија, па сѐ до Феникија, Кипар и Антиохија (Мат. 10:23; Дела 8:1; 11:19). Од друга страна, може да ти биде корисно и ако проучуваш што направил апостол Павле кога имало еден друг бран на прогонство. Иако животот му бил во опасност, тој одлучил да остане во местата каде што луѓето се противеле на проповедничкото дело. Тоа го направил затоа што имал силна желба да ја проповеда добрата вест и да ги зајакнува браќата што живееле во градовите погодени од силното прогонство (Дела 14:19-23).

9 Што учиме од овие примери? Секој семеен поглавар мора да одлучи дали тој и неговото семејство ќе се преселат или не. Пред да донесе одлука, тој треба да се моли за тоа, внимателно да размисли за околностите на своето семејство и да одмери кои позитивни и негативни страни може да ги има преселбата. Во однос на оваа работа, секој христијанин мора да „го носи својот товар“ (Гал. 6:5). Не смееме да ги судиме другите за одлуката што ја донеле.

КАКО ЌЕ МУ СЛУЖИМЕ НА ЈЕХОВА ПОД ЗАБРАНА?

10. Какви упатства ќе дадат подружницата и старешините?

10 Како да продолжиш да му служиш на Јехова додека делото е под забрана? На старешините од твоето собрание, подружницата ќе им даде упатства и практични предлози за тоа како да добиете духовна храна, како да одржувате состаноци и како да ја проповедате добрата вест. Ако подружницата не може да стапи во контакт со старешините, тогаш старешините ќе ти помогнат тебе и на сите други од собранието да продолжите да му служите на Јехова. Тие ќе дадат упатства кои ќе се темелат на Библијата и на нашите публикации (Мат. 28:19, 20; Дела 5:29; Евр. 10:24, 25).

11. а) Зошто можеш да бидеш сигурен дека секогаш ќе имаш духовна храна? б) Како можеш да ги заштитиш Библијата и другите публикации?

11 Јехова ветил дека секогаш ќе се грижи за своите слуги во духовен поглед (Иса. 65:13, 14; Лука 12:42-44). Затоа, можеш да бидеш сигурен дека неговата организација ќе направи сѐ што е потребно за да те зајакне и охрабри. Но, што би можел да направиш ти? Ако делото е забрането, најди сигурно место каде што ќе можеш да ги криеш Библијата и другите публикации што можеби ќе ги имаш. Тие се многу вредни и затоа, сеедно дали се во печатен облик или на некој електронски уред, внимавај никогаш да не ги оставаш на места каде што можат лесно да се пронајдат. Секој од нас мора да прави сѐ што е во негова моќ за да остане духовно јак.

Со Јеховина помош, ќе можеме храбро да се состануваме (Види во пасус 12) b

12. Како можат старешините да ги организираат состаноците за да не се привлекува непотребно внимание?

12 А како ќе биде со нашите состаноци? Старешините ќе ги организираат на таков начин за да не се привлекува непотребно внимание. Можеби ќе дадат упатство да се собирате во помали групи, и најверојатно често ќе ги менуваат времето и местото за одржување на состаноците. И ти можеш да придонесеш за безбедноста на присутните така што ќе бидеш тивок кога доаѓаш и си заминуваш. Освен тоа, можеби ќе треба да носиш облека со која нема да бидеш премногу забележителен.

Дури и властите да го забранат нашето дело, нема да престанеме да проповедаме (Види во пасус 13) c

13. Што може да научиме од нашите браќа во поранешниот Советски Сојуз?

13 Бидејќи околностите од земја до земја се разликуваат, можеби во некои места ќе можеме послободно да проповедаме, додека на други места ќе треба да бидеме особено внимателни. Како и да е, ќе најдеме начин да проповедаме бидејќи го сакаме Јехова и сакаме да им кажуваме на другите за неговото Царство (Лука 8:1; Дела 4:29). Зборувајќи за делото на проповедање на Јеховините сведоци во поранешниот Советски Сојуз, историчарката Емили Беран рекла: „Кога властите им забраниле на Јеховините сведоци да ја проповедаат својата вера, тие почнале да им зборуваат на соседите, колегите и пријателите. Кога поради тоа биле однесени во работни логори, тие почнале да им проповедаат на останатите затвореници“. Иако делото било забрането, нашите браќа од поранешниот Советски Сојуз не престанале да сведочат. Ако некогаш дојде до забрана и во местото каде што живееш ти, биди решен да го следиш нивниот добар пример!

ЗАМКИ НА КОИ ТРЕБА ДА ВНИМАВАМЕ

Мора да знаеме кога треба да молчиме (Види во пасус 14) d

14. На што треба да внимаваме според Псалм 39:1?

14 Биди внимателен какви информации пренесуваш. За време на забрана, мора да проценуваме кога е „време за молчење“ (Проп. 3:7). Не смееме да откриваме важни информации како, на пример, имињата на нашите браќа и сестри, местата на кои се собираме, начинот на кој ја извршуваме службата и како добиваме духовна храна. Нема да им откриваме вакви работи ниту на световните власти ниту на нашите добронамерни пријатели и роднини, сеедно дали живеат во нашата земја или не. Ако не внимаваме на оваа замка, би можеле да ги доведеме браќата во опасност. (Прочитај Псалм 39:1.)

15. Што ќе се обиде да направи Сатана, и како можеме да ја избегнеме таа замка?

15 Не дозволувај да дојде до поделби поради неважни работи. Сатана знае дека, „ако една куќа се раздели во себе, таа куќа не ќе може да опстане“ (Мар. 3:24, 25). Тој постојано ќе се обидува да создава поделби меѓу нас. Неговата надеж е дека така ќе престанеме да се бориме против него и дека ќе се свртиме едни против други.

16. Каков убав пример ни оставила сестра Гертруд Пецингер?

16 Дури и зрелите христијани мора да внимаваат да не паднат во таа замка. Да разгледаме што се случило со две помазани сестри, Гертруд Пецингер и Елфриде Лер. Тие биле затворени во нацистички концентрационен логор заедно со други сестри. Кај Гертруд се појавила љубомора бидејќи Елфриде одржувала охрабрувачки говори пред другите сестри во логорот. Подоцна, Гертруд се чувствувала засрамено поради тоа и сесрдно го молела Јехова да ѝ помогне. Таа напишала: „Мора да научиме да прифаќаме кога ќе видиме дека другите се повешти од нас во нешто или добиваат повеќе одговорности“. Како успеала да се избори со љубомората? Гертруд се концентрирала на убавите особини што ги имала Елфриде и на нејзиниот пријатен карактер. На тој начин, таа повторно била во добар однос со Елфриде. И двете преживеале во концентрациониот логор и му останале верни на Јехова сѐ до крајот на својот живот на Земјата. Ако вложуваме труд да ги надминеме проблемите и разликите меѓу нас и нашите браќа и сестри, нема да дозволиме да дојде до поделби (Кол. 3:13, 14).

17. Зошто треба секогаш да ги следиме упатствата од Јеховината организација?

17 Секогаш следи ги упатствата. Ќе избегнеме многу проблеми ако ги следиме упатствата од одговорните браќа (1. Пет. 5:5). На пример, во една земја во која делото е забрането, одговорните браќа дале упатство објавителите да не оставаат литература кај луѓето на кои им сведочат. Но, еден пионер решил да постапи поинаку. Што се случило поради тоа? Кратко откако тој и неколкумина други сведочеле неформално, биле испрашувани од страна на полицијата. Очигледно, некои службени лица ги следеле и ја нашле литературата што била оставена кај луѓето. Што учиме од ова? Треба да ги следиме упатствата дури и ако мислиме дека ние знаеме подобро. Јехова секогаш се радува кога соработуваме со браќата што тој ги поставил да предводат меѓу нас (Евр. 13:7, 17).

18. Зошто не смееме да поставуваме свои правила?

18 Немој да поставуваш непотребни правила. Ако старешините поставуваат свои правила, многу ќе им отежнат на другите. Брат Јурај Камински раскажал што се случило за време на забраната во поранешна Чехословачка: „Откако многу старешини беа уапсени, некои од останатите браќа што предводеа во собранијата и покраините почнаа да им наметнуваат на објавителите правила на однесување и да им кажуваат што треба, а што не треба да прават“. Кога станува збор за работи од лична природа, Јехова не ни дал право да носиме одлуки за другите. Оној што поставува непотребни правила не ги штити браќата, туку се обидува да биде господар на нивната вера (2. Кор. 1:24).

НЕМОЈ НИКОГАШ ДА ПРЕСТАНЕШ ДА МУ СЛУЖИШ НА ЈЕХОВА

19. Според 2. Летописи 32:7, 8, зошто може да бидеме храбри сеедно што ќе направи Сатана?

19 Нашиот најголем непријател, Сатана Ѓаволот, нема да престане да ги прогонува верните слуги на Јехова (1. Пет. 5:8; Отк. 2:10). Сатана и оние што се на негова страна ќе се обидуваат да нѐ спречат да му служиме на Јехова. Но, дури и да чувствуваме страв, ние и понатаму ќе го обожаваме нашиот Бог (5. Мој. 7:21). Тој е на наша страна, и ќе продолжи да нѐ поддржува дури и ако делото е забрането. (Прочитај 2. Летописи 32:7, 8.)

20. Што си решен да правиш?

20 Да ја имаме истата решеност како нашите браќа од првиот век, кои на членовите на Судскиот совет им рекле: „Пресудете сами дали е праведно пред Бог да ве слушаме вас, а не Бог! Ние не можеме да не зборуваме за она што сме го виделе и чуле“ (Дела 4:19, 20).

ПЕСНА 73 Дај ни храброст!

a Што треба да правиме ако властите го забранат нашето дело? Во оваа статија ќе разгледаме некои практични предлози за тоа што треба, а што не треба да правиме за да можеме и понатаму да му служиме на Јехова.

b ОПИС НА СЛИКАТА: На сите слики се прикажани Јеховини сведоци кои служат во земји во кои нашето дело е под одредени ограничувања. На оваа слика е прикажана една мала група која се состанала во подрумот кај еден брат.

c ОПИС НА СЛИКАТА: Една наша сестра (лево) води пријателски разговор со една жена и бара прилика да ѝ посведочи за Јехова.

d ОПИС НА СЛИКАТА: Еден брат кој е испрашуван од полицијата одбива да открие информации поврзани со неговото собрание.